Свеста за брачната должност

Во мислите ја обнови пријатната страна на животот. Ги затвори очите. Во истиот момент се присети на минатото и во мислите ѝ се појавија безброј слики од оној среќен период на животот, во кој централно место имаа Блаже и Дарко. Патуваше заедно со своите најмили во светот на фантазијата, што тогаш целосно ја обземаше. Тоа ѝ помогна макар и за кратко, дури и само во својата фантазија да заборави на страдањата од реалниот живот. Звукот од отворањето на вратата ја врати во реалноста. “За момент помислата на среќата ме однесе во облаците. Но, се врати мојот мачител, мојот Пилат. Тој ќе ме сметне на земја.”

            Не беше свесна колку беше во право кога ја кажа последната реченица. Навистина, Блаже во буквална смисла ја сметна на земја. Шантрајќи се влезе во собата. Кога ја виде со писмото и сликите во рацете, збесна. Дојде до неа и ги грабна сликите од нејзините раце. Притоа и удри неколку шлаканици од кои сиротата жена падна на подот.

            – Уште ли ќе ме мачиш со тој никаквец. Избега како предавник, а сега мора и неговиот лик да го гледам за да ме измачува.

            Со гнасење ја заврти главата за да не погледне кон сликите и истовремено се обиде да ги искине на парчиња.

            Нада не очекуваше ваква реакција од сопругот. Тој досега никогаш не беше толку агресивен. Уплашено седеше на подот. Но, кога ја сфати неговата намера, силна болка ја штрекна во душата. Скокна како лавица од подот, ги грабна сликите од неговите раце и го турна кон масата.

            – Како се осмелуваш така да зборуваш за нашиот ангел. Сликите не ги давам. Ќе мора да ме убиеш за да ги земеш од моиве раце, избезумено плачеше таа.

            Потоа, без да го погледне, замина во својата соба. Додека ги криеше сликите, неколкупати погледна кон вратата со страв дека тој може секој момент да влезе и да види каде ги крие. Почека неколку минути. Но, кога не слушна никаков звук, се врати во дневната соба.

            Блаже лежеше крај масата. Кога паѓаше, со главата удри на ивицата од масата. Крв му течеше по лицето. Можеби од ударот, но најверојатно затоа што беше премногу пијан, десетина секунди промавта со рацете лево-десно, како да се брани од нешто, а потоа цврсто заспа. 

            Кога виде во каква состојба се наоѓа сопругот, Нада заборави на сé што се случи пред само неколку минути. Кај неа, во истиот миг, се вратија човечките чувства. Инстинктивно надвладеаја доблестите – свеста за брачната должност. Брзо прииде до него и внимателно му ја подигна главата, па ја стави на перница. Зеде една чиста крпа и нежно му ја избриша крвта од лицето. Не можеше да го однесе на креветот. Му ги соблече само чевлите. Посла неколку кебиња на подот, а потоа го преврте на нив и го покри со јорганот.

            Потоа замина во својата соба. Легна на креветот и долго гледаше во темнината на ноќта. Тагата за нејзиниот Блаже, што и се јави во срцето, ѝ нанесуваше неизмерна болка. И, можеби токму поради неговата бедна состојба, таа заборави на сите навреди. Во себе му прости за ударите и многу го сожалуваше. Во срцето и се роди необично чувство. Можеби ако не љубов, тогаш тоа беше спомен на љубовта кон мажот, кој беше татко на нејзиниот син.

            Откако Дарко замина, ова беше прв и последен пат Блаже да крене рака на Нада. Навистина, тој во поголемиот дел од денот беше пијан, но имаше некој воспоставен ред на однесување. Во домот неговите основни потреби: јадење, пиење, перење и пеглање беа целосно задоволени. Немаше потреба да доаѓа во каков било конфликт со својата сопруга. Кога ќе си дојдеше дома, легнуваше да отспие. Потоа повторно заминуваше во кафеаната.

            Следниот ден кога се разбуди главата многу го болеше. Не се сеќаваше на ништо од тоа што се случи минатата вечер. Не се зачуди многу што се најде во таква положба. Не му беше првпат да спие на подот. Раната над десната аркада многу го болеше. Кога Нада го донесе јадењето и го ставаше на масата, Блаже, како да бара некакво оправдување, рече:

            – Изгледа дека вчера ја претерав. Не се сеќавам дури ни кога и каде паднав. Побарај ако има нешто да ѝ ставиме на раната.

            Во неговото признание за тоа што го направил не постоеше чувство на каење. Напротив, како да беше сигурен дека нема причина за срам и каење, а најмалку дека за тоа треба да биде казнет. Едноставно, како да очекуваше награда што собрал храброст да признае дека направил нешто лошо.

            Нада не можеше да најде начин да му каже за тоа што се случи. Многу се плашеше за сликите. Затоа, неколкупати ги криеше на различни места, од страв тој да не ги пронајде.