%
Најважно е што сонот ми помогна да ја сфатам вистинската улога на Клубот на лекувани алкохоличари, во животот на секој лекуван алкохоличар. За да може да ги почувствува благодетите што ги пружа Клубот на лекувани алкохоличари, пред да почне да се лекува, алкохоличарот треба да се запознае со сите активности, што ги има во КЛА, да се мотивира и да почне да го посетува клубот. Се работи за тоа, дали човекот ја достигнал токму онаа точка во животот, кога може да рече дека тоа е сé што може да се поднесе и дека само уште еден удар е премногу.
Повеќето алкохоличари, кои доаѓаат во Клубот на лекувани алкохоличари, во почетокот се несигурни и пристапуваат со недоверба, во поглед на успехот од лекувањето на алкохолната болест. Тоа најмногу е затоа што, кога ќе се соочат со вистината, често се склони кон погрешни тумачења на својата несреќна состојба. Ова што јас го пишувам, можеби нема целосно да ја демистифицира вистинската тајна на успехот во лекувањето на алкохолната болест и вистинските вредности на Клубот на лекувани алкохоличари во тоа лекување, но се надевам дека ќе ги појасни работите и ќе ги отстрани погрешните концепти и сфаќања, кои се директна причина за страдањата и болката кај алкохоличарите. Најголем мотив за моите написи, кои ги читате на оваа страница, црпам токму од страдањата на алкохоличарите, кои ги сметам за непотребни и надминливи, бидејќи со вистинските сознанија за КЛА, ќе можат да се отстранат многу заблуди.
%







