ДА МУ ПОМОГНЕМЕ НА ПРИЈАТЕЛОТ ПОЛЕСНО ДА ГО НАЈДЕ ПАТОТ ЗА ИЗЛЕЗ ОД АЛКОХОЛНИОТ ПЕКОЛ

Среќаваме многу луѓе кои говорат за слободата, но наоѓаме многу малку кои не го посветиле целиот свој живот на тоа, да себе си си исковаат окови.    

Слободни сме толку повеќе, колку поразумно делуваме, а слуги сме толку повеќе, колку повеќе дозволуваме со нас да владеат страстите.    

Драг пријателе,

          Го напишав овој текст за да го изнесам тоа што сакам да ти го кажам, бидејќи помеѓу нас, заради твоето однесување, се подигна бариера, ѕид низ кој не можеме нормално да комуницираме. И, затоа што тој ѕид постои, ние стануваме се подалечни и тешко можеме да се разбереме еден со друг. За да го турнам тој ѕид и да ти го соопштам ова многу важно што имам да ти го соопштам и без што, во тоа сум цврсто убеден, дека ќе ти биде се потешко и потешко да живееш, јас го пишувам овој текст. Те молам внимателно да го прочиташ и добро да размислиш за неговата содржина. Вреди ова да го направиш и само заради тоа што јас, пишувајќи ги овие редови, со мака се борам со мислата за мојата неспособност и невредност да му помогнам на пријател што многу го почитувам и ценам, за кој што деноноќно размислувам. Ова што денес го пишувам се однесува и на другите членови од Клубот на лекувани алкохоличари, кои се наоѓаат во иста состојба како и ти, односно повторно му се вратија на алкохолот, но додека пишувам само ти си ми пред очите и ти се обраќам само тебе.

          Во овој момент за тебе е потребно и многу корисно да научиш, како правилно да го сфаќаш животот од другите луѓе, особено правилно да ги сфатиш и конечно да почнеш да ги развиваш животните потреби и радости на твоите најмили. Забележувам дека сега засега за тебе тоа чувство е непознато. Никако не можеш да сфатиш дека твоите најмили имаат потреба да се радуваат, да уживаат, да страдаат и сакаат да живеат полн живот исполнет со мир и благосостојба, како што би требало да живееш и ти самиот. Потполно ги имаш занемарено, длабоко во твојот мозок, во некоја фиока, ги имаш заклучено чувствата за праведност, љубов и човекољубие, целосно го имаш загубено чувството за одговорност, за градење на вистинско заедништво, што е основа за мир и топлина во секој дом – најскапото нешто што кој било човек може да го посака. Драг пријателе, ништо поскапо не можеш во животот да им поклониш на твоите прекрасни деца, од тоа што вистински ќе ја сакаш и почитуваш нивната мајка.

          Ова не го зборувам само затоа што досега во твоето однесување, никогаш не сум забележал каење и грижа на совеста, туку затоа што кај тебе целосно отсуствува искрено сочувство кон оние кои страдаат (твојата сопруга и децата), или народски кажано, тоа е заради егоизмот кој царува со твојата заробена душа. Јас триесет години бев во алкохолниот пекол, во истиот пекол во кој што денес ти живееш и заради тоа се грозам од тој егоизам и на мене влијае како да гледам нешто најодвратно.

          Подолго време во мојата душа се собираа овие чувства и ете собрав храброст и ги искажав, само заради тоа што навистина те почитувам и ти посакувам се најубаво во животот, затоа што навистина сум спремен да ти помогнам да излезеш од пеколниот алкохолен лавиринт во кој што се измачуваш, а за жал, покрај тебе во тој пекол се измачуваат и членовите на твоето семејство. Повеќепати, со посебна почит и внимание, ги избирав зборовите со кои сакав да ти укажам на твоите најголеми грешки, за кои и тогаш и сега сум цврсто убеден дека можеш да ги надминеш, за да го пронајдеш патот кон среќата и радоста. Прва и најголема грешка во твоето однесување е твојата склоност кон лажењето. Во почетокот ја разбирав твојата желба пред другите да се претставиш во најдобра светлина, да ги убедиш сите членови на Клубот, па дури и терапевтите, дека повеќе не се дружиш со алкохолот, но се надевав дека таа особина, што е карактеристична за повеќето алкохоличари кои започнуваат со апстиненција, со текот на времето ќе ја надминеш. Но еве, и после повеќе од шест месеци откако го посетуваш Клубот, ти продолжуваш секојдневно да пиеш алкохол и упорно се залажуваш себе си дека за тоа никој не знае, безобзирно и безобразно пред сите упорно докажуваш нешто што е толку очигледно и за кое сите ја знаат правата вистина.

          Во последно време многу ме измачува едно прашање: која е причината што ти го прекина нашето дружење и дали во сето тоа има моја грешка? Кога подлабоко навлегувам во ова прашање, секогаш доаѓам до само еден едноставен одговор: твојата почит кон мене и моите напори, со моите укажувања и совети да ти помогнам, се на многу ниско, можеби на најниско можно ниво. Упорно настојувам да те натерам да ги промениш твоите ставови за алкохолот и да ги прифатиш моите совети полесно да ја победиш алкохолната болест, но изгледа дека не успевам во тоа. Од друга страна, за мене е болна и самата помисла така еноставно да те оставам да продолжиш да се уништуваш во твојата глупост, бидејќи одсекогаш сум бил, а и сеуште сум убеден дека со малку труд од твоја страна, сите работи можат да си дојдат на правото место.

          Пред се, треба да донесеш цврста одлука, од твојот карактер да го исфрлиш самозалажувањето и лажењето, таа гнасна, одвратна особина која води кон губење на најскапото нешто во човековиот живот – а тоа е достоинството. Наједноставното и најкраткото правило за среќен живот се состои во тоа, да човекот што е можно помалку им биде терет на другите, да ги принудува (спротивно на нивните убедувања) да ја прифатат лагата наместо вистината, да го прифатат страдањето наместо среќата, да го прифатат лошото наместо доброто. Собери сила правилно да го разбереш ова што ти го пишувам, прифати го и во пракса, покрај другите правила добиени во Клубот, применувај го и ова правило кое му дава целосна смисла на човековиот живот и кое произлегува од најубавите доблести, правило што ги решава сите потешкотии кои ќе се испречуваат пред тебе. Само тогаш ќе бидеш спокоен, задоволен и среќен, кога и самиот ќе бидеш цврсто убеден дека со твоето однесување им носиш среќа и радост на сите луѓе околу тебе, особено на твоите најмили.

          Не е најголем мудрец човекот кој знае најмногу работи. Има безброј работи кои ние не можеме да ги знаеме. Ти си паметен и интелигентен човек и пред тебе се отвораат бесконечни можности. Животот те научил на многу работи, но треба да знаеш дека најголемата мудрост во тој систем на знаења е во способноста на човекот, своето знаење да го распореди според степенот на важност на работите. Од сите знаења кои човекот може и треба да ги знае, најважно е знаењето за тоа : како треба да се живее, а притоа што помалку да се прави зло, туку што повеќе добро. Тоа знаење не се учи во ниедно школо, на ниеден факултет – тоа знаење, со малку труд, најдобро ќе го стекнеш во Клубот на лекувани алкохоличари.

          Почитуван колега, треба безрезервно да го прифатиш ова што ти го советувам. Треба да бидеш многу искрен за да ја почуствуваш силата на големата љубов и доброто, со твоите умни способности постепено да почнеш да се качуваш по скалите на успехот во борбата со алкохолната болест. Прифати ја пружената рака за помош на луѓето од Клубот на лекувани алкохоличари и многу полесно и побрзо ќе успееш да го победиш ова најголемо зло не само за тебе, туку за целото човештво. Многу ме боли што, не велам дека знам, но претпоставувам, дека сето ова што го кажав ќе биде сосема мирно отфрлено од твоја страна, како некоја непријатност што ја возбудува и разбранува твојата душа. Ако пак не биде така, и ти, драг пријателе, подобро размислиш и ѕирнеш во твојата напатена душа и, ако посакаш да го разбудиш во тебе тоа што во овој момент ти недостига, јас многу ќе се радувам. Согледај ги своите недостатоци и убавите особини веднаш сами од себе ќе се појават. Се разбира, на мојата помош можеш да сметаш во секое време и немој да се колебаш да ја побараш.

          Прости ми ако не бев доволно внимателен со зборовите, со поголема љубов да го кажам тоа што сметам дека во овој момент за тебе е најпотребно. Но, изгледа дека не умеам подобро. Сепак, биди убеден дека моите чуства ги води почитта и добронамерноста кон човек, кој во душата го носам како искрен пријател. Едноставно, гледам како секојдневно пропаѓаш и тоа не сам, туку заедно со тебе пропаѓа и твоето семејство. Спасот за тебе е само еден: длабоко во душата мора да ја прифатиш твојата вина, да се смириш, да престанеш со пиењето алкохол и да признаеш дека алкохолот е најголемата причина што лошо живееше и сеуште живееш и што е најважно – дека треба не само некои работи да ги промениш во твоето однесување, туку да измениш се и да почнеш од почеток. Треба веднаш да престанеш да се дружиш со луѓе кои те поддржуваат во твојата глупост, на кои воопшто не им е важна твојата и среќата на твоите најмили, треба да најдеш некоја активност што ќе те исполнува, што ќе биде корисна за тебе и ќе им носи среќа и радост на твоите најмили.

          Добро размисли за сето ова, но не само површно пред себеси или пред луѓето, туку пред Бога, и направи како што Бог ќе ти каже, односно, твојата совест. И, нека не те збунуваат и обесхрабруваат пречките на кои секојдневно ќе наидуваш, ако тргнеш по нов пат во животот. Тие пречки сами од себе ќе исчезнат и ти нема ни да ги забележиш, ако тоа што ќе одлучиш да го правиш не го правиш само заради себе самиот, заради твојот егоизам, туку заради мирот во твојата душа, уште повеќе, заради мирот и среќата во вашиот дом, односно, заради Бога.

Со љубов во Бога