СИТЕ КАТЕГОРИИ


Не постои поразорна човечка навика од одолговлекувањето, одложувањето да се прекине со алкохолот утре, а не денес. Со алкохолот требало да се прекине многу одамна, во краен случај, никогаш и не требало ни да се започне со пиење алкохол. Во борбата со алкохолната болест ќе бидат успешни само оние, кои веднаш ќе тргнат во акција да се победи алкохолното зло.

          Постојат два вида на активности во борбата со алкохолното зло: првата, која ја преземаме затоа што самите така сме одлучиле, и втората, која ја преземаме дури откако на тоа сме приморани. Кога апстинентот самиот ќе согледа дека има проблеми предизвикани од алкохолот и ќе побара помош, со таквиот чекор половина од работата во неговото лекување е завршена. Завршувањето на останатото е рутинска работа на терапевтите. Во вториот случај, кога бараме помош од стручни лица дури откако тоа мораме да го направиме, лекувањето е многу потешко, бидејќи обично станува збор за поголеми ментални или телесни оштетувања кај алкохоличарот.

          Кога алкохоличарот ќе започне со своето лекување, тој и членовите на неговото семејство треба од своите мисли да го избришат зборот “невозможно”, бидејќи тоа е појдовна точка кон секој успех, особено кон постигнување успех во лекувањето на алкохолната болест. Можеме да постигнеме сигурен успех во борбата со алкохолната болест, само ако сме убедени во нашата способност, дека тоа можеме да го постигнеме. Ако не сме сигурни во цврстината на нашата одлука да го победиме алкохолното зло, тогаш веднаш, во истиот момент, треба да ја донесеме конечната одлука. Нашата одлука треба да ја внесеме во нашите мисли и да ја повторуваме повеќепати дневно, како еден вид молитва. Да запаметиме, ништо не се случува само од себе. Нештата не се случуваат така, како што ние посакуваме, само затоа што ние посакуваме така да се случат. Мора да вложиме труд работите да се случат и да се одвиваат така, како што ние посакуваме. Успехот во борбата со алкохолната болест ќе биде резултат на трудот што ќе го вложиме, на постојаните напори, на нашата спремност советите и правилата што ќе ни ги одреди терапевтот, да ги спроведеме во дело.

          Почитувани пријатели, кои ќе го прочитате овој напис. Отворете ја мојата интернет страна alkoholizam.net и во “Како да се победи Кралот Алкохол”, од прва рака, од искажувањата на релевантни личности од областа на социологијата и алкохологијата, како што се׃ др. Ферид Мухиќ, др.Павлина Васкова и г-ѓа Милка Темелкоска, ќе дознаете многу повеќе за оваа и другите теми.

- Сепак, подобро е да бидеш оженет, отколку мртов. Молиер

- Бракот е една од ретките историски појави, каде што освојувачот се потчинува на победениот. Б.Њушиќ

- Бракот може да биде среќен под овој услов: и едниот и другиот брачен другар, мораат себе да си ја одредат како прва должност, оваа незаменлива одлука: сакам да го сакам и да го почитувам тоа срце, на кое сум дозволил да биде господар на моето. Силвио Пелико

- Бракот е хемиски спој во кој од два безопасни елементи, кога ќе се спојат, може да настане отров. Едуард Пајерон

- Бракот е книга, која со задоволство се чита во првото издание, ретко во второто, а кога ќе застари и ќе стане класична, тогаш губи секаква вредност. Б.Њушиќ

Слични со мене се околу мене; и јас сум сличен со нив. Идентификувајќи се со другите, мудриот човек не прави зло, ниту е причина за злото.     Староиндиски запис

Во нашиот изопачен свет општите слабости и маани повеќе придонесуваат за меѓусебно зближување, од сите поуки на филозофите и теолозите.     Халифакс

          Откако ќе ги осознаеме нашите грешки и ќе донесеме цврста одлука за победа над алкохолното зло, по секоја цена, треба да понудиме и свои идеи со кои ќе си помогнеме себе си и на другите. Ако јас и ти имаме по едно јаболко и ги размениме, ниту јас ниту ти ќе постигнеш нешто. Но, ако ја заменам идејата што јас ја имам за идејата што ја имаш ти, на крајот и двајцата ќе имаме двапати повеќе отколку на почетокот. Значи, тимската работа претставува начин за зголемување на нашето духовно богатсво, начин постојано да се зголемува нашата волја за успех, во нашата борба со алкохолната болест. Да запомнеме, кога двајца или повеќе апстиненти си помагаат, кои соработуваат и меѓусебно се дополнуваат и поддржуваат, секогаш постигнуваат многу поголем успех, отколку апстинентот кој сам се бори со алкохолните кризи. Соработката помеѓу апстинентите е најнепогрешливиот клуч до постигнување на сигурен успех во лекувањето на алкохолната болест. Поединечно ништо или многу малку можеме да постигнеме, бидејќи секогаш ќе бидеме изложени на многуте опасности и замки, кои ѓаволот ги поставува насекаде околу нас.

          Многу алкохоличари прават грешка, кога за укажувањата од терапевтот и поискусните членови на клубот сметаат, како некој да им поставува домашна задача. Треба што побрзо да се ослободиме од тој погрешен впечаток и со радост да ги прифаќаме поставените задачи. Единствена оценка која за нашата апстиненција ќе ја добиеме, ќе биде успехот или неуспехот во нашето лекување. За разлика од оценките кои ги добивавме на училиште, оценката добиена за нашето успешно лекување секојдневно треба да ја потврдуваме со нови, практични чекори, кои треба да бидат во склад со новите сознанија, стекнати во Клубот на лекувани алкохоличари. Треба да решиме сега и овде, правилата да ни станат средство за постигнување на посакуваните цели и успехот нема да изостане. Треба потполно да се внесеме во правилата за излез од алкохолниот пекол и да ги применуваме во секојдневните активности. Кога разумно ќе размислуваме за својот живот, ќе го пронајдеме тоа со што треба да се соочиме на патот кон успехот. Значи, треба да соработуваме и да се консултираме со терапевтите или со некој од поискусните апстиненти. Од извонредно значење е правилата за секојдневно однесување, што ние самите ќе ги определиме за нас, да ги разгледуваме и со нашиот брачен другар, отворено да разговараме за нашите размислувања и забелешки. Впрочем, вклучувањето и поддршката на брачниот другар во лекувањето на алкохолната болест, е најважниот дел од семејната терапија.

          Ќе ја добиете вашата битка со алкохолната болест, бидејќи вашите терапевти - вашите Ангели, се чувари на вашата среќа и успешно ќе ве предводат во таа борба. Тие на себе ќе ја преземат сета ваша болка, сите ваши страдања. Нивната стратегија е посилна од сите лукавства на ѓаволот, нивната љубов и човекољубие ја докажуваат христијанската доктрина за победа над злото: “Бог со својата љубов и добрина ќе го победи злото.”

- Најдобра жена се смета онаа, која би била способна да на своите деца им го замени таткото, кога ќе умре. Гете
- Има жени, кои внимаваат на тоа што нивните мажи им говорат – единствено кога говорат во сон. Саша Гитри
- Го замислувам изневерениот маж како говори: “Тоа заради што сум очаен е помислата, дека тој господин знае со што се задоволував.” Гитри
- Постабилна е вонбрачна врска која се темели на љубов, отколку брачна, без љубов. Саша Гитри
- Бракот без деца исто така е бесмислен, како ограда во пустина. Хелге Крог
- Предноста на неоженетите е во тоа што не мора, кога ќе се најдат пред многу убава жена, да се лутат, што дома имаат грда. Пол Леаупауд
- Мила ќерко, однесувај се кон својот маж така, да се развесели кога при враќањето дома, ќе го здогледа кровот од куќата. Лутер
- Во бракот мажот има две очи, а жената само едно. Џон Лили
- Мажот не го држат дома децата, туку мудроста на жената. Мадагаскарска поговорка
- Заедно секогаш е полесно да се живее: ако едниот падне, другиот ќе го подигне. Мадагаскарска поговорка
- Љубовта е најдобар заштитник на бракот, а взаемното почитување најсигурен пријател. Паоло Мантегаца
- Кој е среќен во бракот? Среќни се оние кои имаат малку фантазија, да не можат да замислат ништо подобро од бракот, и оние, кои се така паметни, да повеќе сакаат мирно ропство, од безнадежна побуна. Хенри Менцкен

Лесно е да се поднесат несреќите, ако човекот е наоружан со трпение      Публиј Сир

        За постигнување на вистински успех во борбата со алкохолот и алкохолната болест, сите ние треба да имаме големо трпение, бидејќи често се случува, заради нашата нетрпеливост нештата да ги измениме веднаш во наша полза, резултатите да изостанат или да не го дадат очекуваниот ефект. Трпението е должност, трпението е вистина, трпението е врвна мудрост на големите луѓе. Трпението бара посебен вид на храброст. Тоа е храброст на постојано воздржување и толеранција кои произлегуваат од нашата целосна посветеност на нашиот идеал - постојана борба со злото. Трпението е храброст да се измени она што може да се измени, подготвеност да се прифати она што не може да се измени и мудрост помеѓу нив да се направи разлика. И затоа, колку повеќе сме обземени со мислата за постигнување на нашата животна цел - победа над алкохолното зло, толку повеќе треба да имаме трпение во совладувањето на пречките кои ќе ни застанат на патот. Ако знаеме кон што тежнееме во животот, ако ја знаеме нашата вистинска животна цел, ќе имаме поголемо трпение во надминувањето на ситните непријатности, кои постојано ќе ни го попречуваат патот кон нашата победа. Ако проблемите ги разбереме на вистински начин и им пријдеме позитивно, ќе откриеме дека ќе ги снема веднаш штом ќе се соочиме со нив, ќе исчезнат многу побрзо отколку нашата решителност да се справиме со нив.

          Но, како можеме да ги развиеме трпението и толеранцијата? Многу лесно. Треба да одредиме јасна животна цел, да донесеме цврста одлука за победа над алкохолното зло, во длабината на срцето да ги прифатиме и во пракса да ги применуваме правилата и советите добиени од терапевтите во Клубот на лекувани алкохоличари и во целост да се сконцентрираме, сé додека не почувствуваме дека сме преплавени од горливата желба да ја постигнеме таа цел. И секоја мисла, дело или молитва, треба да ја насочиме кон нашата цел - победа над алкохолот.

          Во мојот роман “Како да се победи Кралот Алкохол”, покрај верата, љубовта и надежта, ќе го сретнете и трпението како една од најважните доблести во човековиот карактер, доблест која ќе му помогне на главниот лик во решавањето на својот најголем проблем - напуштањето на животинското во себе, предизвикано од алкохолот, и повторно враќање во светот на луѓето.

Говорат: треба да се спасува душата. Да се спасува може само тоа што може да пропадне. Душата не може да пропадне затоа што таа единствено постои. Не е потребно да се спасува душата, туку треба да ја прочистиме од тоа што ја помрачува, што ја погани. Душата треба да се просветли, за да може Бог се повеќе да проаѓа низ неа.     Толстој

        За алкохоличарот да успее во неговата борба со алкохолната болест, покрај универзалните правила, кои важат за сите алкохоличари и кои мора да ги почитува ако навистина сака да успее, треба да донесе и некои негови правила кои ќе мисли дека ќе му помогнат, да успее да го победи алкохолот.

          Особина на речиси секој алкохоличар е во почетокот, за да го оправда своето однесување, да се залажува себе си, а потоа ги лаже сите околу него. Таа состојба што побрзо треба да се надмине. Секој човек има некоја тајна што ја носи длабоко во срцето, за која никогаш во животот не зборувал. Одамна поминати работи, срамота, авантури, болка во срцето или рана во душата. Многу доблесно е, ако си погрешил, особено ако во пијана состојба таа грешка била бесрамна и им нанела болка на луѓето околу тебе, да признаеш отворено, иако тоа никој од тебе не го бара. Тоа е најлесниот пат да се ослободите од грижата на совеста. На тој начин ќе го победите гревот и ќе бидете чисти и проѕирни, бидејќи ќе станете прозорец низ кој морате да го гледате светот.

          Алкохоличарот треба искрено да го отвори срцето пред терапевтот, треба да побара помош за сé што мисли дека го измачува. Има безброј мотиви (ретко или речиси никогаш реални и оправдани) кои човекот го наведуваат да посегне по чашата со алкохол и кои го носат во алкохолниот пекол. Кога ќе ги осознаат мотивите кои алкохоличарот ги измислува за да ја оправда својата глупост и кои го туркаат во пеколот, искуството и доблестите од терапевтите, посебно нивната спремност да му помогнат на секого и во секое време, се единствениот спас од неподносливата состојба која постојано го измачува алкохоличарот, а во која стигнал исклучиво по своја вина.

          Терапевтите се многу искусни. Иако тоа вие нема да го забележите, тие веднаш ќе знаат дали ја кажувате вистината или не. Не заборавајте - каде што има искреност, има можност за сочувство и помош. Побарајте помош и ќе ја добиете. Немојте да се плашите дека ќе станете заробеник на вашата тајна. За вашата тајна покрај вас, знае и Бог, а ОН радосно ќе стои покрај вас во моментите на простувањето, било кон самиот себе, било на другите кон вас. Впрочем, на простувањето се темели и опстанокот на целото човештво.

Бракот може да биде среќен само под овој услов: и едниот и другиот брачен другар мораат за себе да ја одредат како прва должност, оваа незаменлива одлука: сакам да го сакам и да го почитувам тоа срце, на кое сум му дозволил да биде господар над моето. Силвио Пелико

Не недостатокот на љубов, туку недостатокот на пријателство ги создава несреќните бракови     Ниче

        Оваа мудрост од Ниче ја зедов како главна поента за мојот текст, бидејќи по седумгодишна апстиненција од алкохолот, ја сфатив нејзината вистинска порака. За разлика од многу алкохоличари, кои вината за својата несреќна состојба, за своите грешки, глупости и пропусти во животот, најчесто го посочуваат несогласувањето со својата сопруга, со членовите на семејството, претпоставените на работа или, едноставно, измислуваат безброј причини за својата несреќна состојба да ги обвинат сите околу себе, јас денес признавам, и пред себе и пред Бога, дека вината за сите несреќи кои го снајдоа моето семејство, беше само моја. Мојата сопруга стоички ги издржа сите мои удари, сета неправда што и ја нанесов, го издржа моето неподносливо однесување, го одржа семејството, за што од сето срце и душа сум и благодарен. Таа беше мојот најискрен пријател, најдобрата мајка, сопруга полан со љубов и внимание, најсакана сестра – сé заедно цели три децении, во исто време. Денес сум многу среќен човек и можам слободно да кажам дека нема ништо поубаво, отколку кога на својата сопруга, на своите деца си им толку мил, да заради тоа и самиот себе си си уште помил.

          Кога човекот ќе тргне по трнливиот пат кој води во алкохолниот пекол, за жал, заедно со него, по тој пат одат и неговите најмили - сопругата и децата. Тие гледаат како алкохоличарот секојдневно се уништува во својата глупост, но не гледаат начин како да му помогнат и нему, и себе си. И, покрај големата љубов, што најблиските ја чувствуваат кон него, по долгогодишното поднесување на последиците од алкохолот, едноставно креваат раце, го оставаат алкохоличарот сам на себе.

          Единствено оправдување за оваа голема, ако не и најголема грешка на луѓето, кои се најблиски на алкохоличарот, е нивното незнаење, нивната недоволна информираност, дека спас има. Повторувам, спас од алкохолниот пекол има и лекот се наоѓа на дофат на вашите раце, треба само да соберете храброст и мудрост и да го земете, за свое добро, уште повеќе за доброто на вашите деца.

          Во рамките на Клубот на лекувани алкохоличари: “Здрав живот” од Прилеп, многу успешно, корисно, и едукативно работи и Женскиот дел од клубот за поддршка на апстинентите - ”Викторија”. На состаноците, кои се одржуваат во Центарот за Социјални работи секоја среда од 17-19 часот, покрај жените кои, од кои било причини завлегле или се наоѓаат во алкохолниот пекол, присуствуваат и сопругите на лекуваните алкохоличари, кои активно го посетуваат клубот, но и оние мајки, сопруги, сестри и ќерки, кои во својот дом имаат алкохоличар, но не го знаат начинот, како да го убедат и тој да се обиде да ја надмине и победи алкохолната болест, што долги години ја има. Оваа активност е од извонредно значење, бидејќи многу сопруги од алкохоличарите се плашат, пред својот сопруг, да ги искажат своите маки и страдања. Добиените сознанија се од извонредно значење во натамошниот пристап кон алкохоличарот, во менувањето на неговите погледи кон алкохолот и кон животот воопшто.

          Почитувани мајки, сопруги, ќерки, сестри, деца - дојдете во храмот на спасот и побарајте спас за вашите најмили, пронајдете го најлесниот пат кон среќна иднина за вашето семејство, посетете го Женскиот дел од клубот “Викторија.” На вратата ќе ве пречека веселата насмевка на нашите прекрасни терапевти г-ѓа Милка Темелкоска - социолог и др.Снежана Ѓорѓијоска - психијатар. Ќе слушнете многу совети кои ќе ви бидат од непроценлива корист за вашата иднина, но бидете убедени дека во нивното срце ќе останат многу неискажани нешта, бидејќи невозможно е на еден состанок да се искажат најдлабоките тајни за смислата на животот и живеењето. Сепак, ќе поминете прекрасно попладне со луѓе кои имале слична или иста животна судбина, со луѓе кои успеале да го пронајдат начинот како да се соочат со секојдневните проблеми, со луѓе кои ќе изразат спремност искрено да ви помогнат во секое време. И, кога по завршувањето на состанокот полека ќе чекорите кон вашиот дом, кога вашите мисли ќе ги средуваат впечатоците од оваа, за вас, необична средба, опиени од кратката среќа на надежта што после долго време повторно ќе заживее во вашето срце, низ главата ќе ви доаѓаат безброј прашања, а меѓу нив најглавните: “Овие среќни жени немале толку големи проблеми и страдања како што имам јас. Нивните мажи сигурно не биле големи пијаници и не правеле толку големи проблеми, како мојот сопруг.” Во тој момент погледнете подлабоко и поискрено во вашето срце и одговорот што таму ќе го пронајдете, ќе ги разбие вашите дилеми и сомнежи. “Во секое семејство каде има пијаница, на овој или на оној начин, ги има истите проблеми. Долго време ме мачеше мислата дека само ние така живееме, дека во другите бракови тоа го нема. Но, тоа мора да е судбина на сите луѓе кои завлегле во алкохолниот пекол. Веројатно и тие, како и јас, мислеле дека тоа е само нивна несреќа. Досега ја криев таа премногу срамна несреќа не само од другите, туку и од самата себе. Денес за првпат во животот добив вистинска надеж дека шанса за излез од пеколниот алкохолен лавиринт, во кој толку долго време се наоѓаме, сепак постои. За успехот на овие среќни, неверојатни жени, полни со позитивна енергија, мора да се најзаслужни терапевтите. Не верував дека на земјата сеуште постојат луѓе, кои во себе имаат толку љубов и човекољубие, како што во себе имаат г-ѓа Милка и др.Жане. Но, од каде извира нивната сила и енергија да се зафатат со спасување на алкохоличарите, кои се отфрлени од луѓето и живеат на маргините на општеството? Без дилеми, тоа мора да е дар од нашиот Семоќен Бог. Божјата промисла не случајно ги избрала токму овие храбри и несебични жени, г-ѓа Милка и др.Жане, на својот грб да ги носат тешкотиите во борбата со злото, како најголеми борци да бидат Божјото оружје, до конечната победа над најголемиот непријател за целото човештво - алкохолот.”

          Ги повикувам сите сопруги или ќерки, мајки или сестри, кои не знаат каде да ја побараат помошта што им е толку неопходна, да дојдат во Женскиот клуб за поддршка на лекуваните алкохоличари “Викторија.” Треба да соберете храброст, да ги надминете сите предрасуди и да ја согледате реалноста дека алкохолизмот е болест, како и секоја друга болест и дека може да се лечи. Терапевтите и сопругите кои го посетуваат клубот ќе ви поклонат искрено внимание, на сите ќе ви пружат рака за помош. Знаете, кога човек ќе мора преку греда да премине преку некоја провалија, тоа многу полесно ќе го направи, ако знае дека од другата страна има некој, кој ќе му подаде рака. Раката ви е пружена, имајте мудрост и прифатете ја. Преминете на страната на победниците над ѓаволот. Посетете го клубот и наполнете ги вашите чаши од изворот на надежта што потекува од срцата на нашите терапевти, пружете ја раката кон плодоносното дрво кое расте од нивното срце и вкусете од слатките плодови на среќата. Бидете убедени дека ќе ви се измени вашиот живот, ќе ви се изменат вашите соништа. И, кога вашиот сопруг, брат или син ќе излезе од алкохолниот пекол, кога на вашата одлука што сега треба да ја донесете, а за која можеби се колебате, ќе набљудувате од сосема друга перспектива, кога мирот, среќата и радоста ќе се вратат во вашиот дом, убеден сум дека вашето задоволство ќе биде многу големо, толку големо, како да сте ја добиле главната премија на лотарија.

Vinum dementat et sapientes - Виното и мудрите ги побудалува.       Лат.поговорка

Цени го човекот кој ти укажува на твоите грешки како да ти открил скриено богатство - цени го мудрецот кој ти ги покажува животните опасности.     Дамапада

За остварување на поставените задачи, Клубот на лекувани алкохоличари делува следејќи ги правилата за работа, кои важат за сите клубови. Со тоа се осигурува полесна соработка помеѓу клубовите. Во својата борба со алкохолната болест, секој апстинент треба да ги почитува универзалните правила кои се применуваат во сите Клубови на лекувани алкохоличари, но и правилата и навиките што може да се применуваат во клубот, во кој членува.

- СТРОГО ОДБЕГНУВАЈТЕ ГИ КАФЕАНИТЕ И СТАРОТО ДРУШТВО

- НЕ ЧУВАЈТЕ АЛКОХОЛ ВО ВАШИТЕ ДОМОВИ

- СЕКОЈДНЕВНО ЗЕМАЈТЕ ЕСПЕРАЛ - НАЈМАЛКУ ЕДНА ГОДИНА

- СЕКОЈ ДЕН ПОМИНАТ БЕЗ АЛКОХОЛ Е КАПИТАЛ

- ВО ТЕКОТ НА ЛЕКУВАЊЕТО ПОМАГАЈТЕ ИМ НА ДРУГИТЕ, ОСОБЕНО АКО СЕ ВО КРИЗА

- ОТВОРЕНО ЗБОРУВАЈТЕ ЗА СЕБЕ КАКО ЗА АЛКОХОЛИЧАР И ЗАПОЗНАЈТЕ ЈА ОКОЛИНАТА ЗА ЛЕКУВАЊЕТО

- АКО ИМАТЕ КРИЗА, ЈАВЕТЕ СЕ ВЕДНАШ ВО КЛУБ НА ЛЕКУВАНИ АЛКОХОЛИЧАРИ, БИДЕЈЌИ ТАА Е ПРОПРАТНА ПОЈАВА ПРИ АПСТИНЕНЦИЈАТА

- АКО ДОЈДЕ ДО РЕЦИДИВ, ЈАВЕТЕ СЕ, ШТО Е МОЖНО ПОСКОРО НА ТЕРАПЕВТОТ ИЛИ ВО СВОЈОТ КЛУБ НА ЛЕКУВАНИ АЛКОХОЛИЧАРИ

- БЕЗ КЛУБ НА ЛЕКУВАНИ АЛКОХОЛИЧАРИ НЕМА АПСТИНЕНЦИЈА

          Секое од овие правила во себе носи јасна порака и упатство, за апстинентот полесно да излезе од алкохолниот пекол. Иако можеби на прв поглед ќе ви изгледаат како работи кои одамна ги знаете и на кои не треба да им посветите поголемо внимание, бидете убедени дека тие во себе носат длабока смисла. Затоа, ајде да ги разгледаме поединечно.

          - За апстинентот да успее да го промени својот поглед кон алкохолот и кон животот воопшто, тој мора, барем еден период, додека не се наоружа со цврста волја за апстиненција, СТРОГО ДА ГИ ИЗБЕГНУВА КАФЕАНИТЕ И СТАРОТО ДРУШТВО. На кафеаната алкохоличарот треба да гледа како на куќа во која се раѓа и живее злото, како на место во кое ѓаволот ја фрлил својата мрежа за да го улови секој, што преку алкохолот премногу ќе му се приближи, и повторно да го внеси во алкохолниот пекол.

          - Кревка е човечката душа и многу лесно може да падне во искушение. Затоа, НЕ ЧУВАЈТЕ АЛКОХОЛ ВО ВАШИТЕ ДОМОВИ. Многу лесно може да се случи, и тоа во моментите кога најмалку очекувате, вашата рака едноставно несвесно и непланирано, да посегне по шишето со алкохол. Се препорачува и вашите гости да ги пречекувате со сок или кисела вода, без оглед дали тие ќе ви замерат за тоа.

          - Кога терапевтот ќе оцени дека сте психички подготвени да прифатите вистинска апстиненција, за полесно да успеете во тоа, ќе ви препише и есперал. СЕКОЈДНЕВНО ЗЕМАЈТЕ ЕСПЕРАЛ НАЈМАЛКУ ЕДНА ГОДИНА и многу полесно ќе се спротивставите на алкохолните кризи, кои можат во секој момент да се појават. Напоменувам дека еспералот треба да се зема исклучиво по препорака на лекар - терапевт.

          - Во семејствата каде има алкохоличар, особено ако неговата алкохолна болест е во покритична фаза, СЕКОЈ ДЕН ПОМИНАТ БЕЗ АЛКОХОЛ Е КАПИТАЛ. Вистинско богатство за членовите од семејството е алкохоличарот да помине макар само еден ден трезен. Не само што тој ден нема залудно да потроши пари на пијанчење, туку многу поважно е што членовите на семејството ќе се одморат од неговите малтретирања, и што е најважно, во нивната душа ќе се роди и ќе заживее надеж дека и утрешниот ден и сите други наредни денови, ќе живеат во мир и благосостојба.

          - Помагајќи им на другите, индиректно си помагаме и себе си, за да ја зацврстиме нашата волја за трајна апстиненција. Затоа, ВО ТЕКОТ НА ЛЕКУВАЊЕТО ПОМАГАЈТЕ ИМ НА ДРУГИТЕ, ОСОБЕНО АКО СЕ ВО КРИЗА. Знаете, заедно е полесно да се живее, полесно можат да се надминат проблемите - ако едниот падне, другиот ќе го подигне.

          - Во секојдневното живеење потребно е да се надминат некои конвенционални правила по кои сме се однесувале и за кои, гледано од нова перспектива на апстинент, слободно можеме да кажеме дека не доведувале во заблуди и кои скапо не коштале во животот. Не е срамота, кога ќе дојде и кумот, кон кој треба да имаме посебна почит, ОТВОРЕНО ДА ЗБОРУВАМЕ ЗА СЕБЕ КАКО ЗА АЛКОХОЛИЧАР, А И СИТЕ ДРУГИ ОКОЛУ НАС ДА ГИ ЗАПОЗНАЕМЕ СО НАШЕТО ЛЕКУВАЊЕ. Ако луѓето кои доаѓаат во вашиот дом навистина ве почитуваат, ќе ја разберат вашата состојба и ќе се обидат, макар со тоа што барем пред вас нема да пијат алкохол, со што ќе ја разбрануваат вашата душа, да ви помогнат.

          - Алкохолната криза е непријатна состојба кога кај апстинентот се појавува неодолива желба да се напие алкохол. Најстрашна е помислата дека апстинентот, и тоа апстинент кој повеќе години издржал без алкохол, дека не е страшно ако се напие само една чаша пиво или вино. Таа страшна мисла е еден вид на криза, која ако ја задоволите, многу брзо ќе ве врати во алкохолниот пекол. Затоа, АКО ИМАТЕ КРИЗА, ЈАВЕТЕ СЕ ВЕДНАШ ВО КЛУБОТ НА ЛЕКУВАНИ АЛКОХОЛИЧАРИ. КРИЗАТА Е ПРОПРАТНА  ПОЈАВА ПРИ АПСТИНЕНЦИЈАТА.  Напоменувам уште еднаш, немојте да се залажувате дека кога било ќе се вратите во состојба на нормално пиење - донесете цврста одлука за апстиненција поткрепена со мислата, дека за алкохоличарот кој длабоко завлегол во алкохолниот пекол, со пиењето е завршено до крајот на неговиот живот.

          - Рецидивот е состојба кога алкохоличарот, во одредени околности на криза, не може да се спротивстави на ѓаволските искушенија и ќе се напие алкохол. Многу луѓе сметаат дека рецидивот е пропратна појава во апстиненцијата, што јас мислам дека е погрешно. Рецидивот е само појава, но не и пропратна појава која би можеле да кажеме дека е правило, кое очигледно се однесува само на кризата, која по правило, во различни облици, се појавува кај секој апстинент. Во Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп, имаме апстиненти кои служат за пример и кои издржале долга апстиненција, повеќе од дваесет години без ниту еден рецидив. Сепак, АКО ДОЈДЕ ДО РЕЦИДИВ, ЈАВЕТЕ СЕ, ШТО Е МОЖНО ПОСКОРО НА ТЕРАПЕВТОТ ИЛИ ВО СВОЈОТ КЛУБ НА ЛЕКУВАНИ АЛКОХОЛИЧАРИ. Само на тој начин ќе успеете, грешката што сте ја направиле со посегањето по чашата со алкохол, што побрзо да ја исправите, многу полесно да се вратите во апстиненција. Ако тоа не го направите, за брзо време ќе се вратите во поранешната состојба на секојдневно пиење и опивање и патот за излез од алкохолниот пекол, ќе биде многу потежок. Секако, не смее да се заборави дека постои и сув рецидив, кој може да го зафати алкохоличарот, членовите на семејството, членовите на Клубот, па дури и пошироката заедница. Често се случува да алкохоличарот, иако се воздржува од конзумирање алкохолни пијалаци, да продолжи да се однесува и да живее со истиот начин на живот како и пред апстиненцијата. Не презема никаква одговорност во семејството, не се обидува да го најде своето место во пошироката заедница, продолжува да ги посетува местата каде и порано имал навика да пие. За разлика од мокриот рецидив, кој значи враќање кон пиењето алкохолни пијалаци, сувиот рецидив значи враќање кон старите, веќе надминати облици на однесување, стариот начин на живот, без враќање кон пиењето. Сувиот рецидив во некои случаи може да биде поопасен и поштетен од краткотрајниот воден рецидив, кој Клубот на лекувани алкохоличари обично успешно го решава. Се работи за посебен облик на рецидив, кој не е помалку важен од враќањето кон пиењето и затоа, треба многу сериозно да се разгледува, не само заради тоа што може да доведе кон враќање на пиењето, туку пред се, затоа што е главна кочница за напредокот и развојот на алкохоличарот и неговото семејство.

          - Најважно, што секој апстинент треба да знае е дека׃ БЕЗ КЛУБ НА ЛЕКУВАНИ АЛКОХОЛИЧАРИ, НЕМА УСПЕХ ВО БОРБАТА СО АЛКОХОЛНАТА БОЛЕСТ. На прстите од рацете можеме да ги наброиме оние луѓе, кои го оставиле алкохолот и се вратиле во нормалниот живот и без посетување на Клуб на лекувани алкохоличари. Клубот е место каде се одржува трајна апстиненција, место каде апстинентот ќе се дружи со луѓе кои имаат иста или слична животна приказна, што е најважно, ќе се дружи со луѓе кои засекогаш му кажале збогум на алкохолот и кои можат да му служат за пример, луѓе кои се спремни во секое време да му помогнат и тој да го постигне истиот успех.

          За мојата борба со алкохолот и алкохолната болест, за начинот на кој јас се справував со алкохолните кризи, ќе дознаете кога ќе ја прочитате мојата книга “Исповед на еден алкохоличар.” Во романот “Како да се победи Кралот Алкохол” го опишав пристапот и лекувањето на неколку апстиненти, искуства кои многу ќе ви помогнат во зацвстување на вашата волја за трајна апстиненција.

- Најпознати се оние жени, кои имаат непознати мажи. Волтер Рила

- …привлечна е само женидбата од љубов; да се ожениш со девојка само затоа што е симпатична, исто е како да купиш на пазар непотребен предмет, само затоа што е убав. Во брачниот живот најважен шраф е љубовта, половата привлечност, едно тело, а сé друго е несигурно и досадно, макар колку паметно да сме пресметале. Значи, не станува збор за симпатична девојка, туку за сакана. Чехов

- Има многу жени кои утредента, после своето венчавање, се вдовици на мажите за кои фантазирале. Морис Донај

- Вреќа полна со отровници, во која се наоѓа само една јагула – ете, тоа е брачната среќа. Карло Доси

- Постојат два можни бракови: еден за млади и младоста и друг за стари и староста. Првиот да се поделат среќата и бесот, а вториот да се поделат несреќата и болеста. Јован Дучиќ

- Бракот е тежок занает, во кој две личности треба да живеат исто така среќно, како што би живееле секоја за себе. Жорж Фејдо

- Брачната лотарија речиси секогаш е – среќка без добивка. Ј.Хајберг

%

Многу е тешко да направам рекапитулација на мотивите и причините, кои ја потикнаа мојата желба да им помагам на луѓето, во нивната борба со алкохолната болест. Можеби една од причините е нивното погрешно сфаќање, нивното тотално незнаење на темата алкохолизам, посебно нивното незнаење за вредноста и улогата на Клубот на лекувани алкохоличари, во животот на секој алкохоличар. Обично луѓето очекуваат во клубот да слушнат волшебни зборови, кои наеднаш ќе им го променат животот и затоа, често се разочарани од првите посети на клубот. На оние пак, што се цврсто решени да успеат, со тек на време ќе се убедат дека само со упорно посетување на клубот, со концентрираност на своите мисли и дела, за бескомпромисна борба со алкохолната болест, успехот ќе им биде гарантиран.

Јас губам многу време и енергија во обидите да им докажам на луѓето дека грешат, дека никогаш не се во право кога разговараме за алкохолот и страшните последици од него. Свесно или не, чувствувам дека морам на другите да им покажам дека нивните размислувања и ставови се погрешни, иако знам дека ќе ме мразат заради тоа што се обидувам да ги поправам, иако знам дека многу повеќе ќе ме сакаат и ценат ако ги слушам до крај и се согласам со нивните погрешни ставови и размислувања. Членовите на Клубовите на лекувани алкохоличари не треба да ги одделуваат активностите што ги имаат во своите клубови и оние од секојдневниот живот. Ако кога било и на кое било место, забележиме дека нашите роднини и пријатели тргнале во погрешен правец, кон алкохолниот пекол од кои било причини, должни сме да делуваме на нив, да се обидеме да ја поправиме нивната состојба колку што можеме. Како можеме да бидеме добри роднини и пријатели, ако не ја искористиме шансата барем да се обидеме, со нашата умешност, искуството и знаењето за алкохолизмот, што сме ги стекнале во Клубот на лекувани алкохоличари, да ги подучиме оние кои ги сакаме и цениме, да им помогнеме полесно да го пронајдат патот, што ќе ги води кон посреќна и посветла иднина.

Точно е дека болните алкохоличари, иако често пати не се свесни за тоа, многу страдаат заради својата болест. Но, исто така, точно е дека тие многу ќе научат за време на својот престој во Клубот на лекувани алкохоличари, дека ќе се оспособат да можат да се издигнат над страдањата и во иднината да не страдаат ништо повеќе од другите луѓе. Во стварноста, тие можеби ќе страдаат многу помалку, бидејќи ќе стекнат мудрост за жвивотот и знаење за борба со алкохолната болест и сите проблеми што животот ги носи. Ако е вистина дека човекот треба да биде попаметен повеќе од туѓите глупости, отколку од својата памет, тогаш би требало апстинетите, кои го победиле алкохолното зло, да бидат едни од најпаметните, поучени пред се од своето, за жал, лошо искуство. Ние, како искусни членови на Клубовите на лекувани алкохоличари, да му помогнеме на младиот апстинент да види, како се издига моралната големина од пеколот на гревот, да му помогнеме самиот да се издигне над тој пекол и да ја здогледа убавината на животот со питоми очи и смирено срце, да види како, од пепелот на слабоста, грешноста, порочноста и најниското однесување, се издига снага на вистината и голема духовна исполнетост – тоа ќе му даде вистинска вредност на неговиот живот.

Иако не верувам дека соновите се исполнуваат, сепак, искрено посакувам крајот на сонот да се оствари, ако не во целост, барем да доживеам да видам што повеќе луѓе кои му го вртат грбот на ѓаволот, да видам што повеќе луѓе како го оставаат алкохолот, како стануваат свесни дека силата на спасот од алкохолниот пекол, се наоѓа само и само во редовното посетување и дружење, во Клуб на лекувани алкохоличари.   

Next Page »