СПАСИТЕЛОТ – АНГЕЛ БОЖЈИ

Тогаш се случи големо чудо. Силна светлина ја осветли судницата, а нечија рака, татковски ме потчукна по рамото. Исплашено се завртив, да видам: што е тоа? Зад мене, наредени како војници, со насмеани лица, спремни за борба, стоеја колегите од Клубот на лекувани алкохоличари, а пред нив, како џин, како Ангел Божји, стоеше нашиот терапевт Др.Методија Николоски – Мец. Слободно може да се каже, дека Др.Мец стоеше во судницата, како Бог од некоја грчка трагедија, од која избива вик на фанфари за непомирлива одмазда или кој, со глас што го надвикува татнежот на громовите, ја распостила низ широката вселена најтешката клетва, од која Боговите ќе се зачудат, а темелите на пеколот ќе се тресат до распаѓање: Ако над нас има праведен Бог и, ако тој сака да им даде најмал дел од неговата милост и сожалување на неговите заблудени чеда и, ако сака да ги сослуша молитвите кои излегуваат од дното на мојата душа, тогаш го молам Семоќниот Бог наш, да ми даде време и сила, тебе ѓаволу, тебе ѕверу над ѕверовите целосно да те уништам, наместо плачот и тагата, да им ја вратам радоста и среќата на овие несреќници, да ги спасам овие и сите други луѓе, од алкохолниот пекол.

Од него зрачеше боженствена светлина, зрачеше огромна сила од неговата насмевка. Не плаши се, ние секогаш сме со тебе – тивко ми рече.

Во истиот момент, во главата ми дојде еден од неговите совети, што ги слушавме на состаноците, во Клубот на лекувани алкохоличари: Алкохолот не ги решава проблемите. Тој само создава лажна илузија за привремено одложување на соочувањето со реалноста, создава чудна илузија за заборавање на проблемите, до степен на нивно непостоење. Лесно е да се прават лоши дела, оние дела, од кои доаѓаат нашите несреќи, а тоа што е добро за човекот, се прави само со голем напор. Ако ви остане, макар и најмала грижа за телесниот живот, борбата е беспредметна. Јас знам дека вашата борба е тешка, но исто така знам, дека мора да престанете да се дружите со алкохолот, дека нема друг начин за да се достигне среќата. За вистинско самооткажување од страстите и успешна борба со нив, потребни се вистинските сознанија за последиците од алкохолизмот, до кои може да се дојде само во Клубот на лекувани алкохоличари.

 

%