РЕЦИДИВ


%

Само во Клубот на лекувани алкохоличари и на ниту едно друго место, луѓето ме примија и прифатија таков каков што бев, што е најважно, како рамен на нив. Слични на мене се околу мене, и јас сум сличен на нив. Идентификувајќи се, дружејќи се со тие луѓе, си помагам себе си, им помагам на другите, не правам зло ниту сум причина за какво било друго зло. Можеби е чудно, но дури откако почнав да го посетувам клубот сфатив колку сум бил лош и колку се грозам од самиот себе. Од тогаш, ја снема одбивноста што ја имав кон другите луѓе - спротивно, кон нив чувствувам нежност и почит. Денес сум многу среќен, мојот живот е пријатен, има некаква смисла. Се чувствувам како принц кој се вратил од прогонство, како човек кој оживеал од мртвите. Повторувам, многу сум среќен и додавам дека во целиот мој живот, ова е мојот најсреќен период.

Во сфаќањето на алкохолната болест има три видови на луѓе. Некој е: или човек, или получовек, или не е никаков човек. Моето лично искуство е дека јас ги поминав сите три фази. Не бев никаков човек бидејќи за алкохолната болест, што долго ја имав, немав свој став, ниту барав совет од другите луѓе. Вистините што најмалку сакав да ги слушнам беа токму тие кои најмногу ќе ми користеа ако ги знаев, многу порано ќе излезев лавиринтот на пеколниот живот, во кој поради алкохолот се загубив.

Бев получовек, бидејќи во еден период имав свој став за алкохолот, но не сакав да ги прифатам советите од луѓето со кои контактирав. Секој човек може да биде огледало во кое ги гледаме своите порази, маани и недостатоци и сето тоа зло што е во нас. Но, повеќето од нас притоа постапуваме како кучето кое лае во огледалото, бидејќи мисли дека во огледалото не се гледа себе си, туку некое друго куче. Имав свој став кој го осудуваше алкохолизмот, но тоа траеше многу кратко, до испивањето на првата чашка, а потоа се одново, затоа што алкохолот на телото му нудеше лажна сила, го издигнуваше духот на лажни височини, ми ги прикажуваше работите онакви какви што не се, или пак многу поубави отколку што се. Иако долго време ја имав алкохолната болест, не одев на лекар да побарам помош, а не барав ни учители и советници да ми помогнат да ја надминам својата глупост, да ја скротам својата волја која беше само желба и нејзино задоволување, да биде желба и воздржување, желба и одрекување. Значи, немав ниту сопствена, а не знаев и веројатно не сакав да ја користам туѓата памет и искуство.

Станав човек, барем се надевам дека е така, кога почнав да го посетувам Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” во Прилеп, кога зазедов правилен став кон алкохолната болест и кога почнав да се советувам со луѓето кои го посетуваат клубот. Многу луѓе велат дека не вреди да се прават напори - колку и да вложува напор, човекот не може да го достигне совршенството. Реално, тие имаат право, но забораваат дека нашата цел и не е да го достигнеме совршенството, туку што повеќе да се приближиме кон него. Човек никогаш не треба да одлучи да не направи ништо во животот само затоа што ќе може да направи малку - треба да направио онолку, колку што може.

Во почетокот од моето лекување, моите мисли беа слични на копање бунар - водата прво е матна, а потоа полека се разбиструва. И сето тоа што во почетокот ме одбиваше од клубот, ми изгледаше матно и во што се сомневав, сега јасно излезе пред мене. Поголемиот дел од алкохоличарите не веруваат во успешното лекување на алкохолната болест, најмногу поради тоа што дури и оние, кои буквално се платени безрезервно да ја проповедаат вистината за алкохолот и последиците од алкопхолната болест, а тоа се лекарите - и тие кога говорат за алкохолната болест на вистината и придодаваат лага, со што се добива искривена слика за вистината. Ќе наведам пример со апстинент, член на клубот, на кого после прегледот, веројатно со намера да го охрабри, докторот-интернист му вели дека е здрав како дрен и дека слободно може да пие по едно чаше ракија за циркулација на крфта. Амаааан бе докторе, после не ќе можам со едно! Лекарите се должни на секој човек, на секој пациент да му ја кажат вистината, да му кажат дека медицината непобитно докажала дека не постои лек што може да се зема во исто време со алкохол.

%

Не мислам дека светот кога било би можел да биде совршено добар, но сигурен сум дека би можел и дека би морал да биде многу подобар.     Јозеф Чапек

Оној кој мисли дека во себе може да најде сила да се откаже од целиот свет, многу се лаже; оној кој мисли дека светот не може без него, се лаже уште повеќе.     Ла Рошфуко

Гласот на нашиот терапевт не натера повторно да се концентрираме на состанокот. Не можеше да ја сокрие возбудата што ја одаваа насолзените очи.

- Бидејќи ѓаволот е неуморен во настојувањата да го уништи човекот, тој никогаш не пропушта да пронајде начин, со кој човекот ќе го наведе во грев. Тој поседува многу искушенија на кои човековата природа не е способна да се спротивстави и има малку луѓе кои знаат како да постапат, кога неволјите ќе ги притиснат. Лакомоста и страста кон алкохолот е корен на сите зла, а нивното задоволување припрема најлоши стапици за да го трасира патот кон алкохолниот пекол. Има голема вистина во тоа дека и најсилните, најстабилните духови паѓаат во најголема разочараност и најлесно ќе потклекнат и ќе се предадат на очајот, штом ќе им се случи некоја несреќа. Кој не доживеал страдања не знае ништо: не го познава ни доброто ни злото, не го познава животот, не ги познава луѓето, не се познава самиот себе. Најмногу и најтешки последици има заради недостатокот на љубов и заради погрешните сознанија за животот. Страдањата што ги чувствуваме заради нашите срамни дела, заради нашата љубомора, заради нашата глупост се така жестоки, бидејќи нашата возгордеаност не ни дозволува да ги поднесеме, не ни дозволува искрено да се покаеме, за никогаш повеќе да не ги повториме истите грешки. Но, дали е потребно човекот да страда за да ги засака доблестите, за да го одбере вистинскиот пат во животот? Страдањата имаат своја снага која не поправа, таа не прави помилосрдни, таа не осветува, таа не прави подобри и не уверува дека можеме да бидеме уште подобри. Не треба да се потклекне под теретот, бидејќи тоа теретот го прави уште потежок. Секој човек мора една единствена работа добро да ја научи - како да се бори против страдањата.

Големото залагање на Клубот на лекувани алкохоличари не гарантира сигурен успех, но помага многу повеќе од кој било друг фактор. Секој човек, кој се грижи за духовниот развој на другиот, знае свесно или инстинктивно, дека тој може битно да напредува само низ однос, во кој постои реалност. Алкохоличарот, на чија жена и деца очајнички им се потребни љубов и внимание, може за тоа време да седи во кафеана и со солзи во очите да им раскажува на присутните, дека навистина го сака своето семејство. Треба да знаете дека основа за мир и хармонија во односите во семејството се љубовта, толеранцијата и вниманието. Кога некого го сакаме, му го поклонуваме своето внимание и целосно се посветуваме на неговиот развој. Кога во нас живее нашиот егоизам, ние повеќе се сакаме себе си и сме посветени само на сопствените задоволства.

Играјќи по свои правила, кои самиот однапред ги определил, воопшто не прашувајќи се што на луѓето околу него им е потребно и пријатно, болниот алкохоличар никако не може да разбере: зошто по кратко време почнува да ги нервира луѓето и која е причината, поради која на сите им се смачува од него? Додатна несреќа е тоа што алкохоличарите не можат правилно да ја одиграат својата улога во животот. Нивната агресивност е очигледна и затоа на луѓето од нивното опкружување не им е лесно да ја прифатат нивната игра. Алкохоличарите се навикнати во нас да гледаат статисти, така што секогаш се однесуваат како жртви, чии несреќи во животот се најголеми и затоа цело време се жалаат на неправдите што животот ги носи. Тие сакаат безрезервно да ги оправдуваме нивните постапки, а штом ќе им укажеме на спротивното, во истиот момент стануваме нивни најголеми непријатели. Затоа, треба многу да внимаваме, бидејќи ако се фатиме на нивното оро, ако ја прифатиме нивната игра, од сето тоа сите ќе бидат губитници - и ние и тие.

Жалам што нашиот другар западна во таква несреќна состојба и потоа го носеше теретот на грижата на совеста, под кој би морало да потклекни секое човеково битие во кое останало и малку снага да мисли и кое е свесно за среќата и несреќата во животот, со или без алкохол. Во такви моменти, во кои носи тежок терет од грижата на совеста, човекот потполно потклекнува со духот, ја губи надежта и нема желба да побара помош. Морам да напоменам и да истакнам како поука за оние, кои и покрај нашите напори, совети и укажувања, ѓаволот сепак ќе успее да ги доведе до рецидив. Апстиненцијата е како брана, рецидивот е како мала пукнатина низ која ќе протече тенок млаз на страстите. Малку по малку, тој ќе ги сруши ѕидовите кои не штитат од алкохолното зло и ќе дојде мигот, кога ништо повеќе не ќе може да ја совлада силата на страста кон алкохолот. Ако се урнат ѕидовите што не штитат од злото, алкохолот повторно станува наш апсолутен господар - повеќе нема да се прашуваме што е исправно, а што не е. Употребете ги сите сили, сето ваше знаење и искуство што сте го стекнале во Клубот, да не дозволите во вашата заштитна брана, што ја чува вашата среќа и среќата на вашите најмили, да се појави пукнатина.

Рецидивот е еден од доказите дека алкохолизмот е болест и дека алкохоличарите навистина се болни луѓе, дека нивната слабост кон алкохолното зло може да се појави во секој момент. Кога човекот, после долга апстиненција, ќе згреши и ќе посегне по чашата со алкохол и кога после тоа доаѓа до каење, поради неспремноста да се признае срамот и големата грижа на совеста, тоа каење секогаш е проследено со одредена доза на одбивност кон Клубот. И, макар колку љубовта кон Клубот да изгледа јака, одбивноста може да биде уште појака. Тоа е најмногу и поради стравот од иднината, бидејќи грешникот е свесен дека мора да започне се одново. Треба да знаете дека во такви моменти не смеете да ја изгубите довербата што ја имате стекнато кон Клубот, треба целосно да се потпрете на луѓето од Клубот, не смеете да ја изгубите храброста, туку смело да побарате помош, бидејќи да се изгуби храброста, исто е како целосно да сте се препуштиле на злобната судбина.

Алкохолот е како дрога. Кога човекот првпат ќе се опие, го опфаќа чувство на еуфорија, на целосно опуштање. Другиот ден посакува уште повеќе. Труењето сеуште не е целосно, но тој веќе ја почувствувал моќта на заблудата и сеуште е убеден дека секогаш ќе остане свој господар, дека со пиење може да престане кога што сака. Најстрашно од се е тоа што таа мисла ќе го следи и тогаш, кога ќе стане целосен роб на алкохолот. Секој човек кој завлегол или веќе се наоѓа во алкохолниот пекол, треба да дојде во Клубот, каде ќе се ослободи од сите сомнежи. Кога човекот ќе одлучи да се лечи од алкохолната болест, мора да биде спремен со душата и телото да остане во Клубот, без да размислува дека тоа е само привремено, дека повторно ќе може да му се врати на поранешниот живот. Поделеното царство не може да им одолее на нападите на непријателите. Поделениот човек не може со достоинство да се соочи со проблемите кои ги носи животот, особено не може да им одолее на сите лукавства, со кои ѓаволот го мами за враќање кон пеколот. Кога вистински ќе ја осознаете разорната моќ на алкохолот во уништувањето на човекот, кога ќе го прифатите лекувањето во Клубот, ќе го прифатите и новиот начин на живот. Вашиот живот можеби нема да стане совршен, но барем ќе научите како полесно да го прифатите животот таков, каков што всушност е. Кога ќе научите дека проблемите треба да се решаваат, а не да се избегнуваат, да се помирувате со проблемите кои не можат да се решат, наместо да им се спротивставувате со сета сила, дури тогаш вистински ќе почнете да живеете.

Лекувањето од алкохолната болест е сложен, долготраен процес, кој трае доживотно. Тоа е лекување кое бара голема трпеливост. Сум забележал дека некои апстиненти, поради своето неискуство, уште на почетокот употребуваат голема упорност и сила, слична на човекот кој зема чекан за да скрши орев или пушка за да убие мува. Тоа не е потребно. Во своето лекување вложете еден мал дел од напорите со кои сте си го упропастувале своето здравје и успехот ви е гарантиран. Не можете за кратко време да го поправите тоа што цел живот сте го уништувале. Речиси сите апстиненти, кои почнуваат со лекувањето од алкохолната болест, го поставуваат истото прашање: “Колку време му е потребно на апстинентот за да се излечи.” На сите им го даваме истиот одговор: “Апстинентот ќе биде подготвен да заврши со лекувањето од алкохолната болест тогаш, кога ќе биде во состојба да биде добар терапевт.” Тоа повторно значи доживотно, бидејќи дај Боже да стане добар терапевт - тогаш не само што ќе може да си помага себе си, туку ќе им помага и на другите.

Во зависност од својата религија, луѓето одат во храмовите затоа што веруваат, се надеваат и бараат помош од својот Бог. Религијата во која веруваат сите апстиненти е една и единствена - длабоко веруваат и ја ценат вистината, веруваат во своето духовно созревање и напредување, безрезервно веруваат во своите терапевти и нивните совети. Тоа е најчудна религија, бидејќи тие се спремни да ги прифатат страдањата на предизвикот и агонијата на одлучувањето, тие се спремни да ја прифатат одговорноста за своите постапки. Тие храбро го прифаќаат лекувањето од алкохолната болест, а сето тоа го прават заради своето убедување во исправноста на изборот за нивната и среќата на своите најблиски, заради своето убедување дека тоа за нив е единствена вистина. И сета таа активност, сите тие сознанија, што за нив живот значат, ги добиваат во својот храм, во Клубот на лекувани алкохоличари.

Потрудете си прифатете ги нашите совети. Посакуваме и вас да ве преокупираат слични мисли и тие да ви бидат од корист. Можеби понекогаш ќе помислите дека сте ги прокоцкале сите свои шанси да бидете успешни како и другите луѓе, но бидете убедени дека, ако со сите сили се трудите колку што најдобро можете, воопшто не се сомневаме дека ќе успеете во вашето одење кон посреќна иднина.

Овој ден сите ние треба добро и долго да го паметиме, бидејќи најдобар пример за тешкотиите во борбата со рецидивот, како појава, која за жал им се случува на некои апстинанти, за тешкотиите во искачувањето кон врвот на вистината и успехот во уништувањето на алкохолното зло, ни даде нашиот драг апстинент. Се радуваме што одма по нашите укажувања, тој се разбуди и целосно ги измени своите ставови за алкохолот, што е непобитен доказ за љубовта и почитта што помеѓу себе ја имаат членовите на Клубот, за љубовта кон вистината и кон животот воопшто. Исто така, овој ден треба посебно да го паметиме, бидејќи неговата сопруга ни даде прекрасен пример дека без семејната љубов, нема излез од пеколниот алкохолен лавиринт. Нејзината спремност активно да се вклучи во активностите на Женскиот дел од Клубот за подршка на апстинентите “Викторија”, е уште еден пример за пожртвуваноста, за спремноста да се направи се за повторно да се врати мирот, радоста и среќата, да се зачува домот и семејството. И на двајцата искрено ви благодариме што денес ни дарувавте толку голема среќа.  

 

 

 

 

 

      

Неколку добри луѓе секогаш прават топол дом - и без печка, кров и прозори.          Готфрид Колер

Оној кој е неспособен да живее во друштво или на кој тоа не му е потребно, затоа што сам себе си е доволен, не е дел од заедницата и самиот е или дива ѕверка или Божество.  Арисотел

Потоа зеде збор неговата сопруга. Таа храбра жена не изненади сите со својот говор.

- Мојот сопруг долго време се гордееше со својата апстиненција и често ја раскажуваше својата животна приказна пред нашите роднини и пријатели. Мислам дека се надеваше дека правилно ќе го разберат, дека на многумина од нив, на кои им се допадна и кои ги забавуваше раскажувањето на периодот од неговите лудости, нема да најдат наслада во овој дел, кој навистина го опишуваше најлошиот период од неговиот живот - најнекорисен за него и најпоучен за другите. Не ги знам причините заради кои некои од нашите роднини и пријатели вршеа голем притисок врз мојот сопруг со тоа што, во најцрна светлина и со најлоши зборови, кои не е пристојно да ги цитирам, ги опишуваа вредностите и улогата на Клубот, посебно не ги знам причините за нивното лошо, многу лошо мислење што го имаат оформено за луѓето кои посетуваат Клуб на лекувани алкохоличари. Ќе бев многу среќна некој од нив да беше сега тука, да може да види дека вие сте многу поправедни кон нас отколку тие, бидејќи тие и сега се убедени во тоа дека Клубот е некоја глупост, што не е за нормален човек. Да имаат можност да видат дека тоа не е така, дека вашите зборови се искрени и не се разликуваат од вашите дела, ќе видат дека на сите ви нанесуваат голема неправда. И покрај недовербата кон вас од страна на мојот сопруг, вие се однесувате кон него многу поубаво отколку што тоа може од кого било да се очекува и затоа сум сигурна дека во иднина, многу повеќе ќе ве цени и почитува.

Живеевме во прекрасна среќа, мир и задоволство долго време, кога одненадеж, некоја невидлива рака, со еден ненадеен удар, ја сруши сета таа убавина и повторно не втурна во состојба, во која се беше спротивно од животот што дотогаш го живеевме. Мојот сопруг е прекрасен човек и да продолжеше да го посетува Клубот, мислам дека ќе имаше многу работи со кои ќе можевме да се пофалиме, но како што мудрите луѓе рекле, стомната оди на вода додека не се скрши. Стравотиите од алкохолниот пекол, на кои целосно заборавивме и мислевме дека никогаш повеќе нема да се вратат, повторно тропнаа на нашата врата.

Денес, благодарение на сите вас, посебно на терапевтите, во нашиот живот повторно се врати надежта за среќна иднина. Не ги штедевте зборовите на мојот сопруг да му го дочарате новиот живот кој што го очекува, ако почне повторно да го посетува Клубот - со еден збор, дека нема причина да се срами од тоа, а се друго е ваша грижа. Тогаш тој се најде во непријатна состојба, бидејќи никако не можеше да ги одбие укажувањата од толку благородни луѓе и затоа, одлучи да ја прифати вашата помош. Беше тоа таков доказ за неговата доверба кон вас, едноставно, беше восхитен и не можеше да се помири со мислата дека вие вложувате толку голем труд околу него. Сето тоа покажува дека Боженствената добрина ги разбудува истите чувства кај сите разумни луѓе, кога во срцето ќе ја почувствуваат благодадта на милосрдието. Често ги подига рацете кон небото и радосно воскликнува: “Ти благодарам Господе што, преку моите пријатели од Клубот, сеуште се грижиш за вака неблагодарен бедник, каков што сум јас.”

Праведниот глас на совеста често ќе го освести човекот, а ососбено разумниот човек. Вистина е дека болниот од својата постела на работите гледа со поинакво расположение и во неговите очи работите се поинакви отколку порано или барем му изгледаат дека се поинакви. Откако ја разбудивте заспаната совест кај мојот сопруг, тој почна многу да се кае за својата неразумна постапка, како да направил некој најстрашен злочин, заради кој ќе мора да оди на стрелање, бидејќи како што вели, тоа противречи на неговиот морал и дека не е во склад со неговото долгогодишно искуство, стекнато во Клубот на лекувани алкохоличари и неговите дотогашни постапки во животот.

Морам повторно да напоменам дека во многу прилики, кога мојот сопруг ќе почувствува таква благодарност, неговиот поранешен, грешен, одвратен живот му изгледа чуден, нестварен и никогаш не му се гади толку и никогаш не чувствува таква грижа на совеста, како во моментите кога ќе помисли - колкава добрина му поклонија неговите спасители и тогаш се колне дека на таа добрина, никогаш повеќе нема да возврати со повторно враќање кон алкохолот. Уште еднаш, примете најискрена благодарност што ги вративте мирот и среќата во нашиот дом, посебно примете најискрена благодарност што ја вративте насмевката на лицата од нашите прекрасни дечиња, што го вративте сјајот на надежта во нивните очи.

Сосема за крај, бидејќи овој состанок се случува неколку денови пред 8-ми Март, на сите сопруги кои го посетуваат Женскиот дел од клубот за поддршка на апстинентите “Викторија” и на сите жени кои имаат каков било проблем предизвикан од алкохолот, им го честитам празникот и им упатувам искрени зборови на поддршка во нивните активности. Од наредниот состанок и јас ќе се приклучам и ќе бидам дел од најхрабрата, најхуманата армија која несебично помага во борбата со најголемото зло за целото човештво - алкохолот. Со тоа што таму ќе го научам, се надевам дека ќе му помогнам не само на мојот сопруг да истрае во неговата апстиненција, туку ќе помагам да се мотивирааат што повеќе жени да побараат спас за нивните сопрузи, браќа или синови, да побараат спас за нив самите, уште повеќе за нивните несреќни дечиња.

Говорот на нашиот драг колега и неговата сопруга беше толку искрен што, морам да признаам, ме болеше што токму нивните роднини и пријатели, со нивните неразумни совети, придонеле вака чесни и добри луѓе да бидат заведени, да бидат упатени во пропаст. Од друга страна пак, на сите ни причинуваше огромно задоволство и радост што успеавме нашиот колега да го разбудиме, да го мотивираме повторно да го побара својот спас во Клубот. Сите со солзи радосници му честитавме на успехот.

email:  petreski_i@hotmail.com

О, човечки роде! Зошто толку ја избегнуваш вистината и зошто секогаш сакаш да се лажеш самиот себе или дозволуваш да бидеш излажан.     Секени

Нема поголема радост, од кога на луѓето им се простува злото и на злото им се враќа со добро. И, нема поголема од таа радост за оној, кој тоа го прави.     Толстој

Има уште нешто што морам да го напоменам. Во целиот овој најгрешен период од мојот живот, во моите мисли речиси никогаш не се јави мисла и желба да побарам совет и помош од терапевтите и членовите на Клубот на лекувани алкохоличари. Како да се угаси светлината во мојот разум, таму каде ја чував мислата за силата на спасот. Ви благодарам што ми помогнавте да го победам злото, што ми помогнавте да почнам нов живот. Почнувам повторно во мојата фантазија да го обликувам мојот живот по вашите упатства, без капка алкохол. Кога денес во моите мисли ќе дојдат моите роднини, кои ме наговараа да го напуштам Клубот, си го поставувам прашањето: “Зошто Господе, зошто моите роднини и пријатели и сите други да не бидат како мене.”

Некои луѓе имаат мотив за борба со алкохолот само во одредени моменти, некои во таква состојба се неколку денови, една недела, па и по еден месец. Тоа е добро, но јас сакам мојата мотивација и волја за борба со алкохолната болест да ја одржувам трајно, искрено и безрезервно, така што денешниот успех да можам да го повторам и утре, наредната недела, наредниот месец и така до крајот на животот. Се надевам дека вистинската мотивираност, искреноста и активноста во Клубот на лекувани алкохоличари и извршувањето на задачите, што нашиот терапевт ќе ми ги даде, на мене ќе делуваат на волшебен начин, кој дури не ќе биде неопходно ни да го разберам - доволно ќе ми биде сознанието дека тоа ќе му даде нова, поубава смисла на мојот живот.

Ја прегрна и бакна својата сопруга и продолжи. - Денес конечно го истерав животното од мојот живот. Од денес ќе одам исправено меѓу луѓето, бидејќи од денес сум нов човек, со нов живот. Свечено се колнам дека ништо не ќе може да ме спречи во градењето на мојот нов живот, да ја градам својата иднина до крајот на мојот живот, без капка алкохол. Нема да пропуштам ниту една можност за да ги поправам грешките, ниту еден миг за да ги направам посреќни моите најмили. Убеден сум дека во иднина ќе направам се да биде добро, благодарејќи на тоа што повторно ја открив волшебната моќ, која во еден несреќен период од мојот живот ми недостигаше - дека достоинството е повредно и од животот. Би дал се во буквалана смисла на зборот, моите роднини и пријатели да се сега овде, да можат да не видат прегрнати и среќни, да видат како вистината и љубовта од моите најмили, со помошта од вака искрени пријатели, сигурно ќе го победат алкохолното зло, да видат дека сигурно ќе победам во оваа најтешка битка во мојот живот. Повторно ми се врати довербата во посветла иднина, ми се врати довербата во самиот себе. Тоа ми помогна повеќе да не се измачувам со своите сомнежи, конечно и засекогаш ја затворив вратата на своето срце пред носот на животното што живееше во мене. Денес воопшто не ми е важно мислењето на оние кои уживаат во маките на болните алкохоличари, не ми е важно мислењето на оние кои без никаква грижа на совеста ги туркаат алкохоличарите во пропаст, туку ми е многу поважно мислењето на оние, кои некогаш се наоѓале во алкохолниот пекол, но смогнале сила и мудрост да излезат од него и денес можат да служат за пример во борбата со алкохолното зло, поважно ми е мислењето дури и од оние кои денес се наоѓаат во алкохолниот пекол бидејќи, преку напорите што ќе ги вложувам за да им помогнам, ќе ја зацврстувам и мојата волја за да истраам во апстиненцијата. Ги повикувам моите божем искрени роднини и пријатели да ми кажат: дали би сакале нивните деца или браќа, да го поминат истиот пат кон пеколот, на кој тие ме наведуваа? Ако кој било човек, макар и пијаница, го запрашаме: дали би сакал неговото дете да тргне по патот кон пеколот, зарем секој од нив не би посакал се друго, освен тоа? За разлика од оние, кои секогаш упорно се држат до старите шеми, размислувања и однесувања, јас, со помош на Клубот на лекувани алкохоличари ќе се трудам, со сите свои сили, повторно да ја победам алкохолната болест, да ги пребродам алкохолните кризи, да ги надминам проблемите и да ја почувствувам радоста на повторното раѓање, што ќе го следи мојот успешен премин кон вечната зрелост. Сите мои најлоши дела што ги направив, правејќи ги несреќни сите околу мене, особено моите најблиски, нека бидат опомена за сите луѓе да се чуваат од нив - на тој начин луѓето се известуваат за методите со кои лукавиот ѓавол ќе ги намами во алкохолниот пекол, па преку моите искуства се надевам дека полесно ќе го согледеаат начинот, како тоа да го избегнат.

Понекогаш се прашувам: дали да се потсетувам на минатото, кое толку ме возбудува и ме прави несреќен, или спротивно, да се сеќавам на тогашната моја судбина со особено задоволство, бидејќи таа и ме донесе во Клубот, моето несреќно минато е причината што дојдов во Клубот каде сретнав и се дружам со толку прекрасни луѓе.

Не можам да ги пронајдам вистинските зборови со кои ќе ја искажам мојата искрена благодарност кон сите вас, затоа што ме разбудивте, што мене и на моите најмили ни ја вративте радоста, што ни ја вративте надежта за посреќна иднина. Почитувани терапевти, Вам ви упатувам посебна благодарност, бидејќи јас бев изгубено јагне, а Вие ме пронајдовте, бидејќи бев мртов, а Вие ме воскреснавте, бидејќи љубовта избега од моето срце, а Вие повторно ми ја вративте таа најголема милост, бидејќи живеев во мрак, а Вие повторно ја запаливте светлината во мојата душа. Уште еднаш, големо благодарам.

Се наоѓавме во пријатна, величенствена атмосфера, во која грешниците целосно се убедени во својата грешност. Залутаната овца повторно се врати во своето стадо, а тоа за нас е најголема среќа. Посебно не прави среќни неговата искреност, особено сознанието дека, конечно, вистински ја разбрал благодатната улога на Клубот на лекувани алкохоличари во борбата со алкохолната болест.

email   petreski_i@hotmail.com 

 

 

 

Кога грешниците ќе ја признаат својата грешка, не очекуваат казна, туку опростување.     Мом Сомерсет

Гревот во твојата душа во почетокот е туѓинац, потоа гостин, а кога ќе се навикнеш на него, станува домаќин.     Толстој

Секој може да погреши, но паметниот ја поправа својата грешка, додека будалиот упорно држи до неа.     Цицерон

Направи кратка пауза за да земе здив и продолжи:

- Мислам дека ќе биде интересен и корисен како поука да го раскажам начинот, на кој лукавиот ме улови во својата мрежа. Сигурен сум во тоа дека, кога тој ден излегов од дома, немав никаков план, немав никаква намера, ниту помослував на алкохол. Одненадеж некоја чудна, страшна мисла ми дојде во главата: барај и напиј се алкохол. Таква страшна мисла во главата можел да ми влее единствено самиот ѓавол од пеколот. Не можам да речам дали во тие моменти мојата волја, да се спротивстави на искушението, во мене беше изгубена. Едноставно, силата што ме влечеше кон дното беше многу посилна од сите мои морални правила, беше посилна од моите искрени желби да останам доследен борец против ова најголемо зло. Беше тоа сила слична на поранешната желба за апстиненција, само во обратна смисла. Мислата за пиење ми дојде исто така природно, како што порано ми доаѓаа мисли за подобар живот. Таа мисла беше толку соблазна, што бев принуден да го употребам сето свое знаење стекнато во Клубот на лекувани алкохоличари, за барем да го успорам извршувањето на лошите намери. Не сакав да брзам во извршувањето на овие ѓаволски мисли, затоа што сакав да ја употребам целата своја сила и знаење, за од себе некако да ја отфрлам. Ако и не успеам во тоа, намерата секогаш ќе можам да ја спроведам.

Повеќе од еден час се борев со таа страшна мисла. Бев убеден дека, само ако во мислите го имам Клубот, од тоа ѓаволот ќе се исплаши како вампир од крст, ќе избега и ќе ме остави мирно да продолжам со мојата апстиненција. Но, таа страшна мисла беше многу посилна од сите мои морални правила, од сите совети и поуки кои ги добив во Клубот. Лукавиот ми стави змија во пазувите која непрекинато ме заведуваше, говорејќи ми каков раскош и убавина ме очекува, така што не е чудно што мојата внимателност попушти. Не можам да кажам како сатаната ме внесе во кафеаната, местото каде ја фрли својата мамка. Тоа место во тој момент ми наликуваше на вистински рај, а бидејќи ѓаволот ме фати на својата јадица, и самиот се најде таму да ме охрабрува и како сега да му го слушам гласот: “Брзо земи ја чашата, сега е моментот за одлука.” Уште не го дорече тоа, без размислување почнав да пијам. Со еден збор, бев толку збунет и изгубен, така што не знаев што правам. Не се сеќавам колку испив, како сум се вратил дома, што сум говорел и што сум правел таа вечер. Таа ноќ спиев многу малку, а изутрината ме мачеше ужасната мисла од тоа што го направив. Грижата на совеста ме мачеше кратко време, но потоа гласот на совеста се стивна, а моето срце се повеќе стврднуваше. Потполно попуштив пред напливот на гревот и никаква грижа на совеста повеќе не ме мачеше, ниту пак помислував на каење. Сите моии мисли беа некако концентрирани да ги задоволам своите страсти уште овој ден, само уште овој ден, а утре ќе престанам со тие глупости. Но, во такво мизерно расположение секогаш имаше утре, секој ден бев се поодлучен да истраам во злото, пронаоѓав нови поводи да истраам во гревот. Секој може да забележи, дека еднаш направениот грев, поттикнати од пеколните страсти, секогаш го повторуваме, бидејќи секое жалење и каење го снемува штом лажните ѓаволски сласти ќе не заробат. Да пружев отпор и да не се состанев со ѓаволот наредниот ден, грешната желба што беше во мене ќе се изгубеше и јас повеќе немаше да грешам и ќе се вратев во нормалниот живот.

После тоа доживеав многу авантури за кратко време. Но, и денес се чудам како тогаш се однесував кон алкохолот, како да сум почетник во тој одвратен занет. Се однесував толку неразумно, така што од сите патишта, секогаш го избирав најлошиот. Мојата освест воопшто не се спротивставуваше и затоа не правев ништо поинаку, од тоа што лукавиот ми го внесуваше во главата, а тој навистина беше многу дарежлив со своите совети. Толку ме заслепи што неколку пати, во пијана состојба, почнав да се коцкам, така што изгубив многу пари, што од друга страна, беше додатно оптеретување на мојата совест, се разбира, беше оптеретување и на семејниот буџет. Ништо не е така глупаво, така жално, како човек на кого алкохолот и слатките страсти заедно, ќе му удрат во главата - тој во истиот момент е во власт на два ѓавола и не владее со својот разум. Во тоа друштво јас чувствував дека чекорам по поранешниот, вообичаен колосек и не сакајќи му се препуштав на непромислениот и неморален тон, што царуваше во тој круг на луѓе. Да имав среќа, да речам, да се стретнав со некој од коплегите од Клубот, кој со своите совети ќе ме разбудеше, убеден сум дека ќе престанев да се мешам со така опако друштво, во какво што западнав. Но, упорниот ѓавол, кој сакаше и понатаму да му служам, непрекинато ме охрабруваше терајќи ме повторно да излезам од дома, за како божем да се прошетам, цврсто ме држеше и како слепец ме носеше право во кафеаната, во куќата на злото - во таа најголема срамота, сред пеколните викотници, кавги, простотилук, сред тие напатени, пијани луѓе - со сето тоа ова место беше слика на пеколот, некој вид негово преддворје. Беше тоа необичен доказ колку луѓето во денешно време ги прифаќаат расипаноста на светот во кој живееме, беше доказ со колку голема леснотија влегуваат во гревот. И покрај тоа што и самиот во тој момент бев многу грешен и расипан, сепак таквото однесување почна да ги навредува моите морални чувства. Понекогаш, кога ќе ми надојдеа покајнички мисли, се чудев што дури ни големите страдања кои ги доживеав во минатото не ми го дотераа умот, што ни во такави состојби не извлекував никакви поуки.

Почна да ме измачува тоа што долг период го оставив алкохолот и, како што мислев, веќе се имам покајано за гревовите од своето минато и живеев разумно, сериозно и повлечено, но ете сега моето тело и душа повторно западнаа во пропаст. Се чувствував изгубено и не знаејќи што да правам, неколкупати паднав на колена молејќи го Бога, најпонизно колку што можев, да ме спаси, но не би можел да кажам дека во тие мои молитви имаше каква било вера или надеж. Почнав да се плашам од се околу мене, а со мојата душа завладеа мрак. Мислев дека сеуште ги немам окајано грешките од минатото, па затоа Бог ме казнува на овој свет и како што се страшни моите гревови, дека таква судбина ме чека и во иднина.

Често искрено се каев за својот грешен живот, но тоа каење не ми донесе утеха ни мир, не, ни најмалку, бидејќи ѓаволот секогаш успеваше да ми го прикаже пеколот како најубав рај, кој како да е создаден специјално за мене. Се сеќавам како еден ден, после бурно поминатата ноќ, сепак бев порасположен од обично, почнав да размислувам како да се оттргнам од алкохолнмото зло. Сигурно таква мисла во главата ми внесе некој добар дух. Без сомнеж, беше тоа среќен момент и дај Боже да го послушав тој благословен совет, без оглед од кого беше пратен, бидејќи тогаш сеуште имав шанса да живеам мирен живот. Признавам дека во тие моменти вистински се каев, но исто така, не знаев како своето зло да го поправам. Како да не жалев што за толку кратко време направив толку гревови и што со тоа ги унесреќував сите околу мене, туку што заради тоа треба да бидам казнет. Не се каев за тоа што грешев, туку затоа што кога тогаш, требаше да страдам заради своите грешки и мачен од тие мисли, во своето каење не наоѓав никаква утеха, па дури ни надеж дека воопшто ќе можам да ги окајам своите грешки. Го напоменувам ова бидејќи мислам дека е добро секој човек да види како со текот на времето, под влијание на лошото друштво на крајот ќе се навикни на алкохолот и кафеаните, кои во почетокот ќе го исполнуваат со одвратност, но потоа ќе стане радосен и среќен во својата несреќа, каков што бил пред да завлезе во алкохолниот пекол. Грижата на совеста за кратко време ја снемуваше и јас брзо го заборавав тоа што ја предизвикуваше. Немирниот ѓавол кој така неуморно ме туркаше во злото и пропаста, премногу цврсто ме држеше во своите канџи, за да ме пушти лесно да се извлечам. Како што лесноумноста ме фрли во калта, така сега лакомоста и глупоста ме држеа во неа, се додека не беше прекасно сам да можам да се извлечам од неа. Причините кои разумот ги наведуваше, уверувајќи ме дека треба да се оттргнам од злото, глупоста и заслепеноста ги побиваа со зборовите: “Само ти продолжи така и ќе заслужиш најубав рај.” И така, кога се најдов во канџите на ѓаволот, цврсто останав во нив како маѓепсан и немав сили да излезам од волшебниот круг, се загубив во лавиринтот на злото, кој беше премногу испреплетен за воопшто да можам да го најдам излезот. Често искрено го проколнував гревот воопшто и оние посебни околности во кои и самиот грешев - алкохолот кој ми ги разбуди лошите страсти и ѓаволот, кој што пронајде начин повторно да ме вовлече во гревот. Преокупиран со такви мисли од сето тоа извлекував морална поука и неколку денови не пиев, но штом покајничките мисли ќе ме напуштеа, грешните мисли повторно ќе надојдеа како река и јас пак бев спремен да продолжам со мојата глупост - да се дружам со алкохолот.

Да ги увериме паметните луѓе дека сме нешто што вистински не сме - тоа често е потешко отколку да станеме тоа, за што би сакале да не сметаат.     Георг Лихтенберг

Научникот привлекува со знаење, богатиот со богатството, убавецот со убавината, способниот со својата способност. Секој од нив привлекува одреден број лица. Единствено љубовта, без исклучок ги привлекува сите човекови суштества. Отец Калистрат

Веќе на наредниот состанок во Клубот на лекувани алкохоличари, др.Жане ни приреди пријатно изненадување. Рече дека нашите напори не беа залудни.

-Имам посебна вест за сите вас. Вчера околу пладне во болницата, дојде вашиот колега кој го посетивме пред неколку денови. Рече дека ги согледал своите грешки и цврсто е решен повторно да започне со апстиненција. Сите многу ве поздравува и вети дека за брзо ќе го посети Клубот. Забележав дека е исполнет со силно чувство на срам и грижа на совеста и затоа не инсистирав денес да дојде во клубот.

Навистина бевме пријатно изненадени. Најтешкиот дел од работата беше завршена. Ова беше едно од многуте искуства, што преку секојдневната комуникација помеѓу апстинентите постојано ги доживуваме, искуство кое не научи дека навремената интервенција во случај на рецидив, дава најдобри резултати.

По излегувањето од болница, на првиот состанок во Клубот, нашиот колега дојде заедно со својата сопруга. Не кревајќи го погледот, промрмори нешто, слично на добар ден, и тромо седна во ќошот од салата. Не можеше да ја сокрие болката на неговото лице. Беше тоа многу пријатно изненадување и сите многу се израдувавме на неговото присуство. Верувам дека уште повеќе не изненади кога зеде збор и нажалено праша:

- Какво тоа мислење имате за мене и моето достоинство, штом сметате дека јас би можел, макар и да помислам, целосно да го напуштам Клубот. Ве уверувам дека тоа не може да биде. Кога се најдов над таква бездна, помеѓу пропаста на една и неизвесноста на друга страна, бев убеден дека дефинитивно сум изгубен и затоа за момент, потсвесно, се посомневав во вредностите на Клубот. Но, дури и кога би знаел дека повеќе не ме сакате и дека ќе се разделиме засекогаш, од што за мене пострашна би била само смртта, никогаш на памет не би ми дошла таква идеја и затоа ве молам, ако кај вас сеуште има останато барем малку почитување и љубов кон мене, подобро за тоа да не ми зборувате - ќе ми биде помило добро да ме истепате. Искрено жалам за тоа што се случи со мене и затоа мислам дека најдобро е се да заборавиме, уште подобро, засекогаш да го закопаме сеќавањето на тоа.

Веројатно ја забележа пријатната збунетост кај сите присутни што ја предизвика неговиот говор, забележа дека очекуваме да даде додатни објаснувања. Продолжи со тивок глас, но не можеше да ги сокрие солзите.

- Се враќам во Клубот, таму каде ја најдов својата среќа. Моите блиски роднини и пријатели ги гледаат работите такви какви што тие сакаат да ги видат, а не такви какви што навистина се и затоа имав голем притисок од нив. Не знаев како да им се спротивставам. Креваа голема врева говорејќи дека сум многу паметен и интелигентен, дека нема што да научам во клубот и дека моето место не е таму, така што мене јадниот, возгордеаноста ми удри во главата. Бев возгордеан како и многу други луѓе, добро знаев дека ме сметаат за исклучително паметен и надарен, па за себе и самиот почнав полека да оформувам такво мислење, какво што за мене имаа другите луѓе, а особено ми беше пријатно кога зборуваа за тоа и кога ме фалеа и имаше многу такви моменти во кои вистински уживав. Никогаш некое бедно, возгордеано човеково битие не било заслепено од сето тоа што околу него се случува, како што бев заслепен јас. Ниту во еден момент не размислував за тоа што ме чека, ниту помислував дека сум толку блиску до пропаста и дека несреќата веќе е дојдена пред мојата врата. Сепак, сакам да бидам целосно искрен и да признаам: има вистина дека таа пропаст во тој момент повеќе како да ја посакував, отколку што настојував да ја избегнам. Се трудев луѓето да ме сметаат за нешто повеќе отколку што вистински бев и тоа беше моето најголемо залажување. Во почетокот имаше многу моменти кога го кревав погледот кон небото и се прашував: зошто Господе, зошто да не можам да живеам лагоден живот, како што живеат моите роднини и пријатели.

После посетата на мојот пријател, наредниот ден ме посети патронажната група. По укажувањата од моите пријатели, посебно по укажувањата на нашиот терапевт др.Жане, како да се разбудив од длабок сон. Дотогаш беа бесполезни советите што ги слушав од моите родители и сопругата, бидејќи чувствував дека тоа е само обично попување. На мене вистински делуваше огромниот авторитет на нашиот терапевт, бидејќи оној што е склон кон грешен живот, повеќе се поведува по тоа што воспитувачите од срце го прават, отколку по тоа, за што лажните филозофи расправаат. Многу долго и многу сликовито, со многу примери од долгогодишната пракса, ми ја опиша состојбата во која се наоѓам. Рече дека се надевала дека до крајот на животот ќе бидам под влијание на добрите поуки и совети што ги слушав во Клубот, дека никогаш нема да ги заборавам поранешните неволји предизвикани од алкохолот, дека нема да дојдам во состојба, во која ќе ми биде потребно нешто повеќе од Божјата милост за да не станам поголем грешник, отколку што бев порано. Не сум способен да ги повторам прекрасните зборови од овоа извонредна личност - единствено што можам да речам е дека др.Жане повторно влеа живот во мојата душа и ме доведе во состојба, каква што за целиот свој живот на познавав. Сето тоа го искажа со така силни зборови, со какви јас не можам да се изразувам и тоа го поткрепи со така уверливи докази, што јас не можам ни да ги повторам. Со тоа не само што ме натера да ја слушам долго време, туку многу вешто ги побиваше сите мои примедби, а своите зборови ги поткрепуваше со сите можни докази што човековиот ум може да ги измисли. Можам да речам дека успеа да го скрши мојот отпор, побивајќи ги со докази сите мои мотиви и причини за да го напуштам Клубот и конечно почнав да сфаќам, колкава е опасноста што ми се заканува, а на која пред овој разговор, воопшто не помислував. Посетата на патронажната група во мојата душа остави силен впечаток, а заради добрината што ја почувствував во тој момент, одвратноста кон моите гревови беше појака, отколку кога било дотогаш. Бев засрамен и солзи ми доаѓаа во очите, но истовремено почувствував прикриена, прекрасна радост во надежта дека сеуште имам шанса да станам вистински покајник, дека ќе ми биде простено, дека ќе го оставам алкохолот засекогаш и ќе се вратам во нормалниот живот. Морам повторно да напоменам дека, не само во таа прилика, туку и во многу други моменти, кога ќе се појавеше напливот на благодарност во мојата душа, мојот поранешен живот ми изгледаше нестварен и никогаш толку не ми се гадело и никогаш не сум чувствувал таква грижа на совеста, како во моментите кога ќе се потсетев: каква добрина, преку моите пријатели од Клубот , посебно од нашиот терапевт др.Жане, ми подари Божјото Провидение и бев спремен на таа добрина никогаш повеќе да не возвратам со враќање во злото, во алкохолниот пекол. Ги примам како дар среќата и радоста, совеста и разумот, како нешто најскапо што кога било некој ми подарил, но исто така го примам овој дар како долг, кој ќе го отплаќам додека сум жив.    

Некои луѓе затоа што немаат сопствена, знаат да ја ценат туѓата памет, често постапуваат попаметно од паметните кои тоа не го знаат.     Василиј Кључевски

Луѓето мислат дека самооткажувањето ја одзема слободата. Тие не знаат дека единствено самооткажувањето дава вистинска слобода, бидејќи не ослободува нас самите, од ропството на нашата расипаност. Нашите страсти се наши најлоши тирани, но штом од нив ќе се откажеме, ќе ја почувствуваме слободата.     Финелон

Забележав тага и болка во неговиот глас. Навистина беше чудно, на колку лабави темели, како кула од карти, тој ја подигаше својата зграда на своите залажувања. Уште почудно беше што тој беше цврсто убеден во нив. Нишајќи со главата сакаше да го прекине овој, за него мачен разговор, но јас не сакав да дозволам да се заврши на тоа. Му реков дека тој самиот себе се застрашува и плаши од нешто, во што нема ништо страшно; ако има разум и волја, а тој ги има и двете, со помош на пријателите од Клубот на лекувани алкохоличари ќе успее да ја надмине кризата, ќе може да започне нов живот, а човек каков што е тој не може во тоа да не успее, само треба да се потруди колку и другите членови кои го посетуваат Клубот. За да го убедам дека сето тоа што му го советувам е најдобро за него и дека членовите на Клубот на лекувани алкохоличари целосно се упатени, како тоа треба да се направи, како и тоа дека сум цврсто убеден во неговиот успех, сите ние, му реков, цело време ќе му бидеме при рака, за случај работата да застане.

Во тој момент сигурен сум дека беше убеден, дека заедничката несреќа што го поврзува со апсинентите од Клубот е доволно голема, за сите нас да не здружи во борбата со алкохолното зло, дека со дружењето во Клубот го наоѓаме единственото место, каде никој нема да ни префрла за нашето минато. Во Клубот на лекувани алкохоличари ќе можеме мирно да размислуваме за своите несреќи од минатото и ќе чувствуваме неограничено задоволство, убедени дека сме го победиле најголемото зло и дека сме се спасиле од алкохолниот пекол, дека ќе можеме да живееме како сосема нови луѓе во еден нов свет, каде нема да правиме зло, ниту ќе бидеме причина за какво било зло. Се трудев да му говорам што поуверливо, така што во еден момент забележав солзи во неговите очи.

- Размисли малку подобро и некои работи ќе ти станат појасни, му реков тивко. Тоа што ти на работите гледаш поинаку не значи и дека си во право, туку значи дека некои работи доволно добро не си ги разбрал. Клубот на лекувани алкохоличари може да му помогне на оној кој, пред се, самиот сака да си помогне. Треба да се покориш на својата судбина, во надеж дека со помош на нашите терапевти ќе најдеш утеха, а во членовите на Клубот искрени советници и другари во неволја. Затоа, те молам да размислиш подобро и да продолжиш да го посетуваш Клубот. Убеден сум дека со текот на времето ќе ги промениш своите ставови, ќе ти се допадне и дека ќе се зголеми твојата доверба кон Клубот и неговите членови.

На разделбата рече дека сепак ќе размисли.

За мене тоа беше многу тажна вистина. Се потрудив да му помогнам со моите совети, се обидов да го уверам во моите најдобри намери, но дали ми веруваше или не, не можам да кажам - тогаш мислев дека не ми верува. Ме испрати исто така ладно како и што ме пречека, но од лицата на неговите домашни можеше да се види дека сеуште ја немаат изгубено надежта дека ќе успееме во намерата да му помогнеме. Од друга страна, ми беше многу мило што смело и отворено му го кажав моето мислење, чесно и искрено, иако моите зборови во тој момент не го постигнаа ефектот што го посакував, односно, да го убедам повторно да се врати во Клубот. Сепак, му дадов до знаење дека треба да размисли за своите постапки, да не го остава Клубот, а со тоа отворено да не го прекрши дадениот збор, да не згазне на својата чест на која толкупати се повикуваше.

Уште истиот ден ги запознав нашите терапевт др.Снежана Ѓорѓиоска- Жане, за текот на мојата посета. Веќе наредниот ден патронажната група го посети домот на нашиот драг колега. Задоволството од нашите активности го доживеавме веќе на наредниот состанок.

Секој човек има некоја тајна за која никогаш во животот не зборувал. Одамна поминати работи, срамота, авантури, бол во срцето или рана во душата. Би била интересна лекција кога би, макар во смртниот час, некој искрено да ги раскаже тајните што за животот ги премолчил.     Џула Креди

Бев изненаден од тоа што го слушнав. Знаев дека морам да бидам внимателен со зборовите, бидејќи само мала грешка можеше уште повеќе да ја искомплицира и така лошата состојба и да ги влоши работите. Сепак, одлучив храбро да се спротивставам на неговите размислувања. Ја кренав наведнатата глава и гледајќи го право во очите реков:

- На самиот почеток да ти кажам дека овој разговор воопшто не ми е по волја. Веројатно забележа дека сум подготвен да слушам се што ќе кажеш, но се надевам дека доволно ме почитуваш и дека нема да кажеш нешто, од што во иднина ќе се срамиш или нешто што нема да биде пријатно за моите уши. Веднаш забележав дека си изградил одлична одбрамбена стратегија за твоите глупости. И самиот знаеш дека мене не можеш да ме излажеш, дека немаш валидно објаснување за твоето однесување, особено што и самиот гледаш дека никој околу тебе тоа не го оправдува. Види, и самиот рече дека немаш потреба од моите совети и од мојата помош, дека се знаеш и дека на сите во Клубот можеш да ни држиш лекција за алкохолот. Како вистински, искрен пријател, морам да ти укажам дека многу грешиш, дека токму тебе и во овој момент ти е најпотребна мојата и помошта на другите членови на Клубот. Што се однесува до држењето лекции, убеден сум дека и за тоа не си во право, бидејќи ти во овој момент со твоите совети не можеш да си помогнеш себе си, уште помалку можеш да им помогнеш и да им држиш лекции на другите. И јас порано се знаев, ама за разлика од денес, кога по твое ништо незнам, тогаш, како и ти сега, се труев со алкохол. Со еден збор, ќе почнам да оформувам многу лошо мислење за твојот карактер, уште повеќе за твојата памет, кога гледам како во овие одлучни моменти лесноумно се поигруваш со твојата судбина. Го ставаш својот и животот на твоите најмили на лотарија, каде на милион среќки не паѓа ниту една добивка, правиш животот да ти биде како смрт, како скок во темна дупка. Незнам што ти се мота низ главата и дали навистина имаш некои проблеми, но и да ги имаш, нема да ги решиш на овој начин. Мора да почнеш да го правиш тоа што го прават и другите членови на Клубот и да се задоволиш со тоа што е и какво што е, макар што тоа нема да биде така, како што ти посакуваш.

Направив кратка пауза, а потоа продолжив налутено. - А твоите убедувања и заклетви? Зарем се откажуваш од своите убедувања за да им угодиш и да не го предизвикаш бесот кај некои членови на твојата фамилија? Членовите на Клубот, посебно нашиот терашевт, постојано на тоа скренувавме внимание, а ти изгледа дека сите овие години лесно преминуваше преку тие совети, од високо зборуваше дека тоа се неважни ситници, дека рецидив тебе не може да ти се случи, а сега наеднаш до каде стигна? Дали тоа е твојата верност кон Клубот, дали твојата чест го дозволува ова, дали ова е плод на твоите ветувања? Не можам да сфатам како можеле да те наговорат на таков чекор, така лесно да го напуштиш Клубот. Зарем заборави каква почит и внимание ти даруваа луѓето кои сега ги напушташ за да им угодиш на оние, кои можеби поради нивната суета те туркаат во пропаст. Тие ти внеле во главата некоја пеколна мисла која ти го поматува умот и затоа се сомневаш во нашите напори, се сомневаш дека спасот единствено ќе го најдеш во Клубот на лекувани алкохоличари. Си поигруваш со чувствата на луѓето од клубот, кои докажаа дека врските кои ги поврзуваат со тебе се доволно цврсти, за да можат тукутака да се раскинат. Ние и покрај се секогаш ќе те почитуваме и сакаме како да си наш …

- Знам, како да сум ваш најголем пријател, извика налутено. Често се потсетувам на долгите разговори кои ги водевме во клубот, на многуте часови во кои многу се трудевме да се увериме во вредностите на клубот, како сето тоа ќе го промени нашиот живот на подобро, дека Клубот ни е потребен, но дека и ние многу сме му потребни на Клубот и т.н. Но сепак, во првиот момент кога требаше да ги докажете вашите зборови на дело, вие не бевте покрај мене.

Можете лесно да убедите човек кој не знае; можете уште полесно да убедите паметен човек. Но, оној кој малку знае, а мисли дека е совршен, ни Господ Бог не може да го убеди.     Латинска поговорка

Премногу сум свесен за недостатоците на врстата на која и припаѓам да би се лутел на кој било најзин член. Мојот лек е: да се фатиме во костец со злото кое го гледаме, не повредувајќи го чинителот на злото, исто како што ни самиот не би сакал да бидам повреден заради грешките што непрекинато ги правам. Голем број луѓе према себе се субјективни, а кон другите објективни, додека за свое добро, би требало да се однесуваат спротивно.     Киеркегор

Многупати, кога правиме грешки, иако разочарани и депримирани, одненадеж забележуваме дека нашите искрени роднини и пријатели сеуште не сакаат и ценат, дека сакаат да ни помогнат, дека и покрај се сеуште ја немаат загубено довербата во нас. Во моментите на нескриена желба за помош, со својата искреност, тие не доведуваат до величенствено, духовно расположение во кое целосно се убедуваме во својата грешност, во кое добиваме многу голема сила и енергија за што поуспешна апстиненција - со тоа по којзнае којпат ни даваат уште една прилика повторно да се исправиме и храбро да зачекориме напред. 

Кога човек има во себе нешто што го измачува, потребно е да има некој сигурен, близок, искрен пријател во кој ќе има целосна доверба, на кој ќе може да му ја довери тагата за својата мака, каква таа и да биде, или таа со двојна снага ќе му ја притисни душата и можеби ќе стане неподнослива за него. И токму недовербата кон луѓето е причината што честопати многу луѓе - и тоа луѓе кои имаат најголеми и најубави доблести, ќе се почувствуваат слаби и не се способни да ја поднесат тагата на својата несреќна состојба, во која западнале од разни причини и тогаш прибегнуваат кон најлесното решение - посегнуваат по чашата со алкохол, мислејќи дека само алкохолот ќе им помогне да си ја олеснат тежината што ја измачува нивната душа.

Методите што се применуваат во Клубовите на лекувани алкохоличари за лекување на алкохолната болест веројатно се универзални или се разликуваат во многу мали нијанси. Комуникацијата и дружењето помеѓу апстинетите, љубовта и почитта што ја градат помеѓу себе, спремноста во секое време да си помогнат еден на друг, се основата на која се гради довербата кон Клубот, како единствено место за одржување на трајна апстиненција, како единствено место каде се гради цврстината на карактерот на апстинентот, за да може полесно да се пробива по трнливиот пат низ џунглата на животот.

Бидејќи ѓаволот е неуморен во настојувањата да го уништи човекот, тој никогаш не пропушта прилика да пронајде начин на кој човекот ќе го наведе на грев. Многу е веројатно дека гревот многу лесно ќе помине низ пукнатините на нашите најдобри намери и најсвечените заклетви во истиот момент, кога ќе помислиме на алкохолот. Затоа, секој апстинент мора многу да внимава, да во моментите кога лукавиот ќе го води по патеката на злото, кон рецидив, ако самиот не може да се спротивстави на ѓаволските искушенија, што побрзо да побара помош од своите вистински пријатели - терапевтите и членовите на Клубот на лекувани алкохололичари.

Како составен и еден од најважните делови на Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп е патронажната група, која редовно ги посетува сите апстиненти, особено апстинентите за кои ќе дојде до сознание дека направиле рецидив. Во сите случаи, кои се разликуваат еден од друг, бидејќи секој апстинент кој направил рецидив, наведува различни причини и различно реагира на нашата посета, ние се трудиме, на сите можни начини да го освестиме, да го мотивираме повторно да се врати во Клубот. Го убедуваме дека мотивот за нашата посета не е за да ја задоволиме нашата љубопитност, туку искрената желба да му помогнеме, бидејќи тоа само ние, неговите пријатели од Клубот, можеме да го направиме. Во повеќето случаи апстинентот не сака да признае дека му е потребна помош, од едноставна причина што цврсто е убеден дека самиот ќе ја надмине таа состојба.  Искуството не учи дека тоа многу ретко или скоро никогаш не успева и затоа сме упорни да го наговориме апстинентот повторно да почне да го посетува Клубот. Иако нашето убедување секогаш е искрено, често сме убедени дека тој нема да побара помош како што ние посакуваме, но од неговото лице секогаш може да се види дека му е мило што таа помош му ја нудиме. Речиси секогаш, на наше огромно задоволство, ефектот од нашата посета сепак има успех и апстинентот се враќа во клубот.

Посебен впечаток на мене остави попатната посета на еден драг колега, апстинент во клубот, кој неколку месеци не доаѓаше во Клубот. Беше изненаден од мојата посета и ме прими некако ладно, како гостин кој дошол во незгоден момент. Очигледно беше дека ѓаволот ја остварил својата победа, со тоа што во неговото срце внесол горко и тмурно расположение, бидејќи тој знае дека би бил наполовина помалку опасен, кога кај човекот би испраќал весело расположение и ведри мисли. Наведнатата глава од мојот домаќин, молкот на членовите на неговото семејство јасно укажуваа на мачната атмосфера што лебдеше во просторијата. Сепак, за разлика од неговото ладно, рамнодушно однесување, светлината и радоста што се појавија во очите на неговата сопруга недвојбено ја покажуваа молбата за помош, надежта и очекувањата од мене. Молкот го прекина домаќинот.

- Знам зошто си дојден и затоа веднаш да ти кажам дека залудно го трошиш времето. Нема потреба ништо да ми кажуваш. Впрочем, биди убеден дека се што ќе ми кажеш јас веќе го знам и тебе и на сите од Клубот можам да ви држам лекции за тоа. Ќе кажам само дека имам некои свои планови и кога ќе дојде време, самиот ќе се повлечам. Повторувам дека не ми се потребни твоите совети и затоа подобро е да разговараме за нешто друго.

Мачната атмосфера што настана со солзи во очите ја прекина неговата сопруга. - Некои членови на нашата фамилија почнаа да вршат голем притисок врз него за да го напушти клубот и од тогаш некој тежок терет, некоја тешка мора многу го измачува. Сепак, убедена сум дека тој терет не е така тежок за мојот сопруг да не може да го поднесе, само треба да собере храброст на вистината да и погледне во очи, бидејќи тој, како што го охрабрувам, ужива голема доверба кај колегите од клубот и дека само вие можете да му помогнете. Сигурна сум дека тој во длабината на својата душа знае дека постапува гадно и свирепо, дека тој, свесен за тие постапки, не само што не смее никого да обвинува и осудува, туку не смее ни да им погледне во очи на луѓето, а и да не зборуваме за тоа самиот себе да се смета за добар родител и сопруг, како што се сметаше порано. Залуден е целиот мој труд да го утешам. Раната во неговото срце изгледа дека е предлабока, грижата на совеста му го поматува умот и целиот е обземен од тага и очај. Не верувам дека ниту тој, ниту вие можете и да претпоставите колку мене ми е тешко. Постојано го охрабрувам и бодрам да не потклекнува со духот во својата неволја, која мислам дека вистински не постои, а самата себе не можам да се охрабрам, да не потклекнам кога го гледам како се измачува. Му говорам како треба храбро да го носи теретот на својата неволја, а самата таа храброст не можам да ја смогнам. Често се прашувам: како можеше толку да се измени? Како се случи тоа сега да личи на некој сосема друг, а не на оној кој сите го знаеме?

Излезе од собата гласно плачејќи, испратена со псовките на сопругот.