ВО СЕКОЈ ЧОВЕК СЕ КРИЕ ПОБЕДНИК

Од нашиот прекрасен живот во Америка, ќе кажам дека со помош на нашиот роднина, кој ни најде работа, добро се снајдовме и може слободно да се каже дека денес сме добро ситуирани луѓе. Но, уште поважно е што повторно го имаме тоа, што поради алкохолот го изгубивме. Нашите деца завршија школо, станаа добри и успешни бизнисмени и сега се фамилијарни луѓе. Денес сме среќни луѓе, во нашиот дом владее целосен мир и неизмерна љубов. Докторите во Америка извршија пластична операција на лицето од Ристе и можеби затоа др.Мец не можеше да се сети на него. Сигурно си велеше дека ваков убавец немам лекувано. Што се однесува до мене… и јас сум многу попоплничка отколку што бев, кога првпат се сретнав со докторот!

          Насмевката повторно се врати на лицето од жената. Таа ја отвори ташната, извади убаво запакувано кутивче, го отвори и од него извади џепен часовник, со синџирче! Пристапи до докторот и ја стави раката на неговото рамено.

          – Ова е најскромното нешто, што можевме да ви го подариме. Ве молиме да го примите како дар, кој ќе ве потсетува на глупоста, но и на мудроста… на болката, но и на среќата. Нека тоа биде доказ дека времето и просторот немаат никакво значење, кога во срцата од луѓето живее искрена благодарност. Ги врежавме и нашите имиња, за да ве потсетуваат на нас. Сепак, знајте дека денес ние сме во состојба многу повеќе да помогнеме и… само кажете што ви треба!

          – Ви благодарам почитувани пријатели… мене ништо не ми треба, за мене најголемо богатство е среќата на овие и многу други, на кои сме им ја вратиле среќата и радоста во нивните домови! Ништо поскапо не можевте да ми дарувате од тоа што денес, пред апстинентите, покажавте дека животот без алкохол е подостоен за живеење од оној, кој е исполнет со маки и страдања кои ги предизвикува алкохолот. Вашето искуство докажа дека вистинската човекова вредност, во борбата со алкохолната болест, не зависи само од снагата на човековиот разум, туку и од љубовта и грижата на неговото семејство, од снагата на неговата волја, од мотивот за излез од алкохолниот пекол, што најмногу се добива со непрекинато посетување на Клуб на лекувани алкохоличари. Со помош на Клубот, уште на почетокот, Ристе покажа дека искрено верува во методите за лекување на алкохолната болест, стана упорен во тоа што веруваше, бестрашно и храбро чекореше во своето одење напред и успешно им се спротивставуваше на сите искушенија, беше спремен да се соочи и да ги поднесе сите неволји. Среќата и радоста, што денес ги видов на вашите лица е најскапиот дар што можевте да ми го дадете и затоа… не сте морале да се изложувате на трошоци за часовникот. Ви благодариме што ни овозможивте да ја слушнеме вашата приказна… сигурен сум дека вашето необично искуство, ќе им помогне на членовите од клубот во зацврстувањето на нивната волја и тие да издржат во нивната борба со оваа опака болест.

          Секој од нас, кои бевме присутни на овој несекојдневен настан, ја сфати пораката што Ристе, преку својот љубопитен поглед ни ја испрати, уште кога влезе во просторијата! Тој во секој од нас се виде себе си, во секој од нас виде среќен човек, во секој од нас виде победник!