СТРУЧНИ МИСЛЕЊА

За делото: “Како да се победи Кралот Алкохол”

Џек Лондон, големиот писател, кој со своите дела ги прослави борбеноста, виталноста, силната волја да се истрпат на нозе најтешките удари на судбината и да се одолее на сите предизвици, авторот на големата химна на победата на човекот врз стравот, малодушноста и очајувањето, самиот беше поразен. Го порази алкохолот. Умре во својата 40-та година. Но, не падна пред да ја напише книгата “Кралот Алкохол”, својата интимна приказна за тоа како дури и тој, еден од најсилните и најталентираните, мораше да подлегне пред страшниот непријател: зависноста од алкохолот!

Ја знаеше тајната на победата, но немаше сила да ја примени. Даде скапоцен совет на другите, но самиот потклекна пред заблудата дека, против неговата физичка и ментална сила, ни Кралот Алкохол нема шанси.

Советот беше онолку едноставен, колку и точен: против Кралот Алкохол може да се победи, само ако се излезе од рингот! Најдобрата работа е: да не се пие воопшто. Следната најдобра работа е; да се прекине со пиењето после првата чашка. третата најдобра работа е: ако си почнал да пиеш секојдневно, час поскоро прекини и тоа засекогаш!

Сите останати варијанти се катастрофа, и без исклучок завршуваат со тотален пораз: приватен, социјален, интелектуален, морален, со распаѓање на семејството на алкохоличарот, како конечна казна. Во мегданот со Кралот Алкохол, ниту еден човек не може да издржи предолго. Од својата 17-та година, Џек Лондон бил прочуен по својата неверојатна способност да ги натпие најсилните “морски волци” и пијаници, од Калифорнија до Алјаска. Поверувал дека ќе може да го натпие и самиот владетел на сите светски пијаници – Кралот Алкохол. И така, низ својата кобна заблуда, ја потврдил, парадоксално, најважната вистина: можноста да се победи алкохолизмот ја демонстрираат само живите победници. А тоа значи, само оние кои успеале да излезат од тој ѓаволски круг, откако еднаш веќе биле вовлечени во него!

Илија Петрески е еден од тие големи победници над Кралот Алкохол! Тој успеа да го стори она што ни самиот супер-херој Џек Лондон, не можеше да го направи! Џек Лондон беше писател; и Илија Петрески е писател; Џек Лондон го загуби мечот со алкохолизмот;Илија Петрески боксуваше триесет години, триесет пеколни рунди во страшниот ринг на кој царува Кралот Алкохол. И, кога веќе се чинеше дека е пред дефинитивниот нокаут, после дузина нокдауни од кои одвај стануваше на нозе во секоја рунда, Илија Петрески собра сили и – победи. Токму затоа, тој е човекот на кого со право му припадна и честа и одговорноста да напише книга со ваков наслов: “Како да се победи Кралот Алкохол”.

Оваа негова книга е фасцинантно сведоштво, еден примарен документ од прва рака, за сите искушенија низ кои помина самиот, во тој страотен меч против Кралот Алкохол; но, оваа книга, наедно е возбудливо книжевно дело, во кое се соопштува вистината за сите познати и непознати страдања на анонимната армија зависници од алкохолот; коначно, книгата “Како да се победи Кралот Алкохол’ е исклучително префинета, прецизна психолошка реконструкција на мотивите кои луѓето ги наведуваат да станат зависници, и уште посуптилна реконструкција на фрустрациите кои го отежнуваат, односно, попречуваат соочувањето со вистината дека зависникот влегол во мечот во кој е осуден на пропаст. Таа автодеструктивна, самоуништувачка горделивост на зависниците, која им е нужна за да го сочуваат сопственото достоинство, наедно е превезот што најцелосно ги заслепува! Со силата на својот талент, Илија Петрески создава сложено, бездруго во низа елементи и автобиографско дело, што се гледа од неговата супериорна автентичност и уверливост на дијалозите и психолошките анализи на сите ликови. Но, тој создава и едно самостојно, потресно уметничко дело кое ја надраснува непосредната приватна инспирираност и која исто така, се крева над хоризонтот на дидактичко, поучно четиво за употреба во борбата против алкохолизмот. Од друга страна, со силата на својата морална решителност, Илија Петрески ја извојува победата и не само што излезе од мрачниот ринг на Кралот Алкохол, туку што суверено стапна и во светлиот ринг на литературата. Неговото дело е комплетно, возбудливо, исповедно, искрено и креативно книжевно остварување, едно вистинско освежувачко духовно и етичко послание!

Книгата “Како да се победи Кралот Алкохол” на Илија Петрески, апсолутно се препорачува како лектира од најголема вредност за сите социјални и педагошки институции, но таа исто толку се препорачува и како квалитетно, возбудливо, драматично книжевно дело!

Наместо евтини демагошки пароли, тука читателот ќе најде култивиран, суптилен, длабокоумен соговорник, со големи познавања и хуманистичка инспирираност. Ако сте решиле да ја слушнете вистината за универзалното зло на нашата епоха, наречено Кралот Алкохол, прочитајте ја оваа книга. Ако никаде не сте го нашле лекот против таа болест, ќе го најдете во оваа книга.

Универзитетски професор и хуманист

Др. Ферид Мухиќ

 

Талент, скриен од сенката на алкохолот, чуван во длабините на душата,

Ако животот е цртеж и, ако не постои гума за бришење, тогаш нека сегашните дела долго ја имаат таа моќ да го бришат минатото и со секое направено дело се залекува раната, која ја нанел алкохолот во твојата душа и во душата на членовите од твоето семејство. Талент, прекриен, чуван во длабините на душата долго, долго и многу мачно.

Доказ дека на светот сеуште постојат племенити души, кои себе си се даруваат на целокупното човештво, од се срце, со каење и до бескрај, уште и уште, до висината на максимумот, уште многу, до длабината на душата, бескрај.

Благодадта е особина на Боговите, но Боговите ги создале луѓето со нивната несовршеност, со нивните слабости, маани со кои се опседнати, завладеани со сатански предизвик се до оној Божји ден, се до оној момент, кога тој Божји лик од огледалото го исполни со истите особини на Божјо дете, кое како непресушен извор го ослободува талентот кој длабоко во душата го поседува, за спас на заробените души од алкохолот – алкохоличарите, без разлика на полот, возраста, образованието, патот за спас на нивните најмили деца, сопруги, мајки, сестри….

И рече сатаната на Исус: – Го заробив целото човештво во Еденската градина со најголемата мамка, со која мислев дека ќе ги уловам.

– А со нив што ќе правиш? – запраша Исус.

– Најнапред ќе ги научам да се МАЖАТ, да се КАРААТ, да се РАЗВЕДУВААТ, еден со друг да се МРАЗАТ и да се ПРЕЗИРААТ, да се ОПИВААТ, да се ДРОГИРААТ, да ПУШАТ, да се КОЦКААТ.

Ќе ги доведам до степен на совршенство, да измислат ОРУЖЈЕ,БОМБИ, ПУШКИ, ќе ги натерам да ВОЈУВААТ, да се УНИШТАТ.

Исус тогаш запраша: – Кога ќе ти здосади таа игра, што потоа?

– Ќе ги уништам, рече сатаната.

– Колку бараш за нив?

– Па тие ништо не вредат…. тие се лоши, мрзливи, ќе те плукаат, ќе те мразат и на крај ќе те предадат. И зарем овие грешници сакаш да ги откупиш?

– Да! Колку? – праша Исус.

– Сите твои солзи, сета твоја крв, твојот живот…

– Договорено, одговори Исус и ја плати цената.

Благодариме за дарот од Господа на благородната душа од самиот автор, за спас на душите на многу алкохоличари, за спасот на нивните семејства.

А, ако некој се запраша и си поставува прашања: ДАЛИ ИМА СПАС ОД АЛКОХОЛНАТА БОЛЕСТ, КАДЕ МОЖЕ ДА СЕ ОБРАТИ, КАДЕ ДА ПОЈДИ, КАКО И СО ШТО, ОДГОВОРИТЕ НА ОВИЕ И НА МНОГУ ДРУГИ ПРАШАЊА ЌЕ ГИ НАЈДЕ ВО ОВИЕ ДВЕ КНИГИ: “ИСПОВЕД НА ЕДЕН АЛКОХОЛИЧАР”  И ” КАКО ДА СЕ ПОБЕДИ КРАЛОТ АЛКОХОЛ”,  како и во многубројните написи што чисто и искрено ги има напишано душата која страдала, заробена во кафезот на алкохолот, кои ќе ги најдете на оваа страна.

Поздрав и благодарност до авторот Илија Петрески за патот што го поставува и за неговата поддршка и несебичност во сузбивањето на алкохолизмот, за спремноста секогаш и на секој човек, во секое време да помогне.

“Што би било, ако би било?” – си го поставувам прашањето. – Што ќе се случело со овој човек, со оваа добрина, несебичност и дар, длабоко и долго време носениот талент, ако со неговата душа не царуваше Кралот Алкохол, до каде ќе стигнеше неговата личност и талент?

Терапевт во КЛА “Здрав живот” од Прилеп и

терапевт на женкиот дел од клубот

 за поддршка на апстинентите “Викторија”

Г-ѓа Милка Темелкоска – социолог

 

Клуб на лекувани алкохоличари “Здрав живот” – Креативна инспирација

Познато е дека алкохолот и уметноста е непосредна врска, кај многу познати уметници и креативци, чии високи способности комплетно се уништуваат во својата благородна основа, кога алкохолизмот ќе преовлада во нивните бурни животи и со нивното сензитивно битие. Уметниците се осетливи луѓе, способни да го премостат времето и просторот, да го запрат моментот за навек, да го изберат најсуптилниот начин да го прераскажат тоа и да го доближат до широката публика. За тоа треба многу снага, енергија, но и доблест својата душа да ја отвори широко. Во сета таа ширина многу често алкохолот незабележително се вовлекува кај нив, менувајќи ја реалноста и спонтаноста до мера на карикатура на основното човечко достоинство. Џек Лондон, Модилјани, Анри – Тулуз Лотрек, Елизабет Тејлор, Џорџ Харисон … Списокот е многу долг и отворен.

Дека продолжениот третман може да доведе до висока рехабилитација и на уметничките креативни способности, токму пример е Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп, каде во изминатите 30 години од неговото постоење, беше инспирација за повеќе уметнички жанрови. Тоа потврдува едно старо правило дека алкохолот не е во основата на човековата природа, тој нема ама баш никаква улога во човековата еволуција и дека не е значаен за човештвото. Тој е тежок носител на личната апокалипса, јавач на див коњ, сејач на илузија и бол, енергија за која треба ум, разум и волја за да се контролира.

Во Клубот постои и висока креативна енергија. Посетувајќи го клубот повеќе години, сликарот – аматер Илија, направи невероватно дело на платно, групен портрет на сите негови посетители, апстиненти, терапавти и волонтери, со околу 40 ликови, со боја и динамика слична на познатата “Ноќна стража” на Рембрант. Поетесата Каролина најде своја инспирација во работата на Клубот, изразувајќи ја својата душевна состојба низ поезија, при што издаде и две збирки на поезија. Истото се случи и со уште еден љубител на литературниот израз. Користејќи ја прозата, писателот Илија издаде две книги поврзани со неговите лични доживувања на неговиот алкохолен пекол и неговата работа на себе, во рамките на Клубската динамика. И филмската уметност беше присутна во нашиот клуб. Режисерот Душко Наумоски сними автентичен документарец за животот и рехабилитацијата на еден од апстинентите и неговите клубски соборци. Во доцните осумдесетти на минатиот век е снимен и документарен филм за Болестите на зависност, со учество на клубот и неговите протагонисти, нивните семејства и човечки судбини.

Ова е само мала потврда дека клубската динамика на апстинентите е само неизбежна сукцесија на основниот облик на човечкото достоинство, дека човекот е само живо суштество, со сите свои маани и вредности.

Терапевт во Клубот на лекувани алкохоличари

“Здрав живот” од Прилеп

Јован Велески

спец. за медицинска психологија

ОСВРТ КОН ДЕЛОТО “ИСПОВЕД НА ЕДЕН АЛКОХОЛИЧАР”

Алкохолизмот е болест, широко распространета во светот и кај нас. Тоа е зависност која ја уништува секоја човекова клетка, а најмногу и меѓу првите, ги уништува мозочните клетки. Заради тоа, многу брзо се јавуваат промени во личноста и карактерот, изменето однесување, несогласување со околината, а особено со членовите на семејството, кои најмногу страдаат.

Како секојдневен сведок на многу семејни трагедии, сакам да нагласам дека лекувањето на алкохолната болест е многу сложено, зависи од самиот зависник, но и од поддршката која во текот на лекувањето ја добива од своето семејство. Затоа, кога еден алкохоличар ќе се јави на третман, се лекува целото семејство, бидејќи основно во лекувањето од алкохолната болест не е само алкохоличарот да престане со пиењето, туку уште поважно е да се одржи апстиненцијата. Потребно е апстинентот во целост да го смени начинот на живеење и однесување, а исто така и членовите на неговото најтесно семејство потребно е да се “ПРЕНАУЧАТ” како да живеат во секојдневните радости и проблеми – трезвено, без алкохол.

Ова е долготраен процес кој е невозможно да се одвива во рамките на здравствените установи. Единствени места каде е возможен овој процес се Клубовите на лекувани алкохоличари.

Илија Петрески е еден од најактивните членови на Клубот на лекувани алкохоличари во Прилеп, со голема желба тоа што тој успеал да го направи, да го пренесе и на другите, да им помогне да го победат најголемото зло на овој свет – алкохолот. Но, Илија не останува само на тоа: тој се гордее со постигнатото, се гордее со своето семејство, особено се гордее со својата сопруга која цело време го поддржувала и сеуште го поддржува, се гордее со својот сегашен трезен живот. Илија оди и понатаму; своите размислувања ги запишува, на многу сликовит начин го опишува целиот свој живот – животот (неживот) додека пиел и правиот, среќен живот, кој го води сега и кој го посветил на самиот себе и на своето сакано семејство. Посебен акцент дава на својот терапевт и на Клубот на лекувани алкохоличари, на поддршката која од постарите апстиненти ја добил, но и на онаа која тој ја дава на помладите.

Оваа книга има огромно значење, бидејќи зборовите излегуваат од дното, од чемерот на душата, од срцето на Илија, но и од големата љубов која ја има и ја дава. Затоа, Илија сака мрежата на Клубови на лекувани алкохоличари да се шири и развива, бидејќи како што клубот му помогнал нему, тој сака да им помогне и на други зависници, кои сеуште не смогнале сили да решат да прекинат со најголемото зло за човештвото – алкохолот, да им помогне на младите кои сеуште не знаат какво зло алкохолот може да им направи, како може да им ја истроши душата и од нормални луѓе, да станат само бледа сенка.

Затоа оваа книга, прва од ваков вид во нашата држава, препорачувам да ја прочитаат сите – и оние кои имаат проблем со алкохолот, за да научат каде и како да го разрешат, но и оние кои лично за среќа не се засегнати од ова зло, за да можат да им дадат поддршка на оние кои го решаваат или го решиле овој проблем. Особено потребно е да ја прочитаат младите за да не “барајќи го рајот, го најдат пеколот на земјата.” Да ја прочитаат и челниците во општините, за да ги поддржат постоечките и да отворат нови Клубови на лекувани алкохоличари, со што ќе промовираат здрав и среќен стил на живеење на своите граѓани. Со тоа ќе помогнат на многу среќни семејства, на многу несреќни брачни другари, на многу “изгубени луѓе” и повредени дечиња.

А дали има нешто поубаво од љубовта и среќата, особено ако одат заедно, без теретот на најголемото зло – алкохолот???

Прим.Др.Павлина Васкова, Мр.сци.-невропсихијатар

Претседател на Здружението на Клубови на

лекувани алкохоличари на Р.Македонија

 

ЗДРУЖЕНИЕ НА КЛУБОВИ НА ЛЕКУВАНИ АЛКОХОЛИЧАРИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Во месец ноември 2008 година се навршија 38 години од почетокот со работа на првиот огледен Клуб на лекувани алкохоличари во градот Скопја, додека во месец февруари 2010 година ќе се навршат 35 години од формирањето на Здружението на Клубови на лекувани алкохоличари на Република Македонија.

Здружението на Клубови на лекувани алкохоличари на Република Македонија е едно од најстарите граѓански асоцијации, со континуирана работа од скоро четириесет години.

Во изминатиот период, мрежата на Клубови на лекувани алкохоличари се ширеше низ Републиката, при што забележителни се успесите кои се постигнаа на полето на примарната, секундарната и терцијарната превенција на проблеми поврзни со злоупотреба на алкохол. За жал, заради финансиските проблеми, еден дел од Клубовите низ Републиката ги згаснаа своите активности. Во моментот, освен во Скопје каде работата 4 Клубови, активни се и Клубовите во Прилеп, Битола и Неготино, со интерес во моментот за отворање на Клуб во Крива Паланка и реактивирање на клубот во Гостивар.

Голем е бројот на третирани зависници од алкохол и нивни семејства кои сега среќно и релаксирано, интегрирани во заедницата го продолжуваат животот и притоа трезвено, без употреба на алкохол ги решаваат своите секојдневни проблеми, а сето тоа го имаат постигнато исклучиво преку посетата на состаноците во клубовите.

Во изминатите години успеавме, покрај редовните клубски состаноци, да организираме повеќе активности и манифестации кои го афирмираа нашето здружение, со тоа што голем број лекувани алкохоличари постигнаа стабилна и долготрајна апстиненција, во нивните семејства се врати топлината на домот и семејната среќа, додека нивните деца без фрустрации предизвикани од злоупотребата на алкохол во нивниот дом, го продолжија среќниот живот.

За одбележување е дека цело време сите стручни активности во ЗКЛАМ се обавуваат волонтерски од страна на професионалци (психијатри, психолози, социолози, социјални работници, педагог, работни терапевти, медицински сестри), додека материјалните средства беа исклучиво наменети за организирање на социјални активности на третираните алкохоличари и членовите на нивните семејства, а се со цел за нивна побрза и поадекватна ресоцијализација и рехабилитација во општеството, што покрај одржувањето на воспоставената апстиненција од алкохол е главна цел при третманот на алкохоличарите.

1. ЗАДАЧИ И ЦЕЛИ НА КЛА

– Помош на Републиката во намалување на млади-корисници на алкохол,

– Психо-социјална заштита и поддршка на семејствата кои имаат проблем со злоупотреба на алкохол кај своите деца,

– Подобрување на квалитетот на семејното функционирање,

Подобрување на квалитетот на функционирање на целото општество.

2. АКТИВНОСТИ

– Медиумско информирање и изготвување на печатен материјал, лесно достапен за општата популација,

– Идентификација на семејства кои имаат проблем поради злоупотреба на алкохол кај своите деца/млади во локалните заедници,

– посета на семејства претходно идентификувани, со проблеми заради злоупотреба на алкохол, кај нивни членови под 18 годишна возраст,

– Работа во советувалишта,

– Работа на Инфо-линија за пружање помош на семејства/млади, кои имаат проблем заради злоупотреба на алкохол,

– Едукативно тематски активности – семинари, советувања и сл. на лица заинтересирани за работа во Социотераписките клубови (терапевти и волонтери),

– Формирање на групи за помош и самопомош во градовите низ Републиката,

– Работа со родители, просветни работници и вработени во Центрите за социјални работи на проблемите со злоупотреба на алкохол кај младите,

– Превентивна работа со младите во основните и средните училишта, но и градинките,

3. ЗАКЛУЧОК

Долгогодишното искуство стекнато во работата на Клубовите на лекувани алкохоличари ја потврдува тезата, дека злоупотребата на алкохол не е проблем исклучиво на децата кои пијат и се опиваат, но проблемот е на целото нивно семејство, предизвикувајќи проблеми на целокупното функционирање на здравјето на младите, како и нивната интеграција во општеството. Заради тоа, неопходно е во програмот при нивниот третман, активно да биде вклучено целото семејство, а не само идентификуваната млада личност, која пиела алкохол и се опивала, што при болнички третмани во Јавните здравствани организации е невозможно да се добие. Од ососбено значење секако е и одбегнувањето на стигматизацијата на ваквите семејства, како и значајно подобрите тераписки ефекти во пренаучувањето на младите, како трезвено да живеат, како трезвено да уживаат во радостите кои ги носи животот или пак, како трезвено да ги решаваат проблемите со кои во животот се среќаваат и ќе се среќаваат. Со еден збор, младите се учат да практикуваат здрави стилови на живење, без употреба нити злоупотреба на алкохол.

За ваквата стручна работа со младите и нивните семејства, Здружението располага со стручен и едуциран кадар (психијатри, психолози, социолози, социјални работници, педагог, работни терапевти, фискултурен педагог, медицински сестри), но и со повеќегодишни едуцирани апстиненти и членови на нивните семејства, посветени за помош на лица кои доаѓаат за лекување, како и за мотивирање на оние со негативен став кон истото.

Заради сето претходно наведено и досега Клубовите на лекувани алкохоличари помагаа во третманот на лица и семејства кои имаат проблем со злоупотребата на алкохол, но доколку добиеме Ваша поддршка за работата со млади и деца под 18 години, напоменуваме дека од големо значење ќе ни биде помошта при спроведување на претстојните програми за работа со младите и децата во Македонија, како тие телесно и психички не би се оштетувале. Со тоа, значајно ќе се одбегнат и низата девијантни појави помеѓу младите, а кои тие ги извршуваат под дејство на алкохол и кои се се почести помеѓу македонската млада популација, а кои не ретко завршуваат со треан инвалидитет, за жал, понекогаш и со смртни последици.

За среќа, оваа година Владата на Р.М. го сфати значењето на ЗКЛАМ и ни одобри средства, со кои ќе можеме поактивно да ги продолжиме нашите активности на полето на примарната, секундарната и терцијарната превенција на проблемите со злоупотреба на алкохол кај населението.

Скопје, 10.02.2009

ПРЕТСЕДАТЕЛ

 НА ПРЕТСЕДАТЕЛСТВОТО НА ЗКЛАМ

 Прим.др.Павлина Васкова,Мр.сци.

Невропсихијатар

 

 

РОМАНОТ “КАКО ДА СЕ ПОБЕДИ КРАЛОТ АЛКОХОЛ”

НА ИЛИЈА ПЕТРЕСКИ

Благородна е идејата да се напише литературно дело, кое на еден естетски и морално достоинствен начин повикува на борба против алкохолното зло.

Тоа не е гол и паролашки повик, ами повик кој се темели на една животно и книжевно уверлива приказна за алкохолниот пекол, низ кој минуваат овоземски луѓе и семејства. Таа приказна е развиена во роман, во кој дефилираат повеќе ликови од нашава и други средини, кон чии животни судбини не може и не смее да се биде рамнодушен.

Илија Петрески ни сугерира дека успехот во борбата против Кралот алкохол, пред се, зависи од следниве неколку чинители: од индивидуалниот и колективниот ангажман на медицинските работници, втемелен како на традиционалните, така и на новите методи на лекување на зависностите, од личната мотивација на алкохолниот зависник, поткрепувана од искрена и силна, и токму затоа спасителна брачна и семејна љубов, како и од во човека разбуденото Бого и човекољубие.

Бидејќи лично имам скромен службен и општествен удел во борбата против алкохолизмот, ми чини посебно задоволство што во редот на хероите на овој роман ги среќавам и д-рМетодија Николоски и други негови колеги од Медицинскиот центар – Прилеп и Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” – Прилеп. Тие, во многу нешта, беа пионери во борбата со алкохолната болест, како на локално, така и на ниво на Република Македонија.

По прекрасната, инспиративна рецензија на д-р Ферид Мухиќ, и убавиот вовед на авторот Илија Петрески, навистина нема што да додадам, освен дека верувам во преобразувачката моќ на литературата, без која светот би бил безнадежна духовна пустина

Слободан Беличански

Кон делото „Како да се победи Кралот Алкохол“ од Илија Петрески

                Романот „Како да се победи Кралот Алкохол“ е навидум секојдневна животна приказна на едно просечно семејство, а всушност е силна психолошка драма која секого го наведува на размислување за тоа колку е лесно да се наруши благосостојбата во едно семејство, да се изгуби мирот, довербата, разбирањето…. , колку е лесно да се нарушат меѓучовечките односи дури и меѓу најблиските, а многу е тешко истите да се поправат. А скоро е невозможно да се вратат во првобитната состојба, и во целост да се излечат предизвиканите болни траги.

Овој роман за секој што ќе го прочита претставува сериозна опомена дека за воочените проблеми, негативните промени, нарушувањата, отуѓувањата во семејството треба да се разговара веднаш, да се превземе сè што е потребно за да се спаси највредното – семејството, а ако не знаеме како тоа да го направиме не е воопшто срамно да се побара помош  од пријателите и од стручни лица. Секое замижување и замолчување пред согледаните проблеми само ги зголемува истите и ништо не решава.

Ова е вредна поука за сите кои не треба да чекаат да го допрат дното, ами за сè што ги мачи да се охрабрат да зборуваат и да бараат решение. Сосем е човечки да се западне во некои проблеми кога животот не е наклонет кон нас, но уште е почовечно да се побара помош, како и простување од повредените. Проблемот со алкохолот е главна нишка во целиот роман, но истите поуки важат и кога човек е заробен од некој друг порок, така што пораките од авторот и закључоците што читателот може лесно сам да ги извлече треба многу пошироко да се сфатат и да се применат.

Дипломиран електро инженер

Мирјана Башеска-Јонеска