КАКО ДА СЕ ПОБЕДИ КРАЛОТ АЛКОХОЛ

“Sutor, non supra crepidam” – Чевларот не повеќе од чевлите. Оваа латинска поговорка им ја кажувам на моите пријатели, кога ме убедуваат да почнам да пишувам и на други теми, а не само на темата алкохолизам. На тоа поле се чувствувам најсигурен, бидејќи и самиот триесет години бев заробен во пеколниот алкохолен лавиринт. Поминаа седум години откако станав цврст апстинент, откако ја донесов конечната одлука животот што ми преостанува, да го посветам на борбата со алкохолната болест.

Бидејќи денес им давам совети во врска со алкохолот, луѓето често ме прашуваат: дали јас ќе го прифатев советот од некој роднина или пријател да престанам да пијам? Не можам да дадам конкретен одговор. Можам само да речам дека сите ме оставија сам. Не дека сум немал пријатели или сум им бил одбивен на роднините. Спротивно, имав многу пријатели и на многумина им бев драг. Со нив често разговарав и наидував на симпатии. Но, ниту еден од нив вистински и искрено не ми се приближи, никој не покажа волја и не беше способен да учествува во мојот живот, никој не вложи труд да се наметне со својот авторитет и да ми укаже на грешките што ги правам, да ми помогне да го пронајдам вистинскиот пат во животот. Во тој најнесреќен период од мојот живот, се чувствував немоќен и никаков труд, ниту желба не помогнаа да ги задржам луѓето кои само поминуваа покрај мене, а веројатно единствена и најголема причина за тоа беше алкохолот.

Зошто се определив да им помагам на луѓето во борбата со алкохолната болест? Со целото свое битие се приклучив кон најголемата и најхуманата армија што се бори против најголемиот непријател на целото човештво – алкохолот. Од првиот ден откако престанав да се дружам со алкохолот, успеав целата омраза, глупоста и незнаењето да ги исфрлам од моето срце и ги заменив со немерлива љубов. Од тој ден го направив првиот чекор на патот кон љубовта и човекољубието, за да станам човек меѓу луѓето. Научив како упорно и искрено да ги сакам луѓето, да им удоволувам, постојано да се трудам да не им нанесувам болка. Целта на романот “Како да се победи Кралот Алкохол” е токму тоа: да ја разбудам совеста од разумните луѓе за да го изменат нивниот однос кон алкохоличарите и, омразата и одбивноста што ја чувствуваат кон нив, да ја заменат со љубов и човекољубие и да почнат да им помагаат. Впрочем, никако не можеме да бидеме ниту добри роднини, ниту добри пријатели, ако на луѓето кои не опкружуваат, а кои од разни причини тргнале или веќе се наоѓаат во алкохолниот пекол, не им укажеме на опасноста од алкохолното зло.

Најголемото зло од алкохолот е тоа што од луѓето ги откинува најдобрите мисли и чувства, најглавниот и најпотребниот цвет на разумот. Затоа, секојдневно среќаваме луѓе кои можат да работат, да бидат успешни во својата професија, но не можат да го сфатат најважното – вистинската смисла на животот, па дури и цврсто се убедени дека тоа воопшто не им е потребно. За жал, вистината за несреќите, особено за несреќите на најневините и најслабите, а тоа се мајките, жените и пред се децата, иако е толку голема и очигледна, луѓето ја лоцираат на погрешно место и воопшто не сфаќаат или не сакаат да сфатат дека главниот виновник за тоа е алкохолот.

Моите пријатели ми велат дека со пишувањето на мојата прва книга “Исповед на еден алкохоличар” направив будала од себе, дека ќе било подобро да не ја кажувам мојата животна приказна пред јавноста, бидејќи само тие ќе биле сведоци на мојата глупост и моите промашувања во животот. Сепак, убеден сум дека преку мојата искреност ќе им помогнам на луѓето да не ги направат истите грешки, дека ќе обележам еден дел од патот во борбата со алкохолнта болест, ќе ставам некое камче како патоказ за полесно да го препознаат патот кон среќата оние. кои тргнале по него.

Во мојата исповед ги прикажав страдањата од алкохониот пекол што самиот ги доживеав. Сепак, потсвесно бев оптоварен со мислата дека тоа не е доволно, дека можеби луѓето ќе ја прифатат мојата исповед како искуство на локален пијаница. Постојано барав начин да го прикажам алкохолот како универзално зло, што им се заканува на сите луѓе, особено на младите луѓе од целиот свет.

Во еден разговор со г-ѓа Милка Темелкоска, еден од нашите терапевти и мојот најкорисен советник, таа се замисли, а потоа рече – “Мислам дека ќе ти помогни еден расказ од Толстој, што многу одамна го прочитав, а ми остави длабок впечаток.”

За да дојдам до основната теза, во романот “Како да се победи Кралот Алкохол”, го прикажав животот на едно семејство со и без алкохол, ги прикажав убавините на трезниот живот, но и стравотиите предизвикани од алкохолот. Посебно се задржав на лекувањето на алкохолната болест. Да, јас сум убеден дека може да се победи оваа тешка и сериозна болест, а мојата книга “Како да се победи Кралот Алкохол” нека биде мал придонес во борбата со ова најстрашно зло, што му се заканува на целото човештво.

Порачај…