ЖИВОТ СО ТАТКО АЛКОХОЛИЧАР

ЖИВОТ СО ТАТКО АЛКОХОЛИЧАР

Беше тоа една вечер, кога го чекавме да си дојде. Веќе беше поминало 22часот и, иако знаевме дека повторно ќе си дојде пијан, сепак го чекавме да си дојде… за заедно да вечераме. Но, тој не дојде. Јадевме колку што јадевме и легнав на креветот. Никој ништо не зборуваше, во малата и темна соба, се слушаше само отчукувањето на часовникот. Зенесено го слушав тој ритам на часовникот, обидувајќи се да ја разберам таа “мелодија“! И, така занесена во звукот, сум заспала.
Одеднаш ме разбуди тропање на надворешната врата. Веднаш скокнав од креветот: знаев дека е тој и… дека повторно е пијан! Погледнав во часовникот, а тој отчукуваше два часот по полноќ… глува доба во ноќта! Кога мајка ми ја отвори вратата, пред неа стоеја две момчиња, кои го држеа татко ми – “мртов“ пијан! Тој не можеше да стои на своите нозе. Момците го држеа под рамењата, а неговата глава беше клапната надолу. Не гледаше, очите му беа затворени! Нозете ми се пресекоа од страв, кога во видов во таа состојба… помислив дека е мртов!
– Го најдовме во реката – рече едниот од нив.
Нешто како да ме гризна за срцето, кога го слушнав ова. Веднаш го замислив татко ми легнат во водата, пијан и безпомошен. Ужас ме фати и солзи ми надојдоа во очите, кои не можев да ги сопрам. Го довлечкаа до креветот, а тој не одеше на своите нозе, туку ги влечеше. Беше ужасно да се гледа оваа слика. Веднаш го ставија на креветот и, заминаа. Тој лежеше беспомошно на креветот, нозете му беа цели во кал, а од неговта широко отворена уста, излегуваше смрдлива реа на ракија. Го мразев тој ужасен мирис, го мразев од дното на душата! Го гледав со солзи во очите, лицето му беше бледо и болно, а на краевите од устата имаше бела пења. Ми падна жал за него, кога го гледав како лежи така безпомошен. Набргу целата соба замириса на неговиот пијан здив. Го покрив со ќебе и легнав. Ја ставив главата во постелата за да не го чувствувам мирисот кој излегуваше од неговата уста. Солзите непрекинато ми течеа и ја мокреа мојата перница! Постојано се прашував истото прашање: “Која е таа страшна, зла сила што владее со неговиот разум… Зошто го прави ова…?“