јануари 2010
Monthly Archive
нед 31 јан 2010
Векот на нашите татковци, кој е веќе полош од векот на нашите прадедовци, не створи нас, уште полоши синови, кои наскоро ќе дадеме уште полошо поколение. Хорацие
Ако си учител на деца или можеби татко, биди им учител со своето однесување и животот. Латинска пог.
Кога самите родители би биле воспитани, тогаш невозможно е да се раѓаат невоспитани деца. Гете
Нашите деца - тоа е нашата старост. Правилното воспитување е нашата среќна старост; лошото воспитување е нашата идна несреќа, нашите солзи, нашата вина пред другите луѓе, пред целата земја. Макаренко
На сите страни околу нас врие од деца. Не смееме ниту да претпоставиме дека се раѓаат и растат за да станат пијаници, наркомани, дивјаци. Цело време се кажуваат приказни дека треба да се спасуваат луѓето и детските животи, а се уништуваат. Треба да се вложат напори од децата да се изградат достоинствени луѓе. Само тоа е добро дело. Но, тоа дело не се прави со празни зборови, туку со искрено помагање, преку примери од сопствениот живот. Затоа, посебно внимание треба да се посвети на воспитувањето на децата и улогата што ја имаат родителите и воспитувачите во училиштата, во градењето на детскиот карактер.
Воспитувањето е сложена и тешка работа, само додека сакаме да ги воспитуваме своите деца или кој било друг, а да не се воспитуваме себе си. Ако сфатиме дека другите можеме да ги воспитуваме само преку себе, воспитувајќи се себе си, тогаш престанува да биде проблем на воспитувањето и станува проблем на животот - како човекот треба да живее. Не постои начин за воспитување на децата кој не го опфаќа и воспитувањето на самиот себе. За човек добро да се воспита, не само што треба убаво да живее, туку и да се воспитува себе си, постојано да се усовршува и ништо од својот живот да не крие пред децата. Родителот треба да постапува така, да мотивите кои го наведуваат на неговите постапки ги сфати и неговиот седумгодишен син, да постапува така да детето никогаш не му рече: “А зошто ти тато тогаш зборуваше едно, а сега правиш или зборуваш сосема друго?” Подобро е децата да ги знаат слабостите од своите родители, отколку да чувствуваат дека нивните родители еден дел од својот живот го кријат од нив, а другиот го покажуваат. Сите тешкотии во воспитувањето произлегуваат токму од тоа што родителите, не само што ги украсуваат своите недостатоци, туку не признавајќи ги за недостатоци, тие недостатоци не ги гледаат или не сакаат да ги видат кај своите деца. Во тоа е сета тешкотија и борба со децата. Децата по својата природа се многу потемелни во своите набљудувања од возрасните и тие често, не покажувајќи го тоа, ги гледаат не само недостатоците кај своите родители, туку и онаа најлоша маана - лицемерието на родителите, и затоа го губат почитувањето кон нив и интересот за советите, кои тие им ги даваат. Вистината е прв и главен услов за активно влијание на духот и затоа, таа е прв услов во воспитувањето. А на човекот да не му биде страшно на децата да им ја покаже вистината за својот живот, треба да направи неговиот живот да биде добар или барем не толку лош.
Децата не се способни да донесуваат објективни проценки за случувањата околу нив и затоа често сметаат дека однесувањето и постапките на нивните родители се беспрекорни, дека и тие така треба да се однесуваат. Ако родителот пие алкохол, тогаш детето ќе донесе погрешен заклучок и ќе смета дека единствено тоа е исправно.
Децата не можеме да ги излажеме, тие се попаметни од нас. Ние сакаме да им докажеме дека сме разумни, а нив тоа воопшто не ги интересира. Тие сакаат само да знаат дали сме чесни, искрени и добри, сочувствителни, дали имаме совест и, за жал, позади нашите напори да изгледаме непогрешливо разумни, гледаат дека од тоа нема ништо. Ако пред детето направиме грешка, ако се занесеме и направиме глупост, обична човечка глупост, дури и лоша постапка и, ако поцрвениме пред детето и признаеме, тоа ќе делува многу повоспитно, отколку кога сме непогрешливи и го принудуваме детето стопати да поцрвени пред нашиот авторитет. Детето е свесно дека сме појаки, поискусни од него и дека секогаш можеме пред него да го сочуваме ореолот на безгрешноста, но тоа знае дека за тоа не треба многу и тоа не ја цени нашата вештина на сокривање на грешките, туку го цени црвенилото, кое без да сакаме ни се појавува на лицето заради срамот и кое ќе му каже за се што е најубаво во нашата душа. Децата не гледаат на воспитувачот како на разум, туку како на човек. Воспитувачот е првото и најблиското битие кое тие го набљудуваат и прават заклучоци кои покасно ги применуваат во животот. И, колку лицето што воспитува е надарено со поголеми човекови вредности, толку набљудувањата ќе бидат побогати и поплодоносни.
Кога разговараме за воспитувањето, сосема е јасно׃ зошто родителите ги препуштаат децата на самите себе? Кога детето би го држеле дома, би ги виделе последиците од својот раскалашен живот на сопствените деца. Би се виделе себе си во децата како во огледало. Таткото дома пие вино и ракија за време на ручекот, а синот во кафеана. Го оставаат детето само на себе, далеку од нивните погледи и, го нема веќе огледалото во кое родителите се гледаат.
Во романот “Како да се победи Кралот Алкохол” прикажан е животот на синот од еден алкохоличар, начинот на воспитување на детето и влијанието на постапките од таткото врз него. Прочитајте ја и книгата “Исповед на еден алкохоличар” и во неа ќе видите како погрешното воспитување мене ме однесе во алкохолниот пекол.
саб 23 јан 2010
Posted by Cilin under
МУДРОСТИ No Comments
- За сите сиромашни држави, карактеристично е тоа што имаат многу празници. Микеш
- Сиромаштијата толку ги понижува луѓето, што прави сирмашните да се срамат од своите доблести. Вовнарг
- На сиромавиот најискрено му помага сиромав. Анте Дукиќ
- Кога сиромав јади пиле, едниот од нив е болен. Еврејска поговорка
- Повикот и плачот на сиромавиот се дига до небото, но не стигнува до човековите уши.
- Сиромаштијата им била мајка на многу големи луѓе. Марден
- Срамот на богатиот и смртта на сиромавиот не се слуша далеку. Ромска поговорка
- Кога сиромавиот ќе кивне, мора самиот да си посака здравје. Мадагаскарска пог.
- Штом сиромавиот ќе почне да се огледува на богатиот - пропаѓа. Публиј Сир
- Патникот со празни џебови ќе пее пред разбојникот, бидејќи не се плаши дека овој што било ќе му укради. Јувенал
- Причина за сиромаштијата кај многумина е чесноста. Латинска поговорка
- Полесно им е да ја поднесат сиромаштијата на оние, кои во неа се родени. Лат. пог.
- Сиромаштијата го тера човекот на многу искушенија. Публиј Сир
- Чесна работа е веселата сиромаштија - да бидеш сиромав, но задоволен. Сенека
- Кога сиромаштијата ќе влезе на врата, љубовта излегува низ прозорец. Романска пог.
- Од сиромаштијата не треба да се срамиме. Има многу повеќе луѓе кои би требало да се срамат од своето богатство. Џорџ Нестрој
- Бидејќи природата те створила како голо дете, не заборавај стрпливо да го носиш товарот на сиромаштијата. Като
- Некој е сиромав заради пороци, а некој заради доблести. Исидора Секулиќ
- Подобро е да бидеш чесно сиромав, отколку неправедно богат. Латинска поговорка
- Подобро е да жиовееш без грижи во сиромаштија, отколку да се растргнуваш заради богатство. Федар
- На сиромавиот му недостига многу, а на скржавиот се. Публиј Сир
- Никој не живее така сиромашно, како што сиромашен се родил. Публиј Сир
- Ништо не е така бедно како човек кој од среќен, станал несреќен. Латинска пог.
- Сиромаштијата под присила е беда, сиромаштијата по волја е богатство. Дервондел
- Сиромашните луѓе би сакале да живеат како милионери, а нас милионерите, лекарите не присилуваат да живееме како сиромаси. Синатра
- Сиромавиот се срами од својата сиромаштија; срамејќи се тој ја губи гордоста; без гордост него го презираат; презрен се оддава на тага; тагата го води во очај; очајот му го поматува разумот - а секој знае дека неразумниот го демне пропаст. Затоа, сиромаштијата е корен на сите зла. Панчатанантра
- Никогаш не е беден оној, на кого му е лесно да умре. Сенека
- Никогаш не е мало тоа што е доволно; а никогаш не е многу тоа што не е доволно. Сенека
- Да нема сиромаси, не би имало кој да работи. Бугарска поговорка
- Во сиромашна куќа и Бог е гладен. Народна поговорка
- На мршавиот бивол ни мувите не слетуваат. Мадагаскарска поговорка
- Кој е така сиромашен да нема никого, во исто време е и толку богат, да не може никого ни да изгуби. Лудвиг Мрзел
- За сите сиромашни држави карактеристично е тоа што имаат многу празници. Микеш
- Заблуда е сфаќањето дека сиромасите и богатите се еднакви пред смртта. Тие се еднакви дури после смртта. Емерсон
- На бедните малку вера им се поклонува. Латинска поговорка
- Сиромаштијата и староста се најголем терет. Цицерон
- Сиромаштијата е несреќа само за оној, кој и се спротивставува. Сенека
- Не е маката во тоа што сум сиромав, туку затоа што тоа на светот му е познато. Шмит
- Вистинска несреќа е да останеш без богатство тогаш, кога веќе еднаш си го вкусил. Сенека
- Ако сиромавиот му завидува на богатиот, тогаш не е ништо подобар од него. Толстој
- Човек лесно се привикнува на најтежок живот, ако сите околу него живеат лошо. Толстој
- Ако сиромаштијата бара друштво, ќе го има доволно. Антониони
вто 19 јан 2010
Биди господар на својата волја, а слуга на својата совест. М.Е.Ешенбах
Ќе поминат десетици, можеби стотици години додека не дојде време кога нашите внуци ќе се чудат на нашите казни, така како што и ние денес се чудиме на некогашното спалување на луѓето или мачењата. “Како можеле да не ја видат сета бесмисленост, суровост и штетност на тоа што го направиле” - ќе се прашуваат нашите потомци. Толстој
Кога ќе ја изгубиш гордоста, не си изгубил ништо; кога ќе го изгубиш здравјето, си изгубил половина; кога ќе ја изгубиш волјата, си изгубил се. Кинеска пог.
Триесет години бев роб на ѓаволот, триесет години се измачував во алкохолниот пекол, но денес знам дека десетпати повеќе ги измачував моите најмили - сопругата и децата. Наместо да ги согледам моите грешки и да почнам да ги поправам, вината за мојата несреќна состојба ја барав во сите други, особено во оние пред кои бев виновен. Со текот на времето во домот завладеа пекол. На оние, кои по сите природни закони требаше најмногу да ги сакам, сопругата и децата, им ги скратив среќата и радоста, им ја украдов слободата. Знаете, глупоста е најнеобична од сите болести, бидејќи болниот не страда од неа, туку сите околу него. Комотно патував по патеката што води кон дното на пеколот и за жал, низ тој пекол, заедно со мене, патуваа и моите најмили. Веројатно од страв да не биде уште полошо, бидејќи бев многу незгоден, честопати и многу агресивен, тие ги поднесуваа сите мои удари, глупости и пропусти во животот. Со еден збор, ниту јас живеев, ниту нив ги оставав мирно и среќно да живеат. Навистина, во домот владееше привиден мир, но тоа беше исклучиво поради мојата диктатура. Од друга страна, толку бев заслепен од мојата глупост, така што бев убеден дека сум многу добар кон моите најмили и затоа толку ме сакаат, бидејќи на таква добрина тие поинаку и не можат да возвратат. Во ниту еден момент не помислив дека се добри токму тие, кои ме сакаат.
Во тој најнесреќен период од мојот живот, имаше многу моменти кога вистински се каев за грешките, направени во изминатите денови и неколку дена не пиев. Но, поттикнат од желбата за пиење, охрабруван од моите другари по алкохолот, каењето во мојата совест бледнееше и по кратко време целосно заборавав на него. Лукавиот ѓавол секогаш успеваше да ме фати на својата јадица и да ме внесе во кафеаната.
Најмногу за ваквата бедна состојба, придонесуваше мојата возгордеаност. Цело време во главата носев мисла дека не сум алкохоличар, дека со алкохолот можам да престанам кога што ќе посакам, дека сум подобар и попаметен од сите други и дека треба да продолжам да живеам токму така, како што живеев. Кога ќе направев некоја глупост, а морам да кажам дека имаше безброј такви моменти, чувствував голем срам и каење и неколку дена не пиев, но за кратко повторно паѓав на искушението. Тогаш бев преокупиран со мислата, да ги задоволам моите страсти кон алкохолот само денес, само уште овој ден, а од утре посекако ќе престанам да пијам и да се опивам. За жал, во такво мизерно расположение секогаш имаше утре, секој ден бев се поодлучен да истраам во злото, пронаоѓав безброј причини да истраам во глупоста. Секој човек може да забележи дека еднаш направената грешка, потикнати од пеколната страст кон алкохолот секогаш ја повторуваме, бидејќи секое жалење и каење го снемува, штом алкохолот ќе не зароби. Ова посебно го напоменувам, бидејќи мислам дека е добро секој човек да види, како со текот на времето, под влијание на лошото друштво, на крајот ќе се привикни на алкохолот и кафеаните. Тие места во почетокот ќе го исполнуваат со одвратност, но потоа ќе стане радосен и среќен во својата несреќа, каков што бил пред да завлезе во алкохолниот пекол.
Грижата на совеста, предизвикана од каењето за промашениот живот кај алкохоличарите, посебно е обработена во моите книги “Исповед на еден алкохоличар” и “Како да се победи кралот алкохол.” Прочитајте ги овие книги и ќе го пронајдете патот што води кон излез од пеколот, кон вашата среќна иднина.
пет 15 јан 2010
- Се уште луѓето трошат пари кои не се нивни, за работи кои не им се потребни, да би ги восхитиле луѓето кои не ги трпат. Кеј
- Расипникот е полош од скржавецот, бидејќи не го троши само своето, туку и туѓото. Дидро
- … никогаш не позајмувај пари на било кој, освен на оној на кој што не му се потребни. Неш
- Лихвар е човек кој на другите им позајмува пари под тешки услови, со гаранција за одземање стока, работилници, куќи. Обично работи дома, на улица или во кафеана. Кога ќе отвори работилница со чиновници, тогаш тоа се вика банка. Ликок
- Општо банкарско старо правило за кредитот: “Над кредитот мораат да бдеат и оној што парите ги зема, и оној што му потпишува гаранција.” Васиљевиќ
- Кавгите и меѓусебните обвинувања настануваат тогаш, кога тие што се еднакви не добиваат еднакво, или кога тие кои не се еднакви добиваат и уживаат еднакво. Аристотел
- Скржавиот ги чувствува истовремено сите грижи на богатите и сите страдања на сиромасите. Гино
- Богатите, а скржави луѓе, личат на магариња кои носат скап товар, а се хранат со јачмен и овес. Арапска поговорка
- На младост треба да штедиш, на старост да го користиш заштеденото. Латинска пог.
- Ниедна придобивка не е така сигурна како што е: да го штедиш тоа што го имаш. Публиј Сир
- И во семејството, и во државата, штедењето е најдобар приход. Цицерон
- Штедењето е вештина во избегнувањето на непотребните трошоци. Сенека
- Судено ни е да умреме, па ајде да трошиме! Но, пред нас е долг живот, ајде да штедиме. Грибоједов
- Ако сакаш да бидеш среќен, презирај го богатството кое го земаат лакомите, кои секогаш просат. Като
- Тој што брзо стекнал богатство, набрзо ќе гладува ако со време не штеди. Плаут
- Само сиромасите мислат повеќе на парите од богатите. Херен
- Domina pecunia est. - Парите се господар на се. Латинска поговорка
- Laudatur nummus guasi rex super omnia summus. - Парите ги фалат како да е најголем крал над се. Латинска поговорка
- Ако парите не носат вистинска среќа, тогаш вратете ги. Ренар
- Прва од сите потребни работи е: да не го трошиш тоа што го немаш. Д’Азело
пон 11 јан 2010
Почитувани пријатели, сите вие кои сте собрале храброст и мудрост да побарате помош од терапевтите и членовите во Клубот на лекувани алкохоличари, би било интересно и корисно, да размислите и да се запрашате: Дали, ако многу порано знаевте за храмот на спасот, наречен КЛА, многу порано ќе побаравте помош за вашите најмили?
Речиси сите луѓе што ги познавам се склони многу повеќе да веруваат во лагата, што од сите страни, украсена со најблескава пропаганда преку медиумите им се нуди, отколку да веруваат и да ја прифатат вистината. Таа непобитна вистина за последиците од алкохолната болест, што за жал, многу луѓе на своја кожа ја имаат почувствувано, без размислување ја отфрлаат и неа ја прогласуваат за лага. Јас тоа денес добро го знам, бидејќи и самиот триесет години живеев со тие страшни заблуди, и затоа се чудам како луѓето не можат тоа да го прифатат, едноставно, зошто некои луѓе треба да го испијат целото море, за да дојдат до заклучокот дека водата е солена.
Од друга страна, можеби низ тој долг период ме водеше Божјата промисла: можеби Бог дозволи толку долго да се измачувам во алкохолниот пекол за вистински да ја осознаам силата на животинскиот човек што живееше во мене. Веројатно, да не го проживеев тој период, не ќе знаев како да му се спротивставам на животното кога алкохолот ќе го разбудеше во мене, а мојата душа во тие моменти не ќе можеше и не ќе знаеше како да му се спротивстави, и животинскиот човек можеби засекогаш ќе господареше со мене и моите доблести. Затоа, често си го поставувам прашањето: дали е несреќа кога од лажната среќа полудував, или, спротивно, е голема среќа што несреќата ме опамети и ми ги врати сите доблести, за кои мислев дека засекогаш ги имам загубено?
Почитувани, секој човек среќата треба да ја бара во самиот себе, бидејќи таа таму и се наоѓа. Не барајте ја од другите, бидејќи никој ја нема отфазла за ви ја даде. Сепак, постојат добри луѓе, постојат луѓе кои во секое време се спремни да помогнат. За вас тоа се вашите терапевти, кои како Ангели се испратени од Бога, не да ви дадат среќа, се согласивме дека тоа е невозможно, туку да ви го покажат патот кон среќата. Секое дело на нивната доблест е слично на ѕвезда која се гаси; нејзината светлост сеуште е на патот од својот ѕвезден простор и – кога таа ќе го заврши својот пат? Така и светлоста на нивните дела и доблести сеуште е на тој пат, дури и кога делото целосно ќе биде исполнето. Па, нека еден ден делото биде заборавено и мртво, неговата светлост засекогаш ќе сјае. Нивните активности се насочени кон општо добро и среќа за сите луѓе, а тежнеењето да се служи на општото добро треба што повеќе да го разгласуваме, бидејќи тоа мора што побрзо да стане општествена потреба и услов за лична среќа на сите луѓе.
сре 6 јан 2010
ДОБРИ ЛУЃЕ, ДОБРА ВИ ВЕЧЕР,
НЕКА ВИ Е СРЕЌНА БАДНИКОВАТА ВЕЧЕР.
КАКО ШТО БАДНИКОТ ВО ОГНОТ СЕ ЛОЖИ,
НЕКА ВО ВАШИОТ ДОМ БОГАТСТВО И СРЕЌА СЕ МНОЖИ.
НЕКА СРЕЌНА ЅВЕЗДА НИЗ ЖИВОТОТ ВЕ ВОДИ –
ДЕНЕС Е БОЖИК, ХРИСТОС СЕ РОДИ.
ЗА МНОГУ ГОДИНИ НЕКА СЕ БОЖИЧНИТЕ ПРАЗНИЦИ
СО ЉУБОВ ВО БОГА – ПОЗДРАВ ОД ЧЛЕНОВИТЕ НА КЛА “ВИКТОРИЈА” ОД ПРИЛЕП
ЗНАЧИ, ТИ БИ САКАЛ ДА РАЗГОВАРАШ СО МЕНЕ?!
- АКО ИМА ВРЕМЕ – РЕКОВ.
БОГ СЕ НАСМЕВНА.
- МОЕТО ВРЕМЕ Е ВЕЧНОСТ – ШТО САКАШ ДА МЕ ПРАШАШ?
- ШТО НАЈМНОГУ ТЕ ИЗНЕНАДУВА КАЈ ЛУЃЕТО?
БОГ ОДГОВОРИ:
- ТОА ШТО ДЕТСТВОТО ИМ Е ДОСАДНО. БРЗААТ ДА ПОРАСНАТ, А ПОТОА ПОВТОРНО ПОСАКУВААТ ДА БИДАТ ДЕЦА.
- ШТО ГО ТРОШАТ ЗДРАВЈЕТО ДА ЗАРАБОТАТ ПАРИ, А ПОТОА СИ ГИ ТРОШАТ ПАРИТЕ ЗА ДА СИ ГО ВРАТАТ ЗДРАВЈЕТО.
- ШТО ТОЛКУ МНОГУ РАЗМИСЛУВААТ ЗА ИДНИНАТА, ШТО СИ ЈА ЗАБОРАВААТ СЕГАШНОСТА. ПОРАДИ ТОА НЕ ЖИВЕАТ НИ ВО СЕГАШНОСТА НИ ВО ИДНИНАТА.
- ШТО ЖИВЕАТ КАКО ДА НИКОГАШ НЕМА ДА УМРАТ, А КОГА ЌЕ УМРАТ Е КАКО НИКОГАШ ДА НЕ ЖИВЕЕЛЕ.
БОГ МЕ ФАТИ ЗА РАКА. ОСТАНАВМЕ НА МОМЕНТ ВО ЦЕЛОСНА ТИШИНА. ТОГАШ ШРАШАВ: КАКО РОДИТЕЛ, КОИ ЖИВОТНИ ПОУКИ БИ САКАЛ ТВОИТЕ ДЕЦА ДА ГИ НАУЧАТ?
НАСМЕВНУВАЈЌИ СЕ, БОГ ОДГОВОРИ:
- ДА НАУЧАТ ДЕКА НЕ МОЖАТ НИКОЈ ДА ГО ПРИСИЛАТ ДА ГИ САКА. МОЖАТ САМО ДА САКААТ.
- ДА НАУЧАТ ДЕКА НЕ Е НАЈВРЕДНО ОНА ШТО ГО ПОСЕДУВААТ, ТУКУ КОИ СЕ ВО СВОЈОТ ЖИВОТ.
- ДА НАУЧАТ ДЕКА НЕ Е ДОБРО ДА СЕ СПОРЕДУВААТ СО ДРУГИТЕ.
- ДА НАУЧАТ ДЕКА НЕ Е БОГАТ ОНОЈ ЧОВЕК ШТО НАЈМНОГУ ПАРИ ИМА, ТУКУ ОНОЈ КОЈШТО НАЈМАЛКУ ПОТРЕБИ ИМА.
- ДА НАУЧАТ ДЕКА СЕ ПОТРЕБНИ САМО НЕКОЛКУ СЕКУНДИ ЗА ДА СЕ ПОВРЕДИ САКАНАТА ЛИЧНОСТ, А ПОТОА СЕ ПОТРЕБНИ ГОДИНИ ДА СЕ ИЗЛЕЧИ РАНАТА ВО СРЦЕТО И ДУШАТА. ДА НАУЧАТ ДА ПРОСТУВААТ НА СЕКОГО, БЕСКОНЕЧНО ДА ПРОСТУВААТ, БИДЕЈЌИ НА ПРОСТУВАЊЕТО СЕ ТЕМЕЛИ ОПСТАНОКОТ НА ЧОВЕШТВОТО.
- ДА СПОЗНААТ ДЕКА ПОСТОЈАТ ЛИЧНОСТИ КОИ НЕЖНО ГИ САКААТ, НО ДЕКА ТОА НЕ МОЖАТ ИЛИ НЕ ЗНААТ ДА ГО КАЖАТ ИЛИ ПОКАЖАТ.
- ДА НАУЧАТ ДЕКА СО ПАРИ МОЖЕ ДА СЕ КУПИ СĖ, ОСВЕН СРЕЌАТА И ЉУБОВТА.
- ДА НАУЧАТ ДЕКА ДВЕ ЛИЧНОСТИ МОЖАТ ДА ГЛЕДААТ ВО ИСТА РАБОТА, НО ДА ЈА ВИДАТ РАЗЛИЧНО.
- ДА НАУЧАТ КАКО ДА ГИ ПРЕПОЗНААТ ЃАВОЛСКИТЕ ИСКУШЕНИЈА, ДА НАУЧАТ КАКО ДА СЕ ОСЛОБОДАТ ОД ЗАБЛУДИТЕ.
- ДА НАУЧАТ ДЕКА ВИСТИНСКИ ПРИЈАТЕЛ Е ОНОЈ КОЈ, ИАКО ЗНАЕ СĖ ЗА НИВ, СЕПАК ИСКРЕНО ГИ ПОЧИТУВА И САКА.
- ДА НАУЧАТ ДЕКА НЕ Е ДОВОЛНО САМО ДРУГИТЕ ДА ИМ ПРОСТАТ – МОРААТ И САМИТЕ СЕБЕ СИ ДА СИ ПРОСТУВААТ.
БИДИ СИГУРЕН ДЕКА:
ЛУЃЕТО ЌЕ ЗАБОРАВАТ ШТО СИ РЕКОЛ!
ЛУЃЕТО ЌЕ ЗАБОРАВАТ ШТО СИ НАПРАВИЛ!
НО, НИКОГАШ НЕМА ДА ЗАБОРАВАТ КАКВИ ЧУВСТВА ВО НИВ СИ РАЗБУДИЛ.
СРЕЌНА НОВА
2010 ГОДИНА
ЧЕСТИТИ И ВЕСЕЛИ
БОЖИЌНИ ПРАЗНИЦИ
пон 4 јан 2010
Посебна приказна во пронаоѓањето на среќата во оваа џунгла, наречена свет, се алкохоличарите. Луѓето ги дефинираат алкохоличарите како пропаднати личности, како лоши луѓе кои не заслужуваат никаква помош и внимание. Мислат дека секој алкохоличар самиот е виновен за состојбата во која се наоѓа и никој не помислува: дали има и колкава е неговата вина?
За да се дојде до одговорот, треба да се нагласи дека ниту еден човек не се родил како алкохоличар, или дека одненадеж тоа станал. Најчесто или речиси секогаш, најголеми причини за тоа се незнаењето и заблудите.
Незнаењето е демонска сила и убеден сум дека тоа е една од најголемите причини за многу несреќи на луѓето. Кога станува збор за алкохолот, оваа причина е уште поизразита, бидејќи алкохолот ја има таа страшна особина работите да ги прикаже такви какви што не се, или многу поубави отколку што се. Заради тоа алкохоличарот запаѓа во најголемото незнаење: не знае за своите грешки. Само во моментите на грижата на совеста, заради некоја поголема грешка, си ветува себе си дека повеќе нема да пие, дека од утре ќе биде подобар. Но, во такво мизерно расположение секогаш има утре, тоа ветување трае кратко, до испивањето на првата чашка со алкохол, а потоа се одново. За да смири својата совест, алкохоличарот почнува да ги обвинува сите други, само не себе си.
Сепак, најголема причина за несреќите се заблудите со кои алкохоличарот и членовите на неговото семејство, секојдневно живеат. Најголема заблуда на алкохоличарите, дури и на оние кои длабоко навлегле во алкохолната болест и на кои очигледно им е загрозено здравјето, па дури и животот, е што упорно одбиваат да признаат дека се болни и дека им е потребна помош. Впрочем, верувањето во својата безгрешност, одбивањето да се прифати вистината за состојбата во која се наоѓа алкохоличарот, е дел од неговата болест.
Несреќите на членовите од семејството на алкохоличарот исто така се предизвикани од незнаење и заблуди. Во почетокот, кога човек е млад и го поднесува алкохолот, домашните се среќни што тој секогаш е весел и насмеан, посебно е среќна сопругата што тој ја води во друштво каде и таа се забавува, а тоа што се напил малку повеќе и не е голема работа: тогаш е весел, насмеан, распеан и многу подарежлив отколку обично. И, ете го првото незнаење и заблуда: таа мисли дека така секогаш ќе остане. По извесно време, обично по неколку години, кај алкохоличарот ќе почнат да се појавуваат првите знаци на алкохолната болест: тој ќе почне се почесто и почесто да се опива, ќе почне да ги покажува првите знаци на нетрпеливост и нервоза, ќе почне да покажува знаци на болна љубомора. Тоа сеуште е подносливо и ете ја втората заблуда: надежта дека и тоа за брзо време, само од себе ќе мине. Како времето минува, односите во домот се повеќе се нарушуваат, а членовите на семејството веќе стануваат свесни за состојбата во која алкохоличарот се наоѓа, свесни дека човекот веќе длабоко навлегол во алкохолниот пекол, дека со право сите го нарекуваат со она одвратно име – пијаница. И тогаш кај нив се појавува незнаењето, кое во многу случаи се покажува како кобно: во почетокот се обидуваат да му помогнат и, бидејќи не успеваат во тоа, се повеќе се убедени дека за алкохоличарот нема спас, дека веќе никој и со ништо не може да помогне и затоа креваат раце од него, го оставаат сам на себе.
саб 2 јан 2010
- Среќата му нуди најубава награда на оној кој радосно работи, кој се радува на своето дело. Значи, треба да работиме така да нашите дела бидат од корист и благодат за што поголем број луѓе, да се однесуваме така што нашето однесување може да биде прифатено и да стане општ принцип на однесување. Ако човекот сака делата што ги прави да бидат добри, прво треба човекот што ги прави да биде добар и примерен, бидејќи од тоа каде нема ништо добро, не може никакво добро ни да се создаде.
- За да биде навистина среќен, човекот мора да биде трпелив и толерантен, да се научи да простува на секого и во секое време, искрено да ги сака сите, без исклучок – и добрите и лошите, и пријателите и непријателите, искрено да сака непрекинато и непрекинато ќе биде среќен. Најголема од сите причини за несреќите, всадена во душата на поголем број луѓе е тоа што секој човек себе си, често без грижа на совеста, си простува за сите направени грешки, што е уште полошо, воопшто не се труди да се поправи, да се ослободи од своите глупости, кои со текот на времето стануваат составен дел од неговиот карактер и од неговото однесување.
Запрашајте се: дали секогаш сте биле доволно трпеливи и толерантни?
- Секој човек треба да се научи да биде среќен, да се радува со туѓата среќа подеднакво како со својата. Но, за да го постигне тоа, треба да ги исфрли зависта и злобата од своето срце. На пример: ние би можеле да бидеме среќни и со тоа што го имаме или сме го постигнале, но во душата постојано носиме мисла дека другите луѓе имаат повеќе и се посреќни од нас и, тоа не прави несреќни.
- Исто така, за човек да биде непрекинато среќен, треба, иако е свесен дека не може тоа да го достигне, барем да се труди што повеќе да се приближи кон совршенството, да се обиде да пружи што повеќе љубов – да ги сака другите луѓе повеќе од што се сака себе си. Знам дека тоа е тешко, дури и невозможно, но кога би го сакале другиот повеќе од себе си, би биле крајно толерантни и никогаш на другиот не би му го направиле тоа, што не сакаме друг да ни го направи нам.
Ова се само некои од условите кои можат да направат човекот да биде среќен или несреќен, во зависност дали ќе ги прифати и практикува или не. Реалноста и секојдневието покажуваат дека, на начинот како е организирана човековата заедница, невозможно е, барем од поголем број на луѓе, да се прифатат и спроведат во дело, односно дека ова е само чиста утопија. Сепак, бидејќи надежта последна умира, сметам дека ние, кои сме одлучиле да го победиме алкохолното зло - најголемото зло за целото човештво, дека имаме право да се надеваме дека еден ден, еден далечен ден луѓето сепак ќе сфатат дека ова масовно лудило - наречено алкохолизам, кое е најголемата причина за несреќите на луѓето, дека ќе го снема, дека генерациите што доаѓаат после нас ќе живеат ослободени од ова зло, ќе живеат потрезвено и поразумно, отколку што ние денес живееме.