%
Многу е тешко да направам рекапитулација на мотивите и причините, кои ја потикнаа мојата желба да им помагам на луѓето, во нивната борба со алкохолната болест. Можеби една од причините е нивното погрешно сфаќање, нивното тотално незнаење на темата алкохолизам, посебно нивното незнаење за вредноста и улогата на Клубот на лекувани алкохоличари, во животот на секој алкохоличар. Обично луѓето очекуваат во клубот да слушнат волшебни зборови, кои наеднаш ќе им го променат животот и затоа, често се разочарани од првите посети на клубот. На оние пак, што се цврсто решени да успеат, со тек на време ќе се убедат дека само со упорно посетување на клубот, со концентрираност на своите мисли и дела, за бескомпромисна борба со алкохолната болест, успехот ќе им биде гарантиран.
Јас губам многу време и енергија во обидите да им докажам на луѓето дека грешат, дека никогаш не се во право кога разговараме за алкохолот и страшните последици од него. Свесно или не, чувствувам дека морам на другите да им покажам дека нивните размислувања и ставови се погрешни, иако знам дека ќе ме мразат заради тоа што се обидувам да ги поправам, иако знам дека многу повеќе ќе ме сакаат и ценат ако ги слушам до крај и се согласам со нивните погрешни ставови и размислувања. Членовите на Клубовите на лекувани алкохоличари не треба да ги одделуваат активностите што ги имаат во своите клубови и оние од секојдневниот живот. Ако кога било и на кое било место, забележиме дека нашите роднини и пријатели тргнале во погрешен правец, кон алкохолниот пекол од кои било причини, должни сме да делуваме на нив, да се обидеме да ја поправиме нивната состојба колку што можеме. Како можеме да бидеме добри роднини и пријатели, ако не ја искористиме шансата барем да се обидеме, со нашата умешност, искуството и знаењето за алкохолизмот, што сме ги стекнале во Клубот на лекувани алкохоличари, да ги подучиме оние кои ги сакаме и цениме, да им помогнеме полесно да го пронајдат патот, што ќе ги води кон посреќна и посветла иднина.
Точно е дека болните алкохоличари, иако често пати не се свесни за тоа, многу страдаат заради својата болест. Но, исто така, точно е дека тие многу ќе научат за време на својот престој во Клубот на лекувани алкохоличари, дека ќе се оспособат да можат да се издигнат над страдањата и во иднината да не страдаат ништо повеќе од другите луѓе. Во стварноста, тие можеби ќе страдаат многу помалку, бидејќи ќе стекнат мудрост за жвивотот и знаење за борба со алкохолната болест и сите проблеми што животот ги носи. Ако е вистина дека човекот треба да биде попаметен повеќе од туѓите глупости, отколку од својата памет, тогаш би требало апстинетите, кои го победиле алкохолното зло, да бидат едни од најпаметните, поучени пред се од своето, за жал, лошо искуство. Ние, како искусни членови на Клубовите на лекувани алкохоличари, да му помогнеме на младиот апстинент да види, како се издига моралната големина од пеколот на гревот, да му помогнеме самиот да се издигне над тој пекол и да ја здогледа убавината на животот со питоми очи и смирено срце, да види како, од пепелот на слабоста, грешноста, порочноста и најниското однесување, се издига снага на вистината и голема духовна исполнетост – тоа ќе му даде вистинска вредност на неговиот живот.
Иако не верувам дека соновите се исполнуваат, сепак, искрено посакувам крајот на сонот да се оствари, ако не во целост, барем да доживеам да видам што повеќе луѓе кои му го вртат грбот на ѓаволот, да видам што повеќе луѓе како го оставаат алкохолот, како стануваат свесни дека силата на спасот од алкохолниот пекол, се наоѓа само и само во редовното посетување и дружење, во Клуб на лекувани алкохоличари.







