чет 25 фев 2010
Послушај го советот на оној кој многу знае, а особено на оној што многу ве сака. Сигмунд Граф
Иако дадени со најдобра намера, сепак, сметам дека многу проблематични се советите, што м-рЛ.З. им ги дава на членовите на семејството од алкохоличарот. Како што веќе напоменав, одбивањето на алкохоличарот да признае дека е болен од алкохолната болест е дел од неговата болест и затоа, во реалноста, досегашните анализи на алкохолната болест откриваат разни причини од кои се гледа дека е исклучително тешко да се пристапи, да се погоди вистинскиот момент, да се дојде во контакт со голем број алкохоличари, да не зборуваме за почеток на нивно лекување.
Практиката покажува дека алкохоличарот оди на лекување од алкохолната болест по два основа: под притисок на сопствената совест, или под притисок на членовите од потесното семејство, а тоа може да биде и некој друг човек од неговото опкружување, кој има изградено авторитет над алкохоличарот. Во првиот случај, кога алкохоличарот самиот ќе ја согледа својата несреќна состојба и ќе заклучи дека му е потребна помош од стручни лица, во тој случај половината од работата веќе е завршена. Другата половина е рутинска работа, барем за стручните лица во нервното одделение и терапевтите во Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” во Прилеп. Во вториот случај, кога алкохоличарот оди на лекување под притисок, лекувањето оди многу потешко, особено кога станува збор за долгогодишен алкохоличар. Се согласувам со советите на м-рЛ.З. дека за проблемите предизвикани од алкохолот, членовите на семејството на алкохоличарот треба отворено да разговараат, но советите да не му се помага на алкохоличарот со неговите проблеми кои се предизвикани од алкохолот се погрешни и многу штетни, дури некои од нив водат директно кон растурање на брачната заедница. Замислете слика каде алкохоличарот во ноќните саати се враќа дома пијан, доаѓа до влезната врата и паѓа пред вратата, а надвор е -10°C. Дали неговата сопруга, син или ќерка сеедно, кога ќе го видат во таа состојба треба, по советите на почитуваната м-рЛ.З., да го остават да премрзне и да умре, или што е, мислам дека ќе се согласите, сосема нормално да покажат вистинска љубов и човекољубие и да му помогнат, едноставно, да му го спасат животот. При давањето на вака необмислени совети не треба да се занемари и фактот, дека речиси сите алкохоличари, свесно или потсвесно, знаат дека лошо ги извршуваат семејните, па и брачните обврски и затоа, речиси кај сите има огромна суета и љубомора. Повеќе од сигурен сум дека советите, сопругата да почне да се дотерува, почесто да оди на фризер, да почне да се дружи со пријатели, односно, да почне да се однесува поинаку од што алкохоличарот веќе навикнал, директно и без исклучок водат кон постојани кавги и расправии, а покасно и кон растурање на бракот.
Ќе ви кажам еден пример, со кој пластично ќе ја отсликам практичната работа во Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп. Пред две години, по советот на др.Снежана Ѓорѓијоска – психијатар во нервното одделение, Јове Велески – клинички психолог, и Милка Темелкоска – дипломиран социолог, сите терапевти во КЛА, клубот почна да го посетува нов апстинент, господин човек на околу шеесетина години, интелектуалец со завршено високо образование. Проблемите во бракот ги имал последните десетина години, откако и почнал почесто да се дружи со алкохолот. Дотогаш имал прекрасен брак, совршени односи со сопругата и двете, веќе возрасни деца. На укажувањата од неговите блиски дека му е потребна помош, одбивал да признае дека длабоко навлегол во алкохолизмот, на македонски јазик кажано, дека е пијаница, дури за тоа не сакал воопшто да разговара. Ако неговиот пат за излез од алкохолниот пекол беше трасиран по советите на м-рЛ.З., да биде оставен сам на себе и членовите на семејството да не му помагаат при решавањето на проблемите предизвикани од алкохолот, овој прекрасен човек, оправдано, и денес ќе го носеше она одвратно име – пијаница. Но, советите на нашите терапевти радикално, не само што се разликуваат од советите на м-рЛ.З., туку во пракса покажаа дека се потполно исправни! Пред сé, сопругата на алкохоличарот, цела една година го посетуваше женскиот дел на КЛА “Викторија”, за поддршка на апстинентите. Таму научи како да се однесува со својот сопруг во разни моменти: и кога е пијан и кога е трезен, научи дека постојано треба да го охрабрува својот сопруг за да започне со лекување, се разбира, дека треба да го погоди вистинскиот момент кога тоа да го направи, буквално, научи дека е потребно големо трпение за да се измени навиката за пиење, со која нејзиниот сопруг толку долго живеел. Денес овој човек е внимателен, добар, совесен, со други зборови, тој е прекрасен сопруг и татко, можеби и подобар отколку каков што бил пред да започне да пие алкохол, а сето тоа го постигна бидејќи ги следеше советите на нашите терапевти и ги практикуваше правилата за борба со алкохолната болест (овие правила ќе ги најдете во еден од текстовите на оваа страна). Како благодарност за пружената помош, многу помага во работењето на КЛА.
Да заклучиме: Во Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” советот на терапевтите е дека само љубовта и човекољубието, упорноста и издржливоста, толеранцијата и трпението се најдобар патоказ за помош на алкохоличарите.