Некој од постарите членови, цело време да се грижи за новиот апстинент, како еден вид “Ангел чувар!”

Забележувам дека од методите што се применуваат во Клубовите на лекувани алкохоличари, изостануваат препораките од најголемиот експерт по алкохологија, др.Владимир Худолин. Покрај другото, др.Худолин препорачува: на апстинентите кои започнуваат со својата апстиненција, потребно е постојано да им помага некој од постарите членови, цело време да се грижи за него, како еден вид “Ангел чувар.” За жал, голем дел од апстинентите, кои успеале да ја победат алкохолната болест, наместо да возвратат со благодарност, целосно заборавиле колкава помош им била потребна за да го достигнат успехот. Гледајќи ги само сопствените интереси, не сакаат да си земат обврска, да му бидат “Ангели чувари” на некој од новите апстиненти, убедени се дека тој метод за многумина е преголем залаг и преголем терет. Тие би се залагале 24 часа во денот, но само за оној, кој од срце и душа ќе ги употребува зборовите: “Аман луѓе, помагајте, ова не е живот што јас го живеам”, и дека за таков човек се би направиле.

          За жал, нивните и моите ставови за борбата со алкохолната болест се разликуваат како Крали Марко и телевизија. Нивното однесување наликува на однесувањето на човекот, кој сака да го проучува предметот, но му го врти грбот и го проучува по сенката што предметот ја фрла и затоа не можам да го делам нивното мислење и го сметам за сосема погрешно. Немам намера да ги оспорувам нивните методи, се разбира, не сум способен да измислам нови и подобри, туку упорно се трудам, поучен од животот, да докажам дека имам цврсти, непобитни докази со кои се обидувам да ги уверам другите дека тоа што е корисно за мене, ќе биде корисно и благодат и за нив, ако го следат мојот пример и моите совети. Се разбира, убеден сум дека лекувањето на алкохолната болест е долг и сложен процес, со чести рецидиви, дека одбивањето на алкохоличарот да признае дека е болен и дека му е потребна помош, е дел од неговата болест. Затоа, цврсто сум убеден во тоа дека – речиси и да не постои алкохоличар кој ќе дојде кај нив и ќе ги моли: “Аман луѓе помагајте.” Се надевам дека добро ќе ги прочитаат моите книги и сите мои текстови уште еднаш и со поголемо внимание, а потоа сигурно ќе го согледаат лицемерието во нивните постапки и ќе се согласат со моите ставови. Можеби приказната што ќе следи во следниот текст, ќе им помогне да ги корегираат нивните размислувања.