СИТЕ КАТЕГОРИИ


- Институцијата, во која жените најчесто заземаат раководна позиција е – бракот. ***

- Од сите сериозни работи во животот, бракот е најсмешен. Бомарше

- Во бракот се среќни само оние, кои немаат фантазија. Менцкен

- Подобро е цела ноќ да престоиш на една нога, отколку со ламја да одиш во постела. Тејлор

- Не е важно со кого човек се жени, бидејќи следното утро ќе сфати дека тоа е некој друг. Роџерс

- Мажот се жени за да избега од другите жени, а потоа трча по други жени, за да ја заборави својата. Ролан

- Малку има такви жени, кои барем еднаш дневно не би го потсетиле мажот, да се покае што е оженет. Ла Бриер

- Подобро е да се има жена со која не може да се живее, отколку таква, без која не може да се живее. Саша Гитри

- Одма би се оженил со девојката, која денес ќе ја внесат, а утре ќе ја изнесат. Платон

- Секоја жена би требало да се омажи, но ни еден маж да се ожени. Дизраели

- Секоја жена треба да остане толку слободна, да го избере ропството што ќе и се допадне. Александар Жид

- Имаат право кога жените ги нарекуваат подобра половина, бидејќи оженет човек е половина човек. Р.Ролан

- На светот постојат и други работи, а не само здружување или разделба на мажите и жените. Тагоре

- Имав високо мислење за тој човек, додека не ја запознав неговата сопруга. Ниче

- Кој може да бира помеѓу паметта и убавината, нека за пријателка избере убава, а за сопруга паметна жена. Калдерон

- Многу жени би биле подобри сопруги, кога не би настојувале своите мажи да ги направат подобри. Твен

Кога ќе го направиме првиот чекор и ќе донесеме цврста одлука да апстинираме, прво што треба да направиме е да ја пронајдеме вистинската смисла на животот, да научиме како да го живееме својот живот, како да ја користиме снагата на својот разум. Никогаш нема да го пронајдеме својот мир, своето место под Сонцето, кое Бог за нас го определил, ако на другите им дозволиме да управуваат со нашиот живот, ако само ги извршуваме одлуките за нашиот живот, кои некој друг ги носи наместо ние самите, особено ако дозволиме алкохолот да влијае на нашите одлуки, што секојдневно треба да ги носиме. Најголемата вистина на човештвото гласи: “Бог на секој човек му дал неотуѓиво право само над едно - над сопствените мисли.” Веројатно со тоа сакал да ни укаже дека треба да управуваме со својот живот, да донесуваме сопствени одлуки и да ја преземаме одговорноста за последиците од нив, да имаме сопствени мисли, мисли над кои другите не ќе можат да влијаат. Користејќи ја способноста квалитетно и со полн капацитет да влијаеме врз сопствените мисли и животот воопшто, можеме да се воздигнеме до успехот во борбата со алкохолната болест. И, кога ќе се раскинат стегите со кои алкохолот го врзал нашиот ум, кога ќе се ослободиме од ропството на нашиот најголем непријател - алкохолот, кога новите сознанија и искуства за борбата со алкохолната болест стекнати во Клубот на лекувани алкохоличари ќе ги просветлат нашите мисли, кога ќе се осознаеме себе си и нашите вистински вредности, кога добрината, љубовта и човекољубието ќе ги заменат и исфрлат лошотилокот и омразата од нашите срца и ќе станат составен дел од нашиот карактер, убеден сум дека темелите на пеколот ќе се нишаат од страв, а рајските ѕвона ќе ечат од радост, најавувајќи ја победата над ѓаволот.

          Бидејќи Создателот ни дал потполна слобода да одлучуваме и да се користиме со нашите мисли, без сомнеж сметал дека тој дар треба да го користиме со лична иницијатива и одговорност. Во борбата со алкохолната болест постојат две групи на луѓе кои никогаш не напредуваат и ништо или многу малку постигнуваат. На првата група и припаѓаат оние, кои не сакаат да го прифатат она што буквално на секој состанок во клубот им се кажува, не сакаат да ги прифатат советите од терапевтите и не ги почитуваат правилата за борба со алкохолната болест, кои се универзални и кои важат за секој апстинент. Особина на таквите луѓе е лажната представа за својата супериорност и непогрешливост. Тоа е причината што тие вистински и не започнуваат со апстиненција, туку поради својата убеденост дека само после неколку посети на клубот сé научиле, го напуштаат клубот и по кратко време повторно се враќаат во прегратките на ѓаволот.

          Има и апстиненти кои припаѓаат во оваа група, кои упорно доаѓаат во клубот, бидејќи сметаат дека не би било во ред да имаат проблеми со најблиските, кога ќе ги прашаат: “Што имаше денес ново во клубот.” Секој од нив сака да биде припремен и кратко, како затегната пушка, одговара: “Како и секогаш, немаше ништо ново. Еден будала цело време се обидува да внесе некои новини во клубот, постојано се расправа и на сите им ги докажува своите ставови, како само тој сė знае и само тој е во право. Главата ми прсна од него. Малку фалеше да си заминам.” Таквите апстиненти воопшто и не слушаат што навистина се зборува на состаноците, воопшто и не помислуваат дека тој будала, што постојано се расправа, можеби е во право. Тоа се скришни пијаници, но сепак, водат малку сметка другите тоа да не го забележат.

          Во втората група се оние кои немаат самоиницијатива, односно, не сакаат или не знаат да направат ништо повеќе, од она што го научиле на состаноците во клубот. За нив е карактеристична повлеченоста, рамнодушноста кон активностите на другите членови на клубот, стравот од неизвесноста на новините, што другите ги предлагаат. Не се вклучуваат во дискусиите, а ако нешто сепак се приморани да кажат, одговараат кратко, со што даваат до знаење дека тоа измачување за нив, треба што побрзо да заврши.

- Не недостатокот на љубов, туку недостатокот на пријателство ги создава несреќните бракови. Ниче

- Треба да се ожениш со таква жена, која би ја зел за пријател - да е машко. Жилберт

- Добро отвори ги очите кога ќе се жениш, а дури потоа затвори ги. Сомерсет Мом

- Кога жената ќе се омажи по вторпат, знак е дека го мразела првиот маж. Кога мажот ќе се ожени по вторпат, знак е дека ја сакал првата жена. Жените ја бараат сопствената среќа, мажите ја ризикуваат својата.

- Бракот е заедница што се состои од еден господар, една господарка и два роба. Берк

- Човек што се жени по вторпат, не заслужил ни да му умре првата жена. Б.Шо

- Бракот без деца е како ден без сонце. Латинска поговорка

- Трајниот брак не го создава телото, туку душата. Публиј Сир

- Не женете се поради пари – парите лесно можете да ги позајмите. Англиска поговорка

- Љубовта е слатко ропство, бракот е ропство без сласт. Бранимир Глумац

- Ожени се набрзина, ќе се каеш натенане. Српска поговорка

- Бракот е средство за полесно да се поднесат страдањата, од кои неоженетите се поштедени. Хабе

- Најголем доказ за пожртвуваност во љубовта е бракот. Хајне

- Подобро е да бидеш добро обесен, отколку лошо оженет. Киеркегор

- Музиката на свадбената поворка ме потсетува на музиката на војниците, кои одат во битка. Хајне

- Среќно оженет е оној човек, кој што го разбира секој збор, што неговата жена не го изговорила. Хичкок

- Пред бракот, мажот е заинтересиран за женските нозе, а во бракот, за женските раце. Среќко Лазари

- И најпаметните луѓе бираат чевли со поголемо внимание, од кога го бираат својот животен партнер. Лесков

- Археологот е најдобар сопруг што жената може да го има: колку е постара, толку повеќе за неа се интересира. Кристи

- Животот е вештина, а брачниот живот е најтежок дел од таа вештина. Вебер

- Еден никогаш не беше оженет и тоа е негов пекол; друг се ожени и тоа е негова казна. Бартон

За апстинентот да постигне вистински успех во борбата со алкохолната болест, потребно е пред себе и пред другите, да си постави јасно определена цел, за чие остварување ќе биде спремен сė да направи. Шансите да се постигне успехот ќе бидат неспоредливо поголеми, ако апстинентот навистина има искрена желба пред себе и пред другите, да докаже, дека е спремен да го измени своето однесување, да го измени во позитивна насока својот поглед кон алкохолот и кон животот воопшто, со други зборови, да докаже дека е спремен да го измени својот карактер.

          Секоја намера, секој сон почнува со надеж дека може да се оствари. Надежта е основата за постигнување на успехот. Таа преминува во вера во помошта од Бога и поголема самодоверба во своите способности. Верата потоа се трансформира во решителност, а решителноста во акција, која го поттикнува човекот на преземање на конкретни чекори, за постигнување на успехот. Надежта се раѓа во нашите мечти, извира од нашите соништа за подобар живот, за подобро утре, добива сила од нашата цврста одлука за успех, по секоја цена. На надежта се темели главната животна цел, а нашите активности придонесуваат да се претвори во конкретни дела.

          Речиси секоја приказна за успехот, која има среќен крај, почнува со зборовите: “Еден човек се надеваше дека ќе успее…” И приказната за успехот во борбата со алкохолната болест, на кој било апстинент, кој решил да излезе од алкохолниот пекол, има ист почеток: “Имаше еден апстинент кој се надеваше дека во Клубот на лекувани алкохоличари ќе го најде јажето на спасот, што Бог му го пушти за да го извлече од алкохолниот пекол и…” Врз основа на својата надеж и искрената доверба во терапевтите и постарите членови на клубот, треба да ја определиме нашата крајна цел - да ја добиеме битката со нашиот најголем непријател - алкохолот. Таа цел треба да биде нашата ѕвезда што ќе не води кон нашиот успех. Треба да се исполниме со вера дека ништо не е невозможно. Повторувам, ништо не е невозможно, ако апстинентот има искрена желба да се извлече од пеколот. И тогаш треба да ја вложиме целата енергија и храбро да тргнеме кон извршување на поставената задача. Кога нашите мисли ќе бидат насочени 24 часа дневно кон ѕвездата што не води - кон нашите терапевти и членовите од клубот, кои се спремни да ни помогнат во секое време, многу полесно ќе го пронајдеме патот до целта. Многу полесно ќе препознаеме што може да ни го забрза патувањето кон успехот, а што го успорува и не враќа назад во пеколот. Ако не гледаме во ѕвездата, пред да стигнеме до целта, лесно може да се случи да тргнеме во погрешна насока и повторно да зачекориме по трнливиот пат во пеколниот алкохолен лавиринт.

          Се разбира, бидејќи лекувањето од алкохолната болест е комплексно, во кое треба да учествуваат повеќе чинители: алкохоличарот со својата цврста волја да го победи алкохолот, здравствените установи (психијатрите во нервните одделенија), членовите на семејството на алкохоличарот и, како најважен, треба да биде вклучен Клуб на лекувани алкохоличари - значи, сите тие треба добро да го одработат својот дел и, надежта на алкохоличарот за постигнување на успех, во неговата борба со својот најголем непријател – алкохолот, ќе се претвори во прекрасна стварност.

- Треба да се сочува мирот во секоја прилика, дури и кога ќе се случи нешто непријатно, бидејќи сé што се случува има своја причина, своја потреба и, над сé, има своја поука.     Учител по јога

- Години со голем напор се потребни за да се постигне мир, а само еден миг за да се изгуби.     Реј

- Ништо не може да ни донесе спокојство, ако сами не го создадеме.

Емерсон

- Спокојството не може да се најде ни во работата, ни во задоволствата, ни во манастир, туку во својата душа.     Сомерсет Мом

- Има луѓе кои мирно шетаат по паркот гледајќи фонтани, додека царства се рушат.     Шатобријан

- Тешко е да бидеш спокоен, ако нема што да се работи.     Шопенхауер

- Мир во меѓународните односи е период на разговор помеѓу два пеиода војна.     Берк

- Мудриот човек со подеднаква смиреност прима пофалби и поднесува навреди.     Конфучие

- Единствено човеково богатство е психичкиот мир; најголема доблест е човековата добрина.     Др.Савиќ

- Од законите и царевите не зависи човековиот мир, туку од неговите тивки фамилијарни радости, неговиот разум, верата, совеста.     Голд Смит

- Најпривлечното дрво прво ќе биде пресечено, бунарот чија вода е најчиста ќе биде прв исушен.     Лао Це

- Слушај, гледај и молчи, ако сакаш да живееш во мир.     Латинска пог.

- Искрениот мир им доликува на луѓето, а страшниот гнев на животните.

Овидие

- Подобар и побезбеден е мирот, од несигурната победа.     Латинска пог.

 

- За каузата на мирот, никаква туѓа жртва не е доволно голема.     Чапек

- Мир! Сега повторно мирно можеме да се посветиме на нашето наоружување.    Чапек

- Светскиот мир ќе се оствари еден ден. Не затоа што луѓето ќе станат подобри (на тоа не смееме да се надеваме), туку затоа што еден нов поредок на работите, новата наука и новите економски потреби ќе ги присилат да живеат во мир.     Анатол Франс

- Љубовта према мирот почнува со тоа што ќе се престане со зборување за праведни војни.     Сигмунд Граф

- Мирот го носиме како алиштата кои однапред ги крпиме, додека одпозади се параат.     Вилхелм Раб

- Срамниот мир дури и со војна се заменува.     Тацит

- Имај мир со луѓето, негувај ја војната со пороците.     Латинска пог.

- Кога владее мир, добро е да се размислува: каква корист војната донесува?    Публиј Сир

- Мирот е време во кое синовите ги погребуваат своите татковци, војната е време во кое татковците ги погребуваат своите синови.     Херодот

- Јас верувам во мир, инаку не би можел да бидам министер за војна.

Хапел

- Некој мора да го започне мирот, како што некој ја започнува војната.

Цвај

- Постои само едно средство да би триумфирал мирот: да се усвои закон по кој, во случај на војна, воената штета да ја плаќа – победникот.

Ајзенхауер

- Мирот не е последица на војната, туку доблест која се раѓа од храброста на духот.    Спиноза

- Америка е за мир, бидејќи атомската војна не може да се добие. Реган  

Има моменти кога е дозволено да се премолчи вистината, но неа никогаш не треба да ја замениме со лага.    

        Кога донесов цврста одлука по секоја цена да истраам во борбата со алкохолното зло, веќе ми беше многу полесно да го најдам одговорот на прашањето: како треба да постапувам во иднина? Сфатив дека никогаш повеќе не смеам да се лажам себе си, да не се плашам од вистината, без обзир каде таа ќе ме однесе. Човек, кој отишол толку далеку и кој безнадежно стои на ивицата на животот, таму каде со најмал погрешен чекор може повторно да падне во мрачната провалија без дно, греши и лаже ако се обиде себе си или другите да ги залажува со својата совршеност. Јас никогаш не лажев пред луѓето, но додека бев во алкохолниот пекол, знам дека се лажев себе си и воопшто не се плашев од последиците од вака неразумен чин, кои на крајот беа катастрофални за мене, уште повеќе за моите најмили, бидејќи последиците од лажењето на другите не се ништо во споредба со последиците од лажењето на самиот себе, а токму на такви страшни лаги го градев својот живот.

          Да не се лажам себе си значи, да не се плашам од вистината за алкохолот, самиот да не измислувам и да не ги прифаќам многуте лукавства кои луѓето ги измислуваат, за од самите себе да ги сокријат погрешните заклучоци на разумот и совеста; кога разговарам за алкохолот да не се плашам од разидувањата во мислењата со сите околу мене и да не се плашам дека ќе останам сам - само со својот разум и својата совест; да не се плашам од непријатната положба во која ќе ме донесе вистината, цврсто да верувам дека таа положба до која секоја вистина ќе ме донесе, особено вистината за алкохолот, колку и да биде лоша, дека не може да биде полоша од тоа што е изградено со лага. Лагата пред другите луѓе само ги комплицира работите и го одолговлекува решението на проблемот, но лагата пред себе си, која алкохоличарот ја прифаќа како вистина, може да го уништи целиот негов живот.

          Кога човекот ќе зачекори по таа стрмна патека, по патот кон алкохолниот пекол, ако смета дека тој пат е оној вистинскиот, тогаш со секоја испиена чашка се повеќе ќе се оддалечува од своите добри намери, од својата вистинска животна цел. Во моментот кога ќе му укажеме дека го избрал погрешниот правец во животот, во поголем број случаи алкохоличарот ќе се исплаши од вистината и себе си ќе се убеди дека тој е во право, дека за него нема друг, подобар пат во животот. Ако алкохоличарот се плаши од вистината и, кога ќе ја согледа, ако не ја прифати, туку лагата ја прифати за вистина, тогаш никогаш нема да дознае што вистински треба да направи, за да се спаси од пеколниот алкохолен лавиринт.

Да не дојдев и на светот да не му говорев, не ќе дознаеја дека се грешни. Сега немаат изговор за својот грев. Но, кога го видоа, ме замразија и мене и мојот Отец.     Исус

        Борбата со последиците од алкохолната болест во нашата држава многу одамна е започната. Уште пред четириесетина години, неколку разумни луѓе ги согледале реалните опасности од алкохолизмот и го трасирале патот за борба со алкохолното зло. Тие го посеале семето за борба со алкохолната болест, ние денес треба само да го поливаме тоа семе за да имаме сигурни успеси во иднина.

          Луѓето обично се многу скептични и затоа често ги слушам вообичаените забелешки: “Акцијата и методите што ги предлагате за борба со алкохолната болест без дилеми се многу хумани и корисни, но се темелат само на празни зборови. Подобро кажете го практичниот начин: како тоа треба да се направи?”

          Ако навистина сакаме оваа акција да вроди со плод, треба да се создаде широк фронт за борба со алкохолното зло, најголемото зло за целото човештво. Пред се, во таквата акција треба да се вклучи целото општество, сите, повторувам - сите институции и сите разумни луѓе

          Во моите написи за борбата со алкохолната болест, посебно внимание им посветив на воспитувањето на децата и улогата што ја има околината при градењето на нивниот карактер. Покрај улогата на родителите, кои први доаѓаат во контакт со детето и од чие однесување многу зависи однесувањето на детето кон случувањата во иднина, важна, многу важна улога во градењето на карактерот на детето има образованието. Мислам дека денес во образовниот процес, воопшто или многу малку се води сметка за културно воспитното издигнување на младите луѓе. Особено внимание треба да се посвети на заштитата на младите луѓе од зависностите, а посебно внимание треба да се посвети на борбата против алкохолното зло, од кое се раѓаат речиси сите други зла. Треба континуирано да се организираат стручни предавања, на кои алкохолозите ќе ги обучуваат професорите и наставниците, а потоа во секое основно и средно училиште треба да се воведат задолжителни часови против зависностите. Убеден сум дека, откако децата уште од најрана возраст ќе се запознаат со опасностите што им се закануваат од алкохолот, дека бројот на децата, кои после полуматурските и матурските забави ги носат на детоксикација, значително ќе се намали, особено што нивниот број во последните десетина години рапидно расте, до загрижувачки граници. Се разбира дека не е исклучена можноста, со стекнатото знаење, во семејствата каде има алкохоличари, децата да им помогнат на своите најблиски, полесно да го најдат спасот од алкохолниот пекол.

          Сепак, најголема улога во борбата со алкохолната болест треба да има медицинската струка и наука. За жал, од за мене необјасниви причини, во пракса не е така. Речиси сите луѓе, кои ги убедувам дека алкохолот навистина е штетен, ми велат дека токму лекарот им препорачал да пијат алкохол како лек - по една чашка ракија пред јадење за циркулација на крвта, по една чашка мастика за апетит и варење на храната, дека било добро да се пие по една чаша црно вино за покачување на притисокот, варено вино со шеќер за лекување на грлото и што уште не. Еден мој пријател пред извесно време упорно ме убедуваше дека нема подобар лек за настинка, од една чашка ракија правена со коприви. Господе, се крстам со лева рака! Не можев да поверувам дека тоа го слушам од високо образован човек. Како да живееме во камено време. Во сите тие случаи останувам сам, само со својата вистина, бидејќи за нив зборот од недоучениот лекар има поголема тежина. Воопшто не им е важно тоа што укажувам дека токму медицинската наука докажала дека, после маснотиите, кои немаат никакво корисно дејство на организмот, на второ место е алкохолот, дека непобитно е докажано и токму докторите тоа јавно го кажуваат, дека не постои лек што може да се конзумира, во исто време со алкохол. Со чесни исклучоци, каков што е мојот случај, кога мојот матичен лекар др.Добрица Тинтоска Димеска ме упати во Клуб на лекувани алкохоличари и која е најзаслужна за мојот успех во мојата борба со алкохолната болест и за мојата денешна среќа, можеби токму луѓето од медицината - мислам на општите лекари кои први доаѓаат во контакт со заболените од алкохолната болест, и на докторите од нервните одделенија во болниците, каде започнува лекувањето во вистинска смисла на зборот, дека тие ја носат вината за големиот број заболени од алкохолната болест во нашата држава. Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп, за голема среќа, преку нашите терапевти Јове Велески - клинички психолог, др.Снежана Ѓорѓиоска - психијатар и Милка Темелкоска - социолог, има одлична соработка со нервното одделение од нашата болница, а доказ за тоа се новите апстиненти кои континуирано пристигнуваат во клубот. Сепак, очигледно е дека малкумина од докторите и социолозите сакаат да се вклучат во работата на Клуб на лекувани алкохоличари, со објаснување дека таму нема пари, дека тие вложиле многу во нивното школување за сега да работат бесплатно. За нив не е доволна награда благодарноста од луѓето, на кои ќе им ги вратат мирот и среќата во нивните домови. И можеби токму тоа е причината што секојдневно се појавуваат разни надрилекари и тревари, шарлатани, кои поттикнати од желбата за лесна заработка, нудат неиспитани лекови за лечење на алкохолната болест, можеби тоа е причината што терапевти во некои Клубови на лекувани алкохоличари, наместо луѓе од медицината и социологијата, се појавуваат и ги водат економисти, кои не се стеснуваат јавно докторите да ги нарекуваат “луѓе во бели мантили кои ништо не знаат и ништо не прават.”

          По примерот на многу напредни, современи држави, под заштита на Министерството за труд и социјала, во сите градови што поитно треба да се отворат што повеќе Клубови на лекувани алкохоличари, да се идентификуваат зависниците од алкохолот, да се одржува контакт со луѓето на кои им е потребна помош. И, за да се победи алкохолното зло, да им се направи добро на луѓето, не се потребни премногу пари, туку пред се, способноста навреме да се откажеме од конвенциите во нашиот живот, да почнеме да ги применуваме моралните човекови вредности, на кои, во ова тешко време, веќе целосно сме заборавиле. Потребно е да ги надминеме страшните заблуди во кои живееме, потребно е прво ние да излеземе од калта, за да имаме успех кога другите ќе сакаме да ги вадиме од неа.

- Ако некого го победиш со аргументи, тоа сеуште не мора да значи и дека си победил.     Чуанг Цу

-Таква е војната – сé што е под неа, брзо старее и пропаѓа. Михајло Лалиќ

- Се чудам како луѓето можат да преживеат една битка, без оглед како таа се завршила. Како тоа да не умираат од тага ако ја изгубиле, или од радост ако ја добиле?     Шарл Лигњ

- Никој не знае што е војна, ако во неа нема син.     Жосеф д Местр

- Доаѓаш и му ја одземаш земјата на непријателот; доаѓа непријателот и ти ја одзема земјата тебе.     Сумерска изрека

- Кога куршумите ќе засвират околу ушите, времето споро поминува.        И.Шибл

- Реалисти: работата повеќе се исплатува отколку војната, та мирно работат – некои други за нив војуваат.     Станислав Шимиќ

- Ако ви појдат мажите и синовите на фронт, жени - не плачете, бидејќи предолго би плачеле.     Виетнамска поговорка

- Тие два народа (Англичани и Французи) војуваат заради громади од снег во Канада и трошат на таа преубава војна многу повеќе, отколку што вреди цела Канада.     Волтер

- Јунакот често е спремен да ја изгуби војната, но никогаш не е спремен да ја изгуби љубовницата или коњот.     Жорж Фејдо

- Политиката е и возбудлива и опасна како војната, но во војната може да се загине само еднаш, а во политиката повеќепати.     Черчил

- Стеблото на слободата не може да процвета ако не го залиеме со крвта од кралевите.     Робеспјер

- Револуцијата не е ни гозба, ни книжевно творештво, ни сликање, ни везење. Таа не може да се изведува така елегантно, така полека и културно, така умерено, добродушно, учтиво, така воздржано и попусливо. Револуција – тоа е побуна, насилен акт со кој една класа заменува друга.     Мао Це Тунг

- Зашто ме убивате? – Па што, зарем вие не живеете од другата страна на водата? – Пријателе, кога би живееле од оваа страна, јас би бил убиец и неправедно би било вака да ве убијам; но, ако живеете од онаа страна, јас сум јунак и, тоа е праведно.     Паскал

- Револуциите мораат да почиваат на крвави темели. Револуцијата што не е создадена на такви темели, не може да биде трајна.     Ататурк

- Законодавците или револуционерите кои ветуваат целосна еднаквост и слобода, или се утописти или лажговци.     Гете

- Ако тиранијата е насилство, тогаш револуцијата е насилство против насилството.     Гоце Делчев

- Нема последна револуција. Револуциите се бескрајни.     Замјатин

- Во револуциите постојат два вида луѓе: тие што ги дигаат и оние што со нив се користат.     Наполеон

- Чистата револуција не може да трае две недели.     Кокто

- Бунтот сам по себе не е племенит, туку по тоа што го бара.     Ками

- Бунтот на мислите секогаш претходи на бунтот на оружјето.     Филип

- Затворените бесови стопати се полоши од слободните.     И.Б.Мажураниќ

- Граќанска војна. Ура! Во име на народот ќе се истребиме самите себе.

Чапек

- До револуција може да дојде само таму, каде што има свест.  Жан Жорес

- Револуцијата е преоѓање од стариот поредок, кој се руши во прав, во нов поредок кој се раѓа.     Емил Литре

- Револуцијата не е дело на богатите, туку дело на сиромасите.

В.Главинов

- Ако му го одземете оружјето на домородецот, ќе скапува од глад. Ако му го одземете на цивилизираниот човек, ниеден човек повеќе нема да гладува.      Канижај

- Човекот од оружјето направи Бог. И, кога оружјето ќе победи, човекот ќе биде поразен.      Тагоре

- Малку вреди оружјето на бојното поле, ако дома нема памет.     Цицерон

- Ако сакаш да живееш во земја, потопена со крв и солзи, која се наоѓа помеѓу чеканот – тиранијата, и наковалната – револуцијата, ти преостанува да бидеш револуционер, заштитник на робот, или издајник – соучесник на тиранинот.      Гоце Делчев

- Револуционерот во својата љубов према луѓето треба да биде вистински човек; во својата самоувереност вистински борец; во своите предвидувања вистински пророк.     Гоце Делчев

- Најдобар услов за мирен живот е: не биди толку богат да ти завидуваат, ни така сиромав да те сожалуваат.     Билингс

- Ни човекот, ни предметите не можат да се огледаат на површината од разбранувана вода. Во стварност можат, но сликата ќе биде искривена. Исто така, ако нашиот дух е вознемирен, впечатоците што ги примаме ќе бидат деформирани, а мислите конфузни.     Староиндиски запис

Кога ќе видам човек што греши, си велам себе си дека и сам сум грешел; кога ќе видам страст во некого, си велам себе си дека и јас таков некогаш сум бил. И, на тој начин, чувствувам сродност со секого на овој свет и чувствувам дека не можам да бидам среќен, ако не е среќен и оној најпонижениот.     Ганди

Сепак, мораме да признаеме дека човекот, и покрај сите свои племенити вредности, сеуште на себе го носи неизбришливиот печат на своето ниско потекло.     Дарвин

          Луѓето околу нас ги осудуваат нашите гревови, иако и самите ги прават истите гревови. Веруваат дека знаат се за вистината, иако и самите не живеат по неа. Тие ни се закануваат со огнот на пеколот, за грешки што тие самите не избегнуваат да ги направат. Затоа, сите ние, кои сме активно вклучени во борбата со алкохолното зло, треба да се потрудиме да ги измениме размислувањата кај многу луѓе, кои со нескриено задоволство говорат дека алкохолот е најприродна појава, дека само заради своите лични проблеми со алкохолот, кои заради својата глупост алкохоличарите ги имаат, алкохолот не треба да се осудува, дека тој отсекогаш постоел и ќе постои за век и веков, дека тоа така мора да биде и дека тоа е неизбежен услов на цивилизацијата. Треба сите сложно, во еден глас да кажеме, силно да викнеме, да не слушнат и оние со најзакоравени срца - тоа не е неизбежен услов, туку најголема глупост на цивилизацијата. Да се потрудиме да ги замолчиме, да ги натераме тие луѓе во длабината на душата да го прифатат нашето размислување, да прифатат дека тоа е единствено исправно и да се помират со тоа.

          Кога човекот сака да го покаже своето човекољубие на дело, кога вистински сака да им помогне на алкохоличарите, не треба да му бидат препрека огромниот број на оние на кои сака да им помогне: алкохоличари имало, ги има и денес, за жал - веројатно ќе ги има и во иднина. Прашањето е само׃ колку секој човек, према своите можности, може и сака да помогне? Човекот кој сака да помогне не треба да прави пресметка колку илјади алкохоличари има во нашата држава; за него треба да постои само едно единствено прашање: дали и колку е спремен да им поклони искрена љубов и внимание? Мала или голема, ако љубовта што се поклонува биде навистина искрена, таа ќе стигне на вистинското место. На човекот, кој искрено сака да помага, ќе му биде жал што не може да им помогне на сите, но тој токму затоа и помага, бидејќи се надева дека ако сите луѓе сочувствуваат и се жалаат еден со друг, дека тоа ќе почне да се пренесува како бран кој ќе ги зафати сите луѓе. Само на оние на кои им се важни и кои живеат по моралните вистини, само на оние кои се радуваат со туѓата среќа подеднакво како со својата, само тие знаат колку е важно, корисно и со колкав труд се постигнуваат вистински резултати во борбата со алкохолната болест. Додека гледаме дека покрај нас постојат луѓе кои алкохолот ги прави несреќни и кои страдаат, мора да се срамиме што сме весели и што безгрижно се радуваме на животот, дека не можеме да бидеме среќни сé додека не помогнеме да нема повеќе такви луѓе околу нас, невозможно е да се замисли׃ како луѓето можат да се веселат и радуваат, додека многу луѓе околу нив страдаат? Да се потсетиме дека и ние или некој од нашите најблиски роднини и пријатели ги имал или сеуште ги има истите проблеми со алкохолното зло, едноставно, да бидеме искрени и да прифатиме дека ништо човечко не треба да ни биде туѓо, дека се што може да му се случи на кој било човек, може да ни се случи и нам.

          Мислам дека успеав да им дадам одговор на скептиците дека единствено само љубовта и човекољубието се основата на која, акцијата што ја предлагам за борба со алкохолната болест и последиците од неа, може да даде вистински резултати. За да ги исполниме нашите хумани намери за да им помагаме на луѓето, особено да им помагаме на алкохоличарите, не е толку важно дали правиме мали или големи дела, важно е нешто да правиме. Мајка Тереза не потсетува: “Не можеме да направиме големи дела на оваа земја. Можеме да направиме само мали дела, со голема љубов.”

          Луѓето кои сакаат да им помагаат на алкохоличарите, треба да почнат со такви активности. На прв поглед изгледа дека е многу мало, безначајно тоа што го прават еден, двајца, десетина луѓе. Но, еве што видов еден зимски ден пред дваесетина години. Сред бел ден, на камен пред една порта, седеше пијан, млад човек. Многу луѓе поминуваа покрај него, но сите иронично се потсмевнуваа и го гледаа со презир и одвратност. После повеќе од еден час, наиде еден стар човек од седумдесетина години. Застана за момент пред пијаниот младич, како да се двоумеше, а потоа со брзи чекори се врати по истиот пат од каде доаѓаше. После само пет минути го забележав како со брзи чекори доаѓа во друштво со млад човек, го зедоа пијаниот младич и го одведоа. Покасно дознав дека го однеле во нивниот дом, го оставиле да отспие, а потоа го нахраниле пред да си замине. Пијаниот младич веројатно и денес се прашува: кој е тој човек, кој без обзир на неговата пијана состојба, кога покрај него поминуваа десетици луѓе и не го сожалија, сепак го сожали и му помогна? На сите што седевме во блиската кафеана, некако ни беше мило што сепак се најде некој да му помогне на пијаниот, а од друга страна, чувствувавме срам затоа што можевме, но не го направивме истото дело. Значи, искрената акција за помош на алкохоличарите е значајна и по тоа што таа е заразна, бидејќи таа го пренесува човекољубието од еден на друг и ширењето на таа зараза ќе нема граници. Како што од една свеќа можат да се запалат безброј свеќи, без притоа да се намали нејзиниот сјај, така и од едно искрено срце можат да се запалат безброј срца, кои само ќе ја зголемат неговата радост, кои ќе му дадат волја и сила за уште поголеми дела.

          Во моите текстови за борбата со алкохолната болест, повеќепати го нагласив мислењето, дека секој разумен човек мора да се преиспита, колку е тој виновен за несреќната судбина на алкохоличарите околу себе, да ги осознае своите грешки, своите промашувања и лошите навики, за неговото учество во одобрувањето и постоењето на алкохолот - ова најголемо зло за целото човештво, бидејќи тоа е единствен начин за помош во борбата со ова најголемо зло на денешницата. Колку критички и беспоштедно да се изразувам за институциите и личностите, мислам дека е очигледно дека во ниеден момент не се исклучувам себе си, секогаш сум првиот против кој ги насочувам своите стрели, секогаш најнапред се критикувам и осудувам себе си. Што се однесува за луѓето, особено за луѓето околу мене, упорно и искрено настојувам да ги сакам, да им удоволувам, да не им нанесувам болка, бидејќи “љубовта кон ближниот” ми се врежа во главата, исто како и омразата кон самиот себе. Сепак, очигледно е дека луѓето не се спремни да ги прифатат моите ставови. Често помислувам дека животот на луѓето им е прекрасен, и покрај тоа што стравотиите од алкохолното зло секојдневно ги чувствуваат милиони луѓе, што е најстрашно, најмногу страдаат најневините - мајките, жените, а најмногу децата. Однесувањето на луѓето не ме лути, но многу ме натажува. Иако злото е толку очигледно, сепак, поголем број луѓе секојдневно му се враќаат на алкохолот, заради него стануваат зли. Сето тоа е толку јасно и очигледно, сфатливо за секој човек и секој би можел да дојде до овој едноставен заклучок, ако размислува само еден единствен момент. Но, тоа луѓето не сакаат да го направат, не сакаат да ги избегнат страдањата на алкохолниот пекол, не сакаат за себе и своите деца да градат среќна и светла иднина. Да размислува само еден момент, секој да се задлабочи кратко време во себе и да се запраша: колку тој лично е виновен и колкаво е неговото учество во страдањата на алкохоличарите и нивните семејства, тоа никој не сака да го направи. Поради тоа често се двоумам: дали и колкава смисла има тоа што го пишувам, дали воопшто има смисла човек во себе да негува добри идеали, кога на сето тоа милиони луѓе се спротивставуваат. Сепак, некоја чудна сила ме тера да продолжам со започнатото дело, со афирмација на идеалите што се градат во Клубовите на лекувани алкохоличари.

          Почитувани пријатели, сите Вие кои ќе ги прочитате моите текстови. Од извонредно значење во мојата борба со алкохолот и од голема помош би било, кога би можел да го слушнам Вашето мислење за моите искрени намери и размислувања, за борбата со алкохолната болест. Напишете неколку зборови, без оглед колку и да имаат критика во себе.

-Битката ја добива оној, кој цврсто одлучил да ја добие.     Талмуд

- Да се биде спремен за војна е најдобар начин да се сочува мирот.

Вашингтон

- Кога богатите војуваат, сиромасите умираат.     Сартр

- За време на војната, најбучните патриоти стануваат најголеми профитери.     Бабел

- Војната истовремено ја открива и силата и слабоста на еден народ.

Ле Бон

- Неутралност?! Тоа значи да се заработува на војната, што други ја водат.

К.Чапек

- Ни во најдолгиот мир, човек не зборува толку бесмислици и невистини, како во најкратката војна.      Жан Пол

- Тој што ќе го убие кралот и тој што ќе умре за него, еднакви се идолопоклоници.     Бернард Шо

- Војната се состои во тоа да луѓето, макар што меѓу себе не се познаваат, се убиваат на заповед од луѓе кои многу добро се познаваат, а меѓусебно не се убиваат.     Ајзенхауер

- Војната е игра на државниците, веселба за попот, лакрдија за адвокатот, занает за платените убијци.     Шели

- Убивањето е забрането, за тоа се казнуваат сите убијци, освен оние кои масовно убиваат, на знакот од трубата.     Волтер

- Ја мразам војната, но повеќе ги мразам оние што пеат за војната во која никогаш не биле.      Р.Ролан

- Разорувањата што се вршат само ги ослабуваат слабите, ги обогатуваат богатите, а моќните ги прават уште помоќни.      Сартр

- Дали жртвите паднале залудно? Ако светот остане каков што е, тогаш сигурно ДА.     Барбис

- Кога ќе почне војната, никој со неа не се занесува како тие што ја гледаат од позадина.     Спенсер

- Кога народите би биле попаметни, владарите никогаш не би се играле војна.     Каспер

- Бидејќи војната почнува во човековиот ум, во човековиот ум треба да се всади идеја за љубов и мир.     Унеско

- Луѓето се навикнати да за поголемо или помало парче земја пљачкаат, палат, убиваат, се колат едни со други и, за тоа највешто да го прават, измислиле убави правила кои се викаат воена вештина.      Ла Бриер

- Агресијата што е ужасна кога ќе ја направи поединец, не се казнува кога ќе ја направи мнозинството.     Херберт Спенсер

- Војната е ужасна, но жедта за правда е поужасна. И додека сите луѓе не ја достигнат својата правда, ќе има војни.     Цирил Космаќ

- За да има добри војници, државата секогаш треба да биде во војна.

Наполеон

- Во идната војна живите ќе им завидуваат на мртвите.     Хрушчов

- Војната нема да престане пред да престанат мислите за војната.

Бјорнсон

- Сите се наоѓаат во војна против сите, како во јавниот, така и во приватниот живот.     Платон

- Војната не е толкава срамота за мажите што ја водат, колку за жените што ја трпат.     Сигмунд Граф

- Најјакиот глас на нашето време, глас што ја замолчува секоја љубов, секој талент, секоја совест, тоа е страшниот глас на топовите.

Жилиен Грин

- Војната прво е надеж дека на едниот ќе му оди подобро, потоа очекувањето дека на другиот ќе му оди полошо, па задоволството дека ни на едниот ни на другиот не му оди подобро и, најпосле, изненадувањето дека и на едниот и на другиот му е сé полошо.     Краус

« Previous PageNext Page »