%
Од сите заблуди во врска со лекувањето на алкохолната болест и улогата на Клубот на лекувани алкохоличари во тоа лекување, најјако и најубедливо, во исто време и најпогрешно, е верувањето на алкохоличарот, дека само по неколку посети во клубот буквално е излечен и дека има големи промени во неговите погледи и однесување кон алкохолот, односно, убеденоста дека алкохолот на него во иднина ќе делува исто, како што делува и на останатите луѓе.
Се разбира дека тоа е сосема погрешно, бидејќи, за целосен успех во лекувањето на алкохолната болест, најважно е алкохоличарот да се соочи со својата бедна состојба и да добие мотив за лечење, односно, за надминување на проблемите што ги има тој самиот, и заедничките проблеми со членовите на неговото семејство. Добивање мотив за лечење од алкохоната болест значи, во свеста на алкохоличарот да се роди и да заживее мисла, дека е потребна промена во неговиот живот и дека во тоа единствено може да му помогне Клубот на лекувани алкохоличари. Со други зборови, пред воопшто кај алкохоличарот да дојде до крупни промени во размислувањата, тој мора, барем на некое ниво, да ја почувствува силата и сигурноста што треба да произлезе од неговата убеденост, дека терапевтите и искусните членови на Клубот на лекувани алкохоличари му се постојани и сигурни сојузници. За да дојде до вакво сојузништво, терапевтот и сите членови на клубот, цело време треба да ја докажуваат својата грижа, љубов и внимание, својата спремност искрено да помагаат, на секого и во секое време.
%







