%
Дотогаш чудните, бледи, искривени лица од присутните луѓе, почнаа да добиваат нормален човечки лик и во нив, ги препознав моите поранешни браќа по алкохол. Но сега, во улога на поротници, сите едногласно викаа: “Смрт за ѓаволот, смрт за алкохолот, смрт за злото.”
Кога виде дека остана сам, бидејќи сите негови дотогашни следбеници се приклучија кон војската на спасот, што ја предводи др.Мец, кога виде дека не може да ги победи сите, ѓаволот испушти силен крик, се слушна силен пукот и страшна смрдеа ја исполни судницата.
- “Пукна ѓаволот” – радосно викаа луѓето.
Се штрекнав и се разбудив целиот испотен. Потребно беше да поминат десетина минути, за целосно да си дојдам на себе. Мислам дека не постојат зборови, кои би можеле да ги опишат радосните чувства на човек, кој длабоко во душата се чувствува, како да воскреснал од мртвите. Целото мое битие, ако можам така да кажам, беше обземено од мислата дека сум жив, дека сум спасен од пеколот, кој само до пред малку беше моја стварност.
Ретко сонував и само што ќе ги отворев очите, сонот брзо го заборавав и речиси, на ниту еден не се сеќавав. Но, штом ќе ги затворев очите, сликите од овој страшен сон, една по една, како на филмско платно, поминуваа низ мојата глава. Тешка мора, од овој необичен и страшен сон, ме измашуваше долго време, додека не почнав да ги сфаќам неговите вистински пораки, додека не почувствував желба на тие пораки, да им дадам свое толкување.
%







