Кога ќе видам човек што греши, си велам себе си дека и сам сум грешел; кога ќе видам страст во некого, си велам себе си дека и јас таков некогаш сум бил. И, на тој начин чувствувам сродност со секого на овој свет и чувствувам дека не можам да бидам среќен, ако не е среќен и оној најпонижениот. Ганди
Сепак, мораме да признаеме дека човекот, и покрај сите свои племенити вредности, сеуште на себе го носи неизбришливиот печат на своето ниско потекло. Дарвин
Луѓето околу нас ги осудуваат нашите гревови, иако и самите ги прават истите гревови. Веруваат дека знаат се за вистината, иако и самите не живеат по неа. Тие ни се закануваат со огнот на пеколот, за грешки што тие самите не избегнуваат да ги направат. Затоа, сите ние, кои сме активно вклучени во борбата со алкохолното зло, треба да се потрудиме да ги измениме размислувањата кај многу луѓе, кои со нескриено задоволство говорат дека алкохолот е најприродна појава, дека само заради своите лични проблеми со алкохолот, кои заради својата глупост алкохоличарите ги имаат, алкохолот не треба да се осудува, дека тој отсекогаш постоел и ќе постои, дека тоа така мора да биде и дека тоа е неизбежен услов на цивилизацијата. Треба сите сложно, во еден глас да кажеме, силно да викнеме, да не слушнат и оние со најзакоравени срца - тоа не е неизбежен услов, туку најголема глупост на цивилизацијата. Да се потрудиме да ги замолчиме, да ги натераме тие луѓе во длабината на душата да го прифатат нашето размислување, да прифатат дека тоа е единствено исправно и да се помират со тоа.
Кога човекот сака да го покаже своето човекољубие на дело, кога вистински сака да им помогне на алкохоличарите, не треба да му бидат препрека огромниот број на оние на кои сака да им помогне: алкохоличари имало, ги има и денес, за жал - веројатно ќе ги има и во иднина. Прашањето е само колку секој човек, према своите можности, може и сака да помогне. Човекот кој сака да помогне не треба да прави пресметка колку илјади алкохоличари има во нашата држава; за него треба да постои само едно единствено прашање: дали и колку е спремен да им поклони искрена љубов и внимание. Мала или голема, ако љубовта што се поклонува биде навистина искрена, таа ќе стигне на вистинското место. На човекот, кој искрено сака да помага, ќе му биде жал што не може да им помогне на сите, но тој токму затоа и помага, бидејќи се надева дека ако сите луѓе сочувствуваат и се жалаат еден со друг, дека тоа ќе почне да се пренесува како бран кој ќе ги зафати сите луѓе. Само на оние на кои им се важни и кои живеат по моралните вистини, само на оние кои се радуваат со туѓата среќа подеднакво како со својата, само тие знаат колку е важно, корисно и со колкав труд се постигнуваат вистински резултати во борбата со алкохолната болест. Додека гледаме дека покрај нас постојат луѓе кои алкохолот ги прави несреќни и кои страдаат, мора да се срамиме што сме весели и што безгрижно се радуваме на животот, дека не можеме да бидеме среќни се додека не помогнеме да нема повеќе такви луѓе околу нас, невозможно е да се замисли како луѓето можат да се веселат и радуваат, додека многу луѓе околу нив страдаат. Да се потсетиме дека и ние или некој од нашите најблиски роднини и пријатели ги имал или сеуште ги има истите проблеми со алкохолното зло, едноставно, да бидеме искрени и да прифатиме дека ништо човечко не треба да ни биде туѓо, дека се што може да му се случи на кој било човек, може да ни се случи и нам.
Мислам дека успеав да им дадам одговор на скептиците дека единствено само љубовта и човекољубието се основата на која, акцијата што ја предлагам за борба со алкохолната болест и последиците од неа, може да даде вистински резултати. За да ги исполниме нашите хумани намери за да им помагаме на луѓето, особено да им помагаме на алкохоличарите, не е толку важно дали правиме мали или големи дела, важно е нешто да правиме. Мајка Тереза не потсетува: “Не можеме да направиме големи дела на оваа земја. Можеме да направиме само мали дела, со голема љубов.”
Луѓето кои сакаат да им помагаат на алкохоличарите, треба да почнат со такви активности. На прв поглед изгледа дека е многу мало, безначајно тоа што го прават еден, двајца, десетина луѓе. Но, еве што видов еден зимски ден пред дваесетина години. Сред бел ден, на камен пред една порта, седеше пијан, млад човек. Многу луѓе поминуваа покрај него, но сите иронично се потсмевнуваа и го гледаа со презир и одвратност. После повеќе од еден час, наиде еден стар човек од седумдесетина години. Застана за момент пред пијаниот младич, како да се двоумеше, а потоа со брзи чекори се врати по истиот пат од каде доаѓаше. После само пет минути го забележав како со брзи чекори доаѓа во друштво со млад човек, го зедоа пијаниот младич и го одведоа. Покасно дознав дека го однеле во нивниот дом, го оставиле да отспие, а потоа го нахраниле пред да си замине. Пијаниот младич веројатно и денес се прашува: кој е тој човек, кој без обзир на неговата пијана состојба, кога покрај него поминуваа десетици луѓе и не го сожалија, сепак го сожали и му помогна. На сите што седевме во блиската кафеана, некако ни беше мило што сепак се најде некој да му помогне на пијаниот, а од друга страна, чувствувавме срам затоа што можевме, но не го направивме истото дело. Значи, искрената акција за помош на алкохоличарите е значајна и по тоа што таа е заразна, бидејќи таа го пренесува човекољубието од еден на друг и ширењето на таа зараза ќе нема граници. Како што од една свеќа можат да се запалат безброј свеќи, без притоа да се намали нејзиниот сјај, така и од едно искрено срце можат да се запалат безброј срца, кои само ќе ја зголемат неговата радост, кои ќе му дадат волја и сила за уште поголеми дела.
Во моите текстови за борбата со алкохолната болест, повеќепати го нагласив мислењето дека секој разумен човек мора да се преиспита, колку е тој виновен за несреќната судбина на алкохоличарите околу себе, да ги осознае своите грешки, своите промашувања и лошите навики, за неговото учество во одобрувањето и постоењето на алкохолот - ова најголемо зло за целото човештво, бидејќи тоа е единствен начин за помош во борбата со ова најголемо зло на денешницата. Колку критички и беспоштедно да се изразувам за институциите и личностите, мислам дека е очигледно дека во ниеден момент не се исклучувам себе си, секогаш сум првиот против кој ги насочувам своите стрели, секогаш најнапред се критикувам и осудувам себе си. Што се однесува за луѓето, особено за луѓето околу мене, упорно и искрено настојувам да ги сакам, да им удоволувам, да не им нанесувам болка, бидејќи “љубовта кон ближниот” ми се врежа во главата, исто како и омразата кон самиот себе. Сепак, очигледно е дека луѓето не се спремни да ги прифатат моите ставови. Често помислувам дека животот на луѓето им е прекрасен, и покрај тоа што стравотиите од алкохолното зло секојдневно ги чувствуваат милиони луѓе, што е најстрашно, најмногу страдаат најневините - мајките, жените, а најмногу децата. Однесувањето на луѓето не ме лути, но многу ме натажува. Иако злото е толку очигледно, сепак, поголем број луѓе секојдневно му се враќаат на алкохолот, заради него стануваат зли. Сето тоа е толку јасно и очигледно, сфатливо за секој човек и секој би можел да дојде до овој едноставен заклучок, ако размислува само еден единствен момент. Но, тоа луѓето не сакаат да го направат, не сакаат да ги избегнат страдањата на алкохолниот пекол, не сакаат за себе и своите деца да градат среќна и светла иднина. Да размислува само еден момент, секој да се задлабочи кратко време во себе и да се запраша: колку тој лично е виновен и колкаво е неговото учество во страдањата на алкохоличарите и нивните семејства, тоа никој не сака да го направи. Поради тоа често се двоумам: дали и колкава смисла има тоа што го пишувам, дали воопшто има смисла човек во себе да негува добри идеали, кога на сето тоа милиони луѓе се спротивставуваат. Сепак, некоја чудна сила ме тера да продолжам со започнатото дело, со афирмација на идеалите што се градат во Клубовите на лекувани алкохоличари.
Почитувани пријатели, сите Вие кои ќе ги прочитате моите текстови. Од извонредно значење во мојата борба со алкохолот и од голема помош би било, кога би можел да го слушнам Вашето мислење за моите искрени намери и размислувања за борбата со алкохолната болест. Напишете неколку зборови, без оглед колку и да имаат критика во себе.