“Delirium tremens”

Три дена се бореше со силната желба да се напие. Кон крајот на третиот ден му дојде мисла дека експериментот успешно го завршил. “Од утре слободно ќе можам да продолжам да пијам. Сега имам доказ дека со пиењето можам да престанам кога ќе посакам. Кога можам три, зошто не би можел да не пијам триесет, педесет, илјадници денови.”

            Во текот на овие три дена кај него се забележуваше голема нервоза и силна главоболка. Беше многу вознемирен, главно, во ноќните часови. Сонуваше кошмарни сонови што кога ќе се разбудеше, веднаш ги забораваше. Како да имаше празнина во сеќавањата. Целиот беше испотен. Чувствуваше треперење по целото тело. Беше убеден дека тоа се симптоми на голема настинка и дека тоа за неколку дена ќе му мине. Пиеше таблетки за главоболката, се надеваше дека ќе помогнат, но ништо од тоа.

            Блаже не беше упатен во симптомите на алкохолната болест и затоа не знаеше дека тоа беа првите знаци на алкохолна криза. Пред спиење главата уште повеќе почнуваше да го боли. Како во шега помисли: “И ова е доказ дека треба да продолжам со пиење. Кога пијам, особено кога сум поднапиен, ништо не ме боли. Го оставив пиењето само три дена и ме фатија триста болести. Сé почна да ме боли.”

            Кутриот човек не можеше, а веројатно и не сакаше, барем пред себеси, да признае дека и дотогаш честопати имаше проблеми со здравјето. Но, сето тоа го припишуваше на алкохолот или на опиеноста од минатиот ден. Наутро чувствуваше малаксаност и гадење, неконтролирано тресење на рацете, а сето тоа исчезнуваше уште со првата чашка. Тогаш добиваше голема сила. Тресењето на рацете престануваше и тоа за него беше доволен доказ дека утринската доза од неколку чашки ракија е најголем лек.

            Ја угасна ламбата и со задоволство во душата легна во креветот. “Од утре ќе можам слободно да пијам колку што ќе посакам. Пред Јован ќе можам да застанам со крената глава. Нема да му дозволам да ми држи лекција како на прваче, како последниот пат.”

            Третата ноќ Блаже доживеа силен напад на делириум. Пред очите му се појави необично црвенило. За момент се избришаа сликите од неговиот мозок. Свеста му беше поматена и никако не можеше да се концентрира. Мислите летаа и тој не можеше да ги задржи. Постојано се префрлаа од една состојба во друга, од еден предмет на друг. Неговата психичка состојба беше крајно драматична, зашто беше исполнет со хаос и халуцинации. Околу него од некаде се јавија безброј змии и глувци. илјадници пајаци лазеа по ѕидовите и таванот, а ги имаше и по целото негово тело. Оваа состојба уште повеќе го вознемири и исплаши. Едноставно, не можеше да продолжи да лежи во креветот. Внимателно чекореше по собата, како да се плаши дека ќе нагази некоја од многуте змии. Одвреме – навреме мавташе со нозете за да ги избрка глувците, што дрско му се качуваа по нозете. Неконтролирано размавтуваше со рацете за да ги турне големите пајаци што лазеа по него. Колку повеќе ги туркаше, тие сé повеќе однекаде се јавуваа.

            Во неговите уши одѕвонуваа неопределени шумови што потоа јасно можеше да ги разбере. Слушаше како многу луѓе нешто зборуваат нешто лошо за него. Па да, тоа се истите оние луѓе кои порано го судеа и го отпуштија од работа. Но, како тогаш да беа поправедни? Сега за него зборуваа најлоши работи. Сите го обвинуваа дека направил страшен злочин. Постојано нешто му наредуваа и се закануваа дека ќе оди на доживотна робија. Блаже гласно се бранеше, а притоа испушташе неразбирливи звуци. 

            Во соседната соба Нада лежеше во креветот. Покрај апетитот, во последно време го изгуби и сонот. Слободно може да се каже дека речиси никогаш не спиеше. Од собата на сопругот слушна тропање. Кога тој размавтуваше со рацете, неколкупати силно удри по ѕидот. Полека стана и со голем напор дојде до вратата. Внимателно ја подотвори и наеднаш се стаписа. Лицето од Блаже беше облеано во пот, црвено од големата температура и тешко дишеше. Постојано мавташе со рацете и притоа испушташе чудни звуци.

            Малку недостигаше Нада да се онесвести од непријатната глетка и стравот. Со солзи во очите и растреперен глас го повика неколкупати.

            – Блаже, што се случува со тебе? Да повикам помош, ако не ти е добро!?

            – Бегај жено, барем ти спаси се! Бегај, змиите тргнаа кон тебе! – одвај разбирливо извика Блаже и продолжи да мавта со рацете и нозете.

            Нада се чувствуваше беспомошно, бидејќи не гледаше начин како да му помогне. Полека стигна до вратата од најблиските комшии и ги замоли да повикаат брза помош.

            Кога стигна лекарската екипа, состојбата со здравјето од Блаже беше многу сериозна. Доби силен епилептичен напад со губење на свеста. Почна да помодрува и силно да ги стега вилиците

            – Да побрзаме и да му го извадиме јазикот! – наредуваше лекарот.

            Нада уплашено седеше на столицата во ходникот, додека докторот во буквална смисла на зборот се бореше за животот на сопругот. Откако се увери дека дишењето од Блаже се нормализира, им кажа на болничарите да го стават на носила и да го однесат во болничката кола, а потоа и се обрати на Нада:

            – Не плашете се, се надеваме дека сé ќе биде во ред.

            Докторот го задржа вниманието на нејзиниот изглед. Со бледото лице, слабото тело и исцрпеноста, Нада наликуваше на жив мртовец. Долги години работеше како лекар по општа медицина и оддалеку можеше да забележи човек со нарушено здравје. Впрочем, во ваков случај не беше потребна многу голема стручност за тоа да се забележи.

            – Дали со вашето здравје е сé во ред? Дали со нешто можам да помогнам?

            Нада полека ја крена главата. Ваквите прашања и беа познати. Сите доктори досега само ја прашуваа, но не ѝ помогнаа. Од дотогашното искуство имаше донесено заклучок дека помош за неа не постои и дека нема потреба да им го одзема времето на докторите.

            – Со мене сé е во ред и не ми е потребна помош. Но, ве молам, вложете напори за здравјето од мојот сопруг, што многу ме загрижува.

            – Не грижете се! Сега е во добри раце. Вие одморете се, а јас ќе се погрижам да добие најдобар третман.

            Докторот излажа. Не сакаше да ѝ ја каже правата вистина. Се плашеше дека ќе ја вознемири, ако ѝ каже дека таа, со навременото јавување, буквално му го спаси животот. Состојбата со здравјето на Блаже беше многу сериозна. Во овој момент не можеше да се предвиди како делириумот ќе се одвива и дали од него ќе има трајни последици по натамошното здравје. Му беше жал да ја оптоварува со црни сценарија.

Извадок од мојата книга “КАКО ДА СЕ ПОБЕДИ КРАЛОТ АЛКОХОЛ”