ПОСЛЕДИЦИ ЗА СЕМЕЈСТВОТО ОД АЛКОХОЛИЗМОТ

Семејството претставува основна клетка на општеството, заедница на мажот, жената и нивните деца. Здравјето, животот и живеењето на едно семејство се проценува према успешноста на неговото функционирање, па во таа смисла, семејството може да биде функционално или дисфункционално!

Функционалното семејство е она, што на своите членови им обезбедува психофизичка сигурност, интелектуален и едукативен развој, економска безбедност и правна заштита. Функционалното семејство може да се справи со проблемите што се појавуваат во животот, додека дисфункционалното семејство и помали кризи или проблеми, може да го доведат до блокирање на функционирањето. Бранејќи се од распаѓање, семејниот систем произведува болест кај некои од своите членови!

Сите последици од алкохолизмот се тешки, но сепак, семејните последици се најтешки бидејќи, освен што ги нарушуваат личноста и односите помеѓу сопружниците, оставаат многу длабока трага во развојот на децата. Алкохоличарскиот брак се темели на односот на партнерот-алкохоличар и партнерот-неалкохоличар, нивните деца и евентуално родителите, што живеат во исто домаќинство. Сите тие заедно го сочинуваат алкохоличарскиот систем, во кој сите членови на свој начин придонесуваат за долгогодишно одржување на алкохолизмот кај некои членови на семејството!

Развојот на алкохолизмот во семејно-брачните односи поминува низ неколку фази!

Во почетокот се настојува да се анулира, да се маргинализира проблемот! Екцесите и уживањето во алкохолот се со прекини и во тоа време, сопружниците играат улога на примерни партнери. Сопругата е спремна сé да направи, да се сроди со оваа состојба, па дури и да му прави друштво на својот сопруг во пиењето алкохол. Кон надворешната средина е задржан впечатокот на добар и успешен брак.

        Во понатамошниот развој е обидот да се елиминира проблемот. Кулминацијата на екцеси поради пиењето алкохолни пијалаци, го присилуваат семејството на постепена изолација. Проблемот на алкохолизмот е централен, но се прикрива од децата и од средината. Сопругата не бара помош однадвор и настојува сама да го реши проблемот. 

        Во третата фаза е изразена дезорганизацијата. Сопругата не прави напор да влијае, бидејќи се чуствува немоќно. Децата се вовлекуваат во брачните конфликти, така што и тие страдаат. Сопругата ги одбива интимностите со мажот, поради што тој се чуствува отфрлен. Ова е фазата на хаос и тешко е да се овозможи решавање на проблемот на конструктивен начин. Околината сеуште не го смета за болен.

        По оваа фаза следува реорганизација. Сопругата се обидува да делува енергично. Ја презема улогата на мажот, настојувајќи за децата да биде “и татко и мајка”. Сите прават напори на алкохоличарот да му влијаат во правец на контролирање на пиењето. Доаѓа до извесна рамнотежа во семејството, без оглед на реалните потешкотии, се воспоставуваат релативно стабилни односи, смалувајќи го на минимум влијаењето на алкохолизмот. Присутни се размислувања за барање стручна помош и лекување. Ако не се прифати лекување, се размислува за разделување и развод. Постои можност алкохоличарот да стекне увид за својата состојба и да ги прифати лекувањето. Во оваа фаза лекувањето може да биде многу ефикасно, бидејќи сеуште алкохоличарот е зачуван и телесно и психички, а постои и позитивна емоционална клима во семејството.