ИНВАЛИДИ… БЕЗ ИНВАЛИДИТЕТ!

– Син на татко… што да ти купам за доручек: бурек, киснато, лиснато… — Ма остави ме на мир, гледаш дека спијам – се дере синот и се завртува на другата страна.
– Ти го оставив ручекот на масата… јади побрзо да не се излади – го бакнува мајката замижаното синче и заминува на работа!
– Добро мамооо, не сум гладен… досадна си… тоа па тоа секој ден – силно вика синчето и ги затвора очите!
– Убав тој на дедо, еве ти пари… само што пристигна пензијата!
– Стави ги до компјутерот и заминувај – вели внукот со затворени очи!
Околу пладне:
– Ајде другар, среди се малку и да излеземе, времето е многу убаво!
– Не можам да станам! Старците си легнаа порано, а јас до касно играв на компјутерот! Оди сам… јас ќе поспијам уште малку!
Вечерта, кога мајката се враќа од работа:
– Ама сине мајкино, па ти не си го ни допрел јадењето! Да не те боли нешто мило мое!
– Ти разбираш ли дека не ми се јаде и… гледаш ли колку сум зафатен!
– Ама така целосно ќе се уништиш!
– Стопати сум ти рекол така да не разговараш со мене!
И, така во круг! Таткото со страв го носи бурекот до креветот – детето да не се мачи и… да не ги троши нозете до продавницата! Мајката ја средува собата, поставува јадење, кое синот често не го ни погледнува, бидејќи е преокупиран со многу важни и големи работи… игра игри на компјутерот и… го живее својот интернет живот! Екстра, бум, трес, ааа, уууу, ојееее, ок… значи, лудило!
Ова е описот на својот животен тек на еден алкохоличар! Рече дека е среќен што не посегнал и по дрога! Класична зависничка структура на личноста, неспособна и неприпремена за самостоен живот! Ништо повеќе не може да му наштети на детето, како “љубовта” од родителите и целосното попуштање… кога се поставуваат кон детето, како тоа однапред сé знае, а тие… тие ништо не знаат! Во меѓувреме, тоа дете наполнило триесетина години, а и понатаму добива доручек вкревет, за кој никогаш ни благодарам не вели, уште и полудува… ако некоја минута порано го разбудат!
Има многу вакви примери, како од сопствените деца, во помала или поголема мера, родителите создаваат инвалиди… без инвалидитет! Или ги корумпираат со пари, како “врв на љубовта” или… “им ги сечат рацете и нозете”… со својата попустливост! Аргументите на родителите се, дека тие ништо од тоа немале во нивната младост, дека многу се измачувале, па… барем да не ги тргаат истите маки и нивните деца!
Ако на своето дете непрекинато му даваш повеќе, отколку што навистина му е потребно, со тоа го навикнуваш на нешто, за што тоа со ништо не возвратило! Му ги врзуваш рацете, со сопствени сили да се избори… за тоа што му треба! Се создава навиката “лесна работа, тоа не е никаков проблем” и… кога тоа ќе се примени на животот, надвор од домот… се појавуваат вистински проблеми! Наместо потешкиот, секогаш се избира полесниот пат, се повикува алкохолот или дрогата да им ги олеснат страдањата, се убива љубопитноста кон активностите, кои вреди да се набљудуваат и, можноста… за создавање на самостојна личност!
Таткото, наместо да биде човек со јака волја и цврст карактер, секогаш спремен да биде столб на семејството, кој ќе го има последниот збор во домот… станува предмет на потсмев и слуга на детето! Мајката исто така! За бабата и дедото и да не зборуваме – “Ма што знаат тие, глупави старци, будали, фосили…”
И, така со години – сите се глупави, лоши, вакви или онакви… додека господинот или госпоѓицата не се налеат со алкохол или, ќе се надуваат со дрога и потоа… им е многу полесно! Сé за нив е расипано, пропаднато, бесмислено, сé ги замара, не сфаќајќи дека, пред сé… така е во нивните глави и… тоа се тие, чие однесување придонесува за нивните несреќи и… им ја убива волјата за живот!