Вие, кој што сега посетувате Клуб на лекувани алкохоличари, вероватно сте разбрале дека сте влегле во големото семејство, кое сака да си го смени стилот на животот, кое сака повторно да ја најде насмевката и задоволството кај секого. За да се постигне ова постојат неколку многу едноставни работи, кои треба да се направат… работи кои сме ги заборвиле, пред да дојдеме во клубот. Пред сé, треба да знаеме како да се вклучиме во расправа со самиот себе и со другите, да зборуваме за себе, да прифатиме критика, да ги слушнеме другите. За многумина од нас сето погоре споменато е многу тешко, но ако не успееме да го направиме тоа, ќе останеме затворени во нашите чаури и нашиот живот нема да се промени. Сето ова претставува големо почитување за приказните од животот на другите. Клубот не е суд и поради тоа добро се чуствуваме, затоа што знаеме дека нашиот пријател нема да не оптужува, а уште помалку дека ќе не осудува. Почитувањето на приказните од животот на сите, значи за сé што се зборува во клубот, таму и ќе остане за сигурно.
AKTIVNOSTI VO KLUBOT
Category : АЛКОХОЛИЗАМ 075 985772, КЛА 048-550716
КЛУБ НА ЛЕКУВАНИ АЛКОХОЛИЧАРИ
Category : КЛА 048-550716
Клубот на лекувани алкохоличари Ви е како да сте во еден рудник, и во него талкате, симни се најдолу, па кaчувај се нагоре. Тешките услови за живеење во него ти нанесуваат многу болки и повреди. Така талкајќи го додирнувате дното на дното од Вашиот внатрешен живот. Меѓутоа еден ден си наоѓате еден камен, камен со недефинирана форма и изглед, а Ве освоји неговиот сјај и неговиот спектар од бои. Си го зедовте каменот и го понесовте со себе дома. Кога го оставивте во Вашата мрачна соба каменот засвети со сиот свој раскош, собата се осветли, а на Вашето лице се појави насмевка, за прв пат после долги години. Меѓутоа каменот секој ден не светеше и Вие мораше да го забришувате, да го милувате, едноставно да се грижите за него.
Е така и Клубот ти ја враќа надежта, вербата и силата во тебе, ама само со труд, работејќи на себе, ти ги користиш туѓите искуства, грешки и знаења и го купуваш за себе најдобриот производ што ти го нудат искусните членови на Клубот.
Некој од постарите членови, цело време да се грижи за новиот апстинент, како еден вид “Ангел чувар!”
Category : КЛА 048-550716
Забележувам дека од методите што се применуваат во Клубовите на лекувани алкохоличари, изостануваат препораките од најголемиот експерт по алкохологија, др.Владимир Худолин. Покрај другото, др.Худолин препорачува: на апстинентите кои започнуваат со својата апстиненција, потребно е постојано да им помага некој од постарите членови, цело време да се грижи за него, како еден вид “Ангел чувар.” За жал, голем дел од апстинентите, кои успеале да ја победат алкохолната болест, наместо да возвратат со благодарност, целосно заборавиле колкава помош им била потребна за да го достигнат успехот. Гледајќи ги само сопствените интереси, не сакаат да си земат обврска, да му бидат “Ангели чувари” на некој од
Се враќав на работното место од разговор за подобро решение за вработување, а мислите ми беа топли и полни со надеж за поубава иднина на оние три малечки суштества, што при моето враќање дома ми ја греат душата со искрени прегратки, и силна како што може да биде само љубовта на децата кон мајката. Слабото зимско сонце ми ги топлеше образите и ми создаваше чувство на пријатност и релаксираност. Ја завртев главата лево и десно пред да ја преминам улицата, а само на педесетина чекори од другата страна ме чекаше добропознатиот влез во кацеларијата, во која минувам една третина од своето време веќе 10 години и пријателските лица на долгогодишните колеги.
И, додека така лебдев залулкана во мекоста на со години стекнуваната сигурност и ветувањата за подобра иднина, кои само што ми го подигнаа оптимизмот, одеднаш, на само два чекори од мене, се појави ТОЈ, човекот, со кој требаше да ја делам староста, кој требаше да биде заштита на моето семејство, таткото на моите деца.
И денес кога легнувам ноќе, само што ќе ги затворам очите, иако се обидувам да го потиснам во заборав, пред погледот ми излегува неговиот изобличен лик, од очите му стрела омраза, каква што не верував дека на светов воопшто постои, а секој дел од неговото лице се стиснал во безграничен гнев, во кој се испреплело чувството на надмоќ на предатор, што веќе го заграбил пленот во челуста и се готви да се слади со неговата слабост.
ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СДУ “ДР. МЕТОДИЈА НИКОЛОСКИ – МЕЦ” НА ГОДИШНОТО СОБРАНИЕ НА ЗКЛАМ
Category : КЛА 048-550716
Јас, Ташко Причков, долгогодишен член и претседател на Советувалиштето на лекувани алкохоличари “Д-р Методија Николоски – Мец“, имам чест и огромно задоволство, од името на сите членови и од името на нашите ценети терапевти, да ги поздравам сите присутни на денешнава свеченост и да ви посакам понатамошна успешна работа.
Велат дека успехот не е дестинација, туку патот кој треба да се помине, за да се стигне до истата.
Кој е слободен? Само мудрецот кој знае да владее со себе, кој не се плаши од сиромаштијата, оковите и смртта, кој знае да им пркоси на страстите и ги презира славата и почестите. Хорацие
Ми рекоа: “Ако најдеш заспан роб, не буди го – можеби сонува за слободата.” Јас им одговорив: “Ако најдеш заспан роб, разбуди го и раскажувај му за слободата.” Гибран
За одржување на трајна апстиненција во лекувањето на алкохолната болест, во Клубовите на лекувани алкохоличари низ целиот свет, се применуваат различни методи.
Се смета дека првите Клубови на лекувани алкохоличари, наречени Клубови на Анонимни алкохоличари (АА) се формирани во Америка, во 1936 година. И денес на принципот на анонимност на апстинентите, функционираат клубовите речиси низ целиот свет.
Трагајќи по информации, во книгата “Писма2″ 1887-1910 г. стр.32 од Толстој, најдов интересен податок. Во писмото што го испраќа до сликарот И.Ј.Рјепин, Толстој пишува дека било основано доброволно друштво за борба против алкохолот, првото друштво основано во Русија во 1888 г. со име “Солидарност против пијанството.” Во писмото Толстој пишува: “…Особено живо ме потсети на Вас главата на жена без нос на вињетата за сифилисот. Остава страшен впечаток. И еве, имам нешто да ве замолам, да ви предложам и да се посоветувам со Вас. Јас веќе издавам книги за пијанството. Две – од докторот Алексеев (“За штетноста од употребата на јаките алкохолни пијалаци” и ”Како да се помогне во големата несреќа? Како да се спречи пијанството”), едната е на цензура, третата ќе се препечати. И јас постојано мислам да напишам книга на оваа тема. И затоа ми падна на памет да Вие изработите две работи: една слика со вињети, на која ќе биде прикажано пијанството во сите облици и во сите стадиуми, втората, мала за обвивката на книгата што ја пишувам, и трета, заедничка за сите книги за пијанството кои ќе ги издадеме. Сижето и за едното, за другото и третото изберете го сам, но нека биде исто така страшно, снажно, и нека директно се однесува на предметот, како што е случајот со сифилисот.
Нашата солидарност против пијанството, како што мене ми изгледа, и покрај тоа што нема одреден облик, се шири и ги зафаќа луѓето, односно делува.”
Во почетокот на шеесеттите години од минатиот век, низ Европа почнуваат да никнуваат првите Клубови на лекувани алкохоличари, а основач и главен иницијатор е Др.Владимир Худолин, психијатар и хуманист. Тој во Загреб отвора и алкохолошка школа, во која се едуцираат сите алкохолози од поранешна Југославија.
Во зависност од карактерот, од капацитетот на љубов и човекољубие што терапевтот ги поседува, во Клубот што го води спроведува свои методи на работа, од кои најкарактеристични се два – првиот, автократски, во кој на состаноците во клубот во центарот на вниманието е терапевтот и вториот, либерален, во кој на состаноците во клубот во центарот на вниманието е апстинентот.
Во Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп, Др.Методија Николоски – Мец, кој својата специјализација по алкохологија ја добил кај Др.Владимир Худолин, а и сегашните терапевти, го прифатија и применуваат либералниот метод. Ако некој апстинент чувствува некакви тегоби, предизвикани од алкохолни кризи кои се пропратна појава кај секој апстинент, јавно разговара и бара помош не само од терапевтите, туку и од своите колеги, постарите апстиненти, кои веќе се соочиле и ја надминале таквата состојба. Со помош на терапевтот, но најмногу со помош на искуството од апстинентите, кризите најлесно се пребродуваат. На состаноците секој апстинент има можност директно да учествува во расветлувањето на многу прашања од областа на алкохолизмот и животот воопшто, кои не му се доволно јасни. Се разбира, новите апстиненти постојано ги збогатуваат своите сознанија за алкохолот и животот воопшто, добиени од искажувањата на поискусните апстиненти. Со текот на времето кај апстинентот се зголемува неговата волја за цврста апстиненција, се зголемува сигурноста во себе, така што се случува некој апстинент, кој што подолго од една година бил пасивен набљудувач и воопшто или многу малку учествувал во активностите на КЛА, да почне да ги искажува своите ставови, што е сигурен знак за напредок во неговото лекување. Структурата на апстинентите кои го посетуваат клубот е сосема поинаква од структурата на апстинентите, кои посетуваат некои други клубови. Нашиот клуб, покрај новите апстиненти кои ја започнуваат својата апстиненција, го посетуваат луѓе кои имаат по десет, петнаесет, дваесет па и повеќегодишна апстиненција.
Некои експерти по алкохологија напишале дека апстинентот успеал да се излекува од алкохолната болест, ако редовно посетува Клуб на лекувани алкохоличари од 3-5 години и дека потоа нема потреба да го посетува клубот.
Практиката покажува дека тоа е погрешен пристап, односно дека многу апстиненти по повеќе од десетгодишна апстиненција повторно влегуваат во рецидив, а некои дури целосно му се враќаат на алкохолот. За одбрана од рецидивот (праксата во триесетгодишното активно работење на КЛА докажа дека е сосема исправно), во Клубот на лекувани алкохоличари ”Здрав живот” од Прилеп има оформено патронажна група, составена од терапевт и двајца апстиненти, кои го посетуваат апстинентот кој направил рецидив во неговиот дом. Веќе стекнатото пријателство и почитување помеѓу апстинентите и авторитетот на терапевтот, придонесуваат, во најголем број случаи на рецидив, апстинентот повторно да се врати во клубот и да продолжи со своето успешно лекување.
Заедничка негативност и во двата метода е што некои од младите апстиненти, многу брзо го напуштаат клубот и повторно се враќаат во прегратките на ѓаволот. Во првиот метод причината е што нема механизам со кој ќе се следи напредувањето на апстинентот во градењето на неговиот карактер, во менувањето на неговите погледи кон алкохолот и животот воопшто, а во вториот причина е што новиот апстинент, веднаш по излегувањето од болница, неподготвен, без доволно сознанија за значењето на КЛА во неговиот живот, се сретнува со информации кои во тој момент не може правилно да ги оцени и разбере. Затоа, кај некои апстиненти се јавува разочараност и нивниот интерес за посета на клубот уште на почетокот опаѓа. За надминување на овие проблеми, експертите по алкохологија препорачуваат, барем во првите неколку месеци од апстиненцијата, покрај на редовните состаноци, со новите апстиненти да се работи одвоено, за да се припремат за вистинско вклучување во работата на Клубот на лекувани алкохоличари и резултатите нема да изостанат.
ПРИЈАТЕЛСТВОТО – СТОЛБ НА КЛУБОТ НА ЛЕКУВАНИ АЛКОХОЛИЧАРИ
Category : АЛКОХОЛИЗАМ 075 985772, КЛА 048-550716, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772
Со своите пријатели правам исто како и со своите книги. Би сакал да бидат таму каде ќе можам да ги најдам, но ретко со нив се користам.
Како што ластовицата во лето долетува, а во зимо одлетува, така и неверниот пријател во среќата е на услуга, а штом среќата ќе се промени, тој го остава пријателот.
Човекот е социјално битие, создадено да живее во заедница со другите луѓе, за да може да опстои. Старите велат дека судбината на човекот му ги одредува роднините, а пријателите ги избира сам. Како што единствена вистинска награда за направеното добро дело е самото дело, така и единствен начин човек да има пријател е и самиот да биде пријател. Тоа значи дека секој човек треба да ги прифати сите слабости на луѓето со кои комуницира, слабостите од другите да не му сметаат, да биде многу толерантен и спремен на пријателот да му се најде во неволја во секое време.
Има многу случаи, кога човекот не е во можност самиот да ги избира луѓето со кои ќе соработува и комуницира. Таков е случајот со членовите на Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп. Од самиот почеток на своето постоење, во далечната 1978 година, Клубот е доброволна, достапна и отворена организација за секој човек кој има какви било проблеми предизвикани од алкохолот, но го посетуваат и луѓе кои за среќа немаат проблеми со пиењето алкохол, туку, од чисто човекољубие, доаѓаат за да им помогнат на другите. Зборот пријателство во нашиот Клуб не е само обична фраза, лесно прифатена формалност. Пријателството помеѓу апстинентите се темели на основните човекови доблести – взаемното почитување, добрината, вистината, љубовта и човекољубието, искреноста и спремноста еден на друг да си помагаат во заедничкото одење кон посреќна и посветла иднина.
Се поставува сосема логично прашање: како е можно во една заедница, во која членуваат различни луѓе, кои во поголемиот број случаи воопшто не се познаваат помеѓу себе, луѓе кои позади себе имаат страшно минато бидејќи долги години биле заробени од ѓаволот и живееле во алкохолниот пекол, луѓе кои биле многу лоши и им нанеле големи неправди и несреќи на своите најмили, како е можно токму такви луѓе да изградат така добро пријателство помеѓу себе, достојно за почит и восхит? Која е таа сила што така цврсто ги држи темелите на Клубот на лекувани алкохоличари?
Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп е како каменит свод, чии камења се поврзани, но тој веднаш ќе се сруши ако над него деноноќно не бдеат нашите терапевти. Тие се единствени учители, достојни на тоа име, бидејќи кај апстинентите го разбудуваат духот на слободното мислење и развиват чувство на лична одговорност. Тие не учат, за да се чувствуваме посигурни, похрабри и помирни, дека треба да посакуваме малку од животот, а да се надеваме на уште помалку, не учат дека не мораме да бидеме подобри од другите, туку да бидеме најдобри колку што можеме. Тие знаат да ја препознаат демонската сила на незнаењето, уште повеќе, да ја препознаат демонската сила на погрешното знаење, а со тоа да ја уништат и таа лоша причина за многу лични и семејни трагедии. Нашите терапевти на апстинентите им пружаат посебна помош и внимание во нивното искачување кон врвот на вистината, кон здогледување на нови, поголеми предели од животот, кои треба да ги истражуваат.
Поголемиот дел од луѓето, својата среќа во животот ја наоѓаат во стекнувањето на богатство, во уживањето во предметите на техниката и технологијата од развојот на цивилизацијата. Во светот има многу експерти кои придонесуваат за развојот и унапредувањето на науката и техниката, но само терапевтите во Клубот на лекувани алкохоличари правилно ја разбрале и во пракса го применуваат напредокот на цивилизацијата, на која, на крајот на краиштата, не би требало да и биде цел само напредокот на науката и машините, туку напредокот и издигнувањето на човекот.
Нашите терапевти постојано не учат дека вистинска среќа и огромно богатство за секој човек е да стекне барем еден вистински пријател, дека нема други богатства повредни од тоа. Тоа го потврдува и мудроста на почитуваниот професор др.Ферид Мухиќ: “Таму, каде човекот е број еден, парите се број два; таму, каде парите се број еден, човекот е број - нула.”
ДА МУ ПОМОГНЕМЕ НА ПРИЈАТЕЛОТ ПОЛЕСНО ДА ГО НАЈДЕ ПАТОТ ЗА ИЗЛЕЗ ОД АЛКОХОЛНИОТ ПЕКОЛ
Category : КЛА 048-550716, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772
Среќаваме многу луѓе кои говорат за слободата, но наоѓаме многу малку кои не го посветиле целиот свој живот на тоа, да себе си си исковаат окови.
Слободни сме толку повеќе, колку поразумно делуваме, а слуги сме толку повеќе, колку повеќе дозволуваме со нас да владеат страстите.
Драг пријателе,
Го напишав овој текст за да го изнесам тоа што сакам да ти го кажам, бидејќи помеѓу нас, заради твоето однесување, се подигна бариера, ѕид низ кој не можеме нормално да комуницираме. И, затоа што тој ѕид постои, ние стануваме се подалечни и тешко можеме да се разбереме еден со друг. За да го турнам тој ѕид и да ти го соопштам ова многу важно што имам да ти го соопштам и без што, во тоа сум цврсто убеден, дека ќе ти биде се потешко и потешко да живееш, јас го пишувам овој текст. Те молам внимателно да го прочиташ и добро да размислиш за неговата содржина. Вреди ова да го направиш и само заради тоа што јас, пишувајќи ги овие редови, со мака се борам со мислата за мојата неспособност и невредност да му помогнам на пријател што многу го почитувам и ценам, за кој што деноноќно размислувам. Ова што денес го пишувам се однесува и на другите членови од Клубот на лекувани алкохоличари, кои се наоѓаат во иста состојба како и ти, односно повторно му се вратија на алкохолот, но додека пишувам само ти си ми пред очите и ти се обраќам само тебе.
Во овој момент за тебе е потребно и многу корисно да научиш, како правилно да го сфаќаш животот од другите луѓе, особено правилно да ги сфатиш и конечно да почнеш да ги развиваш животните потреби и радости на твоите најмили. Забележувам дека сега засега за тебе тоа чувство е непознато. Никако не можеш да сфатиш дека твоите најмили имаат потреба да се радуваат, да уживаат, да страдаат и сакаат да живеат полн живот исполнет со мир и благосостојба, како што би требало да живееш и ти самиот. Потполно ги имаш занемарено, длабоко во твојот мозок, во некоја фиока, ги имаш заклучено чувствата за праведност, љубов и човекољубие, целосно го имаш загубено чувството за одговорност, за градење на вистинско заедништво, што е основа за мир и топлина во секој дом – најскапото нешто што кој било човек може да го посака. Драг пријателе, ништо поскапо не можеш во животот да им поклониш на твоите прекрасни деца, од тоа што вистински ќе ја сакаш и почитуваш нивната мајка.
Ова не го зборувам само затоа што досега во твоето однесување, никогаш не сум забележал каење и грижа на совеста, туку затоа што кај тебе целосно отсуствува искрено сочувство кон оние кои страдаат (твојата сопруга и децата), или народски кажано, тоа е заради егоизмот кој царува со твојата заробена душа. Јас триесет години бев во алкохолниот пекол, во истиот пекол во кој што денес ти живееш и заради тоа се грозам од тој егоизам и на мене влијае како да гледам нешто најодвратно.
Подолго време во мојата душа се собираа овие чувства и ете собрав храброст и ги искажав, само заради тоа што навистина те почитувам и ти посакувам се најубаво во животот, затоа што навистина сум спремен да ти помогнам да излезеш од пеколниот алкохолен лавиринт во кој што се измачуваш, а за жал, покрај тебе во тој пекол се измачуваат и членовите на твоето семејство. Повеќепати, со посебна почит и внимание, ги избирав зборовите со кои сакав да ти укажам на твоите најголеми грешки, за кои и тогаш и сега сум цврсто убеден дека можеш да ги надминеш, за да го пронајдеш патот кон среќата и радоста. Прва и најголема грешка во твоето однесување е твојата склоност кон лажењето. Во почетокот ја разбирав твојата желба пред другите да се претставиш во најдобра светлина, да ги убедиш сите членови на Клубот, па дури и терапевтите, дека повеќе не се дружиш со алкохолот, но се надевав дека таа особина, што е карактеристична за повеќето алкохоличари кои започнуваат со апстиненција, со текот на времето ќе ја надминеш. Но еве, и после повеќе од шест месеци откако го посетуваш Клубот, ти продолжуваш секојдневно да пиеш алкохол и упорно се залажуваш себе си дека за тоа никој не знае, безобзирно и безобразно пред сите упорно докажуваш нешто што е толку очигледно и за кое сите ја знаат правата вистина.
Во последно време многу ме измачува едно прашање: која е причината што ти го прекина нашето дружење и дали во сето тоа има моја грешка? Кога подлабоко навлегувам во ова прашање, секогаш доаѓам до само еден едноставен одговор: твојата почит кон мене и моите напори, со моите укажувања и совети да ти помогнам, се на многу ниско, можеби на најниско можно ниво. Упорно настојувам да те натерам да ги промениш твоите ставови за алкохолот и да ги прифатиш моите совети полесно да ја победиш алкохолната болест, но изгледа дека не успевам во тоа. Од друга страна, за мене е болна и самата помисла така еноставно да те оставам да продолжиш да се уништуваш во твојата глупост, бидејќи одсекогаш сум бил, а и сеуште сум убеден дека со малку труд од твоја страна, сите работи можат да си дојдат на правото место.
Пред се, треба да донесеш цврста одлука, од твојот карактер да го исфрлиш самозалажувањето и лажењето, таа гнасна, одвратна особина која води кон губење на најскапото нешто во човековиот живот – а тоа е достоинството. Наједноставното и најкраткото правило за среќен живот се состои во тоа, да човекот што е можно помалку им биде терет на другите, да ги принудува (спротивно на нивните убедувања) да ја прифатат лагата наместо вистината, да го прифатат страдањето наместо среќата, да го прифатат лошото наместо доброто. Собери сила правилно да го разбереш ова што ти го пишувам, прифати го и во пракса, покрај другите правила добиени во Клубот, применувај го и ова правило кое му дава целосна смисла на човековиот живот и кое произлегува од најубавите доблести, правило што ги решава сите потешкотии кои ќе се испречуваат пред тебе. Само тогаш ќе бидеш спокоен, задоволен и среќен, кога и самиот ќе бидеш цврсто убеден дека со твоето однесување им носиш среќа и радост на сите луѓе околу тебе, особено на твоите најмили.
Не е најголем мудрец човекот кој знае најмногу работи. Има безброј работи кои ние не можеме да ги знаеме. Ти си паметен и интелигентен човек и пред тебе се отвораат бесконечни можности. Животот те научил на многу работи, но треба да знаеш дека најголемата мудрост во тој систем на знаења е во способноста на човекот, своето знаење да го распореди според степенот на важност на работите. Од сите знаења кои човекот може и треба да ги знае, најважно е знаењето за тоа : како треба да се живее, а притоа што помалку да се прави зло, туку што повеќе добро. Тоа знаење не се учи во ниедно школо, на ниеден факултет – тоа знаење, со малку труд, најдобро ќе го стекнеш во Клубот на лекувани алкохоличари.
Почитуван колега, треба безрезервно да го прифатиш ова што ти го советувам. Треба да бидеш многу искрен за да ја почуствуваш силата на големата љубов и доброто, со твоите умни способности постепено да почнеш да се качуваш по скалите на успехот во борбата со алкохолната болест. Прифати ја пружената рака за помош на луѓето од Клубот на лекувани алкохоличари и многу полесно и побрзо ќе успееш да го победиш ова најголемо зло не само за тебе, туку за целото човештво. Многу ме боли што, не велам дека знам, но претпоставувам, дека сето ова што го кажав ќе биде сосема мирно отфрлено од твоја страна, како некоја непријатност што ја возбудува и разбранува твојата душа. Ако пак не биде така, и ти, драг пријателе, подобро размислиш и ѕирнеш во твојата напатена душа и, ако посакаш да го разбудиш во тебе тоа што во овој момент ти недостига, јас многу ќе се радувам. Согледај ги своите недостатоци и убавите особини веднаш сами од себе ќе се појават. Се разбира, на мојата помош можеш да сметаш во секое време и немој да се колебаш да ја побараш.
Прости ми ако не бев доволно внимателен со зборовите, со поголема љубов да го кажам тоа што сметам дека во овој момент за тебе е најпотребно. Но, изгледа дека не умеам подобро. Сепак, биди убеден дека моите чуства ги води почитта и добронамерноста кон човек, кој во душата го носам како искрен пријател. Едноставно, гледам како секојдневно пропаѓаш и тоа не сам, туку заедно со тебе пропаѓа и твоето семејство. Спасот за тебе е само еден: длабоко во душата мора да ја прифатиш твојата вина, да се смириш, да престанеш со пиењето алкохол и да признаеш дека алкохолот е најголемата причина што лошо живееше и сеуште живееш и што е најважно – дека треба не само некои работи да ги промениш во твоето однесување, туку да измениш се и да почнеш од почеток. Треба веднаш да престанеш да се дружиш со луѓе кои те поддржуваат во твојата глупост, на кои воопшто не им е важна твојата и среќата на твоите најмили, треба да најдеш некоја активност што ќе те исполнува, што ќе биде корисна за тебе и ќе им носи среќа и радост на твоите најмили.
Добро размисли за сето ова, но не само површно пред себеси или пред луѓето, туку пред Бога, и направи како што Бог ќе ти каже, односно, твојата совест. И, нека не те збунуваат и обесхрабруваат пречките на кои секојдневно ќе наидуваш, ако тргнеш по нов пат во животот. Тие пречки сами од себе ќе исчезнат и ти нема ни да ги забележиш, ако тоа што ќе одлучиш да го правиш не го правиш само заради себе самиот, заради твојот егоизам, туку заради мирот во твојата душа, уште повеќе, заради мирот и среќата во вашиот дом, односно, заради Бога.
Со љубов во Бога
Детето е половина мајмун, половина ангел. Колку треба да се издигнува и колку да се спушта, додека да стане човек? Јозеф Еотвос
Дали знаете кој е најсигурен начин, со кој можете да го турнете своето дете во несреќа? Дозволете му да направи се што ќе посака. Русо
Пред неколку денови, на покана од терапевтот г-ѓа Милка Темелкоска, присуствував на состанокот во Женскиот клуб за поддршка на апстинентите - ”Викторија.” Немам зборови со кои ќе ја опишам прекрасната атмосфера која лебдеше во просторијата, од почетокот до крајот на состанокот. На секој лик од присутните, десетина жени, можеше да се забележи задоволство и среќа, слична на среќата од човекот, кој го пронашол скриеното богатство, што толку долго го барал. Терапевтот многу вешто, без воопшто да се наметнува, ги остави присутните да ги искажат своите маки, да се посоветуваат една со друга и да си понудат помош. Со внимание ги слушаше овие напатени жени, кои отворено даваа до знаење дека одамна не ја почувствувале радоста и среќата, дека, ако ништо друго, со посетата на Клубот, во нивните срца повторно се родила и живее мислата, дека излез од алкохолниот пекол сепак постои. При крајот на состанокот, терапевтот рече:
- Ве молам за малку внимание. Ќе ви раскажам една приказна која многу пластично ги прикажува раните во срцето, нанесени од алкохолот. Се надевам дека ќе ви се допадне.
МНОГУ ОДАМНА ЖИВЕЕШЕ ЕДНО ДЕТЕ, СО ЛОШ КАРАКТЕР. НЕГОВИОТ ТАТКО МУ ДАДЕ ЕДНА КЕСА ПОЛНА СО КЛИНЦИ И МУ РЕЧЕ: “СЕКОГАШ КОГА ЌЕ ЈА ИЗГУБИШ КОНТРОЛАТА ВРЗ СЕБЕ, ДА ЗАКОВАШ ПО ЕДЕН КЛИНЕЦ ВО ОГРАДАТА.”
ПРВИОТ ДЕН ДЕТЕТО ЗАКОВА 37 КЛИНЦИ ВО ОГРАДАТА. ВО ТЕКОТ НА НАРЕДНИТЕ МЕСЕЦИ СЕ НАУЧИ ДА ГО КОНТРОЛИРА СВОЈОТ БЕС И БРОЈОТ НА ЗАКОВАНИ КЛИНЦИ СЕ СМАЛУВАШЕ. ОТКРИ ДЕКА ПОЛЕСНО Е ДА ГО КОНТРОЛИРА СВОЈОТ КАРАКТЕР, ОТКОЛКУ ДА КОВА КЛИНЦИ ВО ОГРАДАТА.
И ТАКА, ДОЈДЕ ДЕНОТ КОГА НИТУ ЕДНАШ НЕ БЕСНЕЕШЕ. ТОЈ МУ ГО КАЖА ТОА НА СВОЈОТ ТАТКО, А ПАК ТАТКОТО МУ РЕЧЕ: “ОД ДЕНЕС СЕКОГАШ КОГА ЌЕ УСПЕЕШ ДА ГО КОНТРОЛИРАШ СВОЈОТ КАРАКТЕР, ЌЕ ВАДИШ ПО ЕДЕН КЛИНЕЦ ОД ОГРАДАТА.”
ДЕНОВИТЕ ПОМИНУВАА, А ДЕТЕТО ГИ ВАДЕШЕ КЛИНЦИТЕ МЕНУВАЈЌИ ГО СВОЈОТ КАРАКТЕР И ЕДЕН ДЕН МУ КАЖА НА СВОЈОТ ТАТКО ДЕКА ГИ ИЗВАДИ СИТЕ КЛИНЦИ ОД ОГРАДАТА. ТОГАШ НЕГОВИОТ ТАТКО ГО ЗЕДЕ ЗА РАКАТА И ГО ОДВЕДЕ ДО ОГРАДАТА И МУ РЕЧЕ НА СИНОТ: “СИНКО, УБАВО СЕТО ОВА СИ ГО НАПРАВИЛ, НО ПОГЛЕДАЈ ГИ СИТЕ ТИЕ ДУПКИ ШТО СЕ НАПРАВЕНИ ОД КЛИНЦИТЕ ВО ОГРАДАТА. ОГРАДАТА НИКОГАШ НЕМА ДА БИДЕ ИСТА. КОГА ВО БЕС ЌЕ ГИ КАЖЕШ НЕКОИ РАБОТИ, ТИЕ ОСТАВААТ ТРАГИ ВО ДУШАТА И СРЦЕТО, ИСТО КАКО ШТО СЕ И ОВИЕ ДУПКИ ВО ОГРАДАТА. АКО ЧОВЕК ГО ПРОБОДЕШ СО НОЖ И АКО ГО ПОВЛЕЧЕШ ИСТИОТ, ПОТОА НЕ Е БИТНО КОЛКУ ПАТИ ЌЕ КАЖЕШ ДЕКА ТИ Е ЖАЛ. РАНИТЕ ОСТАНУВААТ. ВЕРБАЛНАТА РАНА Е ИСТО ТОЛКУ БОЛНА, КОЛКУ И ФИЗИЧКАТА.”
ПРИЈАТЕЛИТЕ СЕ РЕТКА СКАПОЦЕНОСТ И ГОЛЕМО БОГАТСТВО. ТИЕ ПРАВАТ ДА СЕ СМЕЕШ, ТЕ ОХРАБРУВААТ ДА УСПЕЕШ ВО НЕШТО, ТИЕ СЕ СПРЕМНИ ДА ТЕ СЛУШААТ, ДА ЈА ПОДЕЛАТ ТВОЈАТА БОЛКА, ИМААТ УБАВИ ЗБОРОВИ ЗА ТЕБЕ И СЕКОГАШ ИМ Е СРЦЕТО ОТВОРЕНО ЗА ТЕБЕ. ПОКАЖЕТЕ ИМ НА СВОИТЕ ПРИЈАТЕЛИ КОЛКУ ВИ Е ВАЖНО НИВНОТО ПРИСУСТВО ВО ВАШИОТ ЖИВОТ.
ЖИВОТОТ НЕ Е БЛОК ЗА ЦРТАЊЕ. ГРЕШКИТЕ НЕ СЕ НАЦРТАНИ СО МОЛИВ ЗА КОИ МОЖЕ ДА СЕ УПОТРЕБИ ГУМА ЗА БРИШЕЊЕ, ЗА ДА ГИ СНЕМА, КАКО НИКОГАШ ДА НЕ ПОСТОЕЛЕ. ТИЕ СЕКОГАШ ЌЕ ЖИВЕАТ ВО СРЦЕТО НА СЕКОЈ ИСКРЕН АПСТИНЕНТ И КАКО БОЛНИ РАНИ ЌЕ ПЕЧАТ И ДО КРАЈОТ НА ЖИВОТОТ ЌЕ ГО ПОТСЕТУВААТ НА МИНАТОТО. СЕКОЈ АПСТИНЕНТ СЕКОЈДНЕВНО СЕ ПОТСЕТУВА НА ДЕНОВИТЕ И НОЌИТЕ, КОИ ТРЧАЈЌИ ГО ВОДЕЛЕ НЕГО И НЕГОВОТО СЕМЕЈСТВО ВО ПРОПАСТ. СЕ ПОТСЕТУВА НА ТОА САМО ЗАТОА ШТО ТОА ЗА НЕГО Е ЕДИНСТВЕНА ВИСТИНА – СЕ ДРУГО Е ЛАГА. СОБЕРЕТЕ СИЛИ И ПОМОГНЕТЕ ИМ НА ВАШИТЕ СОПРУЗИ. ПОКАЖЕТЕ ИМ КОЛКУ СТЕ СРЕЌНИ, ОТКАКО ТИЕ СТАНАЛЕ АПСТИНЕНТИ. ТОА ЌЕ ИМ ЈА ЗГОЛЕМИ САМОДОВЕРБАТА ВО НИВНИТЕ ВРЕДНОСТИ И СИГУРНО ВО ИДНИНА ЌЕ СЕ ТРУДАТ ДА БИДАТ УШТЕ ПОДОБРИ, ЌЕ СЕ ТРУДАТ ДА ВИ ГИ НАДОКНАДАТ СРЕЌАТА, РАДОСТА И СЛОБОДАТА, ШТО ПОРАДИ ЗАСЛЕПЕНОСТА ОД АЛКОХОЛОТ ВИ ГИ ОДЗЕЛЕ.
Чекорев полека, со наведната глава додека се враќав кон домот. Неколкуте кратки приказни што ги кажа г-ѓа Милка, непрекинато се во мојата глава. Срам ми е да признаам, дека по цели седум години редовно посетување на Клубот, осознав дека имало уште толку многу работи, кои можат да ја разбрануваат мојата душа. Со мојата одлука да почнам да го посетувам Клубот на лекувани алкохоличари управуваше провидението. Ме водеше Божјата рака и јас од дното на душата сум и благодарен. Чувствувам дека во клубот станав многу подобар, што можеби и не е многу, бидејќи бев многу лош. Но, сега сум цврсто убеден дека се што овде се случува е само добро, затоа што да сретнеш така прекрасен човек кој со сето срце и душа се труди, умее и сака да помогне, тоа мора да е Божја волја. Убеден сум дека мудроста на нашиот терапевт ќе ми даде уште поголема сила да успеам да го поднесам заморот, да не ги чувствувам напорите да им помагам на другите како терет, да ги поднесувам со радост, мислејќи само на среќата која ме очекува, од направеното добро дело.
Со љубов во Бога
ИНФОРМАЦИИТЕ ГО ДВИЖАТ НАПРЕДОКОТ НА ЧОВЕШТВОТО
Category : АЛКОХОЛИЗАМ 075 985772, КЛА 048-550716, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772
Денес луѓето живеат во состојба каде секојдневно, од разни страни, се бомбардирани со безброј информации, кои претендираат да бидат од корист за нив. Преку печатените и електронските медиуми, посебно преку интернетот, денес луѓето многу лесно и многу брзо можат да ги добијат сите сознанија, кои им се потребни. Библиотеките се преполни со книги, кои за жал, се помалку и помалку се читаат. Тоа ме тера често да се запрашам: колку моите книги и текстови можат да им бидат од корист на луѓето и дали, покрај сите силни информации за борбата со алкохолот и алкохолната болест, има место и за моите книги и текстови, дали барем на некого тие ќе му помогнат?
Страшно е кога човек, кој веќе со едната нога е во гробот (ова го велам за себе, бидејќи се повеќе и повеќе тоа го чувствувам), со радост вади од својот стар куфер секаква старудија насобрана со годините и вообразува дека ова или она им е потребно на луѓето, а секогаш повторно и повторно забележува дека и овој пат заборавил, па не го извадил тоа што е најважно и најпотребно, што се скрило во некој ќош од куферот. Како се ближи неговиот крај, човекот се повеќе е свесен дека куферот, кој го отслужил своето, ќе биде фрлен во ѓубрето, а заедно со него ќе пропадне и единственото добро што било во него.
Најголем мотив да продолжам со пишување добивам токму од погрешните пораки за борба со алкохолот и алкохолната болест, што секојдневно стигнуваат од разни страни. На основа на заедничките, општо прифатени норми, луѓето обично претпоставуваат дека, ако нешто е општо прифатено, тоа мора да биде нормално и исправно, што за мене воопшто не е прифатливо. Затоа, упорно настојувам да ги докажам моите ставови за борбата со алкохолното зло, кои за жал, поради веќе прифатените конвенционални правила, поголемиот број луѓе не сакаат да ги прифатат и да ги применуваат во нивното живеење, за да изградат посветла и посреќна иднина за себе и своите најмили.
Постои голема веројатност моите ставови и размислувања за борбата со алкохолната болест, во овој момент, заради односот на државата кон овој најголем проблем за целото човештво, да не можат во пракса да се спроведат во целост. Тоа ме прави несреќен, но не ме разочарува. Сметам дека човек не треба да го напушти својот став и да ги отфрли своите племенити идеи, само затоа што во овој момент тие не можат или затоа што се нема доволно добра волја, да се спроведат во дело.
Написано је: “У почетку беше РЕЧ!”
Како чу даље! Запео сам веч! Не могу реч тако високо ценити,
ја морам другом њу заменити, ако сам се правог духа надисао.
Ту пише: “У почетку беше СМИСАО!”
Код првог реда добро пази, да твоје перо не пренагли.
Јел смис’о тај што дела и ствара?
Треба да стоји: “У почетку беше СНАГА!”
Ал и при овој речи стајем
и док је пишем веч се кајем.
Помаже мали дух! Одједном пишем смело,
јер јасно видим: ‘У почетку беше ДЕЛО!”
Гете
Можеби идеите што ги предлагам за надминување на катастрофалната состојба со алкохолизмот во нашата држава, за поголемиот број од луѓето, во најмала рака се дискутабилни, а се разбира, за власта се целосно неприфатливи. За таквата состојба воопшто не се чувствувам виновен. Ако за нешто навистина сум виновен, тогаш тоа единствено е затоа јас, иако мислам дека добро ја познавам вистината за последиците од алкохолизмот (тие последици триесет години ги чувствував на своја кожа, уште повеќе ги чувствуваа моите најмили), многу слабо ја ширам меѓу луѓето, ја ширам само во ограничен круг на луѓе. Во иднина ќе се трудам многу похрабро, не само да ги опоменувам луѓето на опасностите од ова зло, туку да им скренувам внимание на институциите да ја согледаат и прифатат нивната одговорност и, конечно, да започнат вистинска борба со алкохолното зло, од кое страдаат голем број луѓе. Статистиката докажува за колку голема несреќа станува збор. Во Македонија има од 60.000 – 80.000 алкохоличари. Ако таа бројка ја помножиме по четири члена на секое семејство, доаѓаме до околу 300.000 луѓе кои секојдневно ги трпат последиците од алкохолизмот. Кога толку луѓе би биле заболени од која било друга болест, власта сигурно ќе прогласи вонредни мерки во државата.
Која е улогата на Клубовите на лекувани алкохоличари во борбата со алкохолната болест, во овој сплет на околности? Ние, кои ја знаеме вистината, бидејќи на своја кожа сме ги почувствувале последиците од алкохолното зло, треба таа вистина што помасовно да им ја соопштуваме на луѓето. Преку нашите активности треба да се припреми човештвото за среќните денови, кога алкохолот ќе биде протеран од животот на луѓето, а заедно со него и сите глупости и страдања што произлегуваат од него, бидејќи ќе биде потребно луѓето да создадат некои други места што ќе ги заменат кафеаните, некои други зборни места каде луѓето ќе се дружат, состануваат и запознаваат.
Вие, што ќе го прочитате овој текст, немојте да мислите дека сум толку наивен, да и самиот незнам дека сето ова е само сон. Но, убеден сум дека патот што го избрав и по кој упорно чекорам, еден ден, еден далечен ден, ќе ме одведе до племенитата цел – уништување на најголемиот непријател за целото човештво – алкохолот.
Со љубов во Бога







