нед 21 фев 2010
Трета забелешка на написите за алкохолизмот во ценетиот весник “Дневник”, во прилогот “24Часа” – Ние, членовите на Клубовите на лекувани алкохоличари, секојдневно добиваме ниски удари од разни страни, но сметам дека е недозволиво и голем грев да нанесе толку голема неправда токму човек, како м-р Л.З., која веројатно вложува голем труд и, колку што можам да забележам, сака да работи на темата алкохолизам, но сметам дека во овој момент нејзините ставови се насочени во погрешна насока. Имено, јасно и гласно потенцирам, за да знае, не само м-р Л.З. туку и пошироката јавност, дека борбата со алкохолизмот во Република Македонија е многу одамна започната. Неколку разумни луѓе уште пред три и пол децении ја виделе вистинската опасност од алкохолот и нивна заслуга е што веќе 35 години непрекинато и многу активно работи Здружение на Клубови на лекувани алкохоличари на Република Македонија (ЗКЛАМ), во кое членуваат 7 КЛА и тоа: 3 КЛА во Скопје и по еден КЛА во Прилеп, Битола, Неготино и Гостивар. Во рамките на Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп активно, успешно, едукативно и многу корисно работи и женскиот дел на клубот за поддршка на сопрузите, КЛА “Викторија”. Активностите на КЛА “Викторија” се од извонредно значење, бидејќи многу сопруги од алкохоличарите пред својот сопруг се плашат да ги искажат своите маки и проблеми, предизвикани од алкохолот. Добиените сознанија се многу важни во понатамошниот пристап во рехабилитацијата и ресоцијализацијата на алкохоличарот, за поефикасно менување на неговите ставови за алкохолот и животот воопшто.
Непобитен факт е дека состојабата во борбата со алкохолот и алкохолната болест во овој момент во нашата држава е катастрофална. На прстите од рацете можат да се избројат експертите по алкохологија; државата досега не даваше пари за нормално функционирање на Клубовите на лекувани алкохоличари кои постојат, што е уште полошо, не создава услови за отворање на нови клубови во сите поголеми населени места; не постојат алкохолошки школи кои ќе продуцираат нови, млади кадри за оваа проблематика, а токму ваквиот однос на власта е причина што успешно работат само седумте клубови што ги наведов (за споредба: моментално во Хрватска успешно работат околу 300 КЛА, во Словенија, која по бројот на населението е речиси колку и Р.Македонија, активно работат 70 КЛА и 40 невладини асоцијации кои се занимаваат исклучиво со проблемите предизвикани од алкохолот).
Значи, да заклучиме: Борбата со алкохолната болест во Република Македонија не започнува со господинот кој ги основал двата Клубови во Скопје и Велес, ниту со м-р Л.З. која, од само нејзе познати причини, ги рекламира единствено само овие Клубови. Дури и да прифатиме дека можеби постојат двата Клубови во Скопје и Велес, што м-р Л.З. ги споменува, но убеден сум дека нивните резултати, ако воопшто ги има, се неспоредливо далеку од резултатите што ги постигнува и што досега ги има постигнато, на пример: Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп, (за продолжен третман во лекувањето на алкохолната болест) има 32шно искуство со оваа проблематика и, во овој период, низ клубот поминале повеќе од 3.200 апстиненти и членовите на нивните семејства.