СЕЌАВАЊАТА НА ЕДНО ДЕТЕНЦЕ ЗА ЖИВОТОТ СО ТАТКО АЛКОХОЛИЧАР

СЕЌАВАЊАТА НА ЕДНО ДЕТЕНЦЕ ЗА ЖИВОТОТ СО ТАТКО АЛКОХОЛИЧАР

Беше тоа еден ладен зимски ден. По два месеца престој во болница докторите констатираа дека моето здравје е подобрено до таа мера за да си одам дома. Дојде мајка ми да ме земе и тргнавме кон дома. Не ја прашав за татко ми затоа што знаев сè.
Од долгиот пат кој го поминав од болницата до дома и од заглушното бучење на автобусот добив силна главоболка, па штом пристигнав дома веднаш посакав да си легнам и да се одморам. Легнав на креветот и не ни забележав кога сум потонала во сон. Одеднаш ме разбуди силен тресок на стакло. Веднаш скокнав од креветот и во полусвесна состојба го забележав него-татко ми. Седеше на столот до масата со ококорени и крвави очи, а јадењето беше на масата полуистурено. Веднаш сфатив, повторно е пијан. Оваа негова постапка моментално ме рассони. Главата сеуште многу ме болеше. Посакав да му кажам дека ме пуштиле од болница и дека сега сум добра и ќе бидам некое време дома, но, тој воопшто не го ни забележа моето присуство дома. Кога го тргнав ќебето од мене и сакав да станам забележав дека постелата е цела со скршено стакло и ќебето беше мокро. Станав од креветот внимавајќи да не се исечам од искршеното стакло и забележав на ѕидот до креветот мокра дамка. Сфатив дека татко ми повторно скршил некоја чашка. Но, едно нешто не можев да сфатам, како можеше да не го забележи моето присуство. Го гледав а не можев да им верувам на сопствените очи, повторно беше пијан, целата соба мирисаше на ракија а од неговите очи извираше “бес“, или барем мене така ми се чинеше. Тој негов пијан поглед ми влеваше страв во коските, го мразев тој поглед, го мразев тој мирис на ракија, го мразев и него….. Набрзо домот се претвори во пекол…. Пијаниот татко воопшто немаше обѕир кон тоа дека штотуку излегов од болница и дека после двомесечно болничко лекување сум дома, тој повторно го правеше истото што го правеше кога беше пијан, домот го претвараше во пекол….
Стоев во ќошот од собата и со солзи во очите тивко ги набљудував страшните сцени кои се одигруваа пред моите очи. Телото ми трепереше од страв како струја да поминуваше низ мене, не можев да го контролирам треперењето на рацете и нозете, срцето силно ми чукаше а во стомакот чувствував грч кој ми предизвикуваше нагон за повраќање. А имав само седум години. Се прашував “Зошто го прави сето тоа?“….