%
Во почетокот немаше ништо необично, не гледав ништо лошо во тоа и воопшто не ми сметаше. Но, како времето поминуваше, тој почна почесто дома да доаѓа поднапиен, што е почудно, од тогаш, од за мене непознати причини, почна необично да се однесува Речиси по цел ден беше во кафеаната, од утро до мрак. Понекогаш се однесуваше насилно со мене и со децата, но секогаш ќе се повлечеше кога на вратата ќе се појавеше неговата мајка, кон која имаше посебна почит. Таа многу му зборуваше… дека тоа не чини, дека има вредна домаќинка и прекрасни деца, на кои им треба добар и примерен татко, дека во фамилијата до тогаш никогаш немале пијаница, дека татко му во гробот се превртува од мака… дека… Но, Ристе воопшто не ја слушаше и си продолжуваше по старо! По неколку години, сиротата жена од мака и срам од луѓето, се разболе и умре.
Тогаш дојдоа нашите вистински маки и страдања. Човекот како да поулаве. Дали го мачеше грижата на совеста за смртта на неговата мајка незнам, но во домот, во кој царуваа среќата и мирот, настана пекол. Неколкупати, кога беше трезен, се обидов да му се приближам и да разговарам со него. Почнав да се сомневам дека можеби јас сум виновна за неговото однесување и затоа, побарав да ми каже во што е проблемот, дека сум спремна сé да направам, само да ни се врати поранешната среќа. Наместо одговор, секогаш добивав по неколку воспитни клоци и шлаканици - гледај си ја работата – ќе ми викнеше силно и повторно заминуваше во кафеаната.
Како времето поминуваше, неговото однесување стануваше сé понеподносливо. Во почетокот на ќотекот некако се навикнав, но откако почна да ги малтретира децата, мојата љубов кон него почна да бледнее. Настапи и голема сиромаштија, а тој, скот… кога децата ќе побараа, наместо јадење, добиваа шлаканици. Се мачев како црн ѓавол. Работев сé и сешто, често одев како аргатинка по туѓите ниви, а садев и малку тутун, само некако да ги прехранам децата.
Една ноќ, во малите саати, двајца негови другари по алкохолот, кои беа малку потрезни од него, на раце го донесоа дома, како вреќа со компири, го фрлија на креветот и без збор си заминаа. Му ги соблеков само чевлите, го покрив да не му студи и си легнав во креветот до децата. Утрото рано заминав на нива, а кога се вратив беше веќе заминат во кафеаната. Тој ден цело време нешто ме мачеше, но никако не можев да откријам: што е тоа? Си дојде касно во ноќта, дојде право кај мене, ме грабна за косата и ме крена од креветот!
– Краво низаедна, ќе умреш за спиење. Каде ми е јадењето – викна силно и ме тресна по тилот.
Му ја оставив храната на масата и повторно си легнав до децата. Ги затворив насолзените очи, но во тој момент ми светна мисла, за тоа што цел ден ме измачуваше! Кога минатата ноќ си дојде, тој беше толку пијан, што не можеше ни да ме натепа. Значи… во алкохолот е спасот! Ќе му давам ракија колку што сака, а кога ќе се опијани, само ќе си легни и нема да ме малтретира! А можеби ќе имам среќа побрзо да умри и да се куртулам од маките! Во полето, долж патот, имаше дрва со сливи, кои немаа сопственик и кога имав помалку работа, ги собирав и ги ставав во едно старо буре, а кога дојде време, сварив ракија. Мојот сопруг го пречекував уште на вратата, со шишето во рацете. Тој презадоволем од мојата, божем грижа за него, задоволно ќе се насмевнеше, ќе го грабнеше шишето и пиеше додека не се опие, а потоа без да прави проблеми ќе си легнеше.
Мудрецот рекол дека особина на лошите луѓе е да мислат, дека ви прават големо добро и со самото тоа, што не ви прават лошо. Присилно се насмевнував, како божем навистина сум многу среќна и задоволна од него, кога понекогаш пред луѓето се фалеше дека се променил и дека сега е многу добар. А мојот план почна да дава добри резултати. Човекот заслабна, а неговото пожолтено лице потсетуваше на жив мртовец. Тоа беше добар знак, дека на моите маки им се ближи крајот!
%








