“Мојот татко алкохоличар”

Ова да ти биде последен пат што крена рака на мајка ми! – викаше Дарко и гласно плачеше. Ајде кога си толку силен маж, стани и удри ме мене. Немам намера да се бранам. Долго време молчам и се однесувам како ништо да не гледам, со надеж дека ќе се освестиш. Но, гледам дека на твојата глупост и нема крај.

            Малаксано седна на каучот и нежно ја гушна мајка му. Солзите непрекинато течеа по неговото лице.

            Нада добро го познаваше синот и затоа беше изненадена од таквата реакција. Знаеше дека е многу мирен и повлечен и затоа не можеше да поверува дека може да направи такво нешто. Уплашено гледаше во некоја точка во подот и тивко липаше. Илјадници мисли ѝ минуваа низ главата. Стравот за судбината на својот единец силно ѝ го стегаше срцето. Што ако Блаже го нападне и него?

            За кратко во собата настана целосна тишина. Таткото, по реакцијата од синот, како малку да си дојде на себе. Молчењето и наведнатата глава јасно укажуваа дека и тој е многу изненаден. За момент низ главата му помина мисла да се пресмета и со Дарко. Јасно и гласно да му даде до знаење кој е главен во куќата. Но, љубовта што во тој момент ја чувствуваше кон синот беше премногу голема. Тоа го натера да се премисли. Не кревајќи ја главата, тивко рече:

            – Сине, ова воопшто не го очекував од тебе. Ти не сакаш, а можеби и не можеш да ја сфатиш мојата мака. Тоа најмногу ме боли. Цело време се трудам да бидам добар татко, да ти дадам, да ти купам сé. Мислам дека ништо не ти недостига и…

            Можеби Блаже имаше намера да набројува колку добрини направил и колку работи му купил на Дарко за да го направи среќно дете. Но, остриот глас на синот го прекина:

            – Да, ти мислиш дека ми даде сé. Впрочем, така мислат и сите кои отстрана го набљудуваат нашето живеење. Вистина е дека ми даде и ми купи сé што ти мислеше дека ми е потребно. Биди убеден дека еден ден тоа двојно ќе ти го вратам, биди сигурен во тоа. Но, не ми го даде тоа што е највредно и што мене ми беше најпотребно – не ми даде ниту грам љубов. Веројатно мислиш дека бев многу среќен кога ми купуваше најубава облека или кога ми го купи рачниот часовник на кој сите другарчиња ми завидуваа. Сите посакуваа да имаат така добар татко, каков што имам јас. Ниту еден од моите другари не можеше да разбере: зошто јас не се радувам? Сите ми даваа до знаење дека тие би биле пресреќни со такви подароци. За да бидам среќен, не ми беше потребен часовник. Ми беше потребен татко кој ќе се грижи за мене. Обиди се да се сетиш кога последен пат имаш разговарано со мене. Сети се кога си ме прашал дали имам некој проблем, дали за нешто треба да ми помогнеш. Не можеш ни да замислиш колку ми било тешко кога гледав како моите другарчиња ги галат и охрабруваат нивните татковци. Тие секогаш беа покрај нив во моментите кога им беа потребни.

            Направи кратка пауза за да земе здив, ги избриша солзите и продолжи:

            – Токму затоа во седмо одделение, кога наставничката по македонски јазик ни даде да пишуваме писмена задача на слободна тема, јас пишував на темата “Мојот татко алкохоличар”. И таму ги напишав сите мои маки и страдања. Напишав за моето несреќно детство. Напишав каков си и дека би се откажал од сé на светот, дека ништо не ми треба, дека мојата единствена и најголема желба е повторно да го имам оној истиот татко, кој беше прекрасен пред да почне да се дружи со алкохолот. За тој текст добив чиста петка и од сите бев пофален. А тебе, тебе те интересираше само одличната оценка. Бев толку наивен, така што мислев дека тоа што јас немам храброст да ти го кажам, можеби ќе ти го каже мојата наставничка. Таа, пак, бидејќи те знае во некоја друга светлина, мислеше дека пишувам за некој близок роднина или комшија. Ниту од моите солзи, што сами течеа по лицето кога го читав текстот пред моите соученици, наставничката не ја сфати тежината што ја носев во душата. Не сфати дека напишав за тебе, не сфати дека ми е потребна помош. Писмената тетратка ти ја оставив на работната маса, со надеж дека можеби некогаш ќе ја прочиташ. Но, гледам дека не си го направил тоа. Сега тоа повеќе и не е важно. Поминаа годините кога некои работи можеше да ги поправиш.

            Повторно направи кратка пауза. Потоа, со глас во кој лесно можеше да се препознае прекор, продолжи:

            – Знаеш, иако често размислувам, никако не можам да најдам логичен одговор на прашањето: како мојот татко, кој знам дека е многу паметен и натпросечно интелигентен човек, не може да сфати дека стигнал до степен на уништување и самоуништување? Во тебе имаше огромно знаење. Се восхитував, се гордеев со тебе. Но, алкохолот во тебе уништи сé. Беше карпа од човек, столб на кој се потпираше нашата среќа. Погледни се во огледало. Ќе видиш дека од тебе денес не остана ништо, туку само бледа сенка од некогашниот гениј. Во овој момент ти не можеш да се грижиш ниту за себе, уште помалку можеш да се грижиш за нас. Алкохолот во тебе го уништи целото знаење. Најтрагично е што го уништи знаењето што за тебе, уште повеќе за нашата среќа беше, а и сега е најважно и најпотребно – како треба да се живее! Токму тоа знаење, откако почна да се дружиш со алкохолот, целосно го занемаруваш и го сметаш за најневажно и најнепотребно. Сигурен сум дека никогаш не си помислил оти ни ја украде слободата. Сите овие години сме твои робови. На прсти чекориме кога ќе си дојдеш поднапиен и безгрижно ќе си легнеш на каучот – да не го разбудиме царот, кој се одмара од “тешката” работа. Знаеш ли дека заради тебе јас и мама повеќе не разговараме, туку се разбираме со мимики. Стравот што ми го внесе во душата е толку голем, што често се фаќам себе си како шепотам кога разговарам со другарите. Има уште безброј моменти на кои можеби треба да ти укажам. Но, немам повеќе сили. Жал ми е и за тоа што го кажав, но морав тоа еднаш да го направам. Повеќе не можев да издржам. Алкохолот толку те заслепи, што не можеш да видиш дека ниту ти живееш, ниту нас нé оставаш мирно и среќно да живееме. Се надевам и од длабочината на душата посакувам, кога еден ден навистина ќе се освестиш, ќе можеш да ги сфатиш нашите страдања, ќе ја сфатиш болката што со секој твој потег ни ја нанесуваш. Можеби тоа ќе ти помогне да ја прифатиш старата мудрост׃ плачот се слуша без обѕир дали тепаш, или тебе те тепаат!