Во Клубот на лекувани алкохоличари владееше необична атмосфера. Ништо не укажуваше дека на состанокот ќе се случи нешто необично, што долго ќе го паметиме. Обично, пред почетокот на секој состанок личиме на деца од училиште, кои ги користат последните моменти, пред да влезе учителот, гласно да кажат уште нешто, што божем е многу важно, а кое заборавиле да си го кажат на одморот. Доаѓањето на нашиот терапевт ги прекина започнатите разговори. Не поздрави сите и седна на вообичаеното место. Помина со погледот по просторијата, како да не пребројува. Задоволно се насмевна и сакаше да отпочне со состанокот. Во тој момент вратата се отвори и во просторијата влегоја маж и жена, на околу шеесетина години.
– Конечно ве пронајдовме – викна радосно жената и двајцата со брзи чекори пристапија до масата, на која седеше докторот.
– Здраво докторе, како сте… машала, добро изгледате – рече со насмевка жената, му ја стегна раката, се наведна и го бакна во образот. Мажот со насмевка на лицето го поздрави докторот, братски го потчукна по рамото и отстапи еден чекор.
Докторот беше вчудоневиден… овие луѓе кон него се однесуваа како да му се најблиски роднини, а тој како воопшто да не ги познава. Нашиот терапевт има компјутерска меморија и затоа бевме збунети од неговата изненаденост.
– Не можам да…
– Знам, не можете да се сетите кои сме ние – го прекина жената и слатко се насмевна. Не е ни чудно, речиси триесет години откако се немаме видено… не е малку време. Но, ќе се сетите на нас, убедена сум во тоа. Случај како нашиот, човек како вас не може да го заборави. Само… незнам дали го избравме вистинскиот момент, бидејќи гледам дека работите. Но, ништо за тоа, вие само продолжете и однесувајте се како да не сме присутни… или, можеби ќе ви биде попријатно да почекаме надвор, додека состанокот да заврши, а потоа со докторот на раат ќе поразговараме.
– Не, не, останете со нас, воопшто не ни пречите – побрза да ги задржи докторот.
Седнаа на најблиската маса. Настана некоја пријатна тишина на исчекување. На лицето од мажот се читаше некое блажено задоволство на победник, слично на задоволството на човекот, кој штотуку го спасиле од бесилка. Неговите весели очи го насочуваа погледот на секој од нас и како да упатуваа некоја порака, која во тој момент не можевме да ја протумачиме.
Жената ја отвори ташната што ја носеше и забрзано пребаруваше нешто во неа. Извади една пожолтена фотографија и радосно воскликна:
– А сега, дали сега ќе не препознаете – радосно извика и му ја подаде сликата на докторот. Тој ги стави очилата за подобро да гледа… долго ја студираше, но на крајот рече дека сепак не може да се сети.
Мажот и жената не го криеја задоволството и од нивните лица лесно можеше да се види дека токму тоа им била целта.
– Добро е, сепак напорите што ги вложивме во овие триесетина години не биле залудни. Ако имате време ќе ви ја раскажам нашата животна приказна и тогаш ќе се сетите, а убедена сум дека и вашите членови, ќе бидат побогати за уште едно необично искуство.
Оддалеку можеше да се види дека не беа обични луѓе… по облеката оставаа впечаток на богати луѓе, беа необично весели, што укажуваше дека уживаат во голема среќа. Во нив имаше некоја чудна, позитивна енергија, така што со самото доаѓање, внесоа радост и топлина во просторијата. Но, што можеше овие луѓе да ги донесе во клубот? Мистериозноста што ја наметнаа внесе забуна кај сите нас, особено кај докторот, кој без да проговори и даде знак на веселата госпоѓа да продолжи.
– Знам дека на сите ви е чудно нашето однесување! Но, откако ќе ја слушнете нашата неверојатна судбина, верувам дека ќе се согласите, дека има и за што да се радуваме. Но, да почнам од почеток…
Сé започна пред 35 години, кога се омажив. Бевме млади и многу се сакавме. Јас како дете бев посвоена кај постари луѓе, кои немаа свои деца и кои починаа кога имав 18 години, а Ристе беше сирак, бидејќи татко му починал кога бил мал. Бидејќи и двајцата потекнувавме од сиромашни семејства, луѓето од селото говореа: за гревота Милева, како ќе живее со нејзиниот Ристе, немаат пипер во очи да си фрлат. Но, мојот Ристе беше домаќин човек! Живеевме заедно со неговата мајка, која беше многу добра жена, така што неколку години сé беше прекрасно. Тој по цел ден работеше разни работи во полето, а јас бев зафатена со двете дечиња што ни се родија.
Тогаш во селото се случи нешто непбично. На излезот од селото, покрај самиот пат, најбогатиот човек од селото отвори кафеана. Во селото се зборуваше дека кафеаната ја отворил за да го има пред очи син му, кој беше најголема мрза, ништо не работеше и времето го губеше седејќи по цел ден во кафеаните во градот. Но, како што стари велат – р’ѓа на р’ѓа се фаќа, а пари на пари… работата во кафеаната добро тргна уште од почетокот. За луѓето од селото тоа беше нешто ново, така што речиси сите возрасни мажи почнаа да одат таму, особено откако газдата се досети и во кафеаната донесе неколку келнерки, така што кафеаната почнаа да ја посетуваат и луѓе од градот. И… за да не остане покусо од другите, во кафеаната почна да оди и мојот Ристе.








