ПОБЕДЕТЕ ГО АЛКОХОЛОТ – ПРОНАЈДЕТЕ ЈА СРЕЌАТА

ВОВЕД
Триесет години бев заробен во алкохолниот пекол, бев изгубен во времето и просторот, бев глупав, се наоѓав во длабок сон… триесет години бев умрен! Безгрижно патував низ пеколниот алкохолен лавиринт и за жал заедно со мене и, заради мене, патуваа и моите најмили. Освен моите најмили – сопругата и децата, речиси сите други кренаа раце од мене. Никој не очекуваше дека ќе сакам, уште помалку дека ќе можам да се ослободам од мојот најголем непријател – алкохолот. Токму тогаш… се случи чудо! Нашиот милостив Бог ми ги отвори очите и за првпат во животот на случувањата околу мене погледнав со очите на вистината. Се згрозив од самиот себе и конечно сфатив: на таквиот беден, мизерен живот мора да се стави крај. Во тие моменти не знаев што е тоа алкохолна болест, не знаев кои чекори да ги направам, не ги знаев тешкотиите што ме чекаат на патот што треба да го изодам, за на крајот да бидам победник. Заради моето пијанство речиси целосно ја изгубив довербата кај луѓето, а имав многу грешки и гревови кои ме оддалечуваа од Бога. Значи, не можев да се потпрам ниту на човековата добрина, ниту на Божјата милост.
Нека секој биде убеден дека воопшто не е лесно кога човек ќе воскресне по триесет години. Посебна тежина создава фактот што, додека чмаев во пеколот, ги срушив речиси сите мостови што ме поврзуваа со живото ткиво на светот. Сфатив дека од тој момент ќе морам самиот да се соочам со секојдневните проблеми на кои ќе наидувам. Со алкохолот, со тој невидлив, но страшен непријател ќе морам да се борам и да го победам по секоја цена, дека дури ни во шега не смеам да помислам да му се вратам на поранешниот начин на живот. Во тој преоден период во мојот живот (преоден од животинското кон човечкото), низ главата ми поминуваше само една мисла: да ги поправам работите кои можат да се поправат, а оние кои не можат да се поправат, никогаш во животот да не ги повторам. Најмногу ме измачуваше грижата на совеста. Залудно го потрошив најубавиот период од мојот живот и токму затоа беше потребно да најдам начин, за да го надоместам изгубеното. Единствена идеја која што ветуваше барем мала сатисфакција беше одлуката, остатокот од животот да го посветам во помагање на луѓето полесно да го најдат патот за излез од пеколниот алкохолен лавиринт. Со тоа ќе се оддолжам кон луѓето, а посебно ќе се оддолжам кон Бога, ќе му заблагодарам за добрината и трпението што ги имаше со мене. Седам и пишувам за последиците кои се предизвикани од алкохолот. Неверојатни мисли ми поминуваат низ главата кога трезен понекогаш седам во друштво со пијани луѓе. Ги гледам и се прашувам: дали има каква било убавина во тоа што го гледам? Од помислата дека некогаш бев истиот како нив, секогаш се срамам од самиот себе. Тогаш се прашувам: како трезните луѓе ме гледале мене? Решив искуствата и сеќавањата од бурно поминатите денови под дејство на алкохолот и среќата од новиот живот без капка алкохол да ги запишувам. Си дадов себе си право да гледам и да судам, да мерам и да проценувам, да споредувам добри и лоши искуства. Од денот, откако престанав да се дружам со алкохолот сум среќен, пресреќен човек. Преку таа среќа која се претвори во злато, им помагам на луѓето кои сега се во ситуација во каква што и јас некогаш бев… ги враќам долговите кон Бога! ОН мене ми помогна, јас сега враќам!
Секој човек, кој што има какви било проблеми предизвикани од алкохолот – за себе или за член од семејството, како и секој оној, кој сака да им помага на луѓето околу себе да ги надминат последиците предизвикани од алкохолот, нека ја прочита оваа книга. Алкохолизмот е болест како и секоја друга болест и, само со правилен пристап кон проблемите, тие најлесно можат да се надминат. За сите прашалници во врска со последиците од алкохолот, кои се во вашата глава одговори ќе најдете во оваа книга.
Во романот “Победете го алкохолот – Пронајдете ја среќата” се обидов и мислам дека успеав да ги разјаснам тајните на алкохолизмот, посебно да го потенцирам патот што води кон светла, среќна иднина.