сре 17 фев 2010
Второ, повеќепати го прочитав делот од текстот објавен во весникот “Дневник”, во прилогот “24Часа”, каде м-р Л.З. ги упатува луѓето, кои имаат проблеми предизвикани од алкохолот, дека треба да побараат помош од професионалец, а никаде не сретнав: што почитуваната подразбира под поимот професионалец и каде тој може да се најде? „Она што до неодамна им преостануваше на алкохоличарите и нивните семејства, кои сепак решиле да побараат помош за спас од алкохолот беа психијатрите, малобројните психотерапевти и институциите за болничко лекување. Практиката покажува дека ваквите форми на помош или даваат слаби резултати, или се предолготрајни и прескапи за и онака финансиски осиромашените семејства. Од друга страна, она што најмногу му е потребно на алкохоличарот, кој конечно се истрезнил е׃ помош и поддршка во неговата ресоцијализација, т.е. стекнување нови животни навики, вклопување во секојдневната динамика на семејниот и работниот живот и нови пријатели” – вели м-р Л.З.
Замислата е прекрасна, но од свое лично искуство знам дека тоа во практиката, при лекувањето на алкохоличарите, се граничи со фантазија. Од друга страна пак, ако м-р Л.З. навистина има измислено начин со кој на алкохоличарот, кој се истрезнил, на така лесен и едноставен начин, со едноставно упатување на ресоцијализација… ќе гарантира дека успехот е сигурен, тогаш најдобронамерно ја советувам да конкурира за Нобелова награда и гарантирам дека ќе ја добие.
Понатаму, м-р Л.З. советува: „Доколку алкохоличарот се согласи да посети лекар, психијатар или психолог, не треба да се чека со одењето” и, додава׃ „Кај професионалец треба да се отиде веднаш или истиот ден, а потоа најдобро е алкохоличарот, заедно со семејството, да се вклучи во работата на Клуб на луѓе со проблеми предизвикани од пиење алкохол.”
Имам впечаток дека м-р Л.З. има многу мало или можеби никакво практично искуство во познавањето на проблемот со алкохолизмот, не ги знае универзалните црти на карактерот на алкохоличарот. Се согласувам дека, доколку алкохоличарот се согласи да започне со лекување од алкохолната болест, не треба да се чека, туку веднаш да се побара помош од стручни лица. Но, ајде да видиме каков резултат, од примерот што ќе го наведам, ќе има овој совет на м-р Л.З., каква помош ќе му пружи матичниот лекар или психолог, па дури и психијатар, ако нема практично искуство со алкохоличарите или ако ги нема потребните услови, за да му помогне на алкохоличарот? Во потешките случаи, каде човекот длабоко навлегол во алкохолната болест, при нагло прекинување со алкохолот, неопходно е во првите 5-6 денови од апстиненцијата, да не биде оставен сам, без надзор на стручни медицински лица од нервното одделение, бидејќи голема е опасноста во тие неколку денови, новиот апстинент да доживее напад на Delirium tremens, кој може, без правилен пристап и навремен третман да има трајни последици за апстинентот, а не ретко се случува да заврши фатално.
Практиката што се спроведува во овие изминати 32 години од работата на Клубот на лекувани алкохоличари „Здрав живот” од Прилеп, ја докажува единствената, непобитна вистина׃ алкохоличарот, ако навистина сака да се извлече од канџите на алкохолот, мора да го помине веќе трасираниот пат за излез од алкохолниот пекол. Матичниот лекар треба да го упати алкохоличарот (на кој му е потребна помош) во нервно одделение, каде неговиот организам ќе биде прочистен од алкохолот. Во болницата алкохоличарот треба да биде прифатен од мултидисциплинарен тим, составен од׃ психијатар-специјалист по алкохологија, клинички психолог, социјален работник-специјалист по здравство, медицинска сестра, а подоцна во лекувањето се вклучува и работен терапевт, педагог, дефектотолог. Овој тим со пациентот работи поединечно или во група во текот на целиот третман. Во текот на третманот, стручњаците од различни области, прават проценка на психичката состојба на пациентот, на неговото пореметено однесување, го соочуваат алкохоличарот со проблемот, за да може да стекне увид на неговата несреќна состојба, да се соочи со реалноста и да почне да го менува своето однесување, со стекнување на самоконтрола, поголема толеранција и трпеливост, да научи вештини за ненасилно однесување. Од голема важност е да се напомене дека, додека се наоѓа во болница, идниот апстинент се запознава со основните вредности на Клубот на лекувани алкохоличари и правилата кои важат за сите апстиненти, за да може полесно да ја прифати и да се снајде во новата средина.
Мојата дефиниција за специјалец е׃ ако човекот, кој ќе почне да се занимава со алкохоличарите, навистина сака да постигне успех, потребно е да поседува неколку посебни квалитети. Прво, во својата душа, во своето срце, треба да поседува огромен капацитет на љубов и човекољубие, искрено да го сака апстинентот со кој работи. Второ, треба стрпливо да го следи развојот на секој апстинент и преку нивните искажувања да стекнува искуство, кое во иднина ќе му помогне полесно да се справи со проблемите, на кои непрекинато ќе наидува. Трето и, најважно, човекот кој сака да им помага на алкохоличарите треба да покаже искрена посветеност, да верува во исправноста на своите активности, да верува во Божјата промисла: “Сакај го својот ближен како себе си.” Без овие неколку посебни квалитети што секој терапевт (професионалец), ако сака да постине успех мора да ги има, ниту најдобрите психолози, психијатри, социолози… нема да имаат успех во нивната работа.
Да заклучиме׃ Алкохолизмот е тешка и сериозна болест и нејзиното лекување е сложено и долготрајно, слободно може да се каже, до крајот на животот. Затоа е препорачливо, покрај стручни лица – психолози, социолози, како терапевт во Клубот на лекувани алкохоличари обавезно да има психијатар, кој непрекинато ќе ја следи состојбата кај секој алкохоличар-апстинент, во неговото лекување да вложи огромен труд, особено стрпливо и професионално да работи во моментите на апстиненцијални кризи, кои се пропратна појава на апстиненцијата.