АЛКОХОЛНА БОЛЕСТ

%

За несреќа на сите, по една година од мојата сообраќајка, татко ми одненадеж почина и наеднаш, почна сé да ни недостасува. Останавме без средства за живот, бидејќи само тој работеше. Потоа земавме семејна пензија, која беше многу мала да прехрани пет души. Бев четврта година во средно економско училиште кога се вработив, а училиштето го завршив вонредно. Откако се вработив пари имав доволно, така што почнав многу често, редовно да пијам.

        Животот ми наликуваше на лудница, како да е некоја глупава, пеколна шега, која некој ја направил со мене. Замислував како, таму некаде тој некој, се забавува гледајќи ме како се измачувам во алкохолниот пекол. Не можев да и дадам никаква рационална смисла на ниту една своја постапка, ниту на кој било дел од мојот живот. Целосно се предадов на развратниот живот, а за алкохолот, како и сите други пијаници, и јас дојдов до погрешната теорија: дека тајната на алкохолот се состои во постојано, лудачко опивање, до крајна замелушеност и животинска несвесност, дека нема никаква смисла да пијам, а притоа целосно да не се опијанам.

        Како што рѓата на крајот го уништува железото, така и безрезервното и прекумерното задоволување на мојата страст кон алкохолот, ме понесе на патеката на злото и пропаста. Ме совлада најголемото и најнеизлечиво зло, што на човек може да му се случи – кренав раце од самиот себе. Бев поразен, бидејќи ја прифатив мислата за мојот пораз, ме напушти желбата да се борам, немав сила ни да пробам да се изменам. Против песимизмот, предизвикан од алкохолот, не гледав друг лек освен да пијам и натаму, барајќи заборав кој алкохолот секогаш ми го ветуваше, но никогаш не ми го даде. Бев рамнодушен кон сé, ми беше сеедно дали ќе бидам пијан или трезен, жив или мртов. Мојата совест немаше ни време, ни желба, ни сила да реагира и да се спротивстави на последиците од безбројните глупости.

        Само наутро вистински се каев за направените глупости од претходниот ден, но тоа траеше кратко, до испивањето на првата чашка, а потоа пак истото. Како што некој слепец, кој одненадеж ослепел, каде и да одел се на патот му сметало и на се се удирал – мислел дека тој не се удира во предметите, туку дека предметите се удираат во него, така живеев и јас, бидејќи бев длабоко навлезен во пеколниот алкохолен лавиринт, бидејќи живеев само за телото и бев слеп без духовен живот. Тогаш ми се чинеше дека сé што ми се случува, за инает ми го прават другите и затоа се лутев на луѓето. Не сфаќав, да бидам попрецизен, не сакав да сфатам, дека мојот живот е пекол, дека живеам како во лудница само затоа што живеев за телото, а не за душата – а не затоа што луѓето ми прават лошо.

        Колку подолго се дружев со алкохолот, сé повеќе ми се помрачуваше умот и моите мисли беа конфузни, станував несигурен и сомничав, не бев во состојба да го видам ниту своето зло, ниту злото, кое беше десетпати поголемо, а кое им го нанесував на сите околу себе, особено на моите најблиски. Не бев во состојба да видам дека моите страсти и нагони ме носат во пеколот, не на небото или под земјата, туку во овој живот. Ѓаволот широко ги отвори портите од пеколот и ме фати на својата јадица и јас, (заслепен од лажниот сјај на ѓаволските сласти и убавини кои, мислев дека можам да ги доживеам само ако пијам алкохол), воопшто не забележував дека длабоко сум навлезен во алкохолната болест.

        Како што многу луѓе се сметаат за болни, а тоа не се , така и многу луѓе, особено алкохоличарите, се сметаат за здрави, а тоа не се. Речиси секоја болест, особено алкохолната болест, не доаѓа наеднаш, како од ведро небо, туку тоа е последица на долга низа мали, незабележливи грешки против здравјето на човекот, кои се надоградуваат една на друга и растат како грутка снег што се тркала, додека еден ден не падне на главата од алкохоличарот. Алкохолната болест е подмолна, таа не убива со стап, но се провлекува низ мозочните вијуги и крвните садови како отров, полека и претпазливо и затоа прекасно се забележува нејзината разорна моќ, во уништувањето на човекот. Ни човекот, ни предметите, не можат да се огледаат на површината од разбранувана вода – во стварност можат, но сликата ќе биде искривена. Исто така, бидејќи духот кај алкохоличарот е вознемирен, впечатоците што ги добива се искривени, деформирани.

%