ИСПОВЕД НА ЕДЕН АЛКОХОЛИЧАР

Пишувањето на темата алкохолизам и методите за успешно лекување на алкохолната болест ме прави многу среќен, ми го враќа внатрешниот мир, го врати мирот во нашиот дом, бидејќи стана најважен дел од мојата стратегија за борба со оваа опака болест, стана мое најсилно оружје против оваа најстрашна болест за целото човештво. Како може пеколот да стане така природно и подносливо место за живеење – и не само подносливо, туку дури и пријатно, разбирливо им е само на оние кои тоа го искусиле, како што тоа го искусив и јас. Во книгата “Исповед на еден алкохоличар” го раскажувам мојот живот точно како што мене работите ми изгледаат, иако тоа можеби премногу заостанува зад драматичноста на оние впечатоци кои во минатото се врежаа во мојата душа.

Во моите книги ги повикувам луѓето да го променат односот кон алкохолот, да го уништат тоа најголемо зло за целото човештво. Со помош на што? Основно е да не се учествува во тој процес на уништување и самоуништување на човекот. Секој човек треба да ги насочи мислите кон помагање на луѓето, на секој алкохоличар да му поклониме искрена љубов и внимание, да се насочат мислите кон создавање на нов свет, кој ќе биде ослободен од алкохолот, од ова најголемо зло за сите луѓе, свет во кој ќе има парче среќа за секој човек.

Откако престанав да се дружам со алкохолот, ја запознав вистинската среќа и смислата на мојот живот. Често размислувам дека вистинските сознанија за животот ги стекнав многу касно и дека можеби нема долго да се користам со нив. И затоа, чувствував дека морам, дека преку мојата книга “Исповед на еден алкохоличар” сум должен на луѓето искрено да им ја раскажам мојата животна приказна, посебно да им ги прикажам моите искуства и се што научив во борбата со алкохолот и алкохолната болест. Оваа обврска е една од ретките во мојот живот, која после триесет години заробеништво во алкохолниот пекол, ја прифатив со голема радост.

Често се прашувам: зошто го пишувам сето ова? Дали на тоа ме тера мојата возгордеаност? Целосно сум убеден дека пишувам затоа што не би било корисно да не го пренесам моето искуство на другите луѓе, како што би сметал дека е лошо да не му помогнам на пријател во неволја. Сфатив дека ако сакам да им помагам на луѓето со моето пишување, тогаш единствено што можам да направам е да го прикажам алкохолот во најцрна светлина, токму така како што заслужува и поучен од сопствените искуства, да ги советувам луѓето како полесно да го пронајдат патот за излез од пеколот. Знам дека моето пишување ќе биде корисно само тогаш, кога тој што ја чита или слуша мојата исповед, не ќе може да замисли ништо друго, туку токму тоа што го чита или слуша. Кога алкохоличарот ќе чита или слуша, треба да го почувствува тоа чувство слично на сеќавање – спомен, дека тоа некогаш веќе и со него се случило и тоа повеќе пати, дека тој тоа одамна го знаел, само не умеел да го искаже и дека ете некој друг тоа го направил наместо него. Основно е што алкохоличарот ќе почувствува дека тоа што ќе го прочита во книгата “Исповед на еден алкохоличар” не може да биде поинаку, туку дека мора да биде токму така, како што тој тоа го чита или слуша.

Моите текстови посебно им ги препорачувам на оние кои знаат како треба да ги читаат и добро да се користат со нив, како што моето животно искуство непрекинато им препорачува. Се надевам дека на читателите ќе им се допадне самиот текст како приказна, но посебно се надевам дека многу повеќе ќе им се допадне поуката, дека многу повеќе ќе им се допадне мојата искрена намера да им помагам на луѓето. При раскажувањето се трудев на случувањата да им дадам пријатна форма, која природно го поучува читателот на овој или на оној начин.

Најважно е текстовите да ја погодат целта, да ја разбудат совеста кај многу луѓе, не само кај алкохоличарите. Важно е да ги заинтересираат алкохоличарите да седат, со внимание да читаат или слушаат и подобро да се замислат за својата сегашност и иднина. А потоа, нивната совест ќе има избор при изборот на нивната судбина и судбините на нивните најмили.

Книгата “Исповед на еден алкохоличар”, која е прва книга од овој вид во нашата држава, препорачувам да ја прочитаат сите – и оние кои имаат проблем со алкохолот, за да научат каде и како да го разрешат, но и оние, кои лично за среќа не се засегнати од ова зло, за да можат да им дадат поддршка на оние кои го решаваат или го решиле овој проблем.

Порачај…