ИЛИЈА ПЕТРЕСКИ׃ КАКО ДА СЕ ПОБЕДИ КРАЛОТ АЛКОХОЛ

Џек Лондон, големиот писател кој со своите дела ги прослави борбеноста, виталноста, силната волја да се истрпат на нозе најтешките удари на судбината и да се одолее на сите предизвици, авторот на големата химна на победата на човекот врз стравот, малодушноста и очајувањето, самиот беше поразен. Го порази алкохолот. Умре во својата 40 година. Но, не падна пред да ја напише книгата “Кралот Алкохол”, својата интимна приказна за тоа како дури и тој, еден од најсилните и најталентираните, мораше да подлегне пред страшниот непријател׃ зависноста од алкохолот!

            Ја знаеше тајната на победата, но немаше сили да ја примени. Даде скапоцен совет на другите, но самиот потклекна пред заблудата дека против неговата физичка и ментална сила, ни Кралот Алкохол нема шанси.

            Советот беше онолку едноставен, колку и точен׃ против Кралот Алкохол може да се победи, само ако се излезе од рингот! Најдобрата работа е׃ да не се пие воопшто. Следната најдобра работа е׃ да се прекине со пиењето после првата чашка. Третата најдобра работа е׃ ако си почнал да пиеш секојдневно, час поскоро прекини и тоа засекогаш!

            Сите останати варијанти се катастрофа и без исклучок завршуваат со тотален пораз׃ приватен, социјален, интелектуален, морален, со распаѓање на семејството на алкохоличарот, како конечна казна. Во мегданот со Кралот Алкохол ниту еден човек не може да издржи предолго. Од својата 17-та година, Џек Лондон бил прочуен по својата неверојатна способност да ги натпие најсилните “морски волци” и пијаници, од Калифорнија до Алјаска. Поверувал дека ќе може да го натпие и самиот владетел на сите светски пијаници – Кралот Алкохол. И така, низ својата кобна заблуда ја потврдил, парадоксално, најважната вистина׃ можноста да се победи алкохолизмот, ја демонстрираат само живите победници. А тоа значи, само оние кои успеале да излезат од тој ѓаволски круг, откако еднаш веќе биле вовлечени во него!

            Илија Петрески е еден од тие големи победници над Кралот Алкохол! Тој успеа да го стори она што ни самиот супер-херој Џек Лондон не можеше да го направи! Џек Лондон беше писател; и Илија Петрески е писател; Џек Лондон го загуби мечот со алкохолизмот; Илија Петрески боксуваше триесет години, триесет пеколни рунди во страшниот ринг на кој царува Кралот Алкохол. И кога се чинеше дека е пред дефинитивниот нокаут, после дузина нокдауни од кои одвај стануваше на нозе во секоја нова рунда, Илија Петрески собра сили и – победи! Токму затоа, тој е човекот на кого со право му припадна и честа и одговорноста да напише книга со ваков наслов׃ “Како да се победи Кралот Алкохол”.

            Оваа негова книга е фасцинантно сведоштво, еден примарен документ од прва рака, за сите искушенија низ кои помина самиот, во тој страотен меч против Кралот Алкохол; но, оваа книга наедно е возбудливо книжевно дело, во кое се соопштува вистината за сите познати и непознати страдања на анонимната армија зависници од алкохол; конечно, книгата “Како да се победи Кралот Алкохол” е исклучително префинета, прецизна психолошка реконструкција на мотивите што луѓето ги наведуваат да станат зависници, и уште посуптилна реконструкција на фрустрациите кои го отежнуваат, односно попречуваат соочувањето со вистината дека зависникот влегол во мечот во кој е осуден на пропаст. Таа автодеструктивна, самоуништувачка горделивост на зависниците, која им е нужна за да го сочуваат сопственото достоинство, наедно е превезот што најцелосно ги заслепува! Со силата на својот талент Илија Петрески создава сложено, бездруго во низа елементи и автобиографско дело, што се гледа од неговата супериорна автентичност и уверливост на дијалозите и психолошките анализи на сите ликови. Но, тој создава и едно самостојно, потресно уметничко дело кое ја надраснува непосредната инспирираност и која исто така, се крева над хоризонтот на дидактичко, поучно четиво за употреба во борбата против алкохолизмот. Од друга страна, со силата на својата морална решителност, Илија Петрески ја извојува победата и не само што излезе од мрачниот ринг на Кралот Алкохол, туку што суверено стапна и во светлиот ринг на литературата. Неговото дело е комплетно, возбудливо, исповедно, искрено и креативно книжевно остварување, едно вистинско освежувачко духовно и етичко послание!

            Книгата “Како да се победи Кралот Алкохол” на Илија Петрески, апсолутно се препорачува како лектира од најголема вредност за сите социјални и педагошки институции, но таа исто толку се препорачува и како квалитетно, возбудливо, драматично книжевно дело!

            Наместо евтини демагошки пароли, тука читателот ќе најде култивиран, суптилен, длабокоумен соговорник, со големи познавања и хуманистичка инспирираност. Ако сте решиле да ја слушнете вистината за универзалното зло на нашата епоха, наречено Кралот Алкохол, прочитајте ја оваа книга. Ако никаде не сте го пронашле лекот против таа болест, ќе го најдете во оваа книга.

Универзитетски професор

д-р Ферид Мухиќ