Ако во досега наведеното во текстовите на м-рЛ.З во весникот Дневник, во прилогот 24ЧАСА, ако не во целина, тогаш барем со некои нејзини ставови се согласувавме, делот каде го опишува Ликот на сопругата на алкохоличарот, за мене, а и за сите членови на Клубот на лекувани алкохоличари Здрав живот од Прилеп, се вистинска катастрофа (верувајте ми, многу се трудев да најдам, но не најдов посоодветен збор). Се чудам со каква само леснотија, генерализирано во 13 подточки, опишан е ликот на илјадници сопруги и, се разбира, сама по себе се наметнува уште позачудувачката мисла: како воопшто некој дозволил такви навреди да се објават. Знаете, овој дел од написот навредува илјадници, стотици илјади сопруги на алкохоличарите во нашава држава, сравнува со земјата стотици илјади херои кои имале огромна храброст и мудрост, да ја исполнат Божјата заповед – САКАЈ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ.

          Се согласувам дека можеби има и случаи каде ставовите на м-рЛ.З. се поклопуваат со реалноста, но како што веќе реков, да се прикаже ликот на сопругата на алкохоличарот, кој ги отсликува сите сопруги на алкохоличарите, пред сé: Како емоционално недозреани личности; дека сите имаат потреба да реагираат на емоционално нестабилни личности кои сакаат да ги променат; дека сите се исплашени да не бидат напуштени и подготвени се да сторат сé за да се спречи крајот на бракот; дека сите се подготвени да преземат 90% од одговорноста и од вината во секоја врска; дека сите имаат ниско самопочитување и знаат дека не се среќни; дека со тоа што ги привлекуваат луѓе во проблеми кои треба да ги решат, избегнуваат да се концентрираат на сопствената одговорност за себе; и, бисер за крај – дека не ги привлекуваат мажи кои се самостојни, стабилни, одговорни и заинтересирани за нив и, ете чудо, баш со такви мажи се чувствуваат несигурно – ваквите тврдења, од кого и да бидат, се чиста глупост. Се наметнува прашање: Дали намерата на м-рЛ.З., со ваквиот опис на Ликот на сопругата на алкохоличарот била да опише жена – домаќинка, која го сака и љуби својот сопруг, кој од разни причини влегол во алкохолниот пекол, да опише жена која сака да му помогне на оној, чие срце и душа и ги донеле можеби најубавите моменти во животот, или пак, намерата на м-рЛ.З. била да опише жена – која се занимава со најстариот занает на светот.