ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СДУ “ДР. МЕТОДИЈА НИКОЛОСКИ – МЕЦ” НА ГОДИШНОТО СОБРАНИЕ НА ЗКЛАМ

Јас, Ташко Причков, долгогодишен член и претседател на Советувалиштето на лекувани алкохоличари Д-р Методија Николоски – Мец, имам чест и огромно задоволство, од името на сите членови и од името на нашите ценети терапевти, да ги поздравам сите присутни на денешнава свеченост и да ви посакам понатамошна успешна работа.

            Велат дека успехот не е дестинација, туку патот кој треба да се помине, за да се стигне до истата. Јас не само што се надевам, туку сум сигурен дека ние со крупни чекори го минуваме тој пат. Силната волја ни е патоказ, тешката борба инструмент, а крајната цел е доживотната апстиненција. Советувалиштето на лекувани алкохоличари е формирано во 1978 година, под името Здрав живот, а во 2010 година е преименувано во Советувалиште на лекувани алкохоличари Д-р Методија Николоски – Мец, во знак на благодарност кон нашиот, веќе починат терапевт, за неговата несебична помош што им ја пружи на илјадници алкохоличари, во знак на огромна благодарност кон човекот, чии дела и напори во борбата со алкохолизмот вечно ќе се паметат и ќе бидат мотив за продолжување на заедничката борба, против најголемото човеково зло – алкохолот.

            Советувалиштето брои 64 членови, од кои повеќето редовно се присутни на состаноците. Иако квантитетот не секогаш е релевантен показател на успехот и постигнување на целта, ние навистина сме горди што бројот на апстинентите постојано се зголемува, а уште повеќе сме горди од вложените напори да се намали бројот на рецидивите.

            Во советувалиштето во Прилеп применуваме посебен концепт на работа, функционираме како семејство, спремни сме безрезервно и несебично да си помагаме во секое време и на секое место. Не го познаваме зборот дискриминација и се водиме од девизата дека човек не е надчовек ако помага на друг човек, всушност, човек кој е над другите не постои. Почитувани пријатели, ќе го опишам моето искуство за да видите и да се уверите, дека нашето советувалиште навистина функционира како едно семејство. Се надевам дека ќе добијат одговор и многу луѓе, кои често го поставуваат прашањето: Дали има и колкава е користа од посетувањето на Совертувалиште на лекувани алкохоличари? Во месец февруари оваа година, моето семејство го задеси страшна катастрофа, трагедија што отвори длабока рана во мојата душа: експлодира плинска боца од што куќата се запали и, за моја најголема жал, мојата предобра мајка, трагично настрада. Почитувани, не можам да ги пронајдам вистинските зборови за да ја опишам тежината во мојата душа, што во тие најнесреќни моменти од мојот живот, целосно ме порази. Помислата дека можеби поради моите грешки од минатото, настрада потполно невина душа, жестоко ја нагризуваше мојата совест. Бев целосно изгубен, до степен на лудило. Единствен излез, кој целосно го прифатив како исправен и кој бев спремен веднаш да го спроведам во дело, беше одлуката што ја донесов: јас сум крив што сум жив и тоа мора да се поправи, едноставно не заслужувам да живеам, ќе се убијам и ќе ги спасам моите најмили од сите страдања. Некоја чудна, демонска сила што надвладеа со мене и моите чувства, непрекинато ме наведуваше тоа што побрзо да го направам. И, тогаш се случи тоа, на што во тие трагични мигови воопшто не помислив, целосно заборавив на силата на спасот, што во изминатите повеќе од 20 години секогаш, одново и одново, како феникс, ме издигнуваше од пепелта на гревот. Не знам од каде дојдоа, како разбраа, како толку брзо се организираа, од каде покрај мене се створија моите колеги, моите другари, моите браќа од Советувалиштето. Нивните совети и охрабрувања придонесоа повторно да ја почувствувам вистинската сила што доаѓаше од храмот на спасот, од Советувалиштето на лекувани алкохоличари. Па јас не сум сам, со мене се моите браќа кои ќе ми помогнат во овие најстрашни моменти од мојот живот!!! Почитувани пријатели, од ова место упатувам најискрена благодарност до сите вас, затоа што цело време бевте со мене, затоа што во ниту еден миг не ме оставивте сам, помогнавте да се соберат донации за санирање на домот. Сепак, најголема благодарност Ви упатувам што ми го спасивте животот, што дадовте огромен придонес во мојот дом повторно да царува мирот и среќата.

            Од огромно значење за успешната работа на Советувалиштето од Прилеп е и постоењето на женскиот дел за поддршка на апстинентите Викторија, кој го предводи социолог Милка Темелкоска, а постигнатите резултати се за секаква почит и восхит. Развојот на Советувалиштето е условено од секојдневните собири и дружења, организирани посети на излетнички места, манастири и други знаменитости. Иако функционираме во еден транзициски период, во многу тешки услови, бидејќи речиси никој не сака да помогне, опстојуваме благодарение на несебичната поддршка и ангажманот на нашите прекрасни терапевти, а трошоците за струја, вода и чистачка ги плаќаме од собрана членарина од по 50 денари. Сепак, и во вакви ненормални услови за работа, убеден сум дека ќе ги реализираме зацртаните цели.

            За крај, уоатувам огромна благодарност кон Невропсихијатар, Др.Снежана Ѓорѓијоска и психологот Јове Велески, без кои нашето Советувалиште немаше да го достигне нивото на кое што е денес. Особено сакам да ја потенцирам нивната несебична љубов и човекољубие, ангажманот и посветеноста, храброста и претпазливоста, нивната поддршка и придонес, кои се клучна алка за нашиот напредок. Голема благодарност и до сите апстиненти, кои даваат сé од себе во борбата со нашиот вечен непријател – алкохолот.

            Сосема за крај, ви благодарам за времето и вниманието што ми го посветивте. Почитувани апстиненти, сите вие кои посетувате некое Советувалиште во нашата држава, искрено ве поздравувам и ви посакувам доживотна апстиненција. Запомнете, силната волја е најмоќното оружје на човекот, кое може да ви овозможи добивање на сите битки.

Бидете мудри и искористете ја.

Благодарам