ЗА АВТОРОТ

Телефон за контакт – 075 985 772

email – petreski_i@hotmail.com

Роден сум 1956 г. во Прилеп. Со алкохолот почнав да се дружам од детските денови. Лекувањето од алкохолната болест го започнав во јануари 2002г. во Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав Живот” од Прилеп и одтогаш сум цврст апстинент.

Триесет години бев роб на моите лоши навики, триесет години ја ставав мојата слободна волја во нивна служба. Со моите постапки управуваа моите неограничени желби и моите страсти, недоволното знаење и лакомоста, но најголем тиранин од сите беше мојата навика за пиење алкохол. Денес одлучив во себе да ги заменам лошите со добри навики и без размислување станав нивни роб. Моите лоши навики мораше да бидат искорнати од моето срце, се изораа нови, поубави бразди во мојата душа, во кои се фрли семе на добрината, љубовта и човекољубието.

Пред седум години целосно се откажав од алкохолот, се откажав од тој промашен начин на живот, признав дека животот под дејство на алкохолот не е живот, туку нешто што само наликува на живот. Започнав нов живот, повторно се родив, а местото на моето второ доаѓање на овој свет беше Клубот на лекувани алкохоличари. Со секоја посета на клубот собирам зрна на мудроста, кои во клубот ги има доволно за сите. Седум години во себе го собирам семето на успехот, собрано во секое зрно, во секој волшебен збор на нашите терапевти и чувствувам како новиот живот протекува низ мојот крвоток со се поголема убавина. Патот што го одбрав ми овозможи безброј нови можности, но сепак, свесен сум дека на тој пат ќе ме следат многу тешкотии.

Тоа ме тера често да си го поставам прашањето – што можам да направам јас, кој најубавите, најплодните години од својот живот ги поминав заробен, заспан во алкохолниот пекол, што можам да направам за да го отплатам долгот кон моите најмили кои целото тоа време стрпливо го чекаа моето покајување, што можам да направам за да оставам нешто трајно и корисно, со што ќе посведочам дека воопшто сум живеел? Борбата што ја започнав воопшто не е лесна и затоа знам дека ќе морам да докажам пред другите, што е најважано, да докажам пред себе си дека сум во состојба да издржам, бидејќи наградата е голема за оние кои ќе издржат до крај. Нема да се препуштам на очајот и пропаѓањето, бидејќи знам дека во себе веќе го имам тоа што ми е потребно за да ги достигнам радоста и среќата. Денес, откако станав вистински покајник, кога искрено си го поставувам ова прашање и кога барам одговор на ова прашање, секогаш доаѓам до заклучок дека не смеам повеќе да се лажам себе си, туку да го правам само тоа на што ме тера мојата совест и мојот разум, дека единствено само ако не би се лажел себе си, ако ја скротам својата горделивост и ако живеам во љубов и мир со луѓето, тогаш ќе откријам што, каде и како да правам. Откако почнав во дело да ги спроведувам овие заклучоци, богато сум награден затоа што сум храбар, затоа што не се исплашив од заклучоците на разумот и совеста, туку се пробивам по трнливиот пат во борбата со алкохолот така, како што тие ми налагаат. Денес, откако станав вистински покајник, одговорот на ова прашање ми изгледа многу лесен – со рацете, нозете, со разумот и срцето, со сето свое знаење и искуство стекнати во седумгодишната апстиненција, да почнам да помагам во градењето на поубав свет за живеење од денешниот, свет ослободен од најголемото зло за целото човештво – алкохолот.

Откако престанав да се дружам со алкохолот, моите денови се разликуваат од оние во минатото. Во такво блескаво расположение, понесен и од мотивот за успех во борбата со алкохолот по секоја цена, за првпат сите добри страни на животот, кои поради мојата заспаност од алкохолот долго време беа скриени од мене, денес можам целосно да ги согледам. Благодарејќи на цврстата волја да издржам до крај во мојата борба со алкохолната болест, резултатите што денес ги постигнувам се подобри од кога било досега, времето многу побрзо ми поминува и, со помош Божја, ако волјата и желбата за успех во борбата со алкохолното зло не ме напуштат, сигурен сум дека ќе бидам од многу поголема корист за себе и за сите други луѓе кои ќе изразат желба да го пронајдат патот за излез од пеколниот алкохолен лавиринт.

Уште од почетокот на моето посетување на Клубот на лекувани алкохоличари, станав потполно свесен за мојата несреќна состојба со целосна бистрина, станав свесен зошто за мојот несреќен живот се толку важни терапевтите, тие за мене дотогаш, непознати луѓе. Тие беа мал прозорец, мал светол отвор во темнината на мојата душа, исполнета со став од иднината, тие беа спас и пат кон слободата. Терапевтите ме научија да живеам, ме научија како да ја победам смртта која се повеќе се приближуваше. Тие со своето знаење и искуство го допреа моето замрзнато срце и тоа под допирот на животот повторно процвета, иако веќе беше осудено да се распадне во прашина. Од каде извираше нивната сила и магија, од кои таинствени причини тие за мене добија толку посебно значење, за тоа не сакав да размислувам и не ми беше важно да дојдам до тоа сознание. За мене беше важно што тоа ми донесе голема радост, мене, веќе отрезнатиот човек кој веќе одамна ништо не очекуваше и на ништо не се радуваше. Мојата душа што дотогаш беше скршена од болка и тага, повторно заживеа и почна сонливо да ги раширува закржлавените крилја.

За да издржам во мојата најтешка борба во животот, посебно сум мотивиран од однесувањето на мојата сопруга, посебно сум и благодарен за нејзината несебична безрезервна подршка, благодарност затоа што имаше сила да ги издржи сите удари, сите мои грешки, глупости и пропусти во животот, да го одржи семејството. Со паметен маж може да живее, да управува и глупава жена, но да живее, да управува со будала каков што бев јас, може само многу паметна жена. Дури и денес не можам да сфатам, како на мојата сакана сопруга и успеа толку долго да го трпи и поднесува моето неподносливо однесување. Беше со мене и ме храбреше во моментите на моите најголеми несреќи, во моментите на најголемата тага. Денес знам колкава болка носела во душата и колку и било тешко да ме гледа како жив мртовец, беспомошно и тажно да гледа како секојдневно пропаѓам во мојата глупост. Денес таа не е само жена со која ја делам брачната постела, туку мој најголем пријател и мој животен сопатник, човек чиј живот вреди многу повеќе од мојот. Мојата благодарност за се што направи за мене и за целото семејство ја зацврсти мојата љубов, ја зацврсти мислата во мене дека ќе ја сакам и кога ќе остари, а и тогаш кога ќе биде старица, бидејќи докажа дека е способна на нашите деца да им пружи и таткова љубов и внимание, ако случајно умрам.

Колку повеќе сознанија добивав за алкохолната болест и борбата против неа, се повеќе бев убеден дека мојата задача не е само да го менувам мојот живот, како што мислев на почетокот, туку, колку што можам, да ги искористам многуте сознанија стекнати во Клубот на лекувани алкохоличари за да влијаам на подобрување на животот на алкохоличарите. Сфатив дека освен за свое добро и среќа во животот, секој човек е должен недвојбено да помогне за доброто и среќата на другите луѓе. Секој човек треба да ја надмине излитената фраза, дека во борбата за опстанок се дозволени сите средства, излитената фраза дека секој човек треба повеќе да се сака себе си, отколку другиот. Во ова тешко време, многу луѓе на животот гледаат како на борба во која посилниот го уништува послабиот и затоа им изгледа дека единствено разумно е да ги грабнат сите задоволства, кои им се достапни, кога ќе им се пружи шанса за тоа. За да ја оправдаме борбата за опстанок што се води во животинскиот свет, треба да знаеме дека човекот има вродена љубов кон своите блиски, дека е повикан со својот разум и со целата своја природа, да придонесува за доброто и среќата на целото човештво. За оној, кој навистина страда заради страдањата на луѓето околу себе станува јасен, едноставен и лесен начинот за уништување на злото кое го опкружува, а за исправноста на својот живот и на своите постапки, потврда ќе најде во една од двете најголеми Христијански заповеди: “Сакај го својот ближен како себе си.”

Често размислувам и се обидувам да ја разберам мојата судбина и морам да признаам дека не успевам во тоа. Понекогаш се прашувам: како размислува Бог за моите мисли и намери да им помагам на алкохоличарите во нивната борба со алкохолната болест, во која толку искрено се вклучив. Замислувам и искрено се надевам дека пред се, би ми честитал на мојата храброст отворено да се соочам со алкохолното зло, на цврстата одлука да го напуштам алкохолниот пекол и да живеам достоен живот. Да се посвети остатокот од животот на давање помош на другите луѓе, особено на алкохоличарите, со мудри совети и поуки извлечени од животот, искрено да се трасира патот кон успехот и непрекинато да се укажува на тој пат, за и другите да можат да успеат, веројатно и без никаков сомнеж е достојно дело за секаква пофалба.

Само невидливата моќ на љубовта е во состојба да ги отвори срцата на луѓето и затоа треба да ја совладаме таа вештина, бидејќи без љубовта многу малку или воопшто нема да се разликуваме од животните. Само љубовта и доблестите кои се раѓаат од неа можат да ги спасат чуѓето од секое зло, особено од алкохолното зло. Вистинските ефекти од љубовта, во борбата со алкохолната болест, не можат да се исполнат само со зборови, туку секогаш најголем ефект имаат преку човековите дела.

Пишувањето на темата алкохолна болест стана мое најсилно оружје против ова најголемо зло за целото човештво. Преку моите текстови се обидувам да им помогнам на сите луѓе, особено на младите луѓе, кои од разни причини тргнале или веќе се наоѓаат во алкохолниот пекол, како полесно да го најдат патот кон својата среќна иднина за себе, особено за нивните најмили кои најмногу страдаат.

Ќе бидам многу среќен ако тоа што го пишувам би им користело на луѓето толку, колку што јас тоа го посакувам во моментите на мојата воображеност. Љубовта и човекољубието ме мотивираат уште повеќе да се трудам да им помагам на алкохоличарите, до последниот здив, да продолжам во борбата со алкохолната болест со уште поголема сила, а по тој пат ме води мислата на мудрецот кој вели: “Треба да зборуваш од голготата, да се крунисаш со вистината за страдањата, уште подобро со смртта.” А јас се заколнав пред себе си и пред Бога дека мојата борба со алкохолното зло ќе ја водам до крајот на животот и ништо нема да ме поколеба во тоа. Ќе бидам среќен што повеќе луѓе да го следат мојот пример.

Велат дека постапките и делата на еден човек се само мала капка во морето. Кога се прашувам: што корисно можам да направам со моите постапки и дела и каков може да биде резултатот од така ситна капка во морето, од моите лични ставови, намери и дела, од мојата борба во морето на борбата со алкохолот, секогаш доаѓам само до еден заклучок, кој можеби се граничи со фантазија, но сепак, барем за момент многу ме усреќува – искрено посакувам во иднина да има безброј капки кои еден ден ќе се соединат и ќе се претворат во голем океан, кој ќе помогне луѓето да загосподарат со скапоцениот бисер на братскиот, вистинскиот човечки живот, кој ќе помогне секој човек да живее во среќа, радост и мир, да живее достоен живот ослободен од својот најголем непријател – алкохолот.

Ако сте решиле да ја слушнете вистината за универзалното зло на нашата епоха наречено, Кралот алкохол, прочитајте ги моите книги “Како да се победи Кралот Алкохол” и “Исповед на еден алкохоличар”. Ако никаде не сте го нашле лекот против таа опака болест ќе го најдете во овие книги.