УТЕХА ЗА ЗАЛУТАНИТЕ

Др.Методија Николоски – Мец е единствен учител, достоен на тоа име, бидејќи во сите нас непрекинато го разбудува духот на слободното мислење и кај апстинентите развива чувство на лична одговорност. Не учи како да ја стекнеме способноста за сигурност во секојдневните активности, а за да се чувствуваме посигурни, помирни и похрабри во животот, дека треба да посакуваме малку, а да се надеваме на уште помалку; не учи дека не мораме да се трудиме да бидеме подобри од другите, туку да бидеме најдобри во границата на нашите можности. Тој знае да ја препознае и уништи демонската сила на незнаењето, особено да ја уништи демонската сила на погрешното знаење за смислата на човековиот живот, што е карактеристично за речиси секој алкохоличар, а со тоа да ја уништи и таа лоша причина за многу семејни трагедии.

            Човек мора многу да знае за да може другите да ги поучува – со малку знаење да бидат мудри, за да можат да ги избегнат опасностите што животот ги носи. На сите апстиненти Др.Николоски ни пружа посебна помош и внимание во нашето искачување кон врвот на вистината, кон здогледување и откривање на нови, поголеми и поубави предели од животот, кои треба да ги истражуваме.

            Дојдов до сознание дека објаснувањата на нашиот терапевт за проблемите со алкохолната болест се крајно уверливи и, да не се прифатат тие објаснувања и да не се применат во пракса би било исто, како морнарот да го фрли во морето единствениот компас што го има. Тој е љубезен човек кој секогаш со насмевка на лицето слуша како за нешто што тој многу добро го знае, говори некој кој за тоа ништо, или многу малку знае. Др.Николоски е премногу свесен за недостатоците на врстата на која и самиот припаѓа, да би се лутел на кој било нејзин член. Неговата парола, што непрекинато во пракса ја применува е: да започнеме битка со алкохолното зло секаде и секогаш кога го гледаме, притоа не повредувајќи го чинителот на злото, исто како што ни самите не би сакале да бидеме повредени, заради грешките што непрекинато ги правиме.

            Во извршувањето на својата животна задача, тој е витален човек, кој го носи во својата душа, во своето срце, во својата крв животот на сите апстиненти – боледува од нашите болести, страда заради нашите неволји, цвета со нашето здравје, ужива во нашата среќа – независно од сопствените проблеми и преокупираност. Кој дава само совети, макар и најдобри, е поток кој пријатно жубори. Но, Др.Николоски тие прекрасни совети за доброто на заедницата во целина ги спроведува во дело и затоа е поток со млинови, кои работат подеднакво за сите. Тој е совршен пример дека човековиот дух со ништо повеќе не може да се приближи кон Бога, кон совршенството, отколку со несебично спасување на луѓето.

            Еволуцијата на напредокот на цивилизацијата е разработена во целост, но од луѓето е сфатена премногу технички. Ако ја исклучиме Дарвиновата теорија за еволуцијата на човекот од мајмун, речиси во се друго човекот е изоставен од неа. Во градот Прилеп има многу експерти во стопанството за унапредување на науката и техниката, но во Прилеп единствен е Др.Методија Николоски, кој правилно го разбрал и во пракса го применува напредокот на цивилизацијата на која, на крајот на краиштата, не би требало примарна цел да и биде напредокот на науката и машините, туку напредокот и издигнувањето на човекот. Староста нема поубава утеха од сознанието дека целата своја младост е вградена во дела кои не стареат. Само малите духови разликуваат свое и туѓо. Др.Николоски е човек со голем дух и целиот свет го гледа како свое семејство.

            Градот Прилеп треба многу повеќе внимание и помош да му посвети на Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” и неговите сегашни и идни членови. За Др.Методија Николоски – Мец Прилеп не треба да се грижи и да троши пари за подигнување на негов споменик. Негов вечен, најголем и најубав споменик е неговото дело – тоа се илјадници лекувани и излечени алкохоличари, илјадници семејства во чии домови Др.Мец им ја врати среќата и радоста. Нивната искрена благодарност е најголема награда за докторот над докторите, за докторот кој ги оживува – ги воскреснува мртвите души на алкохоличарите, за Примариус Др.Методија Николоски – Мец, великанот пред чии дела се восхитуваат пријателите, великанот пред чии дела се поклонуваат и непријателите.

%