Бранителот, кој дотогаш неподвижно седеше, со наведната глава над масата, наеднаш скокна и силно извика: “Јас сум виновен, поради мојата негрижа овој човек замина во пеколот, тој е мое, само мое дело. Во длабината, во најголемата длабина на душата, знам дека постапував свирепо со него. Потполно сум свесен за моите постапки и за нив се кајам од дното на мојата душа. Денес сум среќен човек, чувствувам голема радост и мојата совест сега е помирна од сознанието, дека тој успеал да се спаси од најстрашниот пекол. Затоа ве молам, судете ме мене.”
Последната реченица ја искажа многу полека, подзастануваше после секој искажан збор, како да очекуваше да види, каков впечаток оставил и што ќе речам јас. Се загледав подобро и во него го препознав ликот на татко ми. Ме гледаше со молба во очите, а болка и тага се читаа од неговото натажено лице. Ми се причини како да бара прошка од мене. Да можеше да ѕирне во мојата душа , ќе видеше дека не е потребно да ме моли, ќе видеше дека многу одамна му имам простено сé. Почувствував силна желба да се стрчам кон него и да го прегрнам, но ме спречи ѓаволот, од чија уста излегуваше силен пламен, а неговите зборови, упатени кон татко ми, ечеа низ големата сала: “Седи проклетнику, ти не си во состојба да поставуваш услови и твојата жртва не може никого да спаси. Со тебе лесно ќе се справам, бидејќи ти одамна си во пеколот, одамна си мој.”
Се чувствував изгубен, безнадежен, го насетував крајот. За миг се потсетив: како ѓаволот успеа лесно да ме втурне во мојата пропаст, како од тогаш почнаа да ме напуштаат честа и моите доблести, дека ништо вредно не ми остана што би ме препорачало, било на милоста Божја, било на човековата помош. Ја прифатив реалноста дека можеби сеуште вистински не сум ги окајал грешките од минатото и затоа, ете, ме стигнува небесна казна и дека затоа сега сум толку несреќен, колку што бев расипан и лош.
Мојот ум, инсинктивно, како да се претвори во мрачна комора и во мојата свест се појавија наредени слики, безброј слики од моето мрачно минато, слики од зачадените, валкани кафеани. Бујната фантазија, како во галерија, како на огромно платно, ги сликаше сцените и атмосферата, со илјадници призори на суровоста, бруталноста, животинското. На тие слики доминираа гостите во кафеаните, како пијат лута ракија, во атмосфера преполна со разврат и простачко однесување. Јасно се гледав себе си во нивното друштво, како пијам – со главата поблиску до подот, отколку до масата. Во тие моменти, ми дојде мисла дека треба да се помирам со судбината, дека пеколот треба да го прифатам како награда за злото што им го нанесував на сите околу мене, особено на моите најмили.
%








Vasite dve knigi me nateraa da go gledam zivotot od sosem poinakov agol.So voshit gi procitav vo eden zdiv i se gordeam sto eden covek sto uspeal da pobedi teska bolest,no i borbata da ja stavi na hartija.
R.H