НИШТО НЕ СЕ СЛУЧУВА САМО ОД СЕБЕ

Ако си успеал да одиш по вода, не си станал ништо повеќе од една сламка. Ако си успеал да леташ во воздухот, не си станал ништо повеќе од една птица. Но, ако си ги победил своите страсти, тогаш си станал некој.

Не постои поразорна човечка навика од одолговлекувањето, одложувањето да се прекине со алкохолот утре, а не денес. Со алкохолот требало да се прекине многу одамна, во краен случај, никогаш и не требало ни да се започне со пиење алкохол. Во борбата со алкохолната болест ќе бидат успешни само оние, кои веднаш ќе тргнат во акција да се победи алкохолното зло.

          Постојат два вида на активности во борбата со алкохолното зло: првата, која ја преземаме затоа што самите така сме одлучиле, и втората, која ја преземаме дури откако на тоа сме приморани. Кога апстинентот самиот ќе согледа дека има проблеми предизвикани од алкохолот и ќе побара помош, со таквиот чекор половина од работата во неговото лекување е завршена. Завршувањето на останатото е рутинска работа на терапевтите. Во вториот случај, кога бараме помош од стручни лица дури откако тоа мораме да го направиме, лекувањето е многу потешко, бидејќи обично станува збор за поголеми ментални или телесни оштетувања кај алкохоличарот.

          Кога алкохоличарот ќе започне со своето лекување, тој и членовите на неговото семејство треба од своите мисли да го избришат зборот “невозможно”, бидејќи тоа е појдовна точка кон секој успех, особено кон постигнување успех во лекувањето на алкохолната болест. Можеме да постигнеме сигурен успех во борбата со алкохолната болест, само ако сме убедени во нашата способност, дека тоа можеме да го постигнеме. Ако не сме сигурни во цврстината на нашата одлука да го победиме алкохолното зло, тогаш веднаш, во истиот момент, треба да ја донесеме конечната одлука. Нашата одлука треба да ја внесеме во нашите мисли и да ја повторуваме повеќепати дневно, како еден вид молитва. Да запаметиме, ништо не се случува само од себе. Нештата не се случуваат така, како што ние посакуваме, само затоа што ние посакуваме така да се случат. Мора да вложиме труд работите да се случат и да се одвиваат така, како што ние посакуваме. Успехот во борбата со алкохолната болест ќе биде резултат на трудот што ќе го вложиме, на постојаните напори, на нашата спремност советите и правилата што ќе ни ги одреди терапевтот, да ги спроведеме во дело.

          Почитувани пријатели, кои ќе го прочитате овој напис. Отворете ја мојата интернет страна alkoholizam.net и во “Како да се победи Кралот Алкохол”, од прва рака, од искажувањата на релевантни личности од областа на социологијата и алкохологијата, како што се׃ др. Ферид Мухиќ, др.Павлина Васкова и г-ѓа Милка Темелкоска, ќе дознаете многу повеќе за оваа и другите теми.