ИСПОВЕД


Тогаш се случи големо чудо. Силна светлина ја осветли судницата, а нечија рака, татковски ме потчукна по рамото. Исплашено се завртив, да видам: што е тоа? Зад мене, наредени како војници, со насмеани лица, спремни за борба, стоеја колегите од Клубот на лекувани алкохоличари, а пред нив, како џин, како Ангел Божји, стоеше нашиот терапевт Др.Методија Николоски - Мец. Слободно може да се каже, дека Др.Мец стоеше во судницата, како Бог од некоја грчка трагедија, од која избива вик на фанфари за непомирлива одмазда или кој, со глас што го надвикува татнежот на громовите, ја распостила низ широката вселена најтешката клетва, од која Боговите ќе се зачудат, а темелите на пеколот ќе се тресат до распаѓање: Ако над нас има праведен Бог и, ако тој сака да им даде најмал дел од неговата милост и сожалување на неговите заблудени чеда и, ако сака да ги сослуша молитвите кои излегуваат од дното на мојата душа, тогаш го молам Семоќниот Бог наш, да ми даде време и сила, тебе ѓаволу, тебе ѕверу над ѕверовите целосно да те уништам, наместо плачот и тагата, да им ја вратам радоста и среќата на овие несреќници, да ги спасам овие и сите други луѓе, од алкохолниот пекол.

Од него зрачеше боженствена светлина, зрачеше огромна сила од неговата насмевка. Не плаши се, ние секогаш сме со тебе – тивко ми рече.

Во истиот момент, во главата ми дојде еден од неговите совети, што ги слушавме на состаноците, во Клубот на лекувани алкохоличари: Алкохолот не ги решава проблемите. Тој само создава лажна илузија за привремено одложување на соочувањето со реалноста, создава чудна илузија за заборавање на проблемите, до степен на нивно непостоење. Лесно е да се прават лоши дела, оние дела, од кои доаѓаат нашите несреќи, а тоа што е добро за човекот, се прави само со голем напор. Ако ви остане, макар и најмала грижа за телесниот живот, борбата е беспредметна. Јас знам дека вашата борба е тешка, но исто така знам, дека мора да престанете да се дружите со алкохолот, дека нема друг начин за да се достигне среќата. За вистинско самооткажување од страстите и успешна борба со нив, потребни се вистинските сознанија за последиците од алкохолизмот, до кои може да се дојде само во Клубот на лекувани алкохоличари.

 

%

Бранителот, кој дотогаш неподвижно седеше, со наведната глава над масата, наеднаш скокна и силно извика: Јас сум виновен, поради мојата негрижа овој човек замина во пеколот, тој е мое, само мое дело. Во длабината, во најголемата длабина на душата, знам дека постапував свирепо со него. Потполно сум свесен за моите постапки и за нив се кајам од дното на мојата душа. Денес сум среќен човек, чувствувам голема радост и мојата совест сега е помирна од сознанието, дека тој успеал да се спаси од најстрашниот пекол. Затоа ве молам, судете ме мене.

Последната реченица ја искажа многу полека, подзастануваше после секој искажан збор, како да очекуваше да види, каков впечаток оставил и што ќе речам јас. Се загледав подобро и во него го препознав ликот на татко ми. Ме гледаше со молба во очите, а болка и тага се читаа од неговото натажено лице. Ми се причини како да бара прошка од мене. Да можеше да ѕирне во мојата душа , ќе видеше дека не е потребно да ме моли, ќе видеше дека многу одамна му имам простено сé. Почувствував силна желба да се стрчам кон него и да го прегрнам, но ме спречи ѓаволот, од чија уста излегуваше силен пламен, а неговите зборови, упатени кон татко ми, ечеа низ големата сала: Седи проклетнику, ти не си во состојба да поставуваш услови и твојата жртва не може никого да спаси. Со тебе лесно ќе се справам, бидејќи ти одамна си во пеколот, одамна си мој.

Се чувствував изгубен, безнадежен, го насетував крајот. За миг се потсетив: како ѓаволот успеа лесно да ме втурне во мојата пропаст, како од тогаш почнаа да ме напуштаат честа и моите доблести, дека ништо вредно не ми остана што би ме препорачало, било на милоста Божја, било на човековата помош. Ја прифатив реалноста дека можеби сеуште вистински не сум ги окајал грешките од минатото и затоа, ете, ме стигнува небесна казна и дека затоа сега сум толку несреќен, колку што бев расипан и лош.

Мојот ум, инсинктивно, како да се претвори во мрачна комора и во мојата свест се појавија наредени слики, безброј слики од моето мрачно минато, слики од зачадените, валкани кафеани. Бујната фантазија, како во галерија, како на огромно платно, ги сликаше сцените и атмосферата, со илјадници призори на суровоста, бруталноста, животинското. На тие слики доминираа гостите во кафеаните, како пијат лута ракија, во атмосфера преполна со разврат и простачко однесување. Јасно се гледав себе си во нивното друштво, како пијам – со главата поблиску до подот, отколку до масата. Во тие моменти, ми дојде мисла дека треба да се помирам со судбината, дека пеколот треба да го прифатам како награда за злото што им го нанесував на сите околу мене, особено на моите најмили.

 

%

Пред извесно време сонував чуден и страшен сон. Како да се наоѓав во голема судница, во која имаше многу луѓе. Ми изгледаа познато, но иако се трудев, не можев точно да препознаам ниеден од нив, бидејќи луѓето, кои се наоѓаа во судницата, беа некако чудни, бледи, со искривени, изобличени лица. Судиите нервозно ги смируваа, а тие едногласно, силно викаа: “Смрт, смрт за предавникот.” Целиот живот, дури и во времето кога веќе бев стигнат до дното од алкохолниот пекол, се трудев, по секоја цена да ги задржам своите доблести и затоа, зборот “предавник” посебно ме болеше и на мене делуваше како камшик, кој безмилосно ја удира и кине мојата душа.

          Од сите најстрашен беше обвинителот – имаше страшно лице, на главата имаше големи рогови, а со секое чкртнување со острите заби, од устата му излегуваше пламен и неподнослива смрдеа, слична на расипано вино. Чувствував необична одвратност од смрдеата на тој здив. Јас триесетина години редовно пиев вино и ракоја, многу често и се опивав, но никогаш не ми се гадело во толкава мера, како сега, од здивот на овој проклет обвинител. Убеден сум дека тој одвратен здив, кај ниту еден од присутните, не будеше желба за пиење, туку спротивно, кај секого мора да будеше желба да се заколне, дека никогаш повеќе нема да вкуси алкохол. Кај мене сė, од звукот на неговиот глас, до косата и големите нокти, предизвикуваше страв и гадење.

          Од страв, крвта ми замрзна во жилите, а обвинителот, во кого веднаш го препознав ѓаволот, мавтајќи со рацете и роговите на сите страни, со својот страшен поглед фрлаше огнени стрели кон мене и силно викаше: Убијте го, запалете го, траг да не остане од овој предавник. Иако му ги пружив најголемите, најблескавите задоволства, сепак, тој го раскина договорот, се откажа од мене. Сите вие, што останувате верни на мојата стратегија за уредување на вашите животи, бидете убедени, јас ви ветувам – посебно го нагласи зборот Јас, очигледно убеден во тоа, дека неговиот збор е најдобра гаранција – откако ќе го осудите на најстрашна смрт овој неблагодарник, јас – повторно го нагласи зборот Јас, ќе ви дарувам такви сласти и задоволства, какви што досега не сте вкусиле. Што ќе биде со нас и со нашиот рај, ако сите почнат да прават, како овој неблагодарник. Присутните едногласно, продолжија уште посилно да викаат: Смрт, смрт.

%

Плашејќи се од болката, што доаѓа при решавањето на проблемите, речиси сите луѓе, во помала или поголема мера, настојуваат да ги избегнуваат, надевајќи се дека тие сами од себе ќе се решат, ќе исчезнат, дури честопати се однесуваат, како проблемите воопшто да не постојат. На секој разумен човек му е потполно јасно, дека проблемите нема да се решат со изјавите, дека тоа не се нивни проблеми, ниту со очекувањата дека некој друг, ќе ги реши наместо нив. Се разбира, за да не мислат на проблемите и полесно да заборават, многу луѓе на помош го повикуваат нивниот спасител – ѓаволот, кој им го нуди алкохолот како лек, за да ги заблуди и зашемети и во таквата заблуденост да заборават на болката, што проблемите ја носат.

          Иако проблемите, што животот ги носи, треба да се решаваат со ладна глава и ова звучи крајно логично, многу луѓе не се способни тоа во целост и правилно да го разберат. Тоа им се случува најмногу заради нивното внатрешно одбивање, искрено да ја прифатат одговорноста за своите проблеми, пред да почнат да ги решаваат. Возвишената молитва вели: Променете ги нештата, што можат да се променат, прифатете ги оние, што не можат и имајте мудрост, да го разликувате доброто од злото.

          Откако јас ги прифатив овие универзални идеи и ги направив составен дел од мојот живот, воопшто не ми беше тешко да се здобијам со Господовата милост. Потребно беше само моето искрено каење и силна омраза кон оние дела, со кои јас, сосема оправдано, триесетина години, бев предмет на Господовиот гнев.

          Почитувани, сите Вие, кои ја отварате оваа страна. Во наредните неколку текстови ќе Ви го прикажам сонот на еден алкохоличар, предизвикан од грижата на совеста, која непрекинато го измачува. Се надевам дека и овие текстови ќе го задржат Вашето внимание и ќе продолжите, со Вашите коментари, кои многу ми помагаат, да се збогатат и моите сознанија за борбата со алкохолизмот.

%

На сите луѓе, кои ја видоа оваа глетка со пијаниот човек, на најперфиден начин им се внесуваше во главата изопачена вистина, дека уништувањето на човекот не само што не е забрането, туку дека тоа е нормално, па дури и корисно. Фестивалот на пивото и сите други места каде се точи алкохол се посебен доказ за тоа уништување на луѓето. Немам никакви дилеми дека светот го зафатило масовно лудило, а овие се намерно измислени места за создавање на таков згуснат порок - алкохолизмот, што не би можел да се направи во толку големи размери во никакви други услови, со тоа што таа изопачена вистина како нешто сосем нормално и многу корисно се раширува во најголеми размери по целиот народ. Како да е поставена некоја норма, некоја задача, како на најдобар и најсигурен начин во алкохолниот пекол да се вовлечат што повеќе луѓе. Стотици, илјадници луѓе секоја година се доведуваат до степен на завлегување во пеколниот алкохолен лавиринт, а последиците од нивната болест, за која се разбира, никој воопшто и не размислува, ги трпат најблиските до алкохоличарот, па и општеството во целина. Заслепени од лажниот сјај на ѓаволските сласти, луѓето ги отфрлаат човековите доблести, ги отфрлаат веќе востановените морални сфаќања и примаат нови, кои главно се состојат во тоа дека секое изложување на потсмев, секое насилство и уништување на човековата личност е многу корисно и со закон дозволено.

Постојано се наоѓам во дилема: како може да се дозволи луѓето намерно, на сите можни начини да се расипуваат од алкохолот, а потоа така расипани да ги измачуваат сите околу себе, особено најблиските, нечовечно понижувајќи ги и ставајќи ги под стресови и страдања? Во текот на последниове осум години, откако сум апстинент, многу пати сум се запрашал: Јас ли сум луд што го гледам тоа што другите не го гледаат, или се луди оние што го прават тоа што го гледам? Дали е потребно човекот да го испие целото море за да заклучи дека водата е солена? Но луѓето (ги има толку многу) и натаму го прават тоа што толку ме зачудува и вџашува со така спокојна сигурност, дека тоа што тие го прават не е само многу потребно, туку дека тоа е многу важна и корисна работа, така што е невозможно сите овие луѓе да бидат прогласени за лудаци, а пак, од руга страна, себе си не можам да се прогласам за лудак, затоа што потполно сум свесен за исправноста на моето мислење, кое се темели на следното: со завлегувањето во алкохолната болест луѓето се препуштени на секакви понижувања, лишени се од грижата за човековото мислење, од срамот, од свеста за човековото достоинство.

Некои луѓе мислат дека има ситуации, (особено во оние ситуации кога човекот е спремен да направи се за да заработи што повеќе пари), во кои може со човекот да се постапува без љубов, а такви ситуации вистински нема, бидејќи дури и опстанокот на човештвото најмногу се темели на љубовта меѓу луѓето. Со предметите може да се постапува без љубов; може без љубов да се крши камен, да се сечат дрва, да се кова железо, да се прават цигли, но со луѓето не смее да се постапува без љубов, исто како што со пчелите не смее да се постапува без внимателност, бидејќи тогаш човекот ќе си направи штета и на себе и на пчелите. Исто е и со луѓето, бидејќи взаемната љубов меѓу луѓето е основниот закон на човековиот живот. Вистина е дека човекот не може да се присили да љуби, да сака, како што не може да се присили да работи, но од тоа не се подразбира дека е дозволено со луѓето да се постапува без љубов, особено ако нешто сакаме да измениме кај нив. Ако човекот не чувствува љубов кон луѓето, нека си седи мирен, нека се занимава со себе си, со предмети, со што сака - само не со луѓе. Како што човек може да јаде без штета и корисно само тогаш кога му се јаде, така корисно може да постапува со луѓето и без никаква штета  само кога ги сака и почитува. Штом ќе си дозволи да постапува со луѓето без љубов, како што многу луѓе постапуваат, наеднаш стануваат неограничени свирепоста и ѕверствата кон другите луѓе, а неограничени стануваат и сопствените маани кои се дознаваат од својот целокупен живот.

Големиот писател Џек Лондон вели: “Кога разумни луѓе ќе ја раководат човековата заедница, прво ќе почнат да спроведуваат, или барем ќе се обидат да спроведат затворање на крчмите. Неразумните низ илјада генерации не би ги затвориле крчмите… И, тоа ќе оди лесно. Единствено ќе бидат погодени тешките и случајни пијаници на една генерација. Јас сум еден од нив и давам свечена изјава врз основа на долгогодишното другарување со алкохолот, дека нема многу силно да ме заболи ако престанам да пијам, кога никој друг нема да пие и кога не ќе може да се купи алкохол. Од друга страна, младите луѓе по својата природа до толкава мера се неалкохоличари, та поради тоа што никогаш не вкусиле алкохол, нема ни да почувствуваат дека го нема. Тие ќе дознаат за крчмите единствено преку историјата, мислејќи за нив како за некој чуден, стар обичај, сличен на борбата со бикови или запалување вештерки”.

Кафеаните добро ги познавам и затоа знам дека сите тие пороци што во нив се равиваат кај луѓето - пијанството, коцкањето, свирепоста и многу други зла, знам дека тоа не се случајности или пак појава на изопаченост - туку дека тоа се неизбежни последици на несфатливата заблуденост во лажните, ѓаволски сласти што алкохолот ги нуди. Така, кога еднаш човек ќе падне во канџите на нечестивиот, ќе биде замајан и ќе нема сили да се извлече од маѓепсаниот пеколен алкохолен лавиринт и, на крајот, ќе потоне во лавиринтот на маките од кои нема излез.

Во борбата со алкохолот треба да се осудуваат две работи: самиот алкохол и заташкувањето на проблемите што алкохолот ги носи. Иако заташкувањето на проблемите од алкохолот изгледа како помало зло од самото зло - и едното и другото се дел од едно исто големо зло. Заташкувањето на проблемите што алкохолот ги носи од страна на власта претставува најголема групна лага. Таквата лага истовремено е еден од симптомите и една од причините за алкохолното зло во толку големи размери, еден од неговите цветови и еден од корените на алкохолното зло.

Сам по себе се наметнува заклучокот дека уништувањето на човекот не започнува во кафеаните, туку во власта и нејзината негрижа за човекот - во кафеаните тоа само се завршува; дека почнувајќи од обичните писари во општините, па се до министрите, ни малку не ги интересира правичноста и среќата на народот за која непрекинато зборуваат, туку дека ги интересираат само парите со кои ќе ја наполнат државната каса, за да го штитат тоа од кое произлегува една од најтешките болести на денешницата, од кое произлегуваат страдањата на луѓето. Можно ли е тоа да се прави само поради нестручност и незнаење? Дали може да се направи така што да им се обезбеди плата на несовесните чиновници, слични на луѓето кои го донесоа фестивалот на пивото во Прилеп - и не само плата, туку и добро да се наградат, само и само да не го прават тоа што го прават, тоа што ни го направија и нам, а кое ќе има големи, долготрајни, катастрофални последици за многу генерации после нас. 

Од пред неколку години градот Прилеп веќе не е обичен, провинциски град, туку модерен, европски град, бидејќи има локална управа со европски манири. Сакајќи да им помогнат, да ги направат посреќни своите сограѓани, притоа вложувајќи огромен труд, градските татковци, по примерот на многу модерни европски градови, на Прилеп му донесоа фестивал. И тоа не каков било, обичен фестивал, туку фестивал на пивото, со природна можност во иднина истиот да прерасне во центар за обука, центар каде младите луѓе ќе ги започнат првите чекори по патот на алкохолизмот, или на обичен македонски јазик кажано, во Прилеп отворија фабрика за производство на пијаници. Речиси цела една седмица центарот на градот беше блокиран од сите страни со илјадници маси и столици, на кои седеа некои од потенцијалните производи на новоотворената фабрика. Да бидеме искрени, такви производи секојдневно се раѓаа и безброј веќе беа родени на други места, така што и тие беа присутни како урнек за новите производи на фестивалот - за новите алкохоличари.

За да не ги разочараат своите добротвори, кои со отворањето на фестивалот го решија и последниот проблем на граѓаните, тие, граѓаните, масовно и радосно излегуваа да го видат тоа чудо од фестивал и, да не останам покусо, излегов и јас. И, навистина чудо имаше и тоа не само едно. Сите маси беа зафатени, така што одвај најдов слободни две столици - за мене и мојата сопруга. На масата седеше млад брачен пар со своите две дечиња. Келнерот уште го немаше донесено кафето што го порачавме, кога одненадеж настана голема мешаница и се слушна голема викотница. Непосредно во паркот лежеше млад човек, целиот облеан во крв така што не можеше да му се забележат цртите на лицето, а неколку млади луѓе немилосрдно го маваа. Лицето од пијаниот младич се грчеше од болката што му ја нанесуваа, но по тоа лице се гледаше колкави духовни можности беа уништени во тој млад човек, се гледаше колку силно човечко животно беше, дека како своевидно животно сепак беше многу посовршено од кученцето што го шетав и на кое му посветував посебна љубов, грижа и внимание. И ете, млад, здрав, силен човек беше доведен до таква состојба да никој не го жалеше како човек, никој не го жалеше како залудно уништено работно, корисно животно.

Навистина, пијанството е неприродна човекова состојба, во која никогаш не може со сигурност да се предвиди што човек може да направи кога ќе се соочи со нешто ненадејно и неочекувано. Сосема е сигурно дека тие што со голем труд го донесоа фестивалот, од голема презафатеност, заборавиле дека кога се пие алкохол ќе има и пијани луѓе. А можеби и не заборавиле, бидејќи е сосема нормално пијаните да прават такви работи: да викаат, да навредуваат, да кршат, да се тепаат и… Ако некој не сака да гледа, или не дај Боже да му се случат такви работи, нека не доаѓа на Пивофест, туку нека си избери некој друг фестивал, како Макфест или Златно славејче.

Моето внимание најмногу го привлече реакцијата на двете дечиња што седеа на масата. Ни мајката ниту таткото на децата не им го објаснија тоа што го видоа, така што децата мораа сами да го одгатнуваат значењето на оваа глетка. Помалото дете, судејќи според изразот на лицата од своите родители, значењето на оваа необична случка ја протолкува вака: дека тоа се сосем поинакви луѓе од неговите родители и нивните познаници, дека тоа се лоши луѓе и дека затоа со нив треба да се постапува токму така како што се постапуваше со овој човек. Детето беше многу исплашено, но се израдува кога веќе не можеше да го гледа пијаниот човек. Другото дете, и не мрдајќи го погледот од пијаниот, прашањата за значењето на овој настан ги реши поинаку. По изразот на лицето се гледаше дека е цврсто убедено дека тој несреќен човек е ист како и тој самиот, како што се и сите други луѓе и дека на тој човек пред малку, некои други - лоши луѓе, му направија нешто што е многу лошо и кое во никој случај не требаше да му го направат. Солзите што му се појавија на лицето говореа дека му е жал за пијаниот, иако се плашеше и од такви луѓе со уништен живот и од оние што им го уништуваат животот.

%

%

Кога ќе видиме човек што греши, да се сетиме дека и ние сме грешни, кога ќе видиме страст во некого, да се сетиме дека и ние сме биле такви. На тој начин ќе чувствуваме блискост и сродност со секого на овој свет, ќе чувствуваме дека ќе бидеме многу посреќни ако помогнеме да бидат среќни и оние најпонижените, а тоа се алкохоличарите. Да се потрудиме и другите да ги научиме да владеат со своите страсти и нагони, кои, ако не се научат да слушаат - заповедуваат. Бидејќи, само оној кој некогаш бил паднат, може на друг да му пружи практичен пример - како повторно да стане. Потребно е оној кој еднаш се изгорел, да ги предупредува другите на опасноста од огнот.

Во мојата борба со алкохолната болест, посебно сум и благодарен на мојата сопруга за нејзината несебична, безрезервна поддршка, благодарност затоа што имаше сила да ги издржи сите удари, сите мои грешки, глупости и пропусти во животот, затоа што успеа да го одржи семејството. Со паметен маж може среќно да живее и да управува и глупава жена. Но, да управува и да живее со будала каков што бев јас, може само многу паметна жена. Денес таа не е само жена со која ја делам брачната постела, туку мој најголем пријател и мој животен сопатник, човек чиј живот вреди неспоредливо многу повеќе од мојот живот. Мојата благодарност за се што до сега направи за мене и за целото семејство, ја зацврси мојата љубов, ја зацврсти мислата во мене дека ќе ја сакам и кога ќе остари, а и тогаш кога ќе биде старица, бидејќи докажа дека ќе биде способна на нашите деца да им пружи и таткова љубов и внимание, ако случајно умрам.

Сосема за крај на мојата искрена исповед, изразувам голема благодарност кон мојот матичен лекар Др.Добрица Тинтоска - Димеска, која ми го покажа патот кон подобра и посветла иднина.

Изразувам и посебна благодарност и кон Др.Борче Паноски, кој го трасираше тој пат.

Упатувам благодарност и до сите членови на Клубот на лекувани алкохоличари ”Здрав живот” од Прилеп, за нивната поддршка и помош во моите напори да излезам од кризата.

Но, посебна и искрена благодарност од мене и од моето семејство упатувам кон Др.Методија Николоски - Мец, кој успешно не водеше по патот на победата, патот кон среќата и радоста, патот кон посветла иднина. Големо фала и нека ти е вечна слава Голем човеку. Твојот насмеан лик засекогаш ќе остане во нашите срца. И благодариме на Божјата Промисла што ни дарува толку скап дар, да познаваме и да живееме со толку способен човек, токму таков гение да биде нашиот учител. Ние го продолжуваме Твоето дело, а мудроста и знаењето што го пренесе на нас, ќе им помогнат на многу генерации и ќе останат вечен спомен на нашиот сакан и ценет терапевт Др.Методија Николоски - Мец.

Кога луѓето подобро би знаеле какви опасности, каква разурнувачка моќ, колкаво зло се крие во употребата на алкохолот, какви тешки последици остава за секој човек и за човештвото во целина, шишињата во излозите би требало да имаат нацртано мртовечка глава, со натпис:

“ВНИМАВАЈ - ОПАСНО ПО ЖИВОТ” 

%
Многу алкохоличари мислат дека не им е местото во Клуб на лекувани алкохоличари, дека не можат да говорат на начинот на кој говорат луѓето кои подолго време, со години, го посетуваат клубот, дека не можат проблемите предизвикани од алкохолот да ги чувствуваат како нив. Убедени се дека не можат да се залажуваат и дека од таквото залажување ќе претрпат неуспех, дека тоа не е во нивниот карактер. Тоа од нив никој и не го бара. Нека се јават на телефонскиот број на Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп (99389) 048 - 550716 и ќе ги добијат сите потребни информации. Потоа, нека дојдат во клубот и нека се прикажат такви какви што вистински се. Убеден сум дека со текот на времето, со помош на нивната цврста желба за успех, ќе научат како да го победат злото што е во нив. Знам дека тешко е да се поднесе неуспехот, но уште подобро знам дека е многу потешко, никогаш да не се проба да се успее.
Ние, членовите на Клубовите на лекувани алкохоличари, знаеме дека никого не можеме да го направиме подобар, освен со помош на останатото добро што е во него, никого не можеме да го направиме поразумен, освен со помош на остатоците од неговиот разум што се во него. Човекот самиот греши, самиот го смислува злото, самиот бега од гревот, самиот ја чисти својата мисла, самиот за себе е лош или добар: никој друг не може да го спаси. Ние само можеме да му помогнеме полесно да ја извојува својата победа над злото што живее во неговата душа. Ние, членовите на Клубовите на лекувани алкохоличари, посакуваме да успееме да им помогнеме на сите луѓе, особено да им помогнеме на младите луѓе за да можат да напредуваат во животот како здрави личности, да ги спасиме од проклетството на нивното лошо друштво, да ги спасиме од нив самите, да ги извлечеме од алкохолниот пекол. За да ја постигнеме таа хумана цел, потребна е само нивната добра волја и ништо друго. Убедени сме дека од редовното посетување на Клуб на лекувани алкохоличари, ќе почувствуваат дека се наоѓаат во целосно духовно задоволство во себе си, кое многу одамна го немаат доживеано, ќе почувствуваат дека дури сега осознаваат колку добри личности можеле и можат да бидат.
Не е страшно ако човек тоа што треба да го направи денес, го остави за утре - страшно е ако тоа и утре не го направи. Оние, кои залутале по патеката на злото и пропаста, нека не го чекаат “Утре”, туку што побрзо нека побараат помош во Клуб на лекувани алкохоличари и таму ќе го најдат јажето на спасот, кое ќе ги извлече од пеколниот алкохолен лавиринт. И, воопшто нека не се плашат, бидејќи не е страшно ако човек знае малку или воопшто ништо не знае за начинот и методите за борба со последиците од алкохолот - страшно е ако човек не сака да научи како најлесно да го победи злото. А ние, постарите членови на клубот, со своето долгогодишно искуство, ќе им помогнеме да ја зацврстат волјата сите оние, кои ќе изразат желба да ни се придружат. Спремни сме да им покажеме дека и тие можат да победат како и ние. Со текот на времето и самите ќе се уверат дека на таквиот победник не му судат, туку го наградуваат.

%

%

А што правиме ние? Не само што не правиме ништо за да се уништат условите во кои се создаваат така несреќни луѓе, како што се алкохоличарите, туку само ги одобруваме оние места во кои тие се создаваат. Тие места се добро познати, тоа се: местата за производство и продажба на алкохол - кафеаните, пивниците, јавните куќи и други. И не само што не ги уништуваме тие места (таквата идеја во овој момент и во вакви услови е чиста утопија), не само што не се донесуваат ригорозни законски мерки за ставање ред во производството, посебно закони за ставање ред во продажбата на алкохолот, закони со кои во голема мера ќе се ублажат штетните последици од постоењето токму на вакви места (идејата би требало да биде реално остварлива), туку, сметајќи дека таквите места се навистина неопходни, институциите ги поттикнуваат и со закон го регулираат нивното постоење. Често се прашувам: што би било кога институциите би вложиле стотти дел од напорите што ги вложуваат за заштита на алкохолот, кога би ги насочиле кон тоа да им помогнат на илјадници несреќни, запоставени луѓе, на кои сите гледаме со одвратност, а честопати и омраза?

Луѓето чувствуваат одвратност кога гледаат пијан човек, сметаат дека самиот е виновен за своите несреќи и страдања, но сепак, неговото одбивање да ја прифати стварноста на овој свет, колку и да изгледа детинесто, треба сите нас да не присили подобро да го погледнеме светот во кој живееме, да ги видиме сите негови добри и лоши страни, а потоа да размислиме за мотивите, заради кои ние сме го прифатиле. Ако може да се признае дека има нешто поважно од чувството на човекољубие, макар и за еден момент и макар во еден единствен случај, тогаш нема злосторство што не би можело да биде направено врз човекот, без да се почувствува вина за тоа.

Го жалиме човекот кога премрзнал, кога е гладен, но уште повеќе треба да го жалиме алкохоличарот! Оној првиот страда со телото, а вториот со тоа што е најскапо од се на светот - страда со душата. Добро, многу добро е да го сожалиме сиромавиот и да му помогнеме, но уште подобро е да не го осудуваме алкохоличарот, туку искрено да го сожалиме и да му помогнеме. Можеби тогаш многу повеќе ќе се приближиме до алкохоличарот, многу полесно ќе го најдеме вистинскиот начин да го мотивираме за борба против алкохолната болест. Треба да ги отвориме нашите срца и на алкохоличарот да му поклониме посебна почит и внимание, да почувствува искрена човекова љубов, бидејќи и учениот и неучениот, и богатиот и сиромавиот, и вештиот и невештиот, и убавиот и грдиот, и здравиот и болниот, и стариот и младиот - сите посакуваат и на сите им е потребна љубов и внимание. Тогаш ќе можеме да се надеваме дека и кај алкохоличарот ќе ја разбудиме неговата совест, дека тој ќе ја почувтвува топлината од дружењето со луѓето, ќе можеме да се надеваме дека ќе посака со иста мера да возврати на вниманието и љубовта што луѓето му ја дарувале.

% 

%

Алкохоличарот гледа дека во неговиот живот ништо не е добро, дека многу работи треба да ги промени. А да го измени човек може само тоа што е исклучиво во негова власт, да се измени себе си. Но, за да може да се измени, алкохоличарот пред се треба да признае дека самиот тој не е добар, дека страдањата на неговите најмили се исклучиво негова вина. За жал, тоа речиси никој алкохоличар искрено не сака да го направи, уште помалку сака да го прифати како нешто што е лошо и што треба што побрзо да го промени. Алкохоличарот целото свое внимание му го посветува не на тоа што е во негова власт, туку на надворешните влијанија, кои не се во негова власт и чија измена воопшто или многу малку можат да ја поправат неговата бедна положба, како што претурањето од еден сад во друг, не може да ги поправи особините на расипано млеко. И, тогаш почнува, во почетокот наивно, а потоа со сосема груба активност - изменување на карактерите на своите блиски по сопствена волја.

Бог, кој со својата мудрост го создал целиот свет, на секој од нас ни доделил посебна улога. Ако Бог одредил некој човек да биде просјак, принц или работник, нека секој човек што подобро ја одигра улогата што му е доделена на оваа Божја сцена - наречена свет. Алкохоличарот секогаш смета дека целиот свет е против него. Никогаш или многу ретко може да го забележи злото кое го нанесува над себе си, уште повеќе, да го согледа злото што го нанесува над своите најблиски, никогаш или многу ретко посакува да го остави алкохолот, својата и среќата на своите блиски да ја гради трезвено, со бистар ум, никогаш или многу ретко одлучува да побара помош за да ја надмини алкохолната болест. Тој не ја гледа неморалноста на своите постапки и на својот живот во целина. Понекогаш забележува дека луѓето го презираат, го одбегнуваат, но никако не може да сфати заради што го презираат, за што треба да се покае и во што треба да се поправи.

Искуствата на членовите на Клубовите на лекувани алкохоличари говорат дека е многу тешко да се биде добар со лош човек, со лажго, со алкохоличар, особено ако е возгордеан, арогантен, па уште и ако не навредува. Но, со таков, токму со таков човек треба да бидеме добри - и заради него, и заради себе. Добар човек е оној кој ги сака сите и им прави добро на сите луѓе, не прашувајќи дали се добри или зли. Никако не смееме да претпоставиме дека и најнеморалниот човек не би можел да биде морално, слободно човеково битие, дека таквите луѓе не ги заслужуваат нашата љубов и добрина, не го заслужуваат нашето внимание.

Во реалноста се случува нешто сосем спротивно. Кога човекот, болен од пијанството, затапен и зашеметен после бурно поминатите ноќи, ќе направи некоја глупост, институциите, кои се платени да се грижат за доброто на сите луѓе, не само што нема да навлезат подлабоко за да барем го разгледаат неговиот вистински проблем, не само што нема да се погрижат да ги уништат причините што го довеле човекот до неговата несреќна состојба, туку целата работа ја поправаат само со тоа што го казнуваат човекот. Со казната или заканата никогаш не се постигнуваат вистински резултати. Со нив можеме само да го заплашиме човекот, на час да го држиме подалеку од можноста да направи зло, но на тој начин никогаш човекот не може да се поправи. Осудувањето на другиот секогаш е неправедно, затоа што никој никогаш не може да знае што се случувало и што се случува во душата на оној кој го осудуваме. Човекот станал тоа што е - алкохоличар, само затоа што се наоѓа во такви услови, што создаваат такви луѓе. И затоа, сосема е јасно дека, за да нема такви луѓе, треба да се погрижиме и да ги уништиме оние услови, во кои се создаваат такви несреќни луѓе.

%  

« Previous PageNext Page »