ИНФОРМАЦИИТЕ ГО ДВИЖАТ НАПРЕДОКОТ НА ЧОВЕШТВОТО

Денес луѓето живеат во состојба каде секојдневно, од разни страни, се бомбардирани со безброј информации, кои претендираат да бидат од корист за нив. Преку печатените и електронските медиуми, посебно преку интернетот, денес луѓето многу лесно и многу брзо можат да ги добијат сите сознанија, кои им се потребни. Библиотеките се преполни со книги, кои за жал, се помалку и помалку се читаат. Тоа ме тера често да се запрашам: колку моите книги и текстови можат да им бидат од корист на луѓето и дали, покрај сите силни информации за борбата со алкохолот и алкохолната болест, има место и за моите книги и текстови, дали барем на некого тие ќе му помогнат?

          Страшно е кога човек, кој веќе со едната нога е во гробот (ова го велам за себе, бидејќи се повеќе и повеќе тоа го чувствувам), со радост вади од својот стар куфер секаква старудија насобрана со годините и вообразува дека ова или она им е потребно на луѓето, а секогаш повторно и повторно забележува дека и овој пат заборавил, па не го извадил тоа што е најважно и најпотребно, што се скрило во некој ќош од куферот. Како се ближи неговиот крај, човекот се повеќе е свесен дека куферот, кој го отслужил своето, ќе биде фрлен во ѓубрето, а заедно со него ќе пропадне и единственото добро што било во него.

          Најголем мотив да продолжам со пишување добивам токму од погрешните пораки за борба со алкохолот и алкохолната болест, што секојдневно стигнуваат од разни страни. На основа на заедничките, општо прифатени норми, луѓето обично претпоставуваат дека, ако нешто е општо прифатено, тоа мора да биде нормално и исправно, што за мене воопшто не е прифатливо. Затоа, упорно настојувам да ги докажам моите ставови за борбата со алкохолното зло, кои за жал, поради веќе прифатените конвенционални правила, поголемиот број луѓе не сакаат да ги прифатат и да ги применуваат во нивното живеење, за да изградат посветла и посреќна иднина за себе и своите најмили.

          Постои голема веројатност моите ставови и размислувања за борбата со алкохолната болест, во овој момент, заради односот на државата кон овој најголем проблем за целото човештво, да не можат во пракса да се спроведат во целост. Тоа ме прави несреќен, но не ме разочарува. Сметам дека човек не треба да го напушти својот став и да ги отфрли своите племенити идеи, само затоа што во овој момент тие не можат или затоа што се нема доволно добра волја, да се спроведат во дело.

Написано је: “У почетку беше РЕЧ!”

Како чу даље! Запео сам веч! Не могу реч тако високо ценити,

ја морам другом њу заменити, ако сам се правог духа надисао.

Ту пише: “У почетку беше СМИСАО!”

Код првог реда добро пази, да твоје перо не пренагли.

Јел смис’о тај што дела и ствара?

Треба да стоји: “У почетку беше СНАГА!”

Ал и при овој речи стајем

и док је пишем веч се кајем.

Помаже мали дух! Одједном пишем смело,

јер јасно видим: ‘У почетку беше ДЕЛО!”

                                                                                               Гете

 

          Можеби идеите што ги предлагам за надминување на катастрофалната состојба со алкохолизмот во нашата држава, за поголемиот број од луѓето, во најмала рака се дискутабилни, а се разбира, за власта се целосно неприфатливи. За таквата состојба воопшто не се чувствувам виновен. Ако за нешто навистина сум виновен, тогаш тоа единствено е затоа јас, иако мислам дека добро ја познавам вистината за последиците од алкохолизмот (тие последици триесет години ги чувствував на своја кожа, уште повеќе ги чувствуваа моите најмили), многу слабо ја ширам меѓу луѓето, ја ширам само во ограничен круг на луѓе. Во иднина ќе се трудам многу похрабро, не само да ги опоменувам луѓето на опасностите од ова зло, туку да им скренувам внимание на институциите да ја согледаат и прифатат нивната одговорност и, конечно, да започнат вистинска борба со алкохолното зло, од кое страдаат голем број луѓе. Статистиката докажува за колку голема несреќа станува збор. Во Македонија има од 60.000 – 80.000 алкохоличари. Ако таа бројка ја помножиме по четири члена на секое семејство, доаѓаме до околу 300.000 луѓе кои секојдневно ги трпат последиците од алкохолизмот. Кога толку луѓе би биле заболени од која било друга болест, власта сигурно ќе прогласи вонредни мерки во државата.

          Која е улогата на Клубовите на лекувани алкохоличари во борбата со алкохолната болест, во овој сплет на околности? Ние, кои ја знаеме вистината, бидејќи на своја кожа сме ги почувствувале последиците од алкохолното зло, треба таа вистина што помасовно да им ја соопштуваме на луѓето. Преку нашите активности треба да се припреми човештвото за среќните денови, кога алкохолот ќе биде протеран од животот на луѓето, а заедно со него и сите глупости и страдања што произлегуваат од него, бидејќи ќе биде потребно луѓето да создадат некои други места што ќе ги заменат кафеаните, некои други зборни места каде луѓето ќе се дружат, состануваат и запознаваат.

          Вие, што ќе го прочитате овој текст, немојте да мислите дека сум толку наивен, да и самиот незнам дека сето ова е само сон. Но, убеден сум дека патот што го избрав и по кој упорно чекорам, еден ден, еден далечен ден, ќе ме одведе до племенитата цел – уништување на најголемиот непријател за целото човештво – алкохолот.

Со љубов во Бога