Клуб на лекувани алкохоличари

 

Во Клубот на лекувани алкохоличари ќе се чувствувате како да сте во еден рудник и… во него талкате, се симнувате најдолу, па се кaчувате нагоре! Тешките услови за живеење во него, ти нанесуваат многу болки и повреди! Така талкајќи, го додирнувате дното на дното… од вашиот внатрешен живот! Меѓутоа, еден ден наоѓате еден камен… камен со недефинирана форма и изглед, кој ќе ве освои со неговиот сјај и неговиот спектар од бои! Го земате каменот и го понесувате со себе дома. Кога го оставате во вашата мрачна соба… каменот ќе засвети со сиот свој раскош, собата ќе се осветли, а на вашето лице ќе се појави насмевка, за првпат… после долги години! Но, каменот секој ден нема да свети и вие ќе морате да го забришувате, да го милувате, едноставно… да се грижите за него!

Исто така, и Клубот На лекувани алкохоличари ти ја враќа надежта, вербата и силата во тебе, ама само со труд… работејќи на себе, ти ги користиш туѓите искуства, грешки и знаења и… го купуваш за себе најдобриот производ, што ти го нудат искусните членови на Клубот! Клубот не е само раме за плачење, ами Клубот е своевиден Универзитет од каде што црпиш знаење и каде што твојата креативност… која што проблемите предизвикани од пиењето алкохол, длабоко ја потиснале во твојата интима или пак… воопшто си ја немал. Клубот ќе ти подари, покрај репродуктивното знаење… и креативно знаење по твој личен терк! Да се престане со пиењето алкохол и алкохолни пијалаци не е баш лесно, да се сменат сопствените навики, сопствениот начин на однесување… е уште потешко. Посебно тешко е тоа да го направите сами!

Искуството од Клубот на лекувани алкохоличари не научи оти… ако *работиме заедно* ќе биде полесно, многу поконструктивно и… зошто да не – многу поубаво! Сите заедно со клубот ќе можеме… не само да престанеме со пиењето алкохол, туку што е и најважно… ќе го промениме стилот на животот! Сигурно е дека ќе се сретнеме со многу тешкотии и… сите ние заедно со нашите семејства, ќе бидеме тука во клубот да Ви дадеме подршка, знаејќи дека… кога и ние ќе имаме потреба… Вие ќе бидете истотака тука во клубот и… ќе ни подадете рака! Како и во секоја заедница, во секое семејство, во секоја ситуација… каде што се среќаваат многу луѓе, па така и во клубот, постојат принципи! Имајќи ги нив на ум, ќе ни биде многу полесно да чекориме заедно!