Во основа, се вртев околу едно исто, за мене во тоа време нерешливо прашање, кое се состоеше во тоа да правам нешто, нешто друго, не знаејќи што и зошто. Денес ми е смешно кога ќе се сетам, како моите родители понекогаш се трудеа да ме научат на нешто потребно, иако и самите не знаеја што е потребно.
Кога од денешен аспект размислувам за влијанието на татко ми врз моето воспитување и врз мојот живот воопшто, доаѓам до заклучок дека длабоко во мене се всади неговото чувство на чесност и скромност. Но, иако упорно барам нешто што би ги ублажило моите обвинувања за неговото однесување, за сите негови негативности кои со текот на времето станаа и дел од мојот карактер, и кои подоцна направија пекол од мојот живот, сепак доаѓам само до еден заклучок: единствена олеснителна околност за неговото однесување е тоа што можеше да биде полош, многу полош.
На почетокот напоменав дека бев дете со изразена љубопитност и незадоволство од се околу мене. Секогаш бев принуден да замолчам пред строгиот поглед на татко ми, но никогаш не бев убеден дека е во право. Бидејќи бев скромно дете, сиромаштијата што постојано го притискаше нашето семејство воопшто не ми сметаше, дури не је ни забележував, но секогаш многу, премногу ми сметаше и болеше што со татко ми, поради големиот страв од него, комуницирав некако службено, доаѓав во каков било контакт со него, само ако бев приморан тоа да го направам. Во ликот на татко ми не гледав добар родител кој секогаш со насмевка на лицето ќе го погали, ќе го охрабри своето дете (татко ми тоа никогаш не го направи), туку секогаш во него гледав тиранин, гледав генерал кој во секоја прилика се однесува нареднички, кој во секоја прилика бара беспрекорна, честопати непотребна, претерана дисциплина од своите војници, генерал кој наметнуваше строги правила на однесување кои важеа за сите – само не и за него.
Поради скромното знаење, родителите не беа во можност да одговорат на безбројните прашања, што непрекинато доаѓаа во мојата глава. Можеби поради тоа морав, поттикнат од својата љубопитност, одговорите да ги барам сам, сам да го барам и да се пробивам по трнливиот пат на животот. Вистинскиот пат во животот и не е толку тешко да се најде, но многу е тешко на него да се остане. Младите луѓе, кои почнуваат да живеат, излегуваат на нови, за нив непознати патишта и лево или десно наоѓаат непознати патчиња и, ако на почетокот се покаже дека е весело и лесно да се оди по нив, тогаш тие ќе навлезат толку далеку, да и кога би сакале да се вратат на стариот, главен пат, веќе не знаат како тоа да го направат, туку упорно одат понатаму и завршуваат во пропаст. И, за себе да се залажат и да ја замолчат својата совест во себе, измислуваат разни оправдувања за своето недолично, глупаво и несоодветно однесување. Најчестото оправдување наведува дека јас сум добар, подобар од другите и дека луѓето не можат или не сакаат тоа да го разберат, та ете затоа не можам да се дружам со нив. Големо зло е кога човек не ја познава и признава вистината, но уште поголемо зло е кога човек признава за вистина тоа што не е вистина.
На животот почнав да гледам како на некое големо зло, како на некоја голема измама, како на некоја голема несреќа. Сето тоа не е добро за човек, кој треба да очекува радост и среќа во животот, кој е создаден да живее, да љуби и да биде љубен. Притиснат од несреќното детство, соочен со недовербата кон сите околу мене, во моите мисли навлезе и заживеа страв од иднината и песимизам кој полека се всели во мојот карактер. Ја снема радоста од моето срце, исчезна смеата од детското лице, болка и тага царуваа во детската душа, но тоа никој не го забележуваше.








