%
Зборував полека, на почетокот на секоја реченица го подигав, а на крајот го спуштав гласот. Ова прекинување на мојот говор, ова спуштање на гласот кога завршував една реченица и повторното подигање кога започнував нова, беше потполно природно, иако во него имаше голема драматичност и кај луѓето, без сомнеж, мораше да предизвика впечаток дека е дојден судниот час и дека пред нив не стои осуденик, туку стои ангел обвинител над ѓаволот.
Целосно се ослободив од стравот и со уште посилен глас продолжив: “Браќа мои, немојте да излезете од оваа судница како најголеми глупаци и кукавици. За да бидат делата добри, човекот што ги прави прво мора да биде добар и правилно усмерен, бидејќи од таму, каде ништо не е добро, не може никакво добро ни да произлезе. Ако имате доверба во самите себе, тогаш краток е патот до чесен, среќен и достоен живот. Бидете сигурни, бидете целосно убедени во вашиот успех, бидете сигурни во улогата на Клубот на лекувани алкохоличари во вашиот живот, бидете сигурни во вашите терапевти и нивната несебична помош. Во Клубот на лекувани алкохоличари се наоѓа спасот, во клубот се наоѓа вистинскиот спас за вашите секојдневни страдања. Алкохолот е извор и почеток, творец и татко на многу гревови, а горделивоста, егоизмот, мрзата, гневот и зависта, се негови потомци. Клубот на лекувани алкохоличари ви ја дарува убавината и радоста на вистинскиот човеков живот и ќе направите голем грев ако, при првото искушение, го заборавите вашето свето место, ако заборавите на благодадта што ви ја пружа КЛА и тргнете по ѓаволот. Време е да престанете да чекате ненадејни дарови од животот – животот треба сами да го градите. Верувајте и станете упорни во тоа што верувате – дека само во Клубот на лекувани алкохоличари е спасот. Само така, со крената глава, одлучно и бестрашно ќе чекорите по патот на вашата победа над алкохолната болест, само така ќе научите и ќе добиете снага за да ги надминете сите тешкотии и опасности, ќе бидете спремни да поднесете секакви неволји. Најдоброто нешто во човековиот живот се неговите мали, безимени, незабележливи и незапаметени дела, создадени од добрината и љубовта. Што може да ви даде ѓаволот, а што би вредело и најмал дел, од тоа што ви го нуди Клубот на лекувани алкохоличари?”
%







