РАЗЛИЧЕН ПРИСТАП ВО ЛЕКУВАЊЕТО НА АЛКОХОЛИЗМОТ

Кој е слободен? Само мудрецот кој знае да владее со себе, кој не се плаши од сиромаштијата, оковите и смртта, кој знае да им пркоси на страстите и ги презира славата и почестите.     Хорацие

Ми рекоа: “Ако најдеш заспан роб, не буди го – можеби сонува за слободата.” Јас им одговорив: “Ако најдеш заспан роб, разбуди го и раскажувај му за слободата.”    Гибран

          За одржување на трајна апстиненција во лекувањето на алкохолната болест, во Клубовите на лекувани алкохоличари низ целиот свет, се применуваат различни методи.

          Се смета дека првите Клубови на лекувани алкохоличари, наречени Клубови на Анонимни алкохоличари (АА) се формирани во Америка, во 1936 година. И денес на принципот на анонимност на апстинентите, функционираат клубовите речиси низ целиот свет.

          Трагајќи по информации, во книгата “Писма2” 1887-1910 г. стр.32 од Толстој, најдов интересен податок. Во писмото што го испраќа до сликарот И.Ј.Рјепин, Толстој пишува дека било основано доброволно друштво за борба против алкохолот, првото друштво основано во Русија во 1888 г. со име “Солидарност против пијанството.” Во писмото Толстој пишува: “…Особено живо ме потсети на Вас главата на жена без нос на вињетата за сифилисот. Остава страшен впечаток. И еве, имам нешто да ве замолам, да ви предложам и да се посоветувам со Вас. Јас веќе издавам книги за пијанството. Две – од докторот Алексеев (“За штетноста од употребата на јаките алкохолни пијалаци” и “Како да се помогне во големата несреќа? Како да се спречи пијанството”), едната е на цензура, третата ќе се препечати. И јас постојано мислам да напишам книга на оваа тема. И затоа ми падна на памет да Вие изработите две работи: една слика со вињети, на која ќе биде прикажано пијанството во сите облици и во сите стадиуми, втората, мала за обвивката на книгата што ја пишувам, и трета, заедничка за сите книги за пијанството кои ќе ги издадеме. Сижето и за едното, за другото и третото изберете го сам, но нека биде исто така страшно, снажно, и нека директно се однесува на предметот, како што е случајот со сифилисот.

          Нашата солидарност против пијанството, како што мене ми изгледа, и покрај тоа што нема одреден облик, се шири и ги зафаќа луѓето, односно делува.”

          Во почетокот на шеесеттите години од минатиот век, низ Европа почнуваат да никнуваат првите Клубови на лекувани алкохоличари, а основач и главен иницијатор е Др.Владимир Худолин, психијатар и хуманист. Тој во Загреб отвора и алкохолошка школа, во која се едуцираат сите алкохолози од поранешна Југославија.

          Во зависност од карактерот, од капацитетот на љубов и човекољубие што терапевтот ги поседува, во Клубот што го води спроведува свои методи на работа, од кои најкарактеристични се два – првиот, автократски, во кој на состаноците во клубот во центарот на вниманието е терапевтот и вториот, либерален, во кој на состаноците во клубот во центарот на вниманието е апстинентот.

          Во Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп, Др.Методија Николоски – Мец, кој својата специјализација по алкохологија ја добил кај Др.Владимир Худолин, а и сегашните терапевти, го прифатија и применуваат либералниот метод. Ако некој апстинент чувствува некакви тегоби, предизвикани од алкохолни кризи кои се пропратна појава кај секој апстинент, јавно разговара и бара помош не само од терапевтите, туку и од своите колеги, постарите апстиненти, кои веќе се соочиле и ја надминале таквата состојба. Со помош на терапевтот, но најмногу со помош на искуството од апстинентите, кризите најлесно се пребродуваат. На состаноците секој апстинент има можност директно да учествува во расветлувањето на многу прашања од областа на алкохолизмот и животот воопшто, кои не му се доволно јасни. Се разбира, новите апстиненти постојано ги збогатуваат своите сознанија за алкохолот и животот воопшто, добиени од искажувањата на поискусните апстиненти. Со текот на времето кај апстинентот се зголемува неговата волја за цврста апстиненција, се зголемува сигурноста во себе, така што се случува некој апстинент, кој што подолго од една година бил пасивен набљудувач и воопшто или многу малку учествувал во активностите на КЛА, да почне да ги искажува своите ставови, што е сигурен знак за напредок во неговото лекување. Структурата на апстинентите кои го посетуваат клубот е сосема поинаква од структурата на апстинентите, кои посетуваат некои други клубови. Нашиот клуб, покрај новите апстиненти кои ја започнуваат својата апстиненција, го посетуваат луѓе кои имаат по десет, петнаесет, дваесет па и повеќегодишна апстиненција.

          Некои експерти по алкохологија напишале дека апстинентот успеал да се излекува од алкохолната болест, ако редовно посетува Клуб на лекувани алкохоличари од 3-5 години и дека потоа нема потреба да го посетува клубот.

          Практиката покажува дека тоа е погрешен пристап, односно дека многу апстиненти по повеќе од десетгодишна апстиненција повторно влегуваат во рецидив, а некои дури целосно му се враќаат на алкохолот. За одбрана од рецидивот (праксата во триесетгодишното активно работење на КЛА докажа дека е сосема исправно), во Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп има оформено патронажна група, составена од терапевт и двајца апстиненти, кои го посетуваат апстинентот кој направил рецидив во неговиот дом. Веќе стекнатото пријателство и почитување помеѓу апстинентите и авторитетот на терапевтот, придонесуваат, во најголем број случаи на рецидив, апстинентот повторно да се врати во клубот и да продолжи со своето успешно лекување.

          Заедничка негативност и во двата метода е што некои од младите апстиненти, многу брзо го напуштаат клубот и повторно се враќаат во прегратките на ѓаволот. Во првиот метод причината е што нема механизам со кој ќе се следи напредувањето на апстинентот во градењето на неговиот карактер, во менувањето на неговите погледи кон алкохолот и животот воопшто, а во вториот причина е што новиот апстинент, веднаш по излегувањето од болница, неподготвен, без доволно сознанија за значењето на КЛА во неговиот живот, се сретнува со информации кои во тој момент не може правилно да ги оцени и разбере. Затоа, кај некои апстиненти се јавува разочараност и нивниот интерес за посета на клубот уште на почетокот опаѓа. За надминување на овие проблеми, експертите по алкохологија препорачуваат, барем во првите неколку месеци од апстиненцијата, покрај на редовните состаноци, со новите апстиненти да се работи одвоено, за да се припремат за вистинско вклучување во работата на Клубот на лекувани алкохоличари и резултатите нема да изостанат.