Пред извесно време сонував чуден и страшен сон. Како да се наоѓав во голема судница, во која имаше многу луѓе. Ми изгледаа познато, но иако се трудев, не можев точно да препознаам ниеден од нив, бидејќи луѓето, кои се наоѓаа во судницата, беа некако чудни, бледи, со искривени, изобличени лица. Судиите нервозно ги смируваа, а тие едногласно, силно викаа: “Смрт, смрт за предавникот.” Целиот живот, дури и во времето кога веќе бев стигнат до дното од алкохолниот пекол, се трудев, по секоја цена да ги задржам своите доблести и затоа, зборот “предавник” посебно ме болеше и на мене делуваше како камшик, кој безмилосно ја удира и кине мојата душа.
Од сите најстрашен беше обвинителот – имаше страшно лице, на главата имаше големи рогови, а со секое чкртнување со острите заби, од устата му излегуваше пламен и неподнослива смрдеа, слична на расипано вино. Чувствував необична одвратност од смрдеата на тој здив. Јас триесетина години редовно пиев вино и ракоја, многу често и се опивав, но никогаш не ми се гадело во толкава мера, како сега, од здивот на овој проклет обвинител. Убеден сум дека тој одвратен здив, кај ниту еден од присутните, не будеше желба за пиење, туку спротивно, кај секого мора да будеше желба да се заколне, дека никогаш повеќе нема да вкуси алкохол. Кај мене сė, од звукот на неговиот глас, до косата и големите нокти, предизвикуваше страв и гадење.
Од страв, крвта ми замрзна во жилите, а обвинителот, во кого веднаш го препознав ѓаволот, мавтајќи со рацете и роговите на сите страни, со својот страшен поглед фрлаше огнени стрели кон мене и силно викаше: “Убијте го, запалете го, траг да не остане од овој предавник. Иако му ги пружив најголемите, најблескавите задоволства, сепак, тој го раскина договорот, се откажа од мене. Сите вие, што останувате верни на мојата стратегија за уредување на вашите животи, бидете убедени, јас ви ветувам – посебно го нагласи зборот “Јас”, очигледно убеден во тоа, дека неговиот збор е најдобра гаранција – откако ќе го осудите на најстрашна смрт овој неблагодарник, јас – повторно го нагласи зборот “Јас”, ќе ви дарувам такви сласти и задоволства, какви што досега не сте вкусиле. Што ќе биде со нас и со нашиот рај, ако сите почнат да прават, како овој неблагодарник.” Присутните едногласно, продолжија уште посилно да викаат: “Смрт, смрт.”
%







