чет 4 мар 2010
Своето скромно познавање на проблематиката на алкохолизмот, м-рЛ.З. го покажува и во последниот текст. На забелешката од новинарот дека: “Најчестите предрасуди се дека алкохоличар е само оној што пие секој ден…”, м-рЛ.З. додава: “Меѓутоа, повеќето алкохоличари не се такви, бидејќи се потребни околу 15ина години редовно и интензивно алкохолизирање, за да пропаднат до стадиум, кога тоа е очигледно…”
Можеби, како што тоа го наведува м-рЛ.З., некаде, во некоја литература, токму така и пишува. Но, практиката покажува дека воопшто не може да се одреди: Колку време некој ќе се алкохолизира, за да може да се каже дека е алкохоличар? Тоа зависи од повеќе фактори, пред сé: зависи од возраста на која човекот започнува со пиење алкохол, зависи од видот на алкохолот што го пие (дали ќе пие пиво, вино или жестоки пијалаци), зависи од карактерот на човекот и неговото дотогашно воспитување. На пример, ако започне на 13шна возраст со пиење жестоки алкохолни пијалаци, оштетувањата кај младиот човек ќе бидат многу поголеми и последиците од алкохолизмот многу побрзо ќе се почувствуваат, бидејќи во организмот кај младите луѓе сеуште нема целосно изграден имунитет.
Да заклучиме: Секој алкохоличар, набљудуван од кој било аспект е приказна за себе и можеби токму тоа создава најмогу проблеми во лекувањето на алкохолната болест.
Многу спорна е и забелешката на м-рЛ.З. дека: “Една од заблудите кои изгледаат застрашувачки е дека кога алкохоличарот ќе се обиде да престане да пие, ќе добие апстиненцијална криза, која обично се опишува драматично. Но, тоа ретко е така. Кај повеќето алкохоличари апстиненцијалната криза не е пријатна, но со соодветна медикаментна и психолошка терапија, минува за неколку дена.”
Во само неколку реченици м-рЛ.З. се демантира себе си. Прво, непобитен факт е, а и самата авторка тоа го потврдува, дека апстиненцијалните кризи навистина се застрашувачки, а не се само заблуда, туку реална опасност што му се заканува на секој апстинент, особено им се заканува на оние кои започнале со апстиненцијата и кои не стекнале искуство и кои сеуште не оформиле своја стратегија, за полесно да се справат со апстиненцијалната криза, која може да ги нападне во секој момент. За да се справи со апстиненцијалната криза, во моментот кога ќе му дојде мисла дека и не е така страшно, да речеме, алкохоличарот-апстинент да се напие само една чаша пиво, тој мора да знае дека тоа е само почеток за враќање кон стариот начин на живот, дека првата чаша ќе побара втора и така до бескрај. Второ, ако апстиненцијалните кризи се само некоја непријатност која лесно може да се надмине, тогаш чуму му е на апстинентот да прима медикаментна или психолошка терапија?
Многу важно е да напоменеме: На апстиненцијалните кризи од лекувањето на алкохолната болест, кои кај секој апстинент се појавуваат во различен облик, во Клубот на лекувани алкохоличари му се придава посебно внимание. Како што порано напоменав, апстиненцијалните кризи се пропратна појава на апстоненцијата и, со ретки исклучоци, речиси секој апстинент се соочува со нив. Треба да се знае и тоа дека: Една од најважните активности во Клубот на лекувани алкохоличари е токму тоа: да го научи апстинентот како да се справи со алкохолната криза, бидејќи таа е непредвидлива и може да го задеси кога тој најмалку ја очекува. На тој начин многу полесно ќе ја одржи својата апстиненција, ќе биде спремен да одолее на искушенијата.