Не зараснува лесно парчосаното срце!

Се враќав на работното место од разговор за подобро решение за вработување, а  мислите ми беа  топли и полни со надеж за поубава иднина на оние три малечки суштества, што при моето враќање дома ми ја греат душата со искрени прегратки,  и силна како што може да биде само љубовта на децата кон мајката. Слабото зимско сонце ми ги топлеше образите и ми создаваше чувство на пријатност и релаксираност. Ја завртев главата лево и десно пред да ја преминам улицата, а само на педесетина чекори од другата страна ме чекаше добропознатиот влез во кацеларијата, во која минувам една третина од своето време веќе 10 години и пријателските лица на долгогодишните колеги.

И, додека така лебдев залулкана во мекоста на со години стекнуваната  сигурност и ветувањата за подобра иднина, кои само што ми го подигнаа оптимизмот, одеднаш, на само два чекори од мене, се појави ТОЈ, човекот, со кој требаше да ја делам староста, кој требаше да биде заштита на моето семејство, таткото на моите деца.

И денес кога легнувам ноќе, само што ќе ги затворам очите, иако се обидувам да го потиснам во заборав, пред  погледот ми излегува неговиот изобличен лик, од очите му стрела омраза, каква што не верував дека на светов воопшто постои, а секој дел од неговото лице се стиснал во безграничен гнев, во кој се испреплело чувството на надмоќ на предатор, што веќе го заграбил пленот во челуста и се готви да се слади со неговата слабост.

Само едно неизмерливо делче од секундата му беше потребно, нему, двапати поголемиот од мене, молкума, без ниту еден изустен збор, да ме зграпчи за коса и, така влечејќи  ме по земјата, да ме одведе во тесниот простор меѓу двете згради, подалеку од вниманието на случајните минувачи, додека јас, како јагне на колење, не успевав уста да отворам, парализирана од стравот, што ми го затнуваше грлото, а  вриштев по помош во своите мисли. Како да владееше апсолутна, страшна тишина насекаде околу мене.

Само болката од ударите со клоци по лицето и рамењата ми го тресеше телото.

Осетив како нешто ме расече по лицето. Со речиси потрошени сили се обесив со двете раце на неговите панталони за  да ги спречам ударите со нозе. Но, тоа не го спречи со боксови и шлаканици да ме удира по главата и рамењата.

Можеби минаа минути, можеби само секунди…времето за мене веќе не течеше. Немаше време, немаше простор, немаше воздух.

Одненадеж, ми се истргна од рацете. Замина. Мина гневот – помислив. Се дигнав на нозе и се вратив на тротоарот, да си ги подигнам чантата и зимската капа, што уште со првиот удар, одлетаа далеку. Но, колку се излагав…!

Не бев ниту исправена, кога повторно дивјачки ме зграпчи за коса и со сила на ранет ѕвер, ме туркаше кон бетонскиот столб на зградата. Едно делче од свеста ми дошепна, дека ме чекаат  удари со челото од работ на столбот и, знаев и, сега знам, дека смртта ме чекаше во својата прегратка. Немав сила да се оттргнам, само ја поместив главата за неколку центиметри. А потоа следеше удар – силен, жесток – но за среќа, ако воопшто смеам да го употребам зборот среќа во описот на ваков настан, во рамниот дел на бетонскиот ѕид…. Крв се сливаше по моето лице, од челото, од носот.

Ми ја грабна чантата и замина. Можеби веруваше дека во неа има пари.

Многуте случајни минувачи гледаа кон нас безизразно, љубопитно, чиниш пред нив се одмотува филмска лента, а не реален живот, во кој можеш да биде актер, а не само пасивен набљудувач.

Се стрчав по него. Во чантата ми беа сите лични документи. Лудост ли беше, храброст ли беше  тоа, што ме тераше да не му дозволувам да замине со мојата чанта. А тоа ме чинеше нови удари.

–          Аман луѓе, помогнете! – конечно успеав да извикам.

Тоа беше крајот. Дотрча еден младич, а потоа уште двајца луѓе  – не отргнаа. Однекаде налета и полицаец. Целата енергија на моето тело, беше исцедена како лимон. Мислам дека недостигаше ронка, за да се срушам на земја.

Овој ѕвер од човек, што седи од другата страна на решетките во полициското комбе и сега, кога некој посилен и помоќен од него се испречил пред него,  не престанува да плаче како мало бебе, не е човекот за кој се омажив и на кого пред Бога му ветив  верност и послушност. Тоа не е човекот крај кого сакам да раснат моите девојчиња. Во него сатанско студенило ги уништило чувствата на љубов, почит и самопочит, желбата да се ужива во малите животни радости, во слатката детска смеа, во нежната прегратка на најблиските. Адски мрак, празнина и лад владеат со неговото срце и неговиот ум, го заблудуваат дека има или ќе има надомест за пропуштените мигови на необременета среќа, што само семејството може да ти ги пружи.

Минаа отоците и модриците, зараснаа изгребаниците по лицето и скршеницата на носот, но не зараснува лесно парчосаното срце, извалканата гордост, искинатиот сон, стравот што ме тера да ја вртам главата по улица, за да проверам чии се чекорите што ме следат, а најбавно од се, ќе мине жарот со кој ме гори тагата пронајдена во детските очи, кои ме пречекаа од болница, бескрајната жал, неизвесноста, и несигурноста што детскиот свет им го превртеа на глава, ги збунија и засекогаш им ја избришаа вербата во бајките, во кои победува доброто.

Посебно сум  “благодарна” на неговиот татко за себичноста и егоизмот, со кој го одгледал и со кој го доуништи сопствениот син и моето семејство, и тешко рани  уште три други семејства. А моите деца, тоа никогаш нема да му го заборават.