Прва посета на Клубот на лекувани алкохоличари

Извадок од мојата книга “Како да се победи Кралот Алкохол”

Збунетост, страв, чекање… Тоа беше првата лекција што Блаже ја научи за борбата со алкохолната болест, за вистината, за својата иднина, а уште повеќе за иднината на своите најмили. Минути, часови, денови поминуваа. Правеше безброј планови. Во главата ги замислуваше сите можни варијанти, од впечатоците на првата средба со луѓето од Клубот. Постојано во себе си ветуваше дека ќе ги промени своите ставови, своето однесување кон алкохолот. Но, итриот ѓавол му го испрати првото искушение. Му внесе во главата мисла, дека веќе успеа да го остави алкохолот… и без посетување на Клубот на лекувани алкохоличари. Таа мисла сé повеќе беше присутна во неговиот мозок. Од друга страна, беше свесен дека никако не смее да го разочара докторот. Неговиот збор за него стана закон. Помисли што направи тој човек за него и неговата Нада и во истиот момент се засрами. “Самата помисла на Клубот ми создава големи тешкотии. Но, дадов збор што мора да го одржам. Ќе го правам само тоа што сум должен да го правам и нема да се грижам за ништо друго. Впрочем, можеби во Клубот многу повеќе ќе ми помогнат туѓите искуства, за да го видам злото што треба да го избегнувам, отколку мојата памет… што е опседната со мојата горделивост.”    
 Точно во пет часот во вторникот, заедно со синот Дарко, пристигнаа пред зградата од Центарот за социјални работи. Блаже неколку минути беше нерешителен, се двоумеше и малку фалеше за да замине.
 – Сине, најдобро е да дојдеме другиот вторник. Ми треба уште време за да се навикнам и во пракса да почнам да ги спроведувам новите сознанија. Верувај ми дека не е така лесно и едноставно.
 – Тато, мора денес да влеземе. Нема да има подобар вторник од денешниов. Те молам, немој да ме разочараш, внимателно го охрабри. Докторот рече дека Клубот ќе ти помогне полесно да ги согледаш туѓите грешки, а со тоа многу полесно ќе ги поправиш твоите.
 По скалите чекореше полека, како да носи оловни тегови на нозете. Го премина ходникот и со страв ја отвори вратата. И конечно, беше таму. Исплашен, збунет и со растреперено срце. Тоа траеше кратко, сé додека неговиот поглед не се сретна со погледот од докторот, кој седеше на чело од големата маса. Го претстави на присутните и го замоли да им се придружи. Часовите на исчекување се претворија во напнатост, напнатоста премина во страв, а стравот го натера подобро да погледне околу себе. Во секој член од Клубот се виде себе си. Тогаш ја почувствува прекрасната атмосфера што ја имаше на ова место. Тоа го натера сé повеќе и повеќе да размислува за својот промашен живот.
 Со наведната глава над масата, внимателно ги слушаше тажните, но и среќните моменти од животот на алкохоличарите. Иако сите со големо внимание се трудеа да бидат паметни и сериозни луѓе, сепак, беа само луѓе. И претседателот на клубот, неговиот пријател Јован, кој трпеливо седеше веднаш до докторот и таинствено молчеше, со љубопитен поглед, како да сака да каже дека има уште многу важни работи што не се кажани. Кога ќе се сретнеше со погледот на Блаже, тој упатуваше насмевка на охрабрување. На неговото лице можеше да се види задоволство што и тој, неговиот пријател, денес е тука. И Валентина, која со многу напор го победи алкохолот, дел од својата животна приказна ја раскажа преку поезија, со прекрасни стихови што допреа до срцата на сите присутни. Во нејзините очи можеше да се види нескриена радост и среќа. И Павле, кој со особено внимание го анализираше ликот од секој присутен поединечно. Подоцна дозна дека тој пишува одлични текстови за борбата со алкохолното зло и дека инспирацијата ја добива во Клубот, главно од своите колеги. И досадниот Илија, што го запозна во болницата, кој цело време настојуваше да биде во центарот на вниманието со истата, одамна излитена приказна. Тој упорно се трудеше со своите глупости да создаде пријатна атмосфера. И Трајан, еден од најстарите апстиненти, кој со особено задоволство говореше за својата апстиненција, оставаше силен впечаток, зашто пораките носеа сила и предупредување до помладите да го следат неговиот пример.
 Сите тие беа обични луѓе со најчовечки надежи и желби за подобар живот. Сепак, на крајот од нивните искажувања, тој забележа дека сите од нешто се плашат. Сите беа опседнати со некој прикриен страв и несигурност, а тоа произлегуваше од очекувањата за среќната иднина. Дури и оние со најдолг стаж во апстиненцијата се однесуваа, како нивната борба со алкохолот само да започнала.