АЛКОХОЛИЗАМ


Плашејќи се од болката, што доаѓа при решавањето на проблемите, речиси сите луѓе, во помала или поголема мера, настојуваат да ги избегнуваат, надевајќи се дека тие сами од себе ќе се решат, ќе исчезнат, дури честопати се однесуваат, како проблемите воопшто да не постојат. На секој разумен човек му е потполно јасно, дека проблемите нема да се решат со изјавите, дека тоа не се нивни проблеми, ниту со очекувањата дека некој друг, ќе ги реши наместо нив. Се разбира, за да не мислат на проблемите и полесно да заборават, многу луѓе на помош го повикуваат нивниот спасител – ѓаволот, кој им го нуди алкохолот како лек, за да ги заблуди и зашемети и во таквата заблуденост да заборават на болката, што проблемите ја носат.

          Иако проблемите, што животот ги носи, треба да се решаваат со ладна глава и ова звучи крајно логично, многу луѓе не се способни тоа во целост и правилно да го разберат. Тоа им се случува најмногу заради нивното внатрешно одбивање, искрено да ја прифатат одговорноста за своите проблеми, пред да почнат да ги решаваат. Возвишената молитва вели: Променете ги нештата, што можат да се променат, прифатете ги оние, што не можат и имајте мудрост, да го разликувате доброто од злото.

          Откако јас ги прифатив овие универзални идеи и ги направив составен дел од мојот живот, воопшто не ми беше тешко да се здобијам со Господовата милост. Потребно беше само моето искрено каење и силна омраза кон оние дела, со кои јас, сосема оправдано, триесетина години, бев предмет на Господовиот гнев.

          Почитувани, сите Вие, кои ја отварате оваа страна. Во наредните неколку текстови ќе Ви го прикажам сонот на еден алкохоличар, предизвикан од грижата на совеста, која непрекинато го измачува. Се надевам дека и овие текстови ќе го задржат Вашето внимание и ќе продолжите, со Вашите коментари, кои многу ми помагаат, да се збогатат и моите сознанија за борбата со алкохолизмот.

- Да се ожениш значи своите права да ги преполовиш, а должностите да ги удвоиш. Шопенхауер

- Бракот е единствена авантура достапна на кукавиците. Волтер

- Ако се плашиш од осаменост – не жени се. Чехов

- Земете жена која не верува во тоа што го гледа. Валери

- Светот би бил посреќен кога сите жени би биле мажени, а сите мажи неоженети. Салти

- Бракот во некои случаи е страшна заблуда од една, а страшна лага од друга страна. И.Андриќ

- Бракот за сиот живот соединува две суштества, кои воопшто не се познаваат. Балзак

- Грешките на жените, во исто време се побуна против егоизмот, негрижата и неспособноста на нивните мажи. Балзак

- Бракот најчесто се состои од еден лажго и еден насилник. Јован Дучиќ

- Мажите од жените кои ни се допаѓаат, секогаш се глупаци. Ж.Фејдо

- Кога мажот ќе се ожени со помлада жена, личи на човек кој купил убава книга, за да ја чита друг. Томпсон

- Натепај ја жената секое утро; ако самиот не знаеш зашто, таа сигурно ќе знае. Арапска поговорка

- Девојката која на многумина им се допаѓа, ретко се мажи за еден. Б.Шо

- Мажот и жената, поединечно, се како половина школка: кога ќе се состават, тогаш се целина. Упанишад

- Најсреќен брак, како што е замислен, е единствено бракот на глув маж и слепа жена. Колер

Има моменти кога е дозволено да се премолчи вистината, но неа никогаш не треба да ја замениме со лага.    

        Кога донесов цврста одлука по секоја цена да истраам во борбата со алкохолното зло, веќе ми беше многу полесно да го најдам одговорот на прашањето: како треба да постапувам во иднина? Сфатив дека никогаш повеќе не смеам да се лажам себе си, да не се плашам од вистината, без обзир каде таа ќе ме однесе. Човек, кој отишол толку далеку и кој безнадежно стои на ивицата на животот, таму каде со најмал погрешен чекор може повторно да падне во мрачната провалија без дно, греши и лаже ако се обиде себе си или другите да ги залажува со својата совршеност. Јас никогаш не лажев пред луѓето, но додека бев во алкохолниот пекол, знам дека се лажев себе си и воопшто не се плашев од последиците од вака неразумен чин, кои на крајот беа катастрофални за мене, уште повеќе за моите најмили, бидејќи последиците од лажењето на другите не се ништо во споредба со последиците од лажењето на самиот себе, а токму на такви страшни лаги го градев својот живот.

          Да не се лажам себе си значи, да не се плашам од вистината за алкохолот, самиот да не измислувам и да не ги прифаќам многуте лукавства кои луѓето ги измислуваат, за од самите себе да ги сокријат погрешните заклучоци на разумот и совеста; кога разговарам за алкохолот да не се плашам од разидувањата во мислењата со сите околу мене и да не се плашам дека ќе останам сам - само со својот разум и својата совест; да не се плашам од непријатната положба во која ќе ме донесе вистината, цврсто да верувам дека таа положба до која секоја вистина ќе ме донесе, особено вистината за алкохолот, колку и да биде лоша, дека не може да биде полоша од тоа што е изградено со лага. Лагата пред другите луѓе само ги комплицира работите и го одолговлекува решението на проблемот, но лагата пред себе си, која алкохоличарот ја прифаќа како вистина, може да го уништи целиот негов живот.

          Кога човекот ќе зачекори по таа стрмна патека, по патот кон алкохолниот пекол, ако смета дека тој пат е оној вистинскиот, тогаш со секоја испиена чашка се повеќе ќе се оддалечува од своите добри намери, од својата вистинска животна цел. Во моментот кога ќе му укажеме дека го избрал погрешниот правец во животот, во поголем број случаи алкохоличарот ќе се исплаши од вистината и себе си ќе се убеди дека тој е во право, дека за него нема друг, подобар пат во животот. Ако алкохоличарот се плаши од вистината и, кога ќе ја согледа, ако не ја прифати, туку лагата ја прифати за вистина, тогаш никогаш нема да дознае што вистински треба да направи, за да се спаси од пеколниот алкохолен лавиринт.

Кога ќе видам човек што греши, си велам себе си дека и сам сум грешел; кога ќе видам страст во некого, си велам себе си дека и јас таков некогаш сум бил. И, на тој начин, чувствувам сродност со секого на овој свет и чувствувам дека не можам да бидам среќен, ако не е среќен и оној најпонижениот.     Ганди

Сепак, мораме да признаеме дека човекот, и покрај сите свои племенити вредности, сеуште на себе го носи неизбришливиот печат на своето ниско потекло.     Дарвин

          Луѓето околу нас ги осудуваат нашите гревови, иако и самите ги прават истите гревови. Веруваат дека знаат се за вистината, иако и самите не живеат по неа. Тие ни се закануваат со огнот на пеколот, за грешки што тие самите не избегнуваат да ги направат. Затоа, сите ние, кои сме активно вклучени во борбата со алкохолното зло, треба да се потрудиме да ги измениме размислувањата кај многу луѓе, кои со нескриено задоволство говорат дека алкохолот е најприродна појава, дека само заради своите лични проблеми со алкохолот, кои заради својата глупост алкохоличарите ги имаат, алкохолот не треба да се осудува, дека тој отсекогаш постоел и ќе постои за век и веков, дека тоа така мора да биде и дека тоа е неизбежен услов на цивилизацијата. Треба сите сложно, во еден глас да кажеме, силно да викнеме, да не слушнат и оние со најзакоравени срца - тоа не е неизбежен услов, туку најголема глупост на цивилизацијата. Да се потрудиме да ги замолчиме, да ги натераме тие луѓе во длабината на душата да го прифатат нашето размислување, да прифатат дека тоа е единствено исправно и да се помират со тоа.

          Кога човекот сака да го покаже своето човекољубие на дело, кога вистински сака да им помогне на алкохоличарите, не треба да му бидат препрека огромниот број на оние на кои сака да им помогне: алкохоличари имало, ги има и денес, за жал - веројатно ќе ги има и во иднина. Прашањето е само׃ колку секој човек, према своите можности, може и сака да помогне? Човекот кој сака да помогне не треба да прави пресметка колку илјади алкохоличари има во нашата држава; за него треба да постои само едно единствено прашање: дали и колку е спремен да им поклони искрена љубов и внимание? Мала или голема, ако љубовта што се поклонува биде навистина искрена, таа ќе стигне на вистинското место. На човекот, кој искрено сака да помага, ќе му биде жал што не може да им помогне на сите, но тој токму затоа и помага, бидејќи се надева дека ако сите луѓе сочувствуваат и се жалаат еден со друг, дека тоа ќе почне да се пренесува како бран кој ќе ги зафати сите луѓе. Само на оние на кои им се важни и кои живеат по моралните вистини, само на оние кои се радуваат со туѓата среќа подеднакво како со својата, само тие знаат колку е важно, корисно и со колкав труд се постигнуваат вистински резултати во борбата со алкохолната болест. Додека гледаме дека покрај нас постојат луѓе кои алкохолот ги прави несреќни и кои страдаат, мора да се срамиме што сме весели и што безгрижно се радуваме на животот, дека не можеме да бидеме среќни сé додека не помогнеме да нема повеќе такви луѓе околу нас, невозможно е да се замисли׃ како луѓето можат да се веселат и радуваат, додека многу луѓе околу нив страдаат? Да се потсетиме дека и ние или некој од нашите најблиски роднини и пријатели ги имал или сеуште ги има истите проблеми со алкохолното зло, едноставно, да бидеме искрени и да прифатиме дека ништо човечко не треба да ни биде туѓо, дека се што може да му се случи на кој било човек, може да ни се случи и нам.

          Мислам дека успеав да им дадам одговор на скептиците дека единствено само љубовта и човекољубието се основата на која, акцијата што ја предлагам за борба со алкохолната болест и последиците од неа, може да даде вистински резултати. За да ги исполниме нашите хумани намери за да им помагаме на луѓето, особено да им помагаме на алкохоличарите, не е толку важно дали правиме мали или големи дела, важно е нешто да правиме. Мајка Тереза не потсетува: “Не можеме да направиме големи дела на оваа земја. Можеме да направиме само мали дела, со голема љубов.”

          Луѓето кои сакаат да им помагаат на алкохоличарите, треба да почнат со такви активности. На прв поглед изгледа дека е многу мало, безначајно тоа што го прават еден, двајца, десетина луѓе. Но, еве што видов еден зимски ден пред дваесетина години. Сред бел ден, на камен пред една порта, седеше пијан, млад човек. Многу луѓе поминуваа покрај него, но сите иронично се потсмевнуваа и го гледаа со презир и одвратност. После повеќе од еден час, наиде еден стар човек од седумдесетина години. Застана за момент пред пијаниот младич, како да се двоумеше, а потоа со брзи чекори се врати по истиот пат од каде доаѓаше. После само пет минути го забележав како со брзи чекори доаѓа во друштво со млад човек, го зедоа пијаниот младич и го одведоа. Покасно дознав дека го однеле во нивниот дом, го оставиле да отспие, а потоа го нахраниле пред да си замине. Пијаниот младич веројатно и денес се прашува: кој е тој човек, кој без обзир на неговата пијана состојба, кога покрај него поминуваа десетици луѓе и не го сожалија, сепак го сожали и му помогна? На сите што седевме во блиската кафеана, некако ни беше мило што сепак се најде некој да му помогне на пијаниот, а од друга страна, чувствувавме срам затоа што можевме, но не го направивме истото дело. Значи, искрената акција за помош на алкохоличарите е значајна и по тоа што таа е заразна, бидејќи таа го пренесува човекољубието од еден на друг и ширењето на таа зараза ќе нема граници. Како што од една свеќа можат да се запалат безброј свеќи, без притоа да се намали нејзиниот сјај, така и од едно искрено срце можат да се запалат безброј срца, кои само ќе ја зголемат неговата радост, кои ќе му дадат волја и сила за уште поголеми дела.

          Во моите текстови за борбата со алкохолната болест, повеќепати го нагласив мислењето, дека секој разумен човек мора да се преиспита, колку е тој виновен за несреќната судбина на алкохоличарите околу себе, да ги осознае своите грешки, своите промашувања и лошите навики, за неговото учество во одобрувањето и постоењето на алкохолот - ова најголемо зло за целото човештво, бидејќи тоа е единствен начин за помош во борбата со ова најголемо зло на денешницата. Колку критички и беспоштедно да се изразувам за институциите и личностите, мислам дека е очигледно дека во ниеден момент не се исклучувам себе си, секогаш сум првиот против кој ги насочувам своите стрели, секогаш најнапред се критикувам и осудувам себе си. Што се однесува за луѓето, особено за луѓето околу мене, упорно и искрено настојувам да ги сакам, да им удоволувам, да не им нанесувам болка, бидејќи “љубовта кон ближниот” ми се врежа во главата, исто како и омразата кон самиот себе. Сепак, очигледно е дека луѓето не се спремни да ги прифатат моите ставови. Често помислувам дека животот на луѓето им е прекрасен, и покрај тоа што стравотиите од алкохолното зло секојдневно ги чувствуваат милиони луѓе, што е најстрашно, најмногу страдаат најневините - мајките, жените, а најмногу децата. Однесувањето на луѓето не ме лути, но многу ме натажува. Иако злото е толку очигледно, сепак, поголем број луѓе секојдневно му се враќаат на алкохолот, заради него стануваат зли. Сето тоа е толку јасно и очигледно, сфатливо за секој човек и секој би можел да дојде до овој едноставен заклучок, ако размислува само еден единствен момент. Но, тоа луѓето не сакаат да го направат, не сакаат да ги избегнат страдањата на алкохолниот пекол, не сакаат за себе и своите деца да градат среќна и светла иднина. Да размислува само еден момент, секој да се задлабочи кратко време во себе и да се запраша: колку тој лично е виновен и колкаво е неговото учество во страдањата на алкохоличарите и нивните семејства, тоа никој не сака да го направи. Поради тоа често се двоумам: дали и колкава смисла има тоа што го пишувам, дали воопшто има смисла човек во себе да негува добри идеали, кога на сето тоа милиони луѓе се спротивставуваат. Сепак, некоја чудна сила ме тера да продолжам со започнатото дело, со афирмација на идеалите што се градат во Клубовите на лекувани алкохоличари.

          Почитувани пријатели, сите Вие кои ќе ги прочитате моите текстови. Од извонредно значење во мојата борба со алкохолот и од голема помош би било, кога би можел да го слушнам Вашето мислење за моите искрени намери и размислувања, за борбата со алкохолната болест. Напишете неколку зборови, без оглед колку и да имаат критика во себе.

Речиси секогаш кога ќе погледнеме во себе, ја наоѓаме истата грешка што ја осудуваме кај другите, а ако и не видиме иста таква грешка, да погледнеме подлабоко, па ќе пронајдеме уште поголема.     Толстој

Колку побрзо ќе сфатиме дека нашата судбина лежи во нас самите, толку подобро за нас. Среќата можеме да ја најдеме во нас самите - не треба да ја бараме од другите, бидејќи никој ја нема на претек.     Монтењ 

        Оние кои ги слушаат моите укажувања за борбата со алкохолната болест, постои голема веројатност сето тоа да го слушаат со затворен ум… ум кој им укажува, дека никогаш не ќе бидат во состојба да го достигнат тоа што го достигнале луѓето, кои редовно посетуваат Клуб на лекувани алкохоличари. Но, како да ги отвориме нивните умови? Тоа може да се постигне единствено ако успееме да помогнеме, да станат свесни за нашиот беден живот во минатото, да станат потполно свесни за несреќите што секој алкохоличар ги има, особено за несреќите што им ги нанесува на своите најблиски, да станат свесни за нашата денешна среќа, за нашата исправност во борбата со злото, да станат свесни за тешкотиите што тие треба да ги надминат, за да постигнат успех. Потребно е да се убедат и да прифатат дека единствена причина за нивните несреќи е алкохолот.

          Но, како тоа да се постигне? Треба да се користат најсилните можни зборови, за во нивните умови да се доловат слики, кои никогаш не ќе можат да ги заборават. Треба повторно да ги удри одвратниот мирис на валканите кафеани, кои некогаш беа наш втор дом, да им дозволиме да ги доживеат страдањата на нашите срца, да ги натераме да ги почувствуваат понижувањата и болката заради неуспехот, кој го имаат во борбата за подобар живот. Да ги натераме да, после првата посета на Клубот на лекувани алкохоличари, заминат размислувајќи: “Ако луѓето кои посетуваат Клуб на лекувани алкохоличари се во состојба тоа да го постигнат, и покрај сите тешкотии, зошто јас, на кого веќе му е трасиран патот кон среќата да се жалам на својата судбина, зошто да не пробам да го следам тој пат.” Кога алкохоличарите ќе бидат убедени во нашата борба за подобра иднина, ќе им биде полесно да ја прифатат нашата порака, како водич во менувањето на нивниот живот, бидејќи и ние, како и тие сега, сме се соочувале со истите тешкотии, но на крајот сме излегле како победници.

          Во почетокот, кога го оставив алкохолот, кога бев во друштво со моите поранешни другари по алкохолот, чувствував некоја вина во душата, се чувствував како животно кое залутало во некоја туѓа, забранета територија, која повеќе не беше мое живеалиште, во која за мене немаше ни воздух, ни храна. Денес конечно сфатив дека сите ние, кои сме го поминале патот од пеколот и сите оние кои сакаат да им помагаат на алкохоличарите, дека треба да го бираме вистинскиот начин за да пристапиме, за да се доближиме до алкохоличарите, да не се правиме важни и возгордеани, туку искрено да ја покажеме нашата љубов и внимание кон нив. Тоа може да биде многу корисно и за нив и за нас, бидејќи, иако тоа сеуште не е лечење, тогаш барем ќе се обидеме да ја испитаме болеста, за што треба да бидеме благодарни, бидејќи тоа е шанса што треба да ја искористиме, барем малку да ги подобриме и нашите доблести. Ако не бидеме зашеметени од нашата возгордеаност, ако само малку подобро ги погледнеме и размислиме за несреќната судбина на алкохоличарите кои се околу нас, ќе сфатиме дека нивната судбина не може да се поправи и да им се помогне само декларативно, со донесување одлуки исполнети со празни зборови, кои не можат и не се спроведуваат во дела, дека во никаква состојба не можат да бидат среќни ако нивниот поглед на животот не се измени, особено ако ние и понатаму на нив гледаме како на некои посебни, лоши луѓе, а не како на луѓе кои се исти како и ние самите. Треба да бидеме свесни дека на такви луѓе можеме да им бидеме од корист, само ако успееме да помогнеме, тие да го изменат својот поглед кон алкохолот и кон животот воопшто. Но, за да го менуваме погледот на животот на другите луѓе, потребно е самите да имаме најдобри погледи за животот и да живееме во склад со тие погледи.

          Светски познатите алкохолози докажале дека најтежок чекор во лекувањето на алкохолната болест е пристапот до алкохоличарот, односно доаѓањето во контакт со луѓето, кои на кој било начин имаат проблеми со алкохолот. Сите методи за пристап, начинот на мотивирање на алкохоличарот за започнување со лечење од алкохолната болест, ќе ги најдете во моите книги “Исповед на еден алкохоличар” и “Како да се победи Кралот Алкохол.”

Биди господар на својата волја, а слуга на својата совест.    М.Е.Ешенбах

Ќе поминат десетици, можеби стотици години додека не дојде време кога нашите внуци ќе се чудат на нашите казни, така како што и ние денес се чудиме на некогашното спалување на луѓето или мачењата. “Како можеле да не ја видат сета бесмисленост, суровост и штетност на тоа што го направиле” - ќе се прашуваат нашите потомци.     Толстој

Кога ќе ја изгубиш гордоста, не си изгубил ништо; кога ќе го изгубиш здравјето, си изгубил половина; кога ќе ја изгубиш волјата, си изгубил се.     Кинеска пог.

          Триесет години бев роб на ѓаволот, триесет години се измачував во алкохолниот пекол, но денес знам дека десетпати повеќе ги измачував моите најмили - сопругата и децата. Наместо да ги согледам моите грешки и да почнам да ги поправам, вината за мојата несреќна состојба ја барав во сите други, особено во оние пред кои бев виновен. Со текот на времето во домот завладеа пекол. На оние, кои по сите природни закони требаше најмногу да ги сакам, сопругата и децата, им ги скратив среќата и радоста, им ја украдов слободата. Знаете, глупоста е најнеобична од сите болести, бидејќи болниот не страда од неа, туку сите околу него. Комотно патував по патеката што води кон дното на пеколот и за жал, низ тој пекол, заедно со мене, патуваа и моите најмили. Веројатно од страв да не биде уште полошо, бидејќи бев многу незгоден, честопати и многу агресивен, тие ги поднесуваа сите мои удари, глупости и пропусти во животот. Со еден збор, ниту јас живеев, ниту нив ги оставав мирно и среќно да живеат. Навистина, во домот владееше привиден мир, но тоа беше исклучиво поради мојата диктатура. Од друга страна, толку бев заслепен од мојата глупост, така што бев убеден дека сум многу добар кон моите најмили и затоа толку ме сакаат, бидејќи на таква добрина тие поинаку и не можат да возвратат. Во ниту еден момент не помислив дека се добри токму тие, кои ме сакаат.

          Во тој најнесреќен период од мојот живот, имаше многу моменти кога вистински се каев за грешките, направени во изминатите денови и неколку дена не пиев. Но, поттикнат од желбата за пиење, охрабруван од моите другари по алкохолот, каењето во мојата совест бледнееше и по кратко време целосно заборавав на него. Лукавиот ѓавол секогаш успеваше да ме фати на својата јадица и да ме внесе во кафеаната.

          Најмногу за ваквата бедна состојба, придонесуваше мојата возгордеаност. Цело време во главата носев мисла дека не сум алкохоличар, дека со алкохолот можам да престанам кога што ќе посакам, дека сум подобар и попаметен од сите други и дека треба да продолжам да живеам токму така, како што живеев. Кога ќе направев некоја глупост, а морам да кажам дека имаше безброј такви моменти, чувствував голем срам и каење и неколку дена не пиев, но за кратко повторно паѓав на искушението. Тогаш бев преокупиран со мислата, да ги задоволам моите страсти кон алкохолот само денес, само уште овој ден, а од утре посекако ќе престанам да пијам и да се опивам. За жал, во такво мизерно расположение секогаш имаше утре, секој ден бев се поодлучен да истраам во злото, пронаоѓав безброј причини да истраам во глупоста. Секој човек може да забележи дека еднаш направената грешка, потикнати од пеколната страст кон алкохолот секогаш ја повторуваме, бидејќи секое жалење и каење го снемува, штом алкохолот ќе не зароби. Ова посебно го напоменувам, бидејќи мислам дека е добро секој човек да види, како со текот на времето, под влијание на лошото друштво, на крајот ќе се привикни на алкохолот и кафеаните. Тие места во почетокот ќе го исполнуваат со одвратност, но потоа ќе стане радосен и среќен во својата несреќа, каков што бил пред да завлезе во алкохолниот пекол.

          Грижата на совеста, предизвикана од каењето за промашениот живот кај алкохоличарите, посебно е обработена во моите книги “Исповед на еден алкохоличар” и “Како да се победи кралот алкохол.” Прочитајте ги овие книги и ќе го пронајдете патот што води кон излез од пеколот, кон вашата среќна иднина.

         Посебна приказна во пронаоѓањето на среќата во оваа џунгла, наречена свет, се алкохоличарите. Луѓето ги дефинираат алкохоличарите како пропаднати личности, како лоши луѓе кои не заслужуваат никаква помош и внимание. Мислат дека секој алкохоличар самиот е виновен за состојбата во која се наоѓа и никој не помислува: дали има и колкава е неговата вина?

          За да се дојде до одговорот, треба да се нагласи дека ниту еден човек не се родил како алкохоличар, или дека одненадеж тоа станал. Најчесто или речиси секогаш, најголеми причини за тоа се незнаењето и заблудите.

          Незнаењето е демонска сила и убеден сум дека тоа е една од најголемите причини за многу несреќи на луѓето. Кога станува збор за алкохолот, оваа причина е уште поизразита, бидејќи алкохолот ја има таа страшна особина работите да ги прикаже такви какви што не се, или многу поубави отколку што се. Заради тоа алкохоличарот запаѓа во најголемото незнаење: не знае за своите грешки. Само во моментите на грижата на совеста, заради некоја поголема грешка, си ветува себе си дека повеќе нема да пие, дека од утре ќе биде подобар. Но, во такво мизерно расположение секогаш има утре, тоа ветување трае кратко, до испивањето на првата чашка со алкохол, а потоа се одново. За да смири својата совест, алкохоличарот почнува да ги обвинува сите други, само не себе си.

          Сепак, најголема причина за несреќите се заблудите со кои алкохоличарот и членовите на неговото семејство, секојдневно живеат. Најголема заблуда на алкохоличарите, дури и на оние кои длабоко навлегле во алкохолната болест и на кои очигледно им е загрозено здравјето, па дури и животот, е што упорно одбиваат да признаат дека се болни и дека им е потребна помош. Впрочем, верувањето во својата безгрешност, одбивањето да се прифати вистината за состојбата во која се наоѓа алкохоличарот, е дел од неговата болест.

          Несреќите на членовите од семејството на алкохоличарот исто така се предизвикани од незнаење и заблуди. Во почетокот, кога човек е млад и го поднесува алкохолот, домашните се среќни што тој секогаш е весел и насмеан, посебно е среќна сопругата што тој ја води во друштво каде и таа се забавува, а тоа што се напил малку повеќе и не е голема работа: тогаш е весел, насмеан, распеан и многу подарежлив отколку обично. И, ете го првото незнаење и заблуда: таа мисли дека така секогаш ќе остане. По извесно време, обично по неколку години, кај алкохоличарот ќе почнат да се појавуваат првите знаци на алкохолната болест: тој ќе почне се почесто и почесто да се опива, ќе почне да ги покажува првите знаци на нетрпеливост и нервоза, ќе почне да покажува знаци на болна љубомора. Тоа сеуште е подносливо и ете ја втората заблуда: надежта дека и тоа за брзо време, само од себе ќе мине. Како времето минува, односите во домот се повеќе се нарушуваат, а членовите на семејството веќе стануваат свесни за состојбата во која алкохоличарот се наоѓа, свесни дека човекот веќе длабоко навлегол во алкохолниот пекол, дека со право сите го нарекуваат со она одвратно име – пијаница. И тогаш кај нив се појавува незнаењето, кое во многу случаи се покажува како кобно: во почетокот се обидуваат да му помогнат и, бидејќи не успеваат во тоа, се повеќе се убедени дека за алкохоличарот нема спас, дека веќе никој и со ништо не може да помогне и затоа креваат раце од него, го оставаат сам на себе.

- Среќата му нуди најубава награда на оној кој радосно работи, кој се радува на своето дело. Значи, треба да работиме така да нашите дела бидат од корист и благодат за што поголем број луѓе, да се однесуваме така што нашето однесување може да биде прифатено и да стане општ принцип на однесување. Ако човекот сака делата што ги прави да бидат добри, прво треба човекот што ги прави да биде добар и примерен, бидејќи од тоа каде нема ништо добро, не може никакво добро ни да се создаде.

          - За да биде навистина среќен, човекот мора да биде трпелив и толерантен, да се научи да простува на секого и во секое време, искрено да ги сака сите, без исклучок – и добрите и лошите, и пријателите и непријателите, искрено да сака непрекинато и непрекинато ќе биде среќен. Најголема од сите причини за несреќите, всадена во душата на поголем број луѓе е тоа што секој човек себе си, често без грижа на совеста, си простува за сите направени грешки, што е уште полошо, воопшто не се труди да се поправи, да се ослободи од своите глупости, кои со текот на времето стануваат составен дел од неговиот карактер и од неговото однесување.

          Запрашајте се: дали секогаш сте биле доволно трпеливи и толерантни?

          - Секој човек треба да се научи да биде среќен, да се радува со туѓата среќа подеднакво како со својата. Но, за да го постигне тоа, треба да ги исфрли зависта и злобата од своето срце. На пример: ние би можеле да бидеме среќни и со тоа што го имаме или сме го постигнале, но во душата постојано носиме мисла дека другите луѓе имаат повеќе и се посреќни од нас и, тоа не прави несреќни.

          - Исто така, за човек да биде непрекинато среќен, треба, иако е свесен дека не може тоа да го достигне, барем да се труди што повеќе да се приближи кон совршенството, да се обиде да пружи што повеќе љубов – да ги сака другите луѓе повеќе од што се сака себе си. Знам дека тоа е тешко, дури и невозможно, но кога би го сакале другиот повеќе од себе си, би биле крајно толерантни и никогаш на другиот не би му го направиле тоа, што не сакаме друг да ни го направи нам.

          Ова се само некои од условите кои можат да направат човекот да биде среќен или несреќен, во зависност дали ќе ги прифати и практикува или не. Реалноста и секојдневието покажуваат дека, на начинот како е организирана човековата заедница, невозможно е, барем од поголем број на луѓе, да се прифатат и спроведат во дело, односно дека ова е само чиста утопија. Сепак, бидејќи надежта последна умира, сметам дека ние, кои сме одлучиле да го победиме алкохолното зло - најголемото зло за целото човештво, дека имаме право да се надеваме дека еден ден, еден далечен ден луѓето сепак ќе сфатат дека ова масовно лудило - наречено алкохолизам, кое е најголемата причина за несреќите на луѓето, дека ќе го снема, дека генерациите што доаѓаат после нас ќе живеат ослободени од ова зло, ќе живеат потрезвено и поразумно, отколку што ние денес живееме.

Во една прилика, др.Ферид Мухиќ, докажан хуманист и пријател на Клубот на лекувани алкохоличари, говореше дека човекот е создаден за задоволство и среќа, дека секој човек има легитимно право да ја посакува, бара и да копнее по среќата, непрекинато да трага по неа. Бидејќи не постои јасно одредена дефиниција, по која сите луѓе би ја барале среќата која ќе биде добра за нив (тоа што еден човек го прави среќен не значи дека со тоа ќе бидат среќни и другите), секој човек поединечно сам ја гради и секогаш самиот е ковач на својата среќа. На пример, мене најголема среќа во животот ми донесе сознанието дека, и покрај сите мои грешки, глупости и пропусти во животот, моите најмили ме сакаат и ценат, дека сеуште сум им потребен и мил.

          - Би било интересно секој од вас да се замисли׃ поради што сте почувствувале најголема среќа?

          Ќе се обидам да одговорам на прашањето: дали човекот непрекинато може да биде среќен? Ако ја набљудуваме реалноста во која секојдневно живееме, недвосмислено се наметнува одговорот дека не може! Сепак, теоретски гледано, човекот може да биде непрекинато среќен, а за да достигне таква среќа, потребно е да се исполнат повеќе услови.

          - Основно е секој човек да ја пронајде вистинската смисла на својот живот, која мора да ја бара и да ја пронајде исклучиво во доброто и вистината. За жал, поголемиот број од луѓето вложуваат огромен труд само за да ја подобрат својата среќа, а малкумина од нив се трудат да се подобрат самите себе. Основната животна цел на секој поединец секогаш треба да биде иста: да напредува во доброто, да биде навистина добар, а не само така да изгледа. Со тоа што добрината ја шириме околу нас, истовремено ја зацврстуваме и во самите себе. Најсреќен е оној човек кој помогнал многу други да станат среќни. Човекот никогаш не треба да биде задоволен со нивото на добрината што ја поседува, туку непрекинато треба да се труди да биде што е можно подобар, бидејќи најголема неправда е човекот да изгледа добар и праведен, а тоа да не е.

          Запрашајте се: дали некогаш сте се потрудиле навистина да бидете добри, отколку само да изгледате добри? Дали некогаш сте помислиле дека со вашите активности можете да помогнете да се унапреди светот и да го направите подобар?

          - Среќата се наоѓа таму, каде човекот ја бара и чудно е колку малку е потребно за да бидеме среќни, но уште почудно е како, речиси секогаш, тоа малку ни недостасува. Единствен начин да не бидеме несреќни е да прифатиме дека од животот не треба да бараме повеќе, од што тој може да ни даде. Секогаш треба да бидеме среќни со тоа што го имаме, а не со тоа што посакуваме да го имаме.

          Секој од нас треба да се запраша: дали треба да бидеме среќни заради нашето богатство, или заради доблестите и мирот во домот кои ги имаме, односно, кои треба да ги имаме?

         

%

Само во Клубот на лекувани алкохоличари и на ниту едно друго место, луѓето ме примија и прифатија таков каков што бев, што е најважно, како рамен на нив. Слични на мене се околу мене, и јас сум сличен на нив. Идентификувајќи се, дружејќи се со тие луѓе, си помагам себе си, им помагам на другите, не правам зло ниту сум причина за какво било друго зло. Можеби е чудно, но дури откако почнав да го посетувам клубот сфатив колку сум бил лош и колку се грозам од самиот себе. Од тогаш, ја снема одбивноста што ја имав кон другите луѓе - спротивно, кон нив чувствувам нежност и почит. Денес сум многу среќен, мојот живот е пријатен, има некаква смисла. Се чувствувам како принц кој се вратил од прогонство, како човек кој оживеал од мртвите. Повторувам, многу сум среќен и додавам дека во целиот мој живот, ова е мојот најсреќен период.

Во сфаќањето на алкохолната болест има три видови на луѓе. Некој е: или човек, или получовек, или не е никаков човек. Моето лично искуство е дека јас ги поминав сите три фази. Не бев никаков човек бидејќи за алкохолната болест, што долго ја имав, немав свој став, ниту барав совет од другите луѓе. Вистините што најмалку сакав да ги слушнам беа токму тие кои најмногу ќе ми користеа ако ги знаев, многу порано ќе излезев лавиринтот на пеколниот живот, во кој поради алкохолот се загубив.

Бев получовек, бидејќи во еден период имав свој став за алкохолот, но не сакав да ги прифатам советите од луѓето со кои контактирав. Секој човек може да биде огледало во кое ги гледаме своите порази, маани и недостатоци и сето тоа зло што е во нас. Но, повеќето од нас притоа постапуваме како кучето кое лае во огледалото, бидејќи мисли дека во огледалото не се гледа себе си, туку некое друго куче. Имав свој став кој го осудуваше алкохолизмот, но тоа траеше многу кратко, до испивањето на првата чашка, а потоа се одново, затоа што алкохолот на телото му нудеше лажна сила, го издигнуваше духот на лажни височини, ми ги прикажуваше работите онакви какви што не се, или пак многу поубави отколку што се. Иако долго време ја имав алкохолната болест, не одев на лекар да побарам помош, а не барав ни учители и советници да ми помогнат да ја надминам својата глупост, да ја скротам својата волја која беше само желба и нејзино задоволување, да биде желба и воздржување, желба и одрекување. Значи, немав ниту сопствена, а не знаев и веројатно не сакав да ја користам туѓата памет и искуство.

Станав човек, барем се надевам дека е така, кога почнав да го посетувам Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” во Прилеп, кога зазедов правилен став кон алкохолната болест и кога почнав да се советувам со луѓето кои го посетуваат клубот. Многу луѓе велат дека не вреди да се прават напори - колку и да вложува напор, човекот не може да го достигне совршенството. Реално, тие имаат право, но забораваат дека нашата цел и не е да го достигнеме совршенството, туку што повеќе да се приближиме кон него. Човек никогаш не треба да одлучи да не направи ништо во животот само затоа што ќе може да направи малку - треба да направио онолку, колку што може.

Во почетокот од моето лекување, моите мисли беа слични на копање бунар - водата прво е матна, а потоа полека се разбиструва. И сето тоа што во почетокот ме одбиваше од клубот, ми изгледаше матно и во што се сомневав, сега јасно излезе пред мене. Поголемиот дел од алкохоличарите не веруваат во успешното лекување на алкохолната болест, најмногу поради тоа што дури и оние, кои буквално се платени безрезервно да ја проповедаат вистината за алкохолот и последиците од алкопхолната болест, а тоа се лекарите - и тие кога говорат за алкохолната болест на вистината и придодаваат лага, со што се добива искривена слика за вистината. Ќе наведам пример со апстинент, член на клубот, на кого после прегледот, веројатно со намера да го охрабри, докторот-интернист му вели дека е здрав како дрен и дека слободно може да пие по едно чаше ракија за циркулација на крфта. Амаааан бе докторе, после не ќе можам со едно! Лекарите се должни на секој човек, на секој пациент да му ја кажат вистината, да му кажат дека медицината непобитно докажала дека не постои лек што може да се зема во исто време со алкохол.

%

« Previous PageNext Page »