Бев многу пријатно изненаден од весникот Дневник, во прилогот24ЧАСА, затоа што конечно, и во нашава мила Македонија, еден ценет медиум го дава својот придонес во борбата со најголемиот непријател  за целото човештво – алкохолот.

          Моите ставови и забелешки за објавените текстови ги испратив на emajl адресата на ценетиот весник, но бидејќи од таму не добив никаков повратен одговор, ја користам можноста да ги објавам моите ставови и размислувања за проблемите предизвикани од алкохолот на инернет, со цел пошироката јавност да се запознае со вистината за алкохолизмот што, во Клубот на лекувани алкохоличари Здрав живот од Прилеп, се негува 32 години.

          Јас, Илија Петрески, триесет години бев роб на моите лоши навики, триесет години ја ставав мојата слободна волја во нивна служба. Со моите постапки управуваа моите неограничени желби и моите страсти, недоволното знаење и лакомоста, но најголем тиранин од сите тие беше мојата навика за пиење алкохол, која со текот на времето ме внесе во страшниот алкохолен пекол. Пред осум години целосно се откажав од алкохолот, признав дека животот под дејство на алкохол не е живот, туку нешто што само наликува на живот. Започнав нов живот, повторно се родив, а местото на моето второ доаѓање на овој свет беше Клубот на лекувани алкохоличари Здрав живот од Прилеп.

          Почитувани пријатели, сите Вие кои ќе ја отворите оваа страна, ова го напоменувам со единствена цел, уште на почетокот, да видите дека текстот го пишува човек кој на својата кожа ги почувствувал стравотиите од алкохолот, но и човек кој собрал храброст да излезе од алкохолниот пекол, човек кој денес живее достоинствен живот.

          Со дел од ставовите на почитуваната новинарка, и м-р Л.З. – психолог за применета психологија, изнесени во текстовите, ние, членовите на Клубот на лекувани алкохоличари Здрав живот од Прилеп (каде се практикуваат методите на докажани алкохолози, каков што беше нашиот терапевт др.Методија Николоски-Мец, кој својата специјализација за алкохолизам ја имаше во Загреб, кај светски познатиот стручњак за алкохологија др.Владимир Худолин; методите на, во овој момент најдобриот алкохолог во Р.Македонија др.Јордан Јовев; методите на др.Станислав Никиќ, за кого е сосема јасно дека алкохолизмот е болест и се залага за живот без алкохол. Тој вели – или линија или ѕид, алкохоличарот е болен и, кога се лекува é: или-или, или пие или се лекува) делумно или целосно се согласуваме. Но, сметам дека има премногу празнини низ ставовите на почитуваните автори на текстовите, кои прикажуваат искривена слика за личноста на алкохоличарот, неговата сопруга, алкохолната болест, посебно се спорни советите кои се дадени за борба против неа. Знаете, паушални и шарлатански тврдења, давање совети кои можат да имаат сосема спротивен ефект, иако можеби се дадени со најдобра намера, а за кои од нашето долгогодишно искуство знаеме дека се погрешни, па дури и штетни, е… тоа можеме да му го опростиме не еден економист, кој често го гледаме на разни телевизии, како од петни жили се труди да се наметне во јавноста како најголем стручњак по алкохологија (инаку, и тој е само еден од многуте лекувани алкохоличари, кој за волја на вистината, навистина се труди да помага во борбата со алкохолизмот, но ништо повеќе од тоа) само затоа што успеал да основа два-три Клубови, за кои патем, никој не знае како и дали работат, какви резултати постигнуваат. Но, начинот на кој м-р Л.З. ги брани неговите ставови, од само нејзе познати причини ги рекламира само неговите Клубови, како борбата со алкохолизмот во нашата држава да започнала со него и со неа, воопшто не споменувајќи ги другите Клубови на лекувани алкохоличари, кои преку своите успеси ја докажале оправданоста од своето постоење – сметам дека тоа не смее така лесно да помине.

           Почитувани, во неколку продолженија ќе се обидам да ги прикажам моите ставови и забелешки и, бидете убедени дека тие не се наивни, како што на прв поглед изгледаат и мислам дека внимателно треба да ги разгледате, пред мирно да ги отфрлите.

          Ќе почнам од почеток:

          Прва забелешка: M-р Л.З. тврди дека: Алкохолизмот не е болест, туку стил на живеењеи уште тврди дека: “Алкохоличарите не се болни луѓе, туку луѓе кои избрале да пијат алкохол на начин, кој е поинаков од начинот на кој пијат повеќето други луѓе.

          Нашиот народ вели: Пиј како стока, а не како човек, бидејќи, за разлика од човекот, стоката знае колку пие. Лесно и е на стоката да го контролира своето пиење, таа пие само вода. И јас кога пијам вода, имам целосна контрола. При своите тврдења почитуваната м-р Л.З. го занемарува фактот дека пред нас стои невидлив, но страшен непријател кој не смееме да го потцениме, скраја да е со него да правиме шега, дека човековата душа е кревка и подложна на многу влијанија и, поради тоа, човекот лесно може да биде излажан и да подлегне на многуте искушенија, кои демнат од сите страни. Тоа посебно е видливо кога станува збор за опасноста од алкохолот, кој има чудна, ѓаволска моќ да го заведе човекот, да му ги прикаже работите такви какви што не сé, или многу поубави отколку што се. Затоа, кога зборуваме за човек кој пие алкохол, во него секогаш треба да гледаме – ако не како на заболен алкохоличар, на кој итно му е потребна помош, тогаш барем како на потенцијален алкохоличар кој, ако продолжи да ја задоволува страста кон алкохолот, многу лесно може да стигне во алкохолниот пекол. Исправноста на мојот став се потврдува и во еден дел од текстот, каде м-р Л.З. вели: “Однесувањето на алкохоличарот, иако во почетокот личи на умерен пијач, со текот на времето станува сé понеподносливо за околината… Значи, се согласуваме дека не може да се стави јасна граница која може луѓето, кои пијат алкохол, да ги подели на алкохоличари и умерени пијачи, дека е танка линијата по која се движи животот на оној кој пие алкохол, односно, неговата иднина и судбина цело време се ставени како на кантар кој се колеба и кој, со само еден добар или погрешен чекор, може да превагне на страната на доброто или на страната на злото.

          Да заклучам: Алкохолизмот е болест над сите болести, полоша и помачна и од самата смрт. Веројатно не случајно и од страна на Светската здравствена организација, алкохолизмот е ставен во категоријата на болести (според смртноста на населението на високото трето место, после малигните и срцевите болести), класифицирана под шифра F10.2

          Им напоменувам на читателите дека моите аргументи, кои недвосмислено докажуваат дека алкохолизмот е болест, ќе ги најдете во текстовите од мојата исповед, објавени на оваа страна.